20261003 201815 scaled

ПРОГЛАСЕН Е КНИЖЕВНИОТ ИЗБОР „ШТЕФИЦА ЦВЕК #5“ 

Регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек“ по петти пат исцртува една субверзивна и малку поинаква мапа на современата книжевност во регионот. Годинава во конкуренција се најдоа повеќе од осумдесет наслови објавени во текот на 2025 година на македонски и на БХСЦ јазиците. Зад оваа бројка стои прилично разновиден книжевен пејзаж: романи, поезија, драма, книги за деца и млади, хибридни и мултимедијални дела, графички роман – но и различни генерации и поетики од регионот.

Првото жири составено од Ања Томљеновиќ, Хана Вранац, Емилија Љутиќ, Катица Максан, Дафина Веселиноска и Александра Петровиќ, од овој корпус издвои триесет наслови во потесниот избор. Потоа книгите преминаа во рацете на второто жири – Фросина Крушкаровска, Борисав Матиќ и Ивана Голијанин – кое го направи конечниот избор од седум книги што ја сочинуваат годинашната „Штефица Цвек“.

При разгледувањето на пристигнатите наслови, жирито посвети особено внимание на начинот на кој одделни дела ја поврзуваат книжевната вредност со современите општествени прашања. Притоа, ангажираноста беше разгледувана преку начинот на кој делата ги актуализираат темите со кои се занимаваат: преку јазикот, структурата, перспективата и раскажувачките постапки. Така, во потесниот избор се најдоа книги од различни жанрови и поетики кои, секоја од сопствен агол, се занимаваат со припадноста и различните механизми на исклучување, насилството и војната, екологијата, зависноста и патријархатот.

Оваа книжевна мапа повторно обединува дела што ја спојуваат политичката ангажираност и идеолошката смелост со свој препознатлив книжевен израз. Во нив феминистичките, квир и левичарските гласови не се губат пред наводната „светост“ на уметничкиот израз, ниту пред блуткавата аполитичност што по секоја цена сака да го зачува „мирот во куќа“. Напротив, токму преку книжевноста тие отвораат простор за преиспитување на она што ни се нуди како природно, нужно и непроменливо.

Крајниот избор на „Штефица Цвек“ нè потсетува на потенцијалноста на книжевноста во агамбеновска смисла, на нејзината моќ да ги суспендира значењата и да го задржи отворено она што опресивните системи го сметаат за веќе утврдено. Книжевноста не мора да ни понуди готов друг свет; понекогаш е доволно да покаже дека постојниот не е единствениот можен. Токму во тоа отворање на други начини на живеење, сакање, поврзување и замислување лежи дел од нејзината субверзивна сила.

Седумте избрани книги на различни начини ги отвораат прашањата на нашето време – за слободата, телото, средината, љубовта, припадноста и можноста да се живее поинаку – без нужно да ги затворат со конечни одговори.

„Хероин, леб и рудници на сулфур“ (Naklada OceanMore) на Никола Страшек го донесува личното искуство на зависноста, лекувањето и обидот за повторно враќање во заедницата. Сепак, книгата не останува на ниво на автобиографско сведоштво, туку прашањето за индивидуалното искуство го проширува кон проблемот на општествената маргинализација и односот кон луѓето кои се наоѓаат на неговите рабови. Токму во тој спој на личното сведоштво и пошироката општествена слика книгата се остварува како заокружено уметничко дело.

Во збирката „Битки кои не се наши“ (Плави мак) на Федор Марјановиќ, стварноста навлегува во поезијата преку слики на телото, предметите, трудот и насилството. Од поединечните, секојдневни предмети и искуства, песните се отвораат кон пошироки општествени структури, при што ангажираноста произлегува од самата поетика на збирката – од начинот на кој приватното искуство се судира со различните општествени механизми на вклучување и исклучување.

„Памук“ на Ника Гавровска и Ѓоко Гавровски (Издавачка куќа „Гаврош“) се издвојува со исклучителниот спој на книжевниот и визуелниот израз. Приказната за штркот и неговото движење низ изменета и загадена животна средина истовремено проговорува за растењето, губењето на живеалиштата и последиците од човековиот однос кон природата. Интердисциплинарниот пристап е особено вреден бидејќи интересната приказна е надополнета со комплексна визуелна реализација.

„Калибан“ на Анѓела Булајиќ (Raštan izdavaštvo) е сместен на Ада Бојана, каде што личните приказни на сезонските работници се поврзуваат со прашањето за загрозувањето на природното живеалиште и притисокот на економските интереси. Плановите за експлоатација и изградба стануваат двигател на поширок конфликт, додека фантастичните и симболичките елементи овозможуваат еколошката проблематика да стане составен дел од книжевната структура на делото.

Слична тема на припадноста, но од сосема поинаква перспектива, развива Лидија Димковска во „Тринаесеттиот“ (Издавачки центар ТРИ). Во зградата во која дванаесетте месеци живеат како своевидна заедница се појавува некој што го нарушува воспоставениот поредок – момчето Оф, кое бега од војна и ги принудува нејзините жители одново да размислат за границите меѓу „нас“ и „другите“. Темата на различноста и прифаќањето на другиот е остварена преку бајковидна структура и јазична инвентивност, со што книгата успева да ги спои пристапноста и сериозноста на темата со која се занимава.

Во романот „Во куќата и во градината имаше многу цвеќе“ (Naklada OceanMore) на Габриела Рукел Крашковиќ, она што на почетокот изгледа како враќање во семејниот простор постепено прераснува во истражување на еден цел систем на вредности. Куќата, предметите, бракот, мајчинството, наследството и постојано присутното прашање што ќе „речат луѓето“ стануваат траги преку кои се открива секојдневното дејствување на патријархатот. Романот покажува како големите општествени правила најупорно се одржуваат токму преку малите, навидум безначајни навики.

„На слово Ф“ (Мултимедијален институт) на Лејла Каламујиќ донесува приказна за последиците од насилството, траумата и стигматизацијата на менталните болести, сместена во просторот на психијатриска установа во Сараево. Фрагментарната композиција соодветствува на сложеноста на искуствата на ликовите и овозможува последиците од траумата да бидат прикажани од повеќе перспективи, без проблемот да се сведе на едноставна општествена порака.

Избраните книги се разликуваат според темите, жанровите и поетиките, но ги поврзува способноста прашањата од непосредно општествено значење да ги преточат во уверливо книжевно искуство. Жирито особено ги вреднуваше делата во кои ангажираноста е видлива во перспективата од која се раскажува приказната, во јазикот, композицијата, изборот на раскажувачките постапки и односот кон ликовите и нивните искуства. Врз основа на овие критериуми, наведените седум книги се издвоени како дела кои со својот книжевен квалитет и со начинот на кој го промислуваат современиот свет претставуваат значаен дел од годинашниот избор за книжевната награда „Штефица Цвек“.

Книжевниот избор „Штефица Цвек“ е организиран од Коалиција МАРГИНИ (Северна Македонија), Побунети читателки (Србија), Нараториум (Босна и Херцеговина) и Културтрегер/Букса (Хрватска), со поддршка од Kvinna till Kvinna Foundation, Heinrich Böll Foundation – Sarajevo и Rekonstrukcija Ženski Fond. Прогласувањето годинава се случува во рамки на есенската програма на Фестивалот за критичка култура – КРИК, куриран под тематот „Грижа: начини да се биде заедно“.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Коалиција Маргини

Продолжи со читање

  • Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество на средба со организациите во Куманово

    На 1 октомври 2026 година претставници на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество се сретнаа со граѓанските организации и активистите од Североисточниот регион. Средбата беше посветена на улогата, работата и соработката со Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како значаен механизам за унапредување на дијалогот меѓу институциите и граѓанските организации.

  • OТВОРЕНО ПИСМО | Дали претседателката Сиљановска-Давкова легитимира организации поврзани со движења против правото на абортус?

    Мрежа за заштита од дискриминација испраќа отворено писмо до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод нејзината неодамнешна средба со претставнички на здружението „Јас сум жена“. Со […]

  • Finance Think на Форумот за граѓански организации и тинк-тенкови 2026 во Приштина

    Од 5 до 7 октомври, во Приштина се одржа Civil Society & Think Tank Forum 2026, официјалната платформа на граѓанското општество во рамки на Берлинскиот процес, на кој учествуваше и Finance Think. Во текот на трите дена, низ повеќе тематски дискусии, претставниците на граѓанските организации и тинк-тенковите од Западен Балкан имаа можност да дадат свои […]
    The post Finance Think на Форумот за граѓански организации и тинк-тенкови 2026 во Приштина first appeared on Finance Think.
    The post Finance Think на Форумот за граѓански организации и тинк-тенкови 2026 во Приштина appeared first on Finance Think.

  • Граѓанското општество од Западен Балкан го даде својот придонес во пресрет на Самитот на Берлинскиот процес

    Овогодишниот Форум на граѓанското општество и тинк-тенк организации (CSF 2026) се одржа во Приштина од 5 до 7 октомври. Форумот, како официјална платформа на граѓанскиот сектор во рамките на Берлинскиот процес, уште еднаш ја потврди незаменливата улога на граѓанскиот сектор како мост меѓу граѓаните, експертската заедница и донесувачите на одлуки.

  • Одржана базична обука за прва помош во Свети Николе

    Одржана базична обука за прва помош во Свети Николе На 4 и 5 октомври 2026 година, во просториите на ООУ „Гоце Делчев“ во Свети Николе, се одржа базична обука за прва помош, организирана со поддршка на Operation Florian од Велика Британија. На обуката учество земаа членови од три доброволни противпожарни друштва: ДПД Свети Николе, ДПД…

  • ЗАКОНИТЕ МОРА ДА ГИ РЕШАВААТ ПРОБЛЕМИТЕ ЗА ЗАШТИТАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, А НЕ ДА ГИ КРЕИРААТ

    Вчера (7.10.2026 година) на Пленарна седница на Собранието на Република Северна Македонија, на прво читање беа разгледани предлог измени и дополнувања на Законот за животната средина. Веќе за 13.10.2026 година е закажана седница на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на […]
    The post ЗАКОНИТЕ МОРА ДА ГИ РЕШАВААТ ПРОБЛЕМИТЕ ЗА ЗАШТИТАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, А НЕ ДА ГИ КРЕИРААТ appeared first on Myla.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор