Hera novo logo final mk scaled

OТВОРЕНО ПИСМО | Дали претседателката Сиљановска-Давкова легитимира организации поврзани со движења против правото на абортус?

Мрежа за заштита од дискриминација испраќа отворено писмо до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод нејзината неодамнешна средба со претставнички на здружението „Јас сум жена“.

Со писмото ја отвораме темата за поврзаноста на ова здружение со меѓународни мрежи и организации кои застапуваат политики насочени кон ограничување на репродуктивните права на жените, како и прашањето за институционалниот легитимитет што им се дава на ваквите иницијативи, порачуваат тие.

Сметаме дека јавноста има право да биде информирана за политичките и вредносните позиции на организациите кои добиваат поддршка и видливост од највисоките државни институции, особено кога станува збор за стекнатите права на жените и нивната телесна автономија.

Во продолжение, отвореното писмо ;

Отворено присмо до претседателката Сиљановска – Давкова

ПРЕТСЕДАТЕЛКЕ, ЗНАЕТЕ ЛИ ЧИИ ВРЕДНОСТИ ЛЕГИТИМИРАТЕ?

Претпоставуваме дека Претседателката знае со кого се среќава. Но сметаме дека и жените во Македонија имаат право да знаат какви политики и вредности застапуваат организациите и меѓународните мрежи на кои највисоката државна институција им дава јавен простор и легитимитет.

На 6 октомври 2026 година, Претседателката Гордана Силјановска-Давкова повторно се сретна со претставнички на здружението „Јас сум жена“, при што организацијата беше претставена низ активности за женско вмрежување и економско јакнење.

Економската независност на жените е важна. Но економското јакнење не може да биде параван зад кој ќе останат невидливи политичките и вредносните позиции на мрежите со кои една организација е поврзана.

Претседателката на „Јас сум жена“, Ана Дукоска, е коосновачка на меѓународната мрежа „Мајки за слобода“, заедно со Кимберли Флечер, основачка и претседателка на американската организација „Мајки за Америка“, и Рејчел Скот. Во октомври 2025 година во Охрид беше промовирана и иницијативата „Мајки за Македонија“, како дел од оваа глобална мрежа.

Самата Кимберли Флечер изјави дека повеќе лидери и организации побарале моделот на „Мајки за Америка“ да се пренесе и во други земји и дека Македонија има едно од клучните места во новата меѓународна мрежа.

Токму затоа ова не е само приказна за женско вмрежување, мајчинство или претприемништво. Ова е политичко и вредносно прашање. „Мајки за Америка“ отворено се позиционира како организација против правото на абортус. Нејзиното политичко крило учествува во политички процеси, оценува кандидати и ги испитува нивните ставови за абортусот, вклучително и позицијата против абортус без исклучоци.

Затоа мора јасно да прашаме: Дали навистина станува збор само за организација за поддршка и економско јакнење на жените, или за дел од поширока меѓународна мрежа против човековите права која активно работи на ограничување на репродуктивните права?

За нас, токму правото на абортус е клучната линија. Жените во Македонија ова право не го добиле како подарок. Тоа е дел од повеќедецениската борба за еманципација, телесна автономија и еднаквост. Нашите баби и прабаби се избориле за право на глас, образование, работа, сопствен приход и учество во јавниот живот. Уште Уставот на СФРЈ од 1974 година го утврдил принципот дека човекот има право слободно да одлучува за раѓањето деца.

Дали во 2026 година некој повторно ќе се обидува ова стекнато право да го врати на преговарачка маса?

Тоа е особено важно затоа што современите антиродови и движења против човековите права ретко настапуваат директно со порака дека ќе ги ограничуваат правата. Најчесто доаѓаат преку навидум прифатливи теми:семејство, мајчинство, безбедност на децата, женско лидерство, претприемништво, економско јакнење и иновации. Потоа се градат партнерства, се отвораат врати кон институции, компании, медиуми и носители на одлуки, а организациите постепено стекнуваат легитимитет и надвор од областите во кои првично се претставувале.

Особено загрижува тоа што ваквите мрежи сѐ почесто влегуваат и во деловни асоцијации, дигитални заедници, технолошки и стартап екосистеми, каде се претставуваат преку теми како женско лидерство, претприемништво, иновации и економско поврзување. Веруваме дека голем дел од компаниите, бизнис-асоцијациите и стартап-заедниците што им отстапуваат простор тоа го прават со добра намера, поддржувајќи женско претприемништво и вмрежување, без нужно да бидат свесни за пошироките политички и идеолошки врски на организациите со кои соработуваат.

Но токму затоа е неопходна поголема внимателност. Затоа упатуваме апел до бизнис-асоцијациите, дигиталните и технолошките заедници, стартап-екосистемот, компаниите и инвеститорските мрежи во Македонија да проверат кому му даваат платформа, со какви меѓународни структури се поврзани тие организации и какви политики застапуваат нивните партнери.

Женското претприемништво не смее да стане влезна врата за легитимирање на агенди кои се против човековите права.

Ги повикуваме институциите, компаниите, донаторите, медиумите, професионалните мрежи и граѓанските организации внимателно да ги преиспитаат партнерствата и да проверат со кого се поврзуваат и какви вредности застапуваат мрежите на кои им даваат видливост и легитимитет.

Ова не е повик некого да замолчиме. Ова е повик сите отворено да кажат за што се залагаат. А јавноста има право да знае. Посебно е проблематично кога ваквите политики се претставуваат како враќање кон „традиционалните вредности“.

Затоа потсетуваме дека и борбата за слободна и рамноправна жена е наша традиција. Нашата традиција е антифашистичката борба. Нашата традиција е женското организирање. Нашата традиција се жените што се избориле да гласаат, да учат, да работат, да заработуваат и самостојно да одлучуваат за својот живот. Нашата традиција е и жената која одлучува дали и кога ќе стане мајка.

Затоа јавно ја прашуваме Претседателката Силјановска-Давкова:

1.        Дали, кога им дава јавен простор и институционален легитимитет на претставничките на „Јас сум жена“, е целосно запознаена со нивната улога во основањето на „Мајки за слобода“ и со политичките позиции и активностите на „Мајки за Америка“?

2.        Дали знае дека оваа организација активно лобирала за промени што придонеле кон укинување на федералната заштита на правото на абортус во САД?

3.        Дали за институцијата Претседател економското јакнење на жената подразбира и нејзино право сама да одлучува за сопственото тело, бременоста и репродуктивното здравје?

И конечно: Дали ќе дозволиме правото на абортус, за кое генерации жени пред нас се бореле и кое со децении го сметаме за дел од нашата еманципација, повторно да стане предмет на идеолошко преговарање?

Антиродовите и движења против човековите права не секогаш доаѓаат со радикална парола. Понекогаш доаѓаат преку конференција за женско лидерство, преку настан за вмрежување. преку бизнис-асоцијација. преку дигитална или старт ап заедница,  преку зборовите „семејство“ и „мајчинство“.

Затоа наша обврска е да гледаме што стои зад зборовите! Економската независност без телесна автономија не е целосна еманципација. Мајчинството без избор не е слобода. А правата на жените не се за преговарање.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА Скопје

Продолжи со читање

  • Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество на средба со организациите во Куманово

    На 1 октомври 2026 година претставници на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество се сретнаа со граѓанските организации и активистите од Североисточниот регион. Средбата беше посветена на улогата, работата и соработката со Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како значаен механизам за унапредување на дијалогот меѓу институциите и граѓанските организации.

  • Finance Think на Форумот за граѓански организации и тинк-тенкови 2026 во Приштина

    Од 5 до 7 октомври, во Приштина се одржа Civil Society & Think Tank Forum 2026, официјалната платформа на граѓанското општество во рамки на Берлинскиот процес, на кој учествуваше и Finance Think. Во текот на трите дена, низ повеќе тематски дискусии, претставниците на граѓанските организации и тинк-тенковите од Западен Балкан имаа можност да дадат свои […]
    The post Finance Think на Форумот за граѓански организации и тинк-тенкови 2026 во Приштина first appeared on Finance Think.
    The post Finance Think на Форумот за граѓански организации и тинк-тенкови 2026 во Приштина appeared first on Finance Think.

  • Граѓанското општество од Западен Балкан го даде својот придонес во пресрет на Самитот на Берлинскиот процес

    Овогодишниот Форум на граѓанското општество и тинк-тенк организации (CSF 2026) се одржа во Приштина од 5 до 7 октомври. Форумот, како официјална платформа на граѓанскиот сектор во рамките на Берлинскиот процес, уште еднаш ја потврди незаменливата улога на граѓанскиот сектор како мост меѓу граѓаните, експертската заедница и донесувачите на одлуки.

  • Одржана базична обука за прва помош во Свети Николе

    Одржана базична обука за прва помош во Свети Николе На 4 и 5 октомври 2026 година, во просториите на ООУ „Гоце Делчев“ во Свети Николе, се одржа базична обука за прва помош, организирана со поддршка на Operation Florian од Велика Британија. На обуката учество земаа членови од три доброволни противпожарни друштва: ДПД Свети Николе, ДПД…

  • ЗАКОНИТЕ МОРА ДА ГИ РЕШАВААТ ПРОБЛЕМИТЕ ЗА ЗАШТИТАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, А НЕ ДА ГИ КРЕИРААТ

    Вчера (7.10.2026 година) на Пленарна седница на Собранието на Република Северна Македонија, на прво читање беа разгледани предлог измени и дополнувања на Законот за животната средина. Веќе за 13.10.2026 година е закажана седница на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на […]
    The post ЗАКОНИТЕ МОРА ДА ГИ РЕШАВААТ ПРОБЛЕМИТЕ ЗА ЗАШТИТАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, А НЕ ДА ГИ КРЕИРААТ appeared first on Myla.

  • ОД ДИЈАЛОГ ДО ПРОМЕНА: ЗАЕДНО ЗА ПОСИЛНИ И ПОАКТИВНИ ЖЕНИ ВО ЗАЕДНИЦАТА

    Заедно за промени: воспоставување дијалог за создавање овозможувачка средина за жените. Во Ресен се одржа настан посветен на воспоставување отворен и конструктивен дијалог меѓу жените и локалните чинители, со цел заеднички да се разговара за можностите, предизвиците и потребите на жените во локалната заедница. Настанот претставуваше простор каде што учесниците имаа можност слободно да ги…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор