Граѓаните за промена #26
ЈУЛИ - СЕПТЕМВРИ 2026 | ПРЕЗЕМИ ГО МАГАЗИНОТ
Гласот на граѓаните има тежина!
„Не е доволно механизмите само да постојат!“ Оваа порака можеше да се слушне на јавните дебати во Свети Николе, Делчево и Центар Жупа, каде што жените од градовите и селата отворено зборуваа за отсуството на навремени информации кога се одлучува во нивната општина. Но, тие не застанаа на поплаките. Ги посочија проблемите, ги споделија искуствата и понудија решенија. А во Центар Жупа покажаа и дека учеството носи резултати: решен е проблемот со питката вода во една населба, уредени се училишни и јавни простори.
Ова е суштината на граѓанското учество. Тоа не е еднократен чин, туку постојан процес на прашување, предлагање, следење и барање одговорност. И токму затоа во овој број на „Граѓаните за промена“ им посветуваме поголемо внимание на оние што секојдневно го градат тој процес – на здруженијата, локалните женски организации, младинските центри, мрежите и неформалните групи кои се мост меѓу граѓаните и институциите.
Повеќе од 500 жени и девојки од Штип, Виница и Делчево учествуваа во истражувања и консултации од кои произлегоа девет родово-буџетски иницијативи. Безбедни улици, осветлување, јавен превоз, грижа во заедницата – прашања што ретко стигнуваат до општинските буџети. Сега дел од нив веќе добиваат поддршка, а една иницијатива може да стане дел од буџетот на Општина Штип за 2027 година.
Средношколците од Тетово и Гостивар ги препознаа дивите депонии, загадените реки и недостигот од зеленило, но не останаа само на критиката. Предложија пет зелени решенија и покажаа дека младите не се само слушатели, туку луѓе со идеи кои можат да бидат почеток на локалните промени.
Граѓанските организации од Форумот за граѓански дијалог, пак, не се задоволија со ветувањата дадени по локалните избори. Тие следат шест општини дали ги исполнуваат обврските кон граѓаните, и јасно покажуваат дека напредокот се мери според тоа што навистина се менува во секојдневниот живот.
Во овој број пишуваме и за алатките без кои учеството нема полна смисла: проактивната транспарентност на институциите, која годинава благо се подобри, и функционалните локални инспекции, кои треба да обезбедат реакцијата на граѓаните да добие институционален одговор.
Сите овие приказни имаат нешто заедничко – истрајност. Промените ретко доаѓаат брзо и лесно. Понекогаш е потребна една дебата, понекогаш стотици разговори на терен, а понекогаш години упорно залагање. Но секој предлог доставен до општината, секое поставено прашање и секое следење на ветувањата го поместуваат односот меѓу граѓаните и институциите.
Затоа овие иницијативи заслужуваат признание. Тие покажуваат дека граѓаните не се рамнодушни кога имаат простор, информации и поддршка. Покажуваат и дека институциите можат да слушаат и да одговорат. Нашата заедничка задача е тој простор да го прошириме – да учествуваме, да поттикнуваме и другите да се вклучат и да не се откажуваме кога промената доцни.
Промените се можни. Ги прават луѓе кои веруваат дека нивниот глас има тежина.
Пријатно читање!








