Животните вештини како темел за правда по мерка на детето
Токму ова е една од целите на проектот „Младите правници за поприлагоден систем за правда за деца“, што Македонското здружение на млади правници (МЗМП) го спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија. Покрај унапредувањето на системот на правда за деца преку зајакнување на капацитетите на институциите и професионалците што работат со деца, проектот обезбедува и директна поддршка за децата во судир со законот, препознавајќи дека нивната успешна реинтеграција зависи не само од институционалната поддршка, туку и од можноста да развијат животни вештини што ќе им помогнат да носат подобри одлуки и активно да се вклучат во општеството.


Од училница до реалниот живот
Во периодот од ноември 2025 до мај 2026 година, Македонското здружение на млади правници, во рамки на проектот „Младите правници за поприлагоден систем за правда за деца“, реализираше програма за развој на животни вештини со деца и млади сместени во Јавната установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение – Скопје и Воспитно-поправниот дом Тетово во Волковија.
Програмата ја спроведоа психолозите Марина Матеска (социјален работник и советничка за лична трансформација) и Елена Димушевска (психолог и психотерапевт), кои преку внимателно осмислен и индивидуално прилагоден пристап работеа со децата на развој на емоционални, социјални и практични вештини. Во текот на програмата беа реализирани 17 групни тренинг сесии и 11 индивидуални сесии, а содржините континуирано се прилагодуваа на возраста, потребите и психо-социјалниот контекст на секое дете. Во истиот период, произлезе потреба од дополнителна работилница за кариерно советување, прилагодена за децата од ЈУ за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение. Оваа работилница беше насочена кон препознавање на вештините на децата кои може да им помогнат во изборот на идна професија и стручно усовршување, а како гостин-обучувач беше вклучена и Катерина Златановска Попова.
Особено значајно за децата од ЈУ за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведени беше тоа што дел од активностите се реализираа надвор од институцијата, овозможувајќи им да се поврзат со заедницата и да стекнат искуства што не можат да се научат само преку разговор. Во Домот за стари лица „Идила Терзиева“ тие подготвуваа храна заедно со повозрасните лица, учејќи за доверба, соработка и меѓусебна почит. Во ЈП „Лајка“ се запознаа со одговорното сопствеништво, се грижеа за кучињата и учествуваа во обновување на нивните куќички, развивајќи чувство на одговорност, емпатија и грижа за заедницата.
Во целина, наместо класични предавања, програмата беше заснована на искуствено учење, посебно прилагодена на децата од ВПД Тетово и ЈУ за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение. Преку креативни работилници, играње улоги, уметничко изразување и практични активности, децата работеа на развивање на самодоверба, комуникациски вештини, емоционална регулација, тимска работа, одговорност, решавање конфликти и носење одлуки. Преку практични тимски задачи, како работата со Лего коцки, ги препознаваа сопствените лидерски способности, начините на комуникација и улогите што природно ги преземаат во група. Дополнителната работилница за кариерно советување им помогна да размислуваат за своите интереси, таленти и идни професионални можности.
Ваквиот пристап потврди дека децата најдобро учат кога им се дава можност активно да учествуваат, да стекнуваат практични искуства и да бидат слушнати. Наместо пасивни слушатели, тие станаа активни учесници во процесот на сопствениот развој – градејќи вештини што ќе им помогнат не само во институцијата, туку и по нивното враќање во заедницата


Кога децата се слушнати, промената е можна
Резултатите од програмата ја потврдуваат вредноста на овој пристап. Во завршната евалуација, учесниците како најкорисни ги издвоија токму практичните активности, дружењето со старите лица, активностите во Лајка, тимската работа и вежбите што им помогнале подобро да комуницираат и да соработуваат со другите.
Еднакво значајни беа и нивните предлози за идни активности, што покажува дека тие не биле само учесници во програмата, туку активни соговорници во нејзиното креирање.
Искуството од програмата уште еднаш потврдува дека поддршката на децата во системот и сместени во институциите не треба да биде насочена исклучиво кон надминување на моменталните предизвици, туку и кон градење знаења, вештини и самодоверба што ќе им помогнат да изградат поинаква иднина.
Токму затоа, развојот на животните вештини претставува важен сегмент од пошироките заложби на проектот „Младите правници за поприлагоден систем за правда за деца“, а придонесува кон систем на правда што ги препознава потребите на секое дете, ги штити неговите права и создава услови за успешна реинтеграција, го намалува ризикот од повторно сторување кривични дела или запаѓање во состојби на ризик и активно учество во заедницата.

Проектот „Младите правници за поприлагоден систем за правда за деца“ е финансиран од Европската Унија.
The post Животните вештини како темел за правда по мерка на детето appeared first on Myla.
Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Македонско здружение на млади правници


![[Aggregator] Downloaded image for imported item #50017](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/08/Untitled-design-3-819x1024-1.png)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #50042](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/08/1-1-1024x625-1-768x469.png)


![[Aggregator] Downloaded image for imported item #50037](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/08/I-STEP-network-768x284.png)

![[Aggregator] Downloaded image for imported item #49970](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/08/Untitled-design-15-768x403.png)