Вести од граѓанските организации

Содржината на информациите презентирани во овој дел од веб странaта се единствена одговорност на грантистите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразуваат гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат. Информациите се презентирани како што се пристигнати и печатните или други грешки во нив се одговорност на самите автори.

  • Повик за дизајн и принт на промотивни материјали

    Хелсиншкиот комитет за човекови права, во рамки на проектот „Фундаменталните човекови права на прво место-активен придонес за владеење на правото“, финансиран од Европската Унија како дел од програмата, IPA III Civil Society Facility and Media Programme 2023 , согласно Договорот за грант потпишан меѓу Хелсиншкиот комитет за човекови права и Европската Унија бр. IPA III/2024/461-642“, спроведува постапка на прибирање на понуди, со упатување на покана – барање за доставување на понуди.
    Потребна е набавка – дизајн и принт на визуелен идентитет, лого и промотивни материјали за проектот (опишани под точка 1).
    За горенаведениот предмет понудите да бидат испратени најдоцна до 20.06.2025 година (понеделник) до 16:00 часот, по електронска пошта на jana.sotirovska@mhc.org.mk.
    Со оваа покана ви ја доставуваме потребна документација која ги содржи сите информации кои ќе ви помогнат за изработка на понудата.
    1 Опис на бараната набавка:
    Хелсиншкиот комитет за човекови права го спроведува проектот „Фундаменталните човекови права на прво место-активен придонес за владеење на правото“, финансиран од Европската унија. Во рамки на проектот  потребно да се изготви визуелен идентиет на проектот, дизајн и принт на визуелен идентитет, лого и промотивни материјали.
    1.1 Опис на бараните услуги:

    Дизајн на визуелен идентитет и лого на проектот – Фундаменталните човекови права на прво место-активен придонес за владеење на правото (Развивање на најмалку три предлози за визуелен идентитет на Проектот);
    Дизајн на промотивни материјали и подготвка за печат (меморандум, банер, папка, тефтер, пенкало, торба);
    Принт на промотивни материјали (50 промотивни сетови (еден сет содржи – промотивна страница, папка, пенкало, тефтер, торба), 1 банер);

    Општи информации

    Од понудувачот се бара да достави најекономична и најдобра понуда во согласност со горенаведените материјали. Со тоа што во понудата секоја од горенаведените ставки треба да биде посебно образложена. Критериумите за избор на понудата се наведени под точка 3 на овој документ.
    Цените при наведената понуда да бидат изразени без ДДВ.

    Критериум за доделување на договорот за набавка

    Критериумите за доделување на договорот за набавка се:

    економски најповолна понуда
    најдобар квалитет
    најкраток рок на испорака

    За носител на набавката ќе биде избран оној понудувач чија понуда е најсоодветна според наведените критериуми.

    Евалуација на понудите

    При евалуацијата на понудите ќе се земат предвид понудените цени, рокот на испорака и квалитетот на материјалите. Евалуацијата на понудите ќе се врши од страна на Комисијата, формирана од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права за спроведување на постапкатa.
    Доколку вашата понуда биде избрана ќе бидете информирани;
    Наведете рок на испорака по прифаќање на работата;
    Во случај на потреба од дополнително појаснувања, слободно контактирајте не.
    Напомена: Проектот е ослободен од ДДВ. По направен избор за најповолен понудувач ќе биде доставено решение и потврда од УЈП и СЕП. 

  • Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Здружение за заштита и унапредување на животната средина Еко Логик Скопје и ЈУ Центар за образование на возрасните – Скопје

    Во насока на зајакнување на нашите активности во областа на образованието на возрасните, со особено внимание кон одржливиот развој и еколошката писменост, на 30.05.2025 година потпишавме Меморандум за соработка со Јавната установа Центар за образование на возрасните – Скопје.Овој чекор претставува важен момент за Еко Логик, бидејќи преку стратешко партнерство со релевантна институција, отвораме нови можности за заеднички активности, развој и имплементација на локални и европски проекти, како и спроведување на политики во дејностите образование и наука.Потпишувањето го формализираа:Никола Нешкоски, директор на Здружението за заштита и унапредување на животната средина Еко Логик – Скопје

    Садудин Садики, директор на ЈУ Центар за образование на возрасните – СкопјеСо Меморандумот, страните се обврзуваат на соработка врз основа на взаемна доверба, разбирање и заедничка визија, и ќе работат заедно во рамките на утврдени начела и постапки, со фокус на градење поодржлива, еколошки свесна и образована заедница.Преку ова партнерство, ќе развиваме нови едукативни програми, активности и ресурси што ќе ги доближат темите за екологија, циркуларна економија и климатски промени до пошироката јавност – особено до возрасната популација.Благодарни сме за довербата и со нетрпение очекуваме да ги споделиме резултатите од оваа соработка!

  • Вмрежени граѓански организации за успешни граѓански иницијативи

    На 2 и 3 јуни 2025 година, во организација на Граѓанскиот Ресурсен Центар (ГРЦ), се одржа средба за вмрежување на грантистите и партнерите на акциските грантови за локални иницијативи.

    Главната цел на средбата беше да се зајакне капацитетот на граѓанските организации за застапување, особено преку нивно вмрежување, започнување на заеднички иницијативи за застапување и зголемување на видливоста на нивните активности за важни општествени прашања. Во текот на средбата, претставниците на 28 организации разменија искуства, предизвици и успеси во нивната работа на терен, дискутираа за нивните тековни иницијативи, предизвиците со кои се соочуваат и начините за ефикасно застапување на приоритетите на заедницата.

    Меѓу презентираните иницијативи беше посочена и иницијативата за заживување на младинските форуми и совети во општините. Во дискусијата беше истакнато дека иако во дел од општините формално постојат младински совети и центри, нивната функционалност е ограничена. Претставници на организации кои работат со млади апелираа за институционална поддршка и стимулација на младинското учество, вклучувајќи и позитивни примери на распишани повици за младински центри.
    Магдалена Здравевска од Здружението за локален развој Локал Акт од Македонски Брод го сподели искуството со иницијативата за запирање на изградба на фабрика за рециклажа на литиумски батерии во еколошки чист регион. „Не можам со сигурност да тврдам дека изградбата е прекината поради нас, но знам дека имавме влијание“, истакна таа.
    Златко Талевски, регионален експерт за граѓанско општество од Пелагонискиот регион, им презентираше на присутните различни форми на граѓанско учество: од поднесување претставки и предлози, преку форуми во заедницата, до директни контакти со претставници на локалната власт. Тој потенцираше дека правото на слободен пристап до информации е еден од најважните механизми што стои на располагање на секој граѓанин. Во рамки на дискусијата, беше споделено и искуство од терен, каде што претставници на граѓански совети наидуваат на потешкотии во остварување на нивните надлежности, како и примери за демотивација на граѓаните да учествуваат во донесувањето одлуки, особено кога институциите не ги почитуваат нивните барања.

    „Работата во граѓанскиот сектор сама по себе носи предизвици, но да се делува од внатрешноста на Македонија е уште попредизвикувачно – пред сè поради ограничен логистички пристап, недоволни ресурси и други пречки. Сепак, Граѓанскиот ресурсен центар значително ја олеснува оваа состојба. Тој претставува вистински пример за место каде што се собираат и секојдневно се споделуваат корисни информации со сите организации, со што ни овозможува навремено информирање и вмрежување. Покрај тоа, ГРЦ нуди менторска поддршка и обуки во различни области, што претставува значителна поддршка за организациите.“ изјави Светлана Петковска од Организација на жени Битола.
    Анита Гаговска, регионален експерт од Југозападниот регион, одржа сесија за онлајн алатки за застапување и дигитални кампањи, каде се презентираа платформи за петиции, алатки за сторителинг, како и можности за користење на вештачка интелигенција во креирање мултимедијални содржини. Особено внимание беше посветено на постапката за креирање спонзорирани објави на социјалните медиуми. Таа подвлече дека е клучно иницијативите да се базираат на податоци, анкети и конкретни резултати. Учесниците ја истакнаа важноста од техничка поддршка и споделување искуства, при што ГРЦ беше посочен како достапен ресурс за менторска поддршка.
    Вториот ден беше посветен на практична работа со алатката за промовирање и поддршка на иницијативи за застапување на ГРЦ. Организациите имаа можност да ги внесат своите иницијативи и да дискутираат за можностите за соработка и заемна поддршка. Презентирани беа разработените иницијативи за застапување кои што се главно иницирани преку субгрантовите добиени во рамките на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2”.
    Средбата заврши со порака дека вистинската промена започнува со граѓанска иницијатива и дека преку заедничко работење, поддршка и јасни механизми за застапување, гласот на заедницата може да биде чуен.
    Средбата беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.

    Следно >

    Поврзани:

  • Повик за избор на регионални експерти од граѓанско општество

    Вторник, 10 јуни 2025 09:00

    Граѓанскиот Ресурсен Центар (ГРЦ) објавува отворен повик за избор на регионални експерти од граѓанското општество кои ќе служат како екстензија на ресурсните центри за поддршка и зајакнување на локалните организации.

    Повикот е отворен за регионални експерти од граѓанското општество од следните плански региони:

    Североисточен;
    Вардарски; 
    Југоисточен плански регион.

    Преземете го документот со ОПИС НА НАДЛЕЖНОСТИ за регионалните експерти.
    Краен рок за аплицирање е 04 јули 2025 година. Апликациите треба да се достават на 
    Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
    .
    Овој повик е дел од проектот „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.

    Следно >

    Поврзани:

  • Финансиска писменост на младите во фокус: Дебата за пензии и инфо сесија за управување со лични финансии

    Во текот на месец мај 2025, младите од Југоисточниот регион активно се вклучија во едукативни активности организирани во рамки на проектот „Младинска мрежа за финансиска писменост на Југоистокот“.
    Во Up Hub Струмица се одржа дебата на тема поврзана со пензискиот систем. Во рамките на дебатата, учесниците ги споделија своите ставови и размислувања за принципот на генерациска одговорност како модел на финансирање на пензиите, а имаа можност да научат повеќе за трите пензиски столбови во државата. Посебен интерес во дебатата предизвика улогата на институциите и економската стабилност како предуслов за одржливост на системот. Оваа дебата беше организирана од страна на Промо Идеа Струмица – Носител на проектот.
    Од страна на партнерите Новус од Струмица, беше организирана инфо сесија со млади од регионот на која се разговараше за теми како што се буџетирање, штедење и носење одговорни финансиски одлуки – важни аспекти на секојдневниот живот кои често изостануваат од формалното образование.

    Проектот „Младинска мрежа за финансиска писменост на Југоистокот“  е поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Civica Mobilitas, а го спроведуваат здруженијата Промо Идеа Струмица, Новус Струмица и КРУНА Плус – Радовиш.

  • Учество на ЕСЕ на годишниот состанок на мрежата АСТРА за 2025 во Краков

    Координаторот на Програмата за јавно здравје на Здружение ЕСЕ учествуваше на годишниот состанок на мрежата АСТРА за 2025 година во Краков, Полска — живописен и инклузивен простор кој ги обедини организациите – членки и сојузниците од Централна и Источна Европа и Централна Азија. Во текот на два интензивни дена исполнети…

  • Одржана трета обука за сајбер безбедност за граѓански организации

    На 4 јуни 2025 година, Фондацијата Метаморфозис организираше еднодневна обука за подобрување на сајбер безбедноста во организациите од граѓанскиот сектор.
    Обуката беше наменета за граѓански организации кои секојдневно работат со ранливи категории и се изложени на зголемени ризици во дигиталното опкружување.
    Учесниците имаа можност да се запознаат со клучни аспекти на сајбер безбедноста, вклучувајќи го поимот дигитален отпечаток, значењето на антивирусната заштита, креирањето и одржувањето на силни лозинки, користењето на менаџери за лозинки, како и практични совети за развивање здрави навики на сајбер хигиена.
    Оваа обука е дел од проектот „СајберШтит: Омоќени граѓани за сајбер отпорност“, кој преку едукација, информирање и достапни алатки настојува да ја засили свесноста и отпорноста на граѓаните и организациите на сајбер закани. Проектот вклучува серија од три обуки – првата беше одржана на 9 април, а втората на 7 мај. Покрај обуките, се предвидува и продукција на подкасти и видеа со цел унапредување на јавната свест за сајбер безбедноста.
    Главниот фокус на проектот е важноста од редовна сајбер хигиена и подготвеност за соочување со закани како фишинг, социјално инженерство, малициозен софтвер и кражба на лични податоци. Преку заеднички активности, проектот се стреми овие прашања да добијат соодветна видливост, поддршка и решенија во контекст на сè поголемите предизвици од дигиталната ера.

    Проектот „СајберШтит: Омоќени граѓани за сајбер отпорност“ е поддржан со грант Национална интервенција на регионалниот проект „СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан“ имплементиран од Centar za promociju civilnog društva (CPCD), Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП) и Институтот за демократија и медијација (ИДМ), а финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

  • Студиска посета и партнерска средба во Загреб во рамки на проектот DEAL

    Во периодот од 2 до 4 јуни 2025 година во Загреб се одржа студиска посета и партнерски состанок во рамки на проектот „DEAL – Дебатна едукација за локална активна партиципација“. На средбата учествуваа претставници од сите партнерски организации: Хрватско дебатно друштво (ХДД), Младински образовен форуми и Џуниор Ачивмент Албанија (JAA).
    Првите два дена беа посветени на заедничко планирање и дефинирање на клучните чекори во имплементацијата на проектот. Договорени се термините за сите активности, вклучително и првата обука за наставници и предавачи во дебатните клубови, која ќе се одржи оваа есен во нашата држава. Посебно внимание беше посветено на начинот на спроведување на активностите, следење на резултатите и усогласување на методологијата помеѓу сите три партнерски контексти.

    Вториот ден беше збогатен со сесиите на Мартина Батур, долгогодишен предавач по дебата, која сподели искуства за водење на клубови, мотивација на ученици и вклучување наставници и волонтери во дебатни програми. Се отвори конструктивна дискусија за системот на дебатна едукација во Хрватска – од финансирање на програмите, преку менторската поддршка, до значењето на дебатата како алатка за младинско зајакнување.
    Студиската посета заврши со посета на новоотворениот мултимедијален центар „Доживеј ја Европа“, каде што добивме претстава за понудените содржини и можностите за нивна употреба во едукативни цели.

    Студиската посета се реализираше во рамки на проектот „DEAL – Дебатна едукација за локална активна партиципација“, имплементиран од Хрватското дебатно друштво (ХДД) во партнерство со Џуниор Ачивмент Албанија (JAA) и Младински образовен форум (МОФ), со финансиска поддршка од Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска.

  • Повик за учество на обука за собирање податоци за граѓанските организации и употреба на алатката KoboToolbox

    Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) во рамки на проектот “ЕУ поддршка за ГРЦ – фаза 2”, финансиран од Европската Унија, во соработка со Kobo Inc. објавуваат повик за бесплатна еднодневна обука за претставници на граѓански организации.

     Основни информации

    Локација: Граѓански ресурсен центар, Скопје
    Датум: 11 јуни 2025 година
    Време: 09:30 – 16:30 часот
    Трошоци: Покриени трошоци за транспорт за учесници надвор од Скопје
    Обучувач: Борис Ристовски, KoboToolbox амбасадор

    Зошто да учествувате?
    Во денешното време на засилена дигитализација, способноста за ефикасно собирање и анализа на податоци е клучна за секоја граѓанска организација. Оваа обука ви нуди можност да го совладате KoboToolbox – една од најмоќните и најшироко користени алатки за собирање податоци во хуманитарниот и развојниот сектор.
    Покрај изучување на различните методи за собирање податоци, обуката ќе вклучи и практична примена на алатката KoboToolbox за собирање и управување со податоци. Научете како да развиете моќни формулари за собирање податоци и како ефикасно да собирате податоци на терен или онлајн.
    За кого е наменета обуката?
    Оваа основна обука е наменета за претставници на граѓански организации кои сакаат да ги подобрат своите вештини во развој и примена на ефективни формулари за собирање податоци. За оваа обука нема потреба од претходно предзнаење – може да се пријават и учесници кои немаат никакво искуство во собирање податоци.
    Што ќе научите на обуката?

    Како да планираме активност за собирање на податоци
    Дизајн на прашалник и избор на соодветна алатка за собирање податоци
    Осврт на 25 различни формати на прашања во алатката KoboToolbox
    Поставување на логика на прашалникот и верификација на внесените податоци
    Вовед во понапредни теми и можности при собирање на податоци
    Преглед, модификување, основна анализа и визуелизација на податоци
    Менаџирање на проекти, анкетари и медоти за верификација на податоци

    Што добивате?
    По завршување на обуката, секој учесник ќе добие:

    Сертификат за учество што ќе ги подобри неговите професионални квалификации
    Практично искуство со реални примери
    Пристап до дополнителни ресурси и материјали за понатамошно учење
    Мрежа на контакти со други професионалци од граѓанскиот сектор

    Поддршка за учесници
    За пријавените учесници надвор од Скопје, ќе бидат покриени трошоци за транспорт во висина од автобуска карта до дадената локација. Дополнително, за време на обуката ќе бидат обезбедени ручек, освежителни паузи и работни материјали.
    Како да се пријавите?
    Пријавете го вашето учество со пополнување на ФОРМУЛАРОТ НА ГРЦ најдоцна до 8 јуни 2025.
    Погледнете го вебинарот како вовед во обуката: North Macedonia Community Webinar June 03 – YouTube

    Следно >

    Поврзани:

  • Хелсиншки комитет: Забраната на мирни собири и протести пред Собранието е во спротивност со Уставот

    Во Собранието на Република Северна Македонија во процедура на разгледување е ставен предлог закон за прогласување на просторот околу Собранието за безбедносна зона. Предлог законот е поднесен по скратена постапка.
    Законот предвидува сериозни ограничувања во просторот околу законодавниот дом, вклучувајќи забрана за протести, јавни собири и летови со дронови, како и градежни активности и поставување инфраструктура. Образложението за овој закон е дека се носи од безбедносни причини.
    Во предлог законот се наведува дека се работи за безбедносен аспект, кој што е од јавен интерес,  па оттаму се поставува прашањето зошто толку се брза со донесувањето на овој закон и зошто Собранието не организираше јавна расправа и поширока дебата.
    Овој закон се носи по скратена постапка и притоа се упатува на тоа дека тој ќе влезе во сила истиот ден кога ќе биде усвоен.  Нејасно е зошто Собранието инсистира законот да влезе во сила од моментот на неговото објавување ако се има предвид дека Уставниот суд, во неколку претходни случаи, има укинато закони токму поради отсуство на соодветно образложение при повикување на исклучокот на кој упатува Уставот за влегување во сила на закон со денот на неговото објавување.
    За нас е несфатливо зошто во образложението за донесувањето на законот се наведува дека во безбедносната зона околу Собранието се забранува одржување на јавни собири, протести или манифестации ако основната причина за носењето на ваков закон е да се спречи градење на објекти и поставување инфраструктура во непосредна близина на зградата на Собранието и непречено функционирање на пратениците и службите на Собранието.
    Хелсиншкиот комитет за човекови права предупредува дека обидот на Собранието да го ограничи правото на јавен собир, протест или манифестации пред и во близина на зградата на Собранието ќе има штетни последици за човековите права и слободи.
    Потсетуваме дека Уставот на РСМ наведува дека граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба. Дополнително и Европскиот суд за човекови права не го толерира генералното ограничување на собири и протести и смета дека такво нешто би било оправдано само доколку постои реална опасност од тоа протестите да резултираат во нереди, и само доколку тоа не може да биде спречено со употреба на помалку рестриктивни мерки.
    Оттаму, Хелсиншкиот комитет за човекови права бара итно повлекување на ваквиот текст на предлог законот и бараме претставниците на граѓаните во законодавниот дом при носење на законите секогаш да внимаваат на непречено и загарантирано уживање на човековите права и слободи.

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор