4571411

Поткасти без граници: Сензационалност која ги уназадува човековите права

Во последните години, македонскиот медиумски простор претрпе длабока промена. Традиционалните телевизиски формати и печатени медиуми се сè повеќе заменуваат со поткасти, јутјуб ток-шоу емисии и неформални видео содржини. Овие формати привлекуваат огромна публика, особено меѓу младите, и стануваат главен канал преку кој се формираат мислења за општествените прашања. Наместо професионално новинарство базирано на факти, етика и баланс, доминираат сензационални, неформални разговори што често ја продлабочуваат поделбата и ги зацврстуваат штетните стереотипи.

Поткастот е дигитален аудио или видео формат во кој домаќинот води релативно долг, неформален разговор со еден или повеќе гости. Во Македонија, овој формат го користат инфлуенсери, поранешни естрадни личности и луѓе од јавната сфера, најчесто без формално новинарско образование или стручно знаење од социологија, психологија, родови студии или човекови права – теми кои сепак често ги обработуваат. Домаќините често имаат ко-домаќини, а гостите се луѓе со сличен профил кои зборуваат врз основа на лични искуства, анегдоти и „искрени“ мислења.

За разлика од класичното новинарство, кое бара проверка на факти, критичка дистанца и одговорност, овие поткасти ја нагласуваат неформалноста и „слободата на говор“ без цензура. Имено оваа отвореност е нивната главна предност за публиката. Исечоци од разговорот се споделуваат со кликбејт наслови, со цел да се поттикне што поголема гледаност и ангажираност преку коментари.

За жал, оваа комплетна слобода често доведува до масовно ширење на стереотипи и предрасуди, особено кога станува збор за машко-женските односи, сексуалноста, феминизмот и правата на маргинализираните групи.

Една од најчестите лингвистички стратегии е конструкцијата „Јас прифаќам… но“. Говорникот најпрвин изнесува „толерантен“ дел („Имам многу пријатели хомосексуалци и ги прифаќам“, „Ја почитувам жената и сметам дека треба да има еднакви права“), за потоа со клучниот сврзник „но“ да го негира или значително да го ослабува првиот дел. Оваа „лажна толерантност“ им овозможува на учесниците да се претстават како разумни и отворени луѓе, истовремено ширејќи ставови спротивни на еднаквоста и човековите права, без да сносат вистинска одговорност.

Во повеќето вакви поткасти, домаќините ретко ги оспоруваат спорните или штетни ставови на гостите. Наместо критичка дистанца, следуваат смеа, согласување или прашања што ја продлабочуваат провокацијата. Еден од најскандалозните примери беше епизодата во поткастот на Стефан Лазаров со гостин Драган Павловиќ Латас, каде разговорот за минати сексуални искуства премина во граница на промоција на насилство врз жени, што предизвика широка осуда и судска постапка. Иако случајот заврши без осуда, тој ја разоткри суштината на проблемот – отсуство на било каква етичка контрола.

Кога личните ставови од шоу-бизнис контекст влегуваат во јавниот дискурс без контрааргументи, тие престануваат да бидат „само мислење“. Стануваат дел од општествената реалност. Слушателите со слични предрасуди добиваат потврда дека нивните ставови се нормални и широко прифатени. Овој ефект дополнително се засилува преку коментарите под видеата, кои често остануваат немодерирани и брзо ескалираат во отворена омраза и вулгарни напади.

Опасноста се јавува токму кога поткаст од забавен шоу-бизнис карактер навлегува во сфери надвор од шоу-бизнисот, третирајќи сериозни општествени теми без потребниот сензибилитет и стручно знаење. Со тоа, тие не само што ги перпетуираат патријархалните вредности и родовите стереотипи, туку активно придобиваат симпатии од доминантниот дел од населението за сметка на маргинализираните групи – жените, ЛГБТ+ заедницата и останатите ранливи категории. Наместо да ги едуцираат или еманципираат, овие содржини ги продлабочуваат предрасудите и го уназадуваат јавниот дискурс.

Сепак, постојат и позитивни примери на поткасти водени од вистински експерти или домаќини кои пристапуваат со поголема одговорност, структура и почит кон темата.

На крајот, и покрај сите недостатоци, крајната одговорност останува кај публиката. Конзументите треба критички да избираат што конзумираат, наместо пасивно да ја прифаќаат сензационалноста и стереотипите.

Дали сме подготвени како општество да продолжиме да ја нормализираме оваа култура на лесна омраза и површност, или конечно ќе почнеме да бараме повисок стандард од медиумите што ги следиме?


Пишува Филип Ицовски, учесник на Регионалната академија за идни лидери на промени во областа на медиумската писменост и медиумскиот активизам, во рамки на проектот „Нашите медиуми“.


Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Македонски институт за медиуми

Продолжи со читање

  • Мајчиното ментално здравје не смее да остане табу тема

    На 1 јуни 2026 година, во Скопје, се одржа конференцијата „Мајчиното ментално здравје како приоритет: од препознавање кон достапна поддршка за секоја мајка“, организирана од Здружение ЕСЕ и Реактор – Истражување во акција, со поддршка од Амбасадата на Франција во Северна Македонија. Конференцијата отвори важна јавна и институционална дискусија за…

  • Преработка на органскиот отпад од домаќинствата со помош на дождовните црви – природно решение со еколошки и економски придобивки

    Во време кога сѐ повеќе се зборува за одржливо управување со отпадот, едно од наједноставните и најефикасни решенија доаѓа токму од природата. Станува збор за преработка на органскиот отпад од домаќинствата со помош на дождовни црви, постапка позната како верми-компостирање. Овој природен процес овозможува кујнскиот и друг биоразградлив отпад да не заврши на депонија, туку да се претвори во висококвалитетно органско ѓубриво.

    Органскиот отпад од домаќинствата, како што се лушпи од овошје и зеленчук, талог од кафе, чај, лушпи од јајца, хартиени салфетки и помали количества растителни остатоци, најчесто се меша со останатиот комунален отпад и завршува на депонии. Таму, наместо контролирано да се разгради, тој создава непријатни миризби, привлекува штетници и, што е уште поважно, придонесува кон емисија на метан – еден од најопасните стакленички гасови. Верми-компостирањето нуди практична алтернатива, односно природен, тивок и релативно едноставен систем преку кој органскиот отпад се претвора во корисен производ.
    Методата се базира на користење на специјални видови црви, најчесто таканаречени компостни или калифорниски црви, кои се хранат со органски отпад и го преработуваат во стабилен, темен и хранлив материјал – верми-компост. Овој материјал е богат со корисни микроорганизми и хранливи материи и може да се користи за подобрување на квалитетот на почвата во градини, дворови, урбани зелени површини, училишни дворови, жардиниери и земјоделски површини.

    Оваа метода е особено применлива таму каде што има континуирано создавање органски отпад и има можност за негово одделно собирање. Најчесто, верми-компостирањето се применува во индивидуални домаќинства со двор, но исто така може успешно да се користи и во училишта, градинки, урбани заедници, еко-пазари, ресторани, мали хотели, па дури и во колективни станбени комплекси доколку постои организиран систем и соодветен простор. Во урбани услови, оваа метода е особено корисна затоа што не бара големи површини – доволен е соодветен сад, контролирана влажност и редовно додавање селектиран органски материјал.
    Еколошките придобивки од оваа метода се повеќекратни. Прво, се намалува количината отпад што завршува на депонии. Второ, се намалуваат емисиите на стакленички гасови. Трето, се создава природен производ кој ја подобрува почвата, ја зголемува нејзината плодност и ја намалува потребата од употреба на хемиски ѓубрива. Дополнително, верми-компостирањето претставува и образовна алатка, особено кога се користи во училишта и заедници, затоа што на практичен начин ја доближува циркуларната економија до граѓаните и учениците.
    Економските придобивки исто така не се занемарливи. Со селекција и локална преработка на органскиот отпад се намалуваат трошоците за негово собирање, транспорт и депонирање. Во исто време, се добива производ што може да се користи или дистрибуира во локалната заедница. Во услови на зголемени цени на ѓубрива и нагласен интерес за органско производство, верми-компостот претставува корисна и економски оправдана алтернатива. Во таа смисла, за микро и мали локални иницијативи и социјални претпријатија, ова може да биде и основа за развој на нови зелени услуги и производи.

    За подобро да се согледа потенцијалот, може да се направи едноставен пресметковен модел. Да претпоставиме дека едно домаќинство создава околу 3 килограми погоден органски отпад неделно. Тоа значи приближно 12 килограми месечно. Ако 100 домаќинства во една населба одвојуваат ваков отпад, тогаш на месечно ниво се собираат околу 1.200 килограми органски материјал. Ако се земе предвид дека по процесот на разградување и губење на влагата, од овој материјал може да се добијат приближно 35 до 45 проценти стабилизиран компост, тогаш тие 100 домаќинства би можеле да произведат меѓу 420 и 540 килограми верми-компост месечно. На годишно ниво тоа е помеѓу 5 и 6,5 тони корисен производ, добиен од отпад кој инаку би завршил на депонија.
    Секако, за системот да функционира правилно, важно е да се знае што смее, а што не смее да се додава во компостерот. Најпогодни се растителни остатоци, лушпи од овојше и зеленчук, сецкана зелена отпадна маса, талог од кафе, чај, ситно исечкан картон и сличен биоразградлив материјал. Не се препорачува додавање месо, млечни производи, поголеми количества зготвена храна, масла или агресивни органски материи, затоа што тие можат да предизвикаат миризби и да го нарушат балансот на системот.
    Во крајна линија, преработката на органскиот отпад со помош на дождовни црви не е само техничка метода. Таа претставува модел на размислување во кој отпадот се гледа како ресурс, а природата како партнер во решавањето на локалните еколошки проблеми. Ова е едно од оние решенија што се истовремено едноставни, практични и применливи, а притоа носат јасни придобивки за домаќинствата, општините и животната средина.
     
    Оваа статија  е подготвена во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“ поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
    Содржината на оваа статија е единствена одговорност на Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија  и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

  • Метаморфозис учествуваше на Генералното собрание на ЕДРи во Варшава

    Данче Даниловска-Бајдевска, програмска директорка во Фондација Метаморфозис, учествуваше на годишното Генерално собрание на Европската мрежа за дигитални права (ЕДРи), кое се одржа во Варшава, Полска, од 29 до 31 мај 2026 година. Собранието ги обедини организациите за дигитални права од цела Европа со цел да разговараат за актуелните предизвици што ја обликуваат иднината на дигиталните […]

  • Без отстапувања: Што му е потребно на граѓанското општество за да остане отпорно во услови на демократско уназадување

    Низ Источна Европа и Централна Азија, граѓанските организации работат во сè потешки услови. Сè потесниот граѓански простор, финансиската нестабилност, дезинформациите, ризиците по дигиталната безбедност и брзо променливиот технолошки пејзаж вршат притисок врз организациите, активистите и неформалните иницијативи. Краткиот извештај од мапирањето и анализата на потребите, Без отстапувања: Што му е потребно на граѓанското општество за […]

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор