Hera

Македонија мора да го забрза одговорот на ХИВ: една третина од лицата со ХИВ не се дијагностицирани

Граѓанските организации откриваат нови случаи 12 пати поефeктивно од здравствениот систем

На национално ниво се проценува дека околу 620 лица живеат со ХИВ, но само 71,4 % од нив се дијагностицирани што значи дека 3 од 10 лица не знаат дека имаат ХИВ. Овој факт го одржува преносот активен и ја отежнува контролата на епидемијата. Овие податоци беа во центарот на денешната Национална конференција за ХИВ, организирана од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, во партнерство со Здружението за поддршка на лицата кои живеат со ХИВ „Заедно посилни“, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ и Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари.

Конференцијата ги обедини клучните институции, меѓународни организации и граѓански здруженија со цел да се отвори сеопфатна и базирана на докази дискусија за предизвиците во националниот одговор на ХИВ. Настанот се фокусираше на подобрување на превенцијата, раната дијагностика, пристапот до третман и координацијата меѓу институциите, со крајна цел усогласување со глобалните цели за ставање крај на епидемијата до 2030 година.

Главни наоди што го обликуваат националниот одговор во борбата против ХИВ:

  • Во нашата земја има околу 620 лица кои живеат со ХИВ, но 30 % од нив не се дијагностицирани;
  • Нашата земја заостанува зад глобалниот просек на дијагностицирани лица со 86 % во 2023, наместо потребните 95 %;
  • Насочените превентивни активности на граѓанските организации остануваат најефикасни. Само со 393 тестирања кај МСМ популацијата (мажи кои имаат секс со мажи) во 2024 година, откриени се 8 нови случаи на ХИВ, што претставува 28 пати повисок процент на позитивитет одвкупниот јавен и приватен здравствениот систем;
  • И покрај тоа, опфатот со превентивни услуги опаднал за една третина во последните пет години, од 11.028 лица во 2019 на 7.453 во 2024, а поради намалување на средствата на Програмата за ХИВ.
  • Земјата постигнува висок процент на успешен третман, 90 % од дијагностицираните лица примаат терапија, а 95 % имаат потиснат вирус;

„За понатамошно намалување на ХИВ инфекциите, неопходен е системски пристап, што значи воспоставување и имплементирање синергии со примарната здравствена заштита во рамките на јавниот здравствен систем. Ова е поврзано и со предвидливо финансирање, кадар, ресурси и обезбедување услуги, истовремено поттикнувајќи мултисекторски одговори на социјалните и структурните детерминанти на здравјето.“  Изјави Н.Е. Кристоф Зомер, Амбасадор на Швајцарија во РСМ

Швајцарија е долгогодишен поддржувач на граѓанските организации во Северна Македонија преку програмата Civica Mobilitas.  Во глобалната борба против ХИВ Швајцарија издвојува 64 милиони швајцарски франци за Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија за периодот 2026–2028.

 „Во текот на изминатите три децении, поддршката на СЗО беше практична, конзистентна и усогласена со локалните потреби. Од 2003 година, помогнавме во воспоставувањето на советување и тестирање за ХИВ, во развојот на национални клинички упатства и воведувањето протоколи засновани на докази за третман и следење на вирусното оптоварување. Ја поддржавме интеграцијата на услугите за ХИВ во примарната здравствена заштита, ги проширивме патеките за PrEP, го зајакнавме тестирањето во заедницата и обезбедивме непрекинат пристап до АРВ за време на COVID-19 и други кризи.“ – Изјави д-р Аким Али, Претставник на СЗО и шеф на канцеларијата во земјата.

Нашата земја мора да го забрза одговорот на ХИВ: речиси една третина од лицата кои живеат со вирусот сè уште не се дијагностицирани. Граѓанските организации откриваат нови случаи 12 пати поефeктивно од здравствениот систем, што е јасен доказ дека стратешките инвестиции во превенција носат најсилни и најбрзи резултати. Ниту еден граѓанин не смее да остане невидлив или без пристап до грижа.“ – изјави Оливера Стојковска, Програмска раководителка во ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.

„Континуираната достапност на терапија е најважна за лицата кои живеат со ХИВ, таа овозможува здрав и нормален живот и го спречува понатамошниот пренос на вирусот. Оваа година за прв пат се обезбедија лекови за 24 месеци, што значително ги намалува ризиците од прекин на терапијата. Но за навистина да го запреме растот на епидемијата, мора да инвестираме во тестирањето и раната дијагностика, за секоја новодијагностицирана личност веднаш да добие современа терапија.“ – Изјави Андреј Сених, Извршен директор на Здружение за поддршка на лицата кои живета со ХИВ „Заедно посилни“

Главни насоки и препораки утврдени на конференцијата:

  • Зголемување на раното тестирање и дијагноза;
  • Зголемено и одржливо домашно финансирање за превенција, тестирање и грижа
  • Проширување на пристапот до ПрЕП (профилакса пред изложеност, третман за превенција од ХИВ), намалување на штети и други превентивни услуги за клучните популации.
  • Подобра национална координација за комплетно усогласување со глобалните цели за да се стави крај на ХИВ епидемијата до 2030 година.

Конференцијата се реализира во рамки на проектот „Унапредување на здравствените права на девојките, жените и ранливите групи“, финански поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата „Цивика мобилитас“.

*Мислењата кои се изразени во ова соопштение не нужно ги одразуваат ставовите на Швајцарската Влада, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.

Контакт:

ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување
hera@hera.org.mk

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА Скопје

Продолжи со читање

  • Интервенција пожар – Тактичко-техничка примена на четирициклот при интервенции на отворен простор

    Современите предизвици при справувањето со пожари на отворен простор бараат мобилност, брза проценка на состојбата и правилна употреба на расположливата противпожарна техника. Членовите на ДПД Свети Николе во своето оперативно дејствување го користат противпожарниот четирицикл како важен ресурс за пристап и работа на терени каде движењето со стандардни противпожарни возила е ограничено или отежнато. Неговата…

  • СЕОПФАТНО СЕКСУАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ Е РЕШЕНИЕ ЗА НАСИЛСТВОТО, ЗЛОУПОТРЕБАТА И ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ – Владата има одговорност да го заштити здравјето на младите –

    ХЕРА со сериозна загриженост ја прими информацијата дека Министерството за образование и наука ја повлекува програмата и изборниот предмет „Сексуално образование“ од средното образование и […]

  • Нова публикација: „Граѓанскиот сектор во бројки 2025“

    МЦМС ја објави публикацијата „Граѓанскиот сектор во бројки 2025“, финансиска, економска и општествена анализа на топ 100 граѓански организации според приходи во 2025 година. Анализата ги вкрстува завршните сметки за 2023, 2024 и 2025 година со податоците од регистарот на активни граѓански организации, и на едно место дава слика за големината, географијата, растот и ранливостите на организираното граѓанско општество во земјата.

  • Партнерите на проектот започнуваат со мапирање на потребите и развивање на инклузивна програма за обука

    Како дел од регионалниот проект „Лица со попреченост одгледуваат органски лековити билки“, партнерите на проектот започнаа со имплементација на Активноста А2 – Мапирање на потребите и подготовка на програма за обука за органско одгледување билки. Оваа активност ги здружува трите партнерски организации од Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина…

  • Реализирани 40 (XL) Средби на извидници – Велес 2026

    По повод 8ми Септември Денот на државноста на Република Македонија, а остварувајќи ја својата програма за работа извидничкиот одред “Димитар Влахов“ – Велес, ги организираше 40 (XL) Средби на извидници – Велес 2026  кој се одржаа во периодот од 4 до 6.9.2026 год. во извидничкиот центар Голозинци во истоименото село….

  • 74 години – Извиднички одред “Димитар Влахов“

    Во далечната 1948 година со Законот за предвојничка обука во рамките на Гимназијата “Кочо Рацин” во Велес започнуваат да се формираат првите одделенија кои што работат активности слични на нашите, извидничките. Тие одделенија се до 1952 година работат како неформални групи за да на денешен ден 8 септември во учебната…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор