[Aggregator] Downloaded image for imported item #48414

Здружението на еколози „Натура“ – Струга доби меѓународен грант за креирање на дигиталната платформа Eco Patrol!

Здружението на еколози „Натура“ – Струга со големо задоволство објавува дека доби поддршка преку меѓународниот грант Response Hub Innovation Grant, финансиран од European Fund for the Balkans (EFB).

Грантот ќе овозможи реализација на иновативниот проект „Eco Patrol – Дигитална платформа за пријавување и реакција на загадување во реално време“, чија цел е да ја унапреди заштитата на животната средина преку употреба на современи дигитални технологии и активно учество на граѓаните.

Eco Patrol ќе биде развиен како мобилна апликација преку која граѓаните ќе можат лесно и брзо да пријавуваат еколошки проблеми како што се нелегално фрлање отпад, палење отпад, загадување на воздухот, загадување на водите и други форми на деградација на животната средина. Пријавите ќе содржат фотографии и точна геолокација, што ќе им овозможи на надлежните институции и еколошките организации побрзо и поефикасно да реагираат.

Една од најважните иновации на платформата е тоа што ќе ги поврзе граѓаните, комуналните служби и еколошките организации во единствен дигитален систем. Преку пријавување и следење во реално време, платформата ќе придонесе за побрзо решавање на еколошките проблеми, поголема транспарентност и поактивно учество на заедницата во заштитата на животната средина.

Проектот ќе се реализира во период од пет месеци од страна на Здружението на еколози „Натура“. Во рамки на пилот-фазата ќе биде развиена функционална верзија на апликацијата, која ќе биде тестирана со корисници и оценета за понатамошно проширување и примена.

Овој грант претставува значајно признание за долгогодишната работа на „Натура“ во областа на заштитата на животната средина, граѓанското учество и одржливиот развој. Воедно, тој претставува можност за воведување на практично и иновативно решение кое може да се примени и во други општини во Северна Македонија и пошироко во регионот.

Им упатуваме искрена благодарност на European Fund for the Balkans (EFB) за довербата и поддршката. Со нетрпение очекуваме заедно со граѓаните, институциите и граѓанските организации да придонесеме кон почиста, поздрава и поодржлива животна средина.

Заедно ја штитиме природата. Заедно сме Eco Patrol!

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Здружение на еколози „Натура“

Продолжи со читање

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор