Граѓаните за промена #25
АПРИЛ - ЈУНИ 2026 | ПРЕЗЕМИ ГО МАГАЗИНОТ
Кога залагањето трае – резултатите доаѓаат
Повеќе од три години. Толку беше потребно едно барање за основно право – платено породилно отсуство за жените земјоделки – да помине пат од јавна кампања, преку собраниска расправа, до правосилна судска пресуда која ја утврди дискриминацијата и ја обврза државата да го промени Законот за здравствено осигурување. И патот сѐ уште не е завршен.
Цивика мобилитас „влезе“ во оваа приказна во 2023 година, кога ја поддржа Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ – МАРГИНИ и нејзините партнери во нивните активности за застапување за платено породилно отсуство и отсуство поради болест или повреда, наменето за над 14.000 жени регистрирани како индивидуални земјоделки. Преку јавни настани, анализа за јавни политики, кампања и комуникација со пратениците, организацијата значително ја зголеми свесноста за проблемот. Беше поднесен предлог-закон за измени на Законот за здравствено осигурување, а сите пратеници гласаа за потребата од негово донесување. Документарната кампања „Светулки на маката“, во која земјоделките самите раскажуваа за својата секојдневна борба го направи проблемот видлив за јавноста и за Европската Комисија која го додаде во извештајот за напредокот на земјата.
Сепак, поместувањата запреа токму пред конкретната промена – законот не беше донесен. Успехот беше делумен: свеста порасна, а политичката волја беше искажана, но правото остана непризнаено.
Цивика мобилитас продолжи да ги поддржува организациите во нивната борба за решавање на овој проблем. Со проектот на Хелсиншкиот комитет за човекови права и неговите партнери беа направени нови обиди. Организацијата и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) поднесоа тужба од јавен интерес пред Основниот граѓански суд во Скопје, против Владата и Министерството за здравство. Судот донесе пресуда со која утврди индиректна, интерсекциска и продолжена дискриминација врз индивидуалните земјоделки и ги задолжи властите да иницираат измени на Законот за здравствено осигурување.
Овој пример уште еднаш ја потврдува потребата од подолгорочна поддршка на граѓанските организации, нагласува дека подолгата поддршка е поважна од краткорочните интервенции, особено кога станува збор за застапување, подигнување свест или градење капацитети. Промените во политиките и во ставовите на општеството ретко доаѓаат преку еден проект – тие бараат истрајност, континуитет и доверба меѓу донаторот и организацијата, меѓу организацијата и нејзините целни групи. Поддршката на Швајцарската влада преку Цивика мобилитас го овозможува овој континуитет, во случајов да се изоди патот од кампања, застапување до судски процес. Ваквите примери ја прават појасна за јавноста улогата на граѓанските организации и нивниот придонес кон промените во општеството.
Во овој број на „Граѓаните за промена“, погледнете ги и другите постигнувања на граѓанските организации без исклучок поврзани со потребите на граѓаните.
Пријатно читање!








