Вести од граѓанските организации

Содржината на информациите презентирани во овој дел од веб странaта се единствена одговорност на грантистите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразуваат гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат. Информациите се презентирани како што се пристигнати и печатните или други грешки во нив се одговорност на самите автори.

  • Извидниците од Велес ја прославиja одредската слава Св. “Кирил и Методиј“

    Извидничкиот одред “Димитар Влахов“ – Велес, почитувајки ги основните принципи на извидничкото движење и оваа годината на 23 мај 2025 год. (петок) во извидничкиот центар “Голозинци“ ја прослави одредската слава Св. “Кирил и Методиј“ – македонски и сесловенски просветители, со што ја дополнуваме и нашата воспитно-образовна дејност како младинска организација….

  • ЕДУКАЦИЈА НА ТЕМА БИООТПАД И РЕУПОТРЕБА НА БИООТПАД

    Продолжуваме со едукација на тема биоотпад и реупотреба на биоотпад. На 23 маj 2025 год. се одржа работилница со основното училиште ООУ “Петар Поп Арсов” од Општина Карпош.
    Дали отпадот може да се реупотреби и рециклира? Ги прашавме учениците од ООУ “Петар Поп Арсов” од Општина Карпош. Ајде да видиме како може да го намалиме био отпадот. Така нашите мали истажувачи започнаа да експериментираат за да дојдат до одговорот како може да го трансформираме отпадот во нешто корисно.
    Дискутиравме со учениците дали знааат што е тоа био отпад и био дизел.
    Ги испративме насмеаните ученици дома со порака дека следно ќе дојдеме во нивното училиште на уште една работилница.

    Во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“ спроведуван од Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија во партнерство со EEco – Logicи CCenter for Environmental Democracy – Florozon  Центар за еколошка демократија, успешно завршивме со одржување на едноденвните Работилници на тема „Техники за трансформација на биоотпадот ” со 20 основни училишта од Скопје на кои учениците учеа како да работат во лабораторија, како да реупотребуваат отпад и да се грижат за животнта средина. Овие активности ги учат младите да ја развијат својата еколошка свест и да рамислуваат како да ја заштитиме планетата Земја. Научија и за важноста на циркулрната економија за преработка на отпад.

    Проектот е подржан од владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

  • Надлежните институции на средба во Метаморфозис за Законот за дигитални услуги на ЕУ

    Во рамките на проектот „Интеграција на Западен Балкан во единствениот дигитален пазар на ЕУ“, кој има за цел унапредување на стандардите за дигитални права и поддршка на интеграцијата на регионот во единствениот дигитален пазар, на 22 мај 2025 година, Фондацијата Метаморфозис организираше работна средба со надлежните институции на тема „Импликации од Законот за дигитални услуги на ЕУ врз граѓанските организации и истражувачките новинари во Северна Македонија“.
    Средбата се одржа во просториите на Фондацијата Метаморфозис во Скопје и собра претставници на Министерството за дигитална трансформација, Министерството за економија, Агенцијата за електронски комуникации, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Агенцијата за заштита на лични податоци.

    Настанот го отвори Данче Даниловска-Бајдевска, програмска директорка во Фондација Метаморфозис, која истакна дека во рамките на заложбите на Метаморфозис за одговорна дигиталната трансформација, препознавме дека е неопходно и важно усогласувањето со Законот за дигитални услуги на ЕУ, и покрај тоа што Северна Македонија не е членка на Европската Унија, преку еден процес на вклучување на сите засегнати страни – институции, граѓански организации, медиуми и бизнис сектор, од причина што тоа е клучен чекор за унапредување на заштитата на корисниците и транспарентноста на онлајн просторот. Таа го поздрави прифаќањето на иницијативата на Метаморфозис за усогласување на нашето законодавство со Законот за дигитални услуги на ЕУ од страна на Министерството за дигитална трансформација и вклучувањето во Програмата за работа на Владата за 2025 година.

    Потоа, во воведната сесија, проф. д-р Елизабета Тошева даде преглед на основите на Законот за дигитални услуги на ЕУ (Digital Service Act – DSA) и неговите главни принципи на транспарентност, одговорност и заштита на корисниците, како и неговото влијание врз слободата на изразување и дигиталните права.
    А во продолжение, проф. д-р Ана Секуловска Ј. ги претстави клучните наоди од истражувањето за импликациите од Законот за дигитални услуги на ЕУ врз граѓанските организации и истражувачките новинари во Северна Македонија, со посебен фокус на предизвиците и ризиците врзани со дигиталните платформи, доверливите пријавувачи и алгоритамското модерирање.
    На крајот на средбата имаше плодна дискусија и беа отворени неколку клучни прашања поврзани со идната имплементација на Законот за дигитални услуги на ЕУ во националниот контекст. Присутните разговараа за тоа која институција или тело би било најлогично да ја преземе улогата на национален Координатор за дигитални услуги, како и за критериумите и капацитетите потребни за назначување на таканаречените Trusted Flaggers („доверливи пријавувачи“).

    Фондацијата Метаморфозис ќе продолжи со организирање на вакви средби и во иднина, поттикнувајќи дијалог и соработка меѓу институциите и граѓанското општество. Сите засегнати страни се охрабрени да дадат свој придонес во овој важен процес на креирање одржлив, инклузивен и транспарентен дигитален екосистем.
    Истражувањето „Импликации од Законот за дигитални услуги на ЕУ на граѓанските организации и истражувачките новинари во Северна Македонија“, спроведено во рамките на проектот „Интеграција на Западен Балкан во единствениот дигитален пазар на ЕУ“, е достапно на следниот линк.

    Проектот „Интеграција на Западен Балкан во единствениот дигитален пазар на ЕУ“ е финансиран од Фондациите Отворено општество – Западен Балкан, а го спроведуваат Партнери Србија (Србија), Фондација Метаморфозис (Северна Македонија), Зошто не? (Босна и Херцеговина), НВО 35 mm (Црна Гора), Women in TechKosovo (Косово) и Институт за демократија и медијација (Албанија).

  • Справување со предизвиците: Обука за работа со зависници и сторители на родово базирано насилство

    На 21 и 22 мај, во Струмица се одржа дводневна обука посветена на стручно усовршување на професионалците кои работат со лица со зависности и сторители на родово базирано насилство. Настанот се одржа во рамките на проектот ,,Градење на услуги засновани на заедницата за поддршка на ресоцијализација и реинтеграција на поранешно осудени лица” во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права со партнерските организации Македонското здружение на млади правници, Македонското пенолошко друштво и организацијата Избор, а со поддршка на Европската Унија.
    Обуката ја спроведоа проф. др. Лилјана Игњатова и Ивана Костовска, а ја следеа претставниците на Секторот за пробација при Управата за извршување за санкции и на Секторите за ресоцијализација при Казнено-поправните установи. На обуката учесниците имаа можност да се запознаат со научно базираните пристапи за објаснување на природата на болестите предизвикани од употребата на дрога, како и со основните вештини за советување на лица со зависности.
    Учесниците имаа интерактивна сесија за препознавање на митови и факти поврзани со родово базираното насилство, како и за психосоцијалниот третман на сторителите на семејно насилство.
    Вториот ден започна со интерактивна работилница за мотивирање на клиенти за лекување и совладување на отпорот. Истовремено учесниците имаа можност и да ја посетат терапевтската заедница „Покров“ и да се запознаат со нејзината работа која е единствена од таков вид во државата.
    Обуката беше одлична можност за продлабочување на знаењата, размена на искуства и развој на нови професионални вештини за обезбедување на квалитетни услуги и поддршка за лицата со зависности како и за работа со сторители на насилство.

  • ГОСТИ НА Студио 10 на Телевизија 24

    Бевме гости на Студио 10 на Телевизија 24 и дискутиравме за актуелните состојби и предизвици во доменот на управувањето со биоотпадот.

    Повеќе детали на видеото

  • Реакција на Платформата на нетранспарентноста на процесот на преговарање и договарање на т.н. договори Влада со Влада

    Петок, 23 мај 2025 12:30

    Платформата на граѓански организации за борба против корупција реагира на нетранспарентноста на процесот на преговарање на договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти, односно како што го нарекува Владата „Договор Влада со Влада“. Ова е веќе втор договор од ваков тип, и исто како и договорот со Република Унгарија, се потпишува без претходно и навремено јавноста да биде информирана за деталите и условите кои се прифаќаат.

    Платформата смета дека еднакво како што се јавува целосна транспарентност на трошењето на парите од оваа кредитна рамка, Владата требаше да обезбеди транспарентност и на процесот на преговарање и условите кои се вклучени во договорот што Владата го прифати на својата седница на 20 мај 2025 година и го потпиша на 22 мај во Лондон.
    Оттука, Платформата бара од Владата да ги објавува во јавноста деталите од ваквите договори пред потпишувањето на договорите, а не откако тие ќе се потпишат и условите во нив веќе ќе бидат прифатени. Впрочем, во Стратегијата за управување со јавен долг 2025-2027, јасно стои дека при управувањето со долгот, еден од принципите е „обезбедување на транспарентност при процесот на креирање на долгот.“
    Договори за стратешки партнерства со пријателски земји како што е Обединетото Кралство не смеат да се злоупотребуваат за тајно водење на преговори и задолжување на граѓаните под услови за кои тие претходно не биле информирани и ги немале потребните сознанија за да веруваат дека во нивно име е направен најдобриот избор.

    Следно >

    Поврзани:

  • Граѓанската вклученост во Македонија

    Истражувањето „Граѓанска вклученост 2024“ открива важни наоди за учеството на граѓаните во различни форми на здружување, политички непартиски активности и волонтерство, како и причините за (не)вклученост и мотивацијата за граѓански ангажман. Речиси половина од граѓаните (46,8%) не знаат кои би биле облиците на здружување кои придонесуваат за нивните потреби. Од оние кои одговориле потврдно,  најбројни се (23,1%) граѓаните кои сметаат дека црквите и верските заедници се обликот на здружување кој придонесува за поддршка на нивните потреби. За разлика од нив, политичките партии се најретко избрани од испитаниците (5,3%).

    Што се однесува до политичките непартиски активности, граѓаните најчесто практикувале потпишување петиција и учество во мирен протест (21,1% и 24,8%). Споредено со 2021 година, има пораст кај овие две активности од 15,0%, односно 14,1%). За жал, пораснал и бројот на оние кои никогаш не би учествувале во вакви активности, а разликите се меѓу 6,4 и 24,5 процентни поени. Уште една лоша вест е падот на потенцијалните учесници, т.е. оние што не учествувале ама би го направиле тоа во иднина. Намалувањата се движат од 17,9 до 24,2 процентни поени. Демографски гледано, разликите според возраста се најизразени, младите (18–29 години) се поподготвени за  учество, а со зголемувањето на возраста расте и процентот на оние што воопшто не би учествувале.
    Личните причини, односно недостатокот на интерес или волја за учество се најчестите причини за 46,8% од испитаниците да не учествуваат во непартиски, политички активности. Втора најчесто спомнувана причина е презафатеноста (25,3%), а трета е неинформираноста (10,3%). Личните причини преовладуваат кај повозрасните испитаници, особено кај оние над 65 години (55,9%), додека кај младите (18–29 години) тоа е презафатеноста (28,9%) или недостигот на информации (10,2%).
    Членството во граѓански организации е на исклучително ниско ниво, само 4,2% од испитаниците изјавиле дека членуваат во граѓанска организација. Причините за не членување на околу една третина од испитаниците (33,8%) биле лични (недостаток на интерес или одбивање да се членува), а презафатеноста и неинформираноста за 24,5% и 7,9% од испитаниците.
    Граѓаните најмногу сакаат да волонтираат во социјални и хуманитарни организации. Вкупно 30,1% од испитаниците изјавиле дека веќе волонтирале или би сакале да волонтираат во таков тип организации. Подготвеност за вклучување исто така има за еколошки организации (26,5%) и организации за култура и образование (23,3%).
    Истражувањето е спроведено со теренска анкета на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници кои вклучуваат население постаро од 18 години, а критериумите за репрезентативност вклучуваа пол, етничка припадност, возраст, место на живеење и региони. Податоците се обработени со честота и пропорција на одговорите, со ниво на доверба од 95% и грешка од +/- 3%. Анкетата беше спроведена во периодот од 20 април до 25 мај 2024 година, а за МЦМС анкетата ја спроведе М-Проспект.

    < Пред   Следно >

    Поврзани:

  • СОСТОЈБАТА СО ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА – МЕСЕЧЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА МАРТ 2025

    На 8 март, по повод Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените, во Скопје се одржа Маршот организиран од Платформата за родова еднаквост и независниактивист(к)и за женски права. На Маршот беаистакнати неколку барања, од кои првото се однесуваше на правда за сите жени што ги загубија животите поради системска негрижа и фемициди.
    По трагедијата поради пожарот во Кочани, Северна Македонија повторно се соочи со двоен предизвик: борба за вистинска одговорност за изгубените животи и справување со загрижувачкиот пораст на говорот на омраза, особено на социјалните мрежи и во некои медиуми.
    Хелсиншкиот комитет за човекови права предупреди дека ваквите напади можеа да имаат сериозни последици врз слободата на изразување и безбедноста на граѓаните, потсетувајќи дека говорот на омраза и повиците за насилство претставувааткривично дело. Комитетот упати апел кон јавните личности, политичарите и сите корисници на социјалните мрежи да бидат одговорни во својот јавен говор.

  • МОН ЈА ПРИФАЌА ИНИЦИЈАТИВАТА ОД ПРОЕКТОТ „ЗАСТАПУВАЊЕ ЗА ИНКЛУЗИВЕН РАЗВОЈ“: ВОВЕДУВА РЕГИСТАР НА СТИПЕНДИСТИ

    Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, најави воспоставување централен дигитален регистар за сите државно стипендирани студенти кои студираат или студирале во странство. Регистарот ќе овозможи поефикасно следење на нивниот академски и професионален статус. Според Јаневска, целта е нивно поефикасно вклучување на домашниот пазар на труд и во научно-истражувачките институции.
    „Целта е да го искористиме нивниот потенцијал и да ги поврземе со компаниите и универзитетите во државата. Со овој регистар ќе знаеме дали студентите се вратиле, дали дипломирале и каде се ангажирани“, изјави Јаневска.
    Овој регистар е една од клучните препораки содржани во неодамнешната анализа на Форумот за разумни политики (ФРП) „Густа плетка: за потребата од вмрежување на образованието, науката и економијата базирана на знаење“. Во анализата се нотира недостаток на правна и институционална рамка за систематско следење на кадарот што се образува во странство. Документот повикува на измени на Законот за високо образование, со цел воспоставување законски основ за информациски систем што би го опфатил целосниот академски и контакт-профил на македонските студенти надвор од државата.
    Според Јаневска, регистарот ќе биде доброволен во делот на јавната видливост на профилите, со што ќе се овозможи студентите да бидат препознаени од заинтересирани институции, вклучувајќи универзитети, стопански комори и истражувачки центри.
    Обврските за стипендистите по дипломирањето се исто така прецизирани: тие ќе мора да работат во Северна Македонија двојно подолго од времетраењето на нивните студии. Ако во рок од шест месеци по враќањето не им се понуди соодветна работа, обврската престанува. За оние што ќе најдат работа во странство, дозволено е времено задржување од максимум три години, по што мора да се вратат или да ги вратат добиените средства.
    „Доколку одлучат да не се вратат во државата, ќе мора да ги вратат средствата што Министерството им ги исплатило, и тоа најдоцна две години по завршувањето на студиите. Во минатото се бараше враќање на десеткратно поголем износ, што беше неприменливо“, рече Јаневска, додавајќи дека околу 50% од досегашните 400 стипендисти се веќе вратени и ангажирани во приватниот сектор.
    Конкурсите за новите стипендии за академската 2025/2026 година се веќе објавени. Финансирањето покрива до 40.000 американски долари за школарина на универзитетите рангирани на Шангајската листа, како и дополнителни трошоци за живот, сместување и превоз.
    Покрај регистарот, анализата на ФРП предлага и воведување субвенции за компании што ќе вработуваат повратници од странство со дефицитарни квалификации. Предлогот предвидува вклучување на Министерствата за труд, економија и финансии во креирање мерки за поттикнување на ангажман на високо квалификуван кадар – било од дијаспората, било странски експерти – со цел подобрување на конкурентноста на домашната економија.
    Со ваквите чекори, властите се обидуваат да ги надминат слабостите на претходните програми, кога недостигот од координација и законска основа овозможуваше дел од стипендистите трајно да останат во странство, без да го вратат вложениот јавен ресурс.
    Инаку, анализата „Густа плетка: за потребата од вмрежување на образованието, науката и економијата базирана на знаење“ е изработена во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, што го спроведуваат три партнерски организации – Форум за разумни политики, Институтот за општествени и хуманистички науки и Балканскиот институт за регионална соработка (БИРС).
    Проектот, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас, има за цел подигнување на свеста кај стручната и пошироката јавност за доследна примена на Болоњскиот процес, особено неговата темелна вредност – мобилноста, преку измени на Законот за високо образование. Главната цел е да се придонесе за подобро и поквалитетно високо образование, длабоко интегрирано во економските текови во државата и надвор од неа, каде истражувањето и науката се преточуваат во реалниот сектор и стануваат составен дел од креирањето јавни политики. Така, младите успешни студенти би добиле стабилно академско и економско прибежиште, што би придонело и кон намалување на одливот на мозоци.

    Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.  
    Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

  • Граѓанското учество, волонтерството и локалната вклученост актуелни и за европските и за африканските организации

    Претставници на Цивика мобилитас, ПАКТ од Тунис и ФАМОК од Мали учествуваа на работилница за размена на искуства што ја организираше партнерската организација НИРАС од 14 до 16 мај 2025 година во Данска. 

    Презентациите на трите програми беа добра основа за дискусијата поврзана со граѓанското учество, развојот на локалните заедници, како и за поддршката и соработката со властите. Заедничката нишка на трите програми се активностите за поттикнување на граѓанското учество, зајакнување на волонтерството и вклученоста на локално ниво.

    Колегите од НИРАС организираа и посети на две граѓански организации. Беше корисно да се слушнат искуствата на Фондацијата за општествена одговорност (Foundation for Social Responsibility), интересен пример каде водечката улога ја имаат жени мигранти кои функционираат како мрежа за поддршка на други жени мигранти на кои им треба помош. Помошта може да биде од едноставна социјализација до поддршка за пристапување кон образование, можности за работа или барање/добивање на услуги од јавните институции. Ангажманот е волонтерски, а во целата држава постојат повеќе вакви центри. Во втората организација, Градска куќа (Byens Hus), чие седиште е во општина Роскилд, беа презентирани можностите им ги нудат на граѓаните како што е  користење на простории за различни активности во кои се достапни алати, книги, креативни катчиња итн.  Беше објаснет и начинот на одржување покрај поддршката од општината и придонесот што го имаат кон градот и заедницата.

    Колегите од НИРАС презентираа дел од нивните активностите, како што е Платформата за клиенти (NIRAS SDC Client Platform) и Водењето на оперативниот механизам на ЕУ за граѓанско општество (Leading the EU Civil Society Operational Facility), а учесниците можеа да слушнат и дискутираат за најдобрите начини за вклучување на граѓаните и заедницата и за примерите за јавно застапување кон локалните власти.
    Претставниците на трите организации споделија научени лекции. Искуствата на другите, иако од различни контексти секогаш можат да бидат инспирација во планирањето на следните чекори.

    Следно >

    Поврзани:

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор