[Aggregator] Downloaded image for imported item #51370

Од искуство кон акција: Менторска поддршка за општинските совети за превенција на детско престапништво

Како искуствата на активните општински совети да станат практична поддршка за други локални заедници?

На ова прашање беше посветена работната средба „Од искуство кон акција: Зајакнување на општински совети за превенција на детско престапништво преку менторство“, која МЗМП ја организираше на 29 септември 2026 година, во хотел „Холидеј Ин“ во Скопје, во соработка со Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца. Средбата се одржа во рамките на проектот „Младите правници за поприлагоден систем за правда за деца“, финансиран од Европската Унија.

Целта беше споделувањето на знаењата и добрите практики да прерасне во менторска соработка, преку која советите ќе добијат поддршка за планирање и спроведување превентивни активности приспособени на локалните потреби. Искуствата на советите кои веќе активно работат можат да им помогнат на другите да ги согледаат можностите за сопствено дејствување и полесно да ги направат следните чекори.

Размена на локални практики и учество на децата

На средбата учествуваа претставници на активните општински совети од Битола, Тетово и Кисела Вода, а искуствата од Охрид беа споделени преку видеообраќање. Учествуваа и претставници од општините Ѓорче Петров, Чаир и Струмица, како и од Град Скопје, чии совети во моментов се во мирување. Средбата овозможи размена на искуства и разгледување на можностите за повторно активирање и зајакнување на нивната улога во локалната превенција.

Активните совети ги претставија своите годишни програми и спроведените активности, реализирани во соработка со институциите, училиштата, граѓанските организации и други чинители во локалната заедница. Посебно внимание беше посветено на вклучувањето на децата во превентивните активности. Учеството на децата е суштински дел од создавањето решенија што ги засегаат нивните права и благосостојба. Слушањето на нивните потреби, идеи и искуства им помага на локалните чинители да планираат активности кои одговараат на предизвиците со кои децата се соочуваат во средините каде што живеат, учат и растат.

1000048083

Менторството како практична поддршка

Во вториот дел од средбата беа претставени моделот за менторство, динамиката за негово пилотирање и начинот на соработка меѓу општинските совети. Моделот предвидува размена на знаења, добри практики, документи и методологии, како и поддршка во планирањето на активностите и воспоставувањето соработка со локалните институции и организации.

Менторската соработка се заснова на доверба, отворена размена и почитување на самостојноста на секој совет. Таа им овозможува на советите да учат едни од други и да ги приспособуваат постојните искуства на сопствените потреби, без воспоставување однос на надреденост.

За поддршка на овој процес беа претставени и три алатки:

  • Предлог-меморандум за соработка, кој поставува рамка за меѓуопштинска менторска поддршка: од идентификување на локалните потреби, ризици и приоритети и подготовка на годишни програми, до соработка со институциите и спроведување заеднички активности.
  • Изјава за заложба, преку која општините можат да определат конкретни чекори за своите совети, вклучително и подготовка и усвојување годишна програма, поголема видливост на нивната работа и следење на менторската поддршка.
  • Извештај за спроведена менторска поддршка, наменет за евидентирање на реализираните активности, постигнатите резултати и следните чекори, без непотребно административно оптоварување.

Со оваа средба, МЗМП и Државниот совет отворија простор за поврзување на локалните искуства со практична поддршка меѓу советите. Целта е размената да прерасне во континуирана соработка и конкретни превентивни активности, во кои децата ќе имаат можност да учествуваат и да бидат слушнати. Токму во тоа ја гледаме вредноста на менторството: како поддршка за локалните заедници да го искористат она што веќе функционира и да го развиваат понатаму, според потребите на своите деца.

The post Од искуство кон акција: Менторска поддршка за општинските совети за превенција на детско престапништво appeared first on Myla.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Македонско здружение на млади правници

Продолжи со читање

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор