Продолжи со читање

Чувството на среќа и задоволство од правењето добро за некого е најважната придобивка од волонтирањето
“Чувството на среќа, задоволство и радост од давањето и правењето добро за некого се главните придобивки од волонтирањето“ беше општиот заклучок од Работилницата за волонтерство и развивање програма за волонтирање, одржана онлајн на 6-7 мај 2025 година на платформата zoom.
Работилницата започна со дискусии за разбирање на вредностите на волонтерството, низ кои учесниците на оваа работилница истакнаа дека е важно да се волонтира, дека тоа е добро да се направи и за другите и за самиот себеси, затоа што човек така се чувстува како дел од заедницата и дека прави нешто добро за неа.
Во текот на овие два дена учесниците го зголемија своето знаење за циклусот на ефективен волонтерски менаџмент во граѓанските организации, законска рамка за развој на волонтерството, правилникот за начинот на водење на евиденција на волонтерската работа, волонтерска книшка, постапка и потребни документи за ангажирање на волонтери странци, програма за волонтирање и опис на волонтерска позиција како и стратешките цели на Националната стратегија за промоција и развој на волонтерство 2021-2025. Исто така, учесниците поделени во виртуелни групи практично работеа на изготвување на програма за волонтирање и опис на волонтерска позиција.
Дел од учесниците го изразија своето задоволство од знаењата стекнати на оваа работилница, и користа од практичните вежби кои беа спроведени во текот на работилницата.
“Обуката за волонтерство и развивање програма за волонтирање беше од посебно значење за нашата организација и се стекнавме со нови знаења клучни за работата на организацијата. Вежбите спроведени на истата ќе ни бидат од корист при регрутирање на нови волонтери и нивно менаџирање. Благодарни сме што имаме можност да бидеме дел од оваа обука и стекнатите знаења да ги имплементираме во пракса“ истакнаБојана Младеновска од Здружение за креирање функционален систем КОРЕКТОР- Скопје.
Некои од учесниците, покрај знаењата стекнати за време на работилницата, како корисни ги оценија и последователните менторски сесии, планирани по завршување на работилницата.
“Работилницата обезбеди одлични информации и насоки за нас како здружение, преку продлабочено разбирање на волонтерството и разјаснување каква би била неговата стратешка улога во нашето работење. Јасното разграничување на волонтерството од други форми на ангажман и претставувањето на циклусот на волонтерски менаџмент ни дадоа основа за понатамошно надградување на знаењето за развивање одржлива и ефективна волонтерска програма. Дискусијата овозможи поврзување на теоретските концепти со конкретните потреби и предизвици во работата на здружението. Со нетрпение го очекуваме менторството и нашата понатамошна соработка“ рече Наташа Павиќевиќ – Стојменовска, Претседателка на Здружение на социјални работници на Македонија, Скопје.
“Работилницата придонесе граѓанските организации да го подобрат управувањето со волонтерите во нивните организации како и да го зајакнат нивниот капацитет за поддршка на волонтерите. Развојот на Програма за волонтирање и детален опис на волонтерските позиции се основа за воспоставување на ефикасен волонтерски менаџмент на организациско ниво“ рече Златко Талевски, Регионален експерт од граѓанското општество за Пелагонискиот регион, обучувач на оваа работилница.
Интересот за јакнење на капацитетите од оваа област граѓанските организации го пријавуваа на јавен повик, а пред работилницата имаа задача да го проследат онлајн видеото поставено на ГРЦ академијата: Обука за волонтерство | Граѓански ресурсен центар По работилницата, со сите заинтересирани граѓански организации ќе се спроведат и менторски активности на оваа тема.
Работилницата беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.
Следно >
Поврзани:

Граѓански импулс #4: месечен осврт на активностите на грантистие
Во април се потврди упорноста на граѓанските организации да направат конкретни, реални промени за граѓаните.
Месецот започна соконсултативна работилница во Скопје, на која матичните лекари по семејна медицина дискутираа за можностите, потребите и потенцијалните пречки за нивно вклучување во спроведувањето на Програмата за скрининг на рак на грлото на матката. Лекарите се согласија дека треба да имаат активна улога во програмата – преку здравствена едукација на жените, земање ПАП или ХПВ брисеви, како и преку континуирана соработка со матичните гинеколози од истиот регион. Нивната улога е особено важна во руралните и оддалечени средини, како и во општини каде што нема матични гинеколози. Работилницата беше дел од проектот „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“.
По повод Светскиот ден на здравјето 7 Aприл, кој годинава се одбележува под мотото „Здрави почетоци, надежна иднина“, организацијата ХЕРА заедно со Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ), Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари и Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ, укажуваа на важноста државата да инвестира во здравствена превенција и квалитетна и достапна здравствена заштита како основа за достоинствен живот. Четирите организации упатија јасни барања до институциите. Од достапна гинеколошка заштита и зајакнати патронажни тимови, до поголем буџет за превентивни програми и креирање политики базирани врз докази, притоа најавувајќи континуиран мониторинг сè до усвојувањето на ребалансот на буџетот.
Паралелно со ова, во Пелагонискиот регион, Центарот за граѓански иницијативи – Прилеп, организираше предавања на тема „Превенција за подобро здравје“ во општините Могила, Новаци и Битола, каде со локалното население разговараше за исхрана, физичка активност, ментално здравје и посебно за техниките за справување со стресот.
На полето на екологијата, Центарот за ресурси во животна средина, Еко Логик и здружението Флорозон, покрај редовните работилници во Биотехнолошката лабораторија со ученици од скопските училишта, месецов го одбележаа Денот на планетата земја. На 22 април, го започна првиот Научен караван во ООУ „Климент Охридски“ – Драчево. Како дел од проектот, организираа практична демонстрација на експерименти за биоотпад, а учениците активно учествуваа и учеа за важноста на одржливото управување со отпад.
Во меѓувреме, Центарот за климатски промени заедно со партнерите, ги заокружи скрининг посетите на 15 општини во Североисточниот, Југоисточниот и Вардарскиот регион. Средбите беа насочени кон зацврстување на соработката помеѓу општините и граѓанскиот сектор, со фокус на спроведувањето на насоките од Зелената агенда.Особено значајна беше иницираната посета на претставници од Куманово во Прилеп, каде на терен ги разгледаа долгогодишните практики за селекција на комунален отпад и ја посетија новата постројка за сортирање која е во изградба.
Април пулсираше и со младинска енергија. Центарот за едукација и развој (ЦЕД) од Теарце, со партнерите одржа обука за граѓанска ангажираноство Europe House во Тетово. Обуката, се реализира со младите од Полошкиот регион како дел од проектот: „Јакнење на младите: Поттикнување на граѓанската ангажираност и претприемништвото во Полошкиот регион“. Околу 20 мотивирани млади лица дискутираа за граѓанската ангажираност, истражувајќи го концептот на волонтерство и споредувајќи како е регулирано во различни контексти.
На крајот на месецот, КРИК реализираше тридневна обука „Зелено застапување преку зелена социјална и младинска работа“ во Велес, каде учесниците се запознаа со концептите на младинска работа, зелено застапување и зелена социјална работа. Преку интерактивна програма, тие развиваа сопствени зелени иницијативи што ќе ги спроведат во сите осум плански региони низ земјата.
Комбинацијата од здравствени заложби, зелени иновации, женско економско јакнење и младински активизам уште еднаш покажа дека граѓанските организации се двигатели на општеството, претворајќи ги локалните потреби во национални приоритети и конкретни резултати.
< Пред Следно >
Поврзани:

Одржана втора обука за сајбер безбедност за граѓански организации
На 7 мај 2025 година, Фондацијата Метаморфозис организираше еднодневна обука за подобрување на сајбер безбедноста во организациите од граѓанскиот сектор. Обуката беше насочена кон граѓански организации кои активно работат со ранливи категории на граѓани и се соочуваат со зголемени ризици во дигиталниот простор.
Петнаесетина претставници на граѓански организации имаа можност да се запознаат со поимот дигитален отпечаток, важноста на антивирусната заштита, креирање и одржување на силни лозинки, користење на менаџери за лозинки, како и со практични совети за зајакнување на сајбер безбедноста и развивање на навики за редовна сајбер хигиена.
Оваа обука е дел од проектот „СајберШтит: Омоќени граѓани за сајбер отпорност“, кој има за цел да ја зголеми свеста и отпорноста на граѓаните и организациите на сајбер закани, преку едукација, јавно информирање и практични ресурси. Проектот предвидува три вакви обуки, првата се одржа на 9 април, додека последната, трета обука, ќе се одржи на 4 јуни. Освен обуки, во рамките на проектот ќе се подготват и поткасти и видеа за унапредување на јавната свест и разбирање за значењето на сајбер безбедноста.
Целта на проектот е да се стави акцент на значењето на редовна сајбер хигиена и ефикасно справување со сајбер закани како што се фишинг, социјално инжинерство, малициозен софтвер, кражба на лични податоци и други. Преку заеднички напори, проектот тежнее да осигури дека овие теми добиваат соодветно внимание, ресурси и одговори на предизвиците што ги носи дигиталната ера.
Проектот „СајберШтит: Омоќени граѓани за сајбер отпорност“ е поддржан со грант Национална интервенција на регионалниот проект „СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан“ имплементиран од Centar za promociju civilnog društva (CPCD), Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП) и Институтот за демократија и медијација (ИДМ), а финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

Повик за институции: Работна средба за импликациите од Законот за дигитални услуги на ЕУ
Во рамките на проектот „Интеграција на Западен Балкан во единствениот дигитален пазар на ЕУ“, кој има за цел унапредување на стандардите за дигитални права во регионот на Западен Балкан и поддршка на неговата интеграција во единствениот дигитален пазар, Фондација Метаморфозис организира работна средба за национални институции на тема „Импликации од Законот за дигитални услуги на ЕУ на граѓанските организации и истражувачките новинари во Северна Македонија“.
Датум: 22 мај 2025 година (четврток)
Време: 10:00 часот
Локација: Метаморфозис (ул. Франклин Рузвелт 19, кат 2 – во зградата на Сетек)
Мапа: https://maps.app.goo.gl/o43Q5Uqpjg1WU1P37
Работната средба ќе се фокусира на основите на Законот за дигитални услуги на ЕУ (Digital Services Act – DSA) и неговите главни принципи на транспарентност, одговорност и заштита на корисниците, како и неговото влијание врз слободата на изразување и дигиталните права. На работната средба ќе бидат презентирани и клучните наоди и препораките од истражувањето за импликациите од Законот за дигитални услуги на ЕУ врз граѓанските организации и истражувачките новинари во Северна Македонија, како и предизвиците врзани со независноста на регулаторните тела, функционирањето на доверливите пријавувачи, алгоритамското модерирање и ризиците при усогласувањето на националното законодавство со европската регулатива.
Работната средба е наменета за претставници на релевантни национални институции од областа на дигиталната сфера, заштитата на дигиталните права, електронските комуникации, медиумската регулација, економија, сајбер безбедност, антидискриминација и сл.
Агендата за работната средба е достапна тука.
Формуларот за пријавување е достапен на следниот линк.
Пријавувањето за работната средба е најдоцна до 16 мај 2025 година.
Проектот е финансиран од Фондациите Отворено општество – Западен Балкан, а го спроведуваат Партнери Србија (Србија), Фондација Метаморфозис (Северна Македонија), Зошто не? (Босна и Херцеговина), НВО 35 mm (Црна Гора), Women in Tech Kosovo (Косово) и Институт за демократија и медијација (Албанија).

Платформата за родова еднаквост силно ја поддржува Иницијативата на жени од Шуто Оризари и нивната реакција на последниот случај на фемицид
Овој трагичен настан укажува на неуспехот на институциите во навремена и соодветна заштита на жртвите на родово базирано и семејно насилство. Апелираме до надлежните институции итно да го преиспитаат своето постапување во овој случај, да преземат одговорност и конечно да ја исполнат својата обврска – да заштитат, да постапат навреме и да спречат нови случаи на фемицид.
Случаите на фемицид не се изолирани инциденти – тие се последица на институционален занемарување и континуирано игнорирање на сигнали за помош. Сите жени, особено оние од маргинализирани заедници, не смеат да бидат оставени сами во борбата за своја безбедност. Затоа, изразуваме целосна солидарност со Иницијативата на жени од Шуто Оризари.
Во прилог ја пренесуваме реакцијата во целост.
***
До кога ќе потфрла системот во заштитата на жените жртви на семејно и родово базирано насилство?
Овој викенд, просведочивме на уште еден случај на фемицид, во кој жртва е жена од Шуто Оризари. Најнапред, сакаме да изразиме длабоко сочувство до најблиските на жртвата. Овој случај на семејно насилство, за жал, е добро познат на институциите, на нашите сограѓани од Шуто Оризари и на нашиот тим од Центарот за помош и поддршка на жени жртви на родово базирано и семејно нсилство „ИСИ АРКА“.
Имено, Р.А. дојде во нашето советувалиште, но иако и беше понудена придружба од нашиот тим до полициската станица „Пролет“, бевме одбиени – токму поради тоа што жртвата ја имаше изгубено целосно довербата во институциите. Па, зарем може да имаат жртвите доверба во истите, ако секој пат кога се обиделе да го пријават случајот на насилство, наидуваат на зборовите „повторно ли ти тука, и онака ќе се вратиш пак кај маж ти“?!
Здружението Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари може да постапува и понуди помош и поддршка само со согласност од страна на жртвата. За овој случај на насилство, последно дознавме дека и покрај бројните обиди за пријава во соодветните институции од страна на жртвата, сепак, надлежните лица во полициската станица воопшто не преземале некаков чекор – до таму, што нема ниту изготвен записник за пријавувањето од страна на полициските службеници. Уште колку вакви случаи на насилство со траорен исход треба да просведочиме, за институциите да сфатат дека нивното непостапување е по цена на човечки живот?!
Постојаното адресирањето на недостатоците на системот за заштита на жртвите од страна на нашето здружение е само со една и единствена цел – институциите да ја препознаат својата улога во овој ланец, да преземат одговорност и да започнат сонавремено постапување, со што би се превенирало насилството и би ставиле крај на ваквите случаи! Семејното насилство не е карактеристика само на одредена етничка заедница, сите подеднакво сме подложни на истото. Напротив, нашето истражување за „Соодветна заштита, помош и поддршка на жртвите на родово базирано и семејно насилство во општина Шуто Оризари“, покажува дека во периодот од 2020 до 2024 година, најголемиот број на жртви (околу 70 % во текот на годините) се од македонска етничка припадност, додека пак, бројот на жртви на семејно насилство од ромска етничка припадност во 2023 година изнесувал 6,79 %. Затоа, време е да ставиме крај на стереотипите и апатичноста кај вработените во институциите – не е решение да се советуваат жртвите дека е залудно да ја започнат постапката за пријавување на сторителите, бидејќи „и онака ќе се вратат во домот на насилниците“!
За сериозноста и бројот на случаи на насилството од септември 2023 година до сега, сведочат и податоците во нашиот Центар „ИСИ АРКА“ – во овој период вкупно 123 жени се обратија до нас и побараа помош токму за спречување и заштита од семејно насилство. Оваа бројка говори дека од една страна, потребата за навремено постапување на институциите и меѓуинституционална соработка е неопходна, а од друга страна, подигнувањето на јавната свест на овие теми уште од најмала возраст, игра клучна улога во препознавањето на формите на насилство и механизмите за заштита од истото.
Се надеваме и сакаме да веруваме дека ваков случај нема да се повтори, дека ова е последната жртва на фемицид и дека конечно, ова ќе го вклучи алармот на државата да ги преземе следните чекори за соодветна заштита и поддршка на жртвите на семејно и родово базирано насилство:
1. Зголемување на тимовите за постапување и спречување на насилство при Министерството за внатрешни работи;
2. Зголемување на тимовите за постапување при Центрите за социјални работи;
3. Градење на капацитетите на службениците при МВР и ЦСР преку обуки за облиците на насилство и соодветен третман на жртвите;
4. Сензибилизација на службениците кои имаат законска обврска да постапуваат при случаи на семејно и родово-базирано насилство;
5. Работилници за подигнување на јавната свест за превенција и заштита од семејно и родово базирано насилство, со цел охрабрување на жртвите и враќање на довербата кон институциите;
6. Редовни работилници во образованието за препознавање на облиците на насилство и механизмите за заштита од истите.
Силно веруваме дека Основното Јавно Обвинителство ќе ги преземе сите неопходни чекори во истрагата и на насилникот ќе му биде изречена максимална казна за стореното дело врз Р.А., за правдата да биде задоволена.
Апелираме до сите жени кои имаат потреба од било каква помош и поддршка во случаи на родово базирано и семејно насилство, да се обратат кај нас. Во нашиот Центар за помош и поддршка на жени жртви на родово базирано и семејно насилство „ISI ARKA“ нудиме бесплатни психо-социјални и правни услуги, секој работен ден од 9:00 часот до 17:00 часот. Центарот „ИСИ АРКА“ се наоѓа на адресата „Хаџи Јован Шишко“ бр. 15, а може да не контактирате и на телефонскиот број: 070 385 831.

Тркалезна маса за проектот “Да се соочиме со предизвиците и стигматизацијата”
Тркалезната маса која се одржа на 29.04.2025 (вторник) беше можност за презентација и дискусија на анализата од спроведената анкета во рамки на проектот “Да се соочиме со предизвиците и стигматизацијата”
Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.