White blue professional modern marketing agency email header

До кога оваа држава ќе создава и ќе штити насилници? – реакција на Мрежа за заштита од дискриминација, Платформа за родова еднаквост и Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство

Уште колку жени треба да бидат убиени за да се демонтира овој систем поволен за насилници, а погубен за жените?

Уште еднаш јавноста со ужас ги гледа вестите, ги поставува истите прашања и бара одговори од институциите. И уште еднаш наместо чувство на сигурност, кај жените останува стравот дека утре тие можеби ќе бидат следните жртви.

По фемицидот на 17-годишната Билјана Кириќ во Богданци, за една недела ни се случуваат два обиди за фемицид во Охрид и Битола. Во едниот случај, осомничениот е на слобода со мерки на претпазливост. Во другиот, избега низ прозорец од полициска станица. Ова се случува во година во која веќе има седум фемициди, а во Европа, Македонија е трета според стапката на убиства на жени од интимни партнери. Секоја следна потценета закана, несоодветна проценка на ризикот и пропуштена мерка за заштита се случува со тоа сознание.

Во Охрид, според соопштението на МВР, нападот врз 26-годишната жена продолжил и по запирањето на автомобилот, при што таа изгубила свест и се здобила со тешки телесни повреди. Поднесена е кривична пријава за „тешка телесна повреда“, а по барање на обвинителството, судот определил мерки на претпазливост. Врз основа на кои докази и околности е направена квалификацијата на делото, дали е испитано постоењето намера за лишување од живот и врз каква проценка е заснована одлуката дека определените мерки се доволни за безбедноста на жената?

Посебна проверка бараат јавно изнесените наводи за семејното влијание на осомничениот. Според медиумските информации и обраќањето на мајката на повредената жена, неговата мајка е поранешна претседателка на ДКСК, а таткото е инспектор во УЈП. Овие функции сами по себе не докажуваат вмешаност. Но наводите за барање помош за прикривање на настанот и за влијание врз медицинската документација мора итно и независно да се истражат. Јавната функција, партиската блискост и пристапот до институциите не смеат да станат семејни ресурси за избегнување одговорност. Нееднаквата моќ станува особено опасна кога жената има причина да стравува и од насилникот и од мрежата што може да застане зад него.

Во Битола, 21-годишна жена пријавила долготрајно насилство, закани со убиство и давење, а осомничениот избегал низ прозорец од полициска станица. Според објавените информации, жената е сместена во засолниште, додека тој останува недостапен за полицијата. Таа го ограничува сопствениот живот за да преживее, а институцијата задолжена да ја заштити не успеала да го задржи осомничениот во сопствените простории. За ова мора да има утврдена индивидуална и институционална одговорност.

Партиските изјави дека „никој не е над законот“ мора да бидат проследени со постапување што јавноста може да го провери. Префрлањето на вината меѓу полицијата, обвинителството, судовите и политичките партии го одржува системот во кој сите се декларативно загрижени, а одговорноста постојано останува кај некој друг.

Ние, членките на Мрежата за заштита од дискриминација, Националната мрежа за заштита од насилство врз жените и семејното насилство и Платформата за родова еднаквост бараме:

1. ОЈО Охрид итно да поднесе предлог за определување притвор за осомничениот, со образложување на законските основи, земајќи ги предвид сериозноста на нападот, ризикот од повторување на насилството и можноста за влијание врз жртвата, сведоците и доказите. Бараме да се испита улогата на сите лица за кои постојат наводи дека учествувале во насилството, му помагале на осомничениот, се обиделе да го прикријат настанот или вршеле притисок врз жртвата, сведоците, здравствените работници и институциите. За секое лице за кое ќе се утврди вмешаност бараме соодветна кривична и друга законска одговорност, без оглед на семејните врски, јавната функција или политичката припадност.

2. Итно пронаоѓање на осомничениот во Битола, јавно утврдување на околностите и пропустите што го овозможиле неговото бегство од полициската станица и дисциплинска, а доколку постојат законски основи и кривична одговорност за полициските службеници што биле задолжени за неговото обезбедување, како и за нивните претпоставени доколку се утврдат пропусти во раководењето и надзорот.

3. Целосна проверка на институционалното постапување пред фемицидот во Богданци, особено по претходните пријави и закани, и одговорност за секој утврден пропуст.

4. Непосредна, координирана и долгорочна заштита на жените изложени на насилство, достапна правна и психосоцијална поддршка и стабилно финансирање на специјализираните услуги.

5. Неопходните законски измени без одложување да се придвижат без антиродови условувања и без отстапување од стандардите на Истанбулската конвенција.

6. Сите лица кои упатуваат јавни пораки со кои се оправдува насилството или се промовира дискриминација врз жените, да бидат соодветно санкционирани.

7. Медиумите доследно да ги спроведуваат професионалните стандарди и одговорно да известуваат на начин што ја преиспитува моќта, ги разобличува оправдувањата за насилството и ја штити приватноста и достоинството на жртвите.

Мрежата за заштита од дискриминација, Платформата за родова еднаквост и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство укажуваат дека одговорноста за ваквата состојба е системска, политичка и колективна. Таа произлегува од длабоко вкоренетата мизогинија и од нееднаквата распределба на моќта, во која женската слобода сè уште се третира како нешто за кое одлучуваат мажот, семејството, институцијата или партијата. Насилството се потхранува во општество што ја романтизира љубомората, ја оправдува контролата, ја надгледува женската сексуалност и бара од жените да трпат за да ги зачуваат семејството, угледот и туѓото достоинство. Фемицидот е крајниот израз на таа нееднаквост – на убедувањето дека мажот има право да располага со животот на жената, да ја казни кога ќе го одбие и да ја спречи да замине. Колективната одговорност се состои во премолчувањето на заканите, во оправдувањето на насилниците, во обвинувањето на жените и во подготвеноста нивната безбедност да се жртвува за зачувување на постојните односи на моќ. Таа одговорност е особено голема кај оние што располагаат со јавни функции, институционален авторитет и медиумски простор.

Кога премиерот Христијан Мицкоски го нарекува семејното насилство „мал престап“, тој од позиција на највисока извршна власт ја минимизира неговата сериозност. Одговорност имаат и верските авторитети, меѓу кои и епископот Јаков, кои го користат својот јавен простор за мобилизација против родовата еднаквост. Одговорност имаат и медиумите што им обезбедуваат простор и јавна легитимност на „Богоевци“ кои ја оправдуваат контролата врз жените, промовираат „машки надзор“ и поттикнуваат насилство.

Извитоперено е разбирањето на „семејните вредности“ во кое зачувувањето на машкиот авторитет е поважно од слободата и безбедноста на жената. Од жените се очекува да обезбедуваат неплатена грижа, да ги одржуваат домаќинствата и да ја преземаат одговорноста за семејната стабилност, а притоа да имаат помалку економска моќ и помалку слобода да одлучуваат. Кога ќе ја оспорат таа положба, се обвинуваат дека го растураат семејството и го загрозуваат општеството, и на крај, плаќаат со својот живот. Правото на жените на живот, слобода и еднаквост не смее постојано да се поставува како прашање за кое шовинистите добиваат можност да преговараат.

Фашистичката логика на антиродовите наративи се препознава во величањето на хиерархијата, во наметнувањето „природни“ улоги и во барањето женското тело, труд и живот да бидат ставени во служба на семејството, нацијата и авторитетот. Барањата за бришење на родот од законите и политиките ја поткопуваат можноста да се именуваат и да се отстрануваат токму овие нееднаквости.

Кога политичкиот врв го минимизира насилството, верски авторитети ја напаѓаат родовата еднаквост, а во медиумите се оправдува машката контрола, овие пораки меѓусебно се зајакнуваат. Се создава средина во која жената повторно треба да објаснува зошто одбила, зошто заминала, зошто возвратила и зошто не молчела. Прашањето за одговорноста на насилникот се потиснува со преиспитување на нејзиното однесување.

Одговорноста за извршеното насилство е кај сторителот. Одговорноста за неговото оправдување, нормализирање и неказнување се протега низ целото општество. Системската одговорност не ја разредува индивидуалната: таа бара да се утврди кој нападнал, кој ја потценил опасноста, кој пропуштил да заштити и кој ја употребил својата моќ за да обезбеди неказнивост. Крајно време е Собранието и Владата да заземат став дали градиме држава безбедна за жени или држава што наоѓа изговори да оправда насилство.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА Скопје

Продолжи со читање

  • Климатска акција – каде е најпотребна?

    Кога температурите растат, некои семејства можат да го разладат домот, додека други мора да избираат меѓу повисока сметка за струја и уште една ноќ во прегреана соба. За луѓето што работат на отворено, пак, жештината често е неизбежен дел од работниот ден. Истиот топлотен бран носи различен ризик, во зависност

  • Меѓу формална усогласеност и недостиг на суштински реформи

    Коментар по повод Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија, од 4 ноември 2026 година Европската комисија повторно не констатира назадување во ниедна област, односно поглавје, но напредокот останува објективно незадоволителен, а македонскиот пристапен пат е во состојба на тапкање во место. Иако во однос на претходната година е забележан барем мал напредок на […]
    The post Меѓу формална усогласеност и недостиг на суштински реформи appeared first on EPI.

  • ВРАЌАЊЕ НА ПРИРОДНИТЕ СРЕДСТВА ЗА ЛАДЕЊЕ

    Со зголемениот фокус на енергетската ефикасност и заштитата на животната средина, природните средства за ладење повторно добиваат сè поголемо значење во современите системи за ладење. Строгите европски регулативи и потребата од одржливи технолошки решенија го забрзуваат преминот кон технологии кои имаат помало влијание врз животната средина, а истовремено нудат висока ефикасност и долгорочна економска исплатливост.

    На почетокот на воведувањето на првите ладилни уреди околу 1900 година, како средства за ладење се користеа природните и лесно достапни хемиски соединенија-амонијакот NH3 и јаглеродниот диоксид CO2. Во 20-тите и 30-тите години од XX век се појавуваат CFC и HCFC соединенија. Во 80-тите години беше потврдена штетноста на средствата за ладење врз озонската обвивка на земјата по што тие се заменуваат со  HFC и HFO соединенија и нивните смеси.
    HFCs, или флуорираните јаглеводороди, и покрај тоа што немаат потенцијал на осиромашување на озонската обивка, имаат значителни потенцијали на глобално затоплување, делувајќи како стакленички гасови. Токму затоа, преку Кигали Амандманот кон Монтреалскиот Протокол за супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка, светот се обврза на значително намалување на нивната потрошувачка, па дури и нивно целосно исфрлање од употреба, како што се пропишува со Директивата на ЕУ 2024/573. Денес, природните флуиди за ладење се сметаат за најдолгорочно решение, бидејќи имаат минимален потенцијал на глобално затоплување – GWP (Global Warming Potential) и потенцијал на осиромашување на озонската обвивка – ODP (Ozone Depletion Potential
    Во природните флуиди спаѓаат: R-290 (пропан), R-600a (изобутан), R-744 (CO₂) и R-717 (амонијак). Поради нивната висока запалливост, употребата на првите два флуида е ограничена на мали ладилни уреди, додека јаглеродниотдвооксид и амонијакот имаат широка примена во големите системи за ладење.
    Амонијакот (NH3 или R-717), е природен флуид кој главно се користи во големи индустриски постројки или ладилници поради неговите одлични термодинамички својства кои овозможуваат постигнување многу ниски температури  Овие системи, благодарение на нивната големина, овозможуваат високи перформанси и ефикасност.
    Главните придобивки од системот за ладење со NH3 се:

    Повисоки перформанси: во споредба со други гасови, како што се R-290 и CO2, за големи индустриски ладилни системи.
    Висока енергетска ефикасност: јa намалува потрошувачката на електрична енергија и овозможува побрз поврат на инвестицијата.

    Лесно управување и безбедност: се карактеризира со сигурна работа под строги законски регулативи, при што секој дефект или протекување брзо се открива поради неговиот специфичен мирис.

    Одржливост: тоа е природен флуид со нула GWP и ODP.
    Економичност: ниската цена и широка достапност го прават најисплатлива финансиска опција.
    Оптимизиран дизајн: употребата на цевки со помал дијаметар во системот за ладење овозможува намалено полнење со средство за ладење, енергетски ефикасни компоненти и дизајн.
    Здравствена сигурност: системот не користи вода, со што целосно се елиминира ризикот од појава на бактеријата легионела.

    Суперкритичниот јаглерод двооксид (sCO2) е флуидна состојба на јаглерод двооксид кога тој се одржува на или над неговата критична температура и критичен притисок (304.128 K, 30.9780 °C, 73.773 bar).  Во оваа состојба, тој се шири како гас, но притоа има густина како течност. Системите за ладење во кои состојбата на CO2 се менува над и под критичната точка се нарекуваат транскритични CO2 (R-744) системи за ладење. Водени од строгите регулативи на ЕУ за флуорираните гасови, тие станаа доминантна, стандардна технологија за нови инсталации во супермаркетите низ цела Европа. До 2025 година, над 111.650 европски малопродажни објекти за храна користеа транскритични CO2 системи. Клучни пазарни трендови во Европа (2026):

    До 2024 година, речиси 30% од европските малопродажни места за храна ја усвоија транскритичната CO2 технологија, зголемувајќи го бројот од 68.500 во 2023 година на над 90.000 во 2024 година.
    Првично фаворизирана во земјите со поладна клима (Северна Европа), технологијата сега е стандардна низ цела Европа, вклучително и во потоплите јужни региони благодарение на подобрената ефикасност.
    Големите синџири на супермаркети забрзано ја менуваат технологијата. На пример, TESCO веќе имаше над 1.000 транскритични CO2 продавници во Велика Британија до 2022 година, а Schwarz Group (Lidl/Kaufland) има 4.800 продавници со ладилни уреди кои користат CO2 или пропан технологија од 2024 година.
    Регулативите на ЕУ дополнително го стимулираат некористењето на средства за ладење со висок GWP.

  • ГЛОБАЛНАТА ПОТРЕБА ЗА ЛАДЕЊЕ ЗАБРЗАНО РАСТЕ: ШТО ПОКАЖУВААТ ПРОГНОЗИТЕ ДО 2050?

    Поради климатските промени, порастот на температурите и зголемувањето на животниот стандард во многу земји, побарувачката за уреди за ладење бележи континуиран и значителен раст на глобално ниво. Климатизацијата повеќе не се смета само за прашање на удобност, туку сè почесто станува неопходност за безбедно и квалитетно живеење, особено во урбаните средини и регионите изложени на екстремни горештини.

    Според проценките на International Energy Agency (IEA), бројот на клима уреди во светот би можел да порасне од околу 1,5 милијарди во 2015 година на дури 5,5 милијарди до 2050 година. Истовремено, бројот на ладилници во домаќинствата се очекува да надмине 2 милијарди уреди. До 2050 година, речиси две третини од домаќинствата во светот би можеле да располагаат со некаков систем за климатизација.

    Извор: International Energy Agency (IEA), The Future of Cooling. https://www.iea.org/reports/the-future-of-cooling
    Најголемиот дел од овој раст ќе доаѓа од земјите во развој, пред сè Кина, Индија и Индонезија, каде што растечката средна класа и урбанизацијата создаваат сè поголема побарувачка за решенија за ладење. Овие три пазари заедно се очекува да претставуваат околу половина од вкупниот глобален број клима уреди до 2050 година.
    Сепак, ваквиот тренд носи и сериозни предизвици. Без значителни подобрувања во енергетската ефикасност, потребата од електрична енергија за ладење простории би можела да се зголеми повеќе од три пати до 2050 година. Тоа би значело дополнителна потрошувачка на електрична енергија еквивалентна на денешната вкупна потрошувачка на Кина и Индија заедно.
    Затоа, развојот и примената на енергетски ефикасни технологии, паметни системи за управување и еколошки прифатливи решенија за ладење ќе бидат клучни за намалување на енергетскиот притисок и постигнување на глобалните цели за одржлив развој и намалување на емисиите на стакленички гасови.

  • Во трка со жештината: Глобалниот подем на индустријата за ладење

    Побарувачката за ладилна и климатизациска опрема забрзано расте ширум светот. Климатските промени, урбанизацијата и растечките потреби за комфор, безбедна храна и енергетски ефикасно греење го прават секторот за ладење еден од најбрзорастечките пазари, но и еден од најголемите идни предизвици за глобалниот енергетски систем.

    Ладилната опрема е широко распространета во секојдневното живеење, почнувајќи од малите домашни апарати, како ладилници и клима-уреди, до големите комерцијални и индустриски системи, како што се климатизацијата во деловните објекти и системите за ладење во прехранбената индустрија. Опремата за ладење најчесто се означува со кратенката RAC (Refrigeration and Air Conditioning), која опфаќа различни видови уреди за ладење што суштински функционираат според истиот принцип на ладилна машина.

    Извор: NextMSC RAC Market Report https://www.nextmsc.com/report/room-air-conditioner-rac-market
    Употребата на уредите за ладење расте со брзо темпо во сите делови на светот. Глобалниот пазар на RAC уреди беше проценет на 80,62 милијарди американски долари во 2025 година, а се очекува да достигне 91,79 милијарди американски долари до крајот на 2026 година. Според прогнозите, индустријата ќе продолжи да расте и ќе достигне вредност од 146,11 милијарди американски долари до 2035 година, со просечна годишна стапка на раст од 5,3 % во периодот од 2026 до 2035 година.
    Оваа експанзија главно се должи на три глобални тренда: порастот на просечните температури како последица на климатските промени, економскиот раст и урбанизацијата. Станува збор за процес кој сè повеќе добива на интензитет. Ограничениот пристап до ладење ја намалува продуктивноста и негативно влијае врз обезбедувањето квалитетна здравствена заштита, безбедна храна и пристап до образование, со што се поткопуваат напорите на земјите за постигнување одржлив развој.

    Извор: NextMSC RAC Market Report https://www.nextmsc.com/report/room-air-conditioner-rac-market
    Покрај климатските промени, економскиот раст и забрзаната урбанизација, постојат и дополнителни фактори што придонесуваат за растот на побарувачката за ладилна опрема:

    Потребата од поголем комфор – климатизацијата станува сè поприсутна во домовите, на работните места и во автомобилите;
    Повисоки стандарди во прехранбената индустрија – се зајакнува ладниот синџир на снабдување со храна со цел намалување на загубите, продолжување на рокот на траење на производите и овозможување транспорт на подолги растојанија;
    Употреба на RAC системите за греење – топлинските пумпи сè повеќе ги заменуваат традиционалните котли и електрични греалки, поради нивната повисока енергетска ефикасност, помала потрошувачка на енергија и пониски емисии на стакленички гасови.

    Според актуелните проценки, на RAC опремата отпаѓаат меѓу 20 % и 30 % од глобалната потрошувачка на електрична енергија. Се очекува потрошувачката на енергија за ладење на глобално ниво до 2100 година да се зголеми дури 33 пати во однос на денешните нивоа и да достигне повеќе од 10.000 TWh.
    Истовремено, се предвидува дека глобалната побарувачка за електрична енергија до 2100 година ќе биде два до три пати поголема од сегашната, поттикната од електрификацијата на транспортот, греењето, ладењето и индустријата.
    Земјите во развој во Азија и Африка ќе бидат носители на најголемиот дел од овој раст, при што електричната енергија ќе стане доминантен енергетски извор за зградите, индустријата и автоматизацијата поддржана од вештачка интелигенција.
    Задоволувањето на овие потреби ќе бара изградба на бројни нови капацитети за производство на електрична енергија, развој на системи за нејзина дистрибуција и складирање, како и обезбедување огромни количини бакар и други критични минерали и суровини.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор