[Aggregator] Downloaded image for imported item #46023

Јавен повик за избор на експерт(к)а за изработка на Методологија за мониторинг на ефикасноста на управното судство во заштита на правата од областа на животната средина

Македонско здружение на млади правници (МЗМП), за потребите на проектот “Зајакнато граѓанско учество во заштита на животната средина” на 18.03.2026 година објавува:

ЈАВЕН ПОВИК

за избор на експерт(к)а за изработка на Методологија за мониторинг на ефикасноста на управното судство во заштита на правата од областа на животната средина

1. Опис и цели на проектот

Македонското здружение на млади правници (МЗМП), во партнерство со Центарот за правни истражувања и анализи, Здружение за одржлив развој Милеуконтакт Македонија и Здружение на граѓани ФЛОРОЗОН – Центар за еколошка демократија го спроведуваат проектот „Зајакнато граѓанско учество во заштита на животната средина“ поддржан од Expertise France.

Основна цел на проектот е да придонесе кон ефективно граѓанско учество за поголема заштита на животната средина во Северна Македонија. Специфични цели на Проектот се : 1) Зајакнување на капацитетите на локалните заедници за учество во донесувањето одлуки за животната средина и користење на правни механизми; 2) Зголемена одговорност на државните институции и судството за заштита на животната средина.

2. Опис на активноста предмет на овој повик

Статистиките укажуваат на значителен број на нерешени предмети во областа на животната средина, додека недостасуваат јавно достапни податоци за постапувањето на управното судство. Оттука, мониторингот на ефикасноста на управното судство во заштитата на правата од областа на животната средина е од суштинско значење.

Оваа активност предвидува изработка на методологија како основа за подготовка на извештаи за мониторинг на ефикасноста на управното судство.

Методологијата ќе обезбеди систематизиран и стандардизиран пристап за следење и оценување на судските постапки во еколошки предмети, со цел да се идентификуваат предизвиците и да се придонесе кон унапредување на судската заштита на животната средина.

3. Работни задачи и очекувани продукти (Deliverables)

Експертот/ката ќе треба да ги спроведе следниве задачи:

  • Подготовка на методологија за мониторинг на ефикасноста на управното судство во еколошки предмети;
  • Дефинирање на структурата на извештаите за мониторинг;
  • Развивање критериуми за идентификација на предмети од областа на животната средина;
  • Идентификација и анализа на релевантни национални и меѓународни стандарди за ефикасно судење (вклучително и стандарди на Архуската конвенција и Европскиот суд за човекови права);
  • Развивање индикатори и методи за следење на ефикасноста (на пример: подносител на иницијатива, родова перспектива, право кое се штити, времетраење на постапката, институционална реакција итн.);
  • Дефинирање методи за мерење на ефективноста на постапките;
  • Учество на состаноци со проектниот тим и координација со МЗМП.

Очекувани продукти :

  • Методологија за мониторинг (20–25 страници);
  • Кратко резиме на методологијата (до 5 страници).

Прирачникот и краткото резиме се доставуваат на македонски јазик.

4. Потребни квалификации

Кандидатот/ката треба да ги исполнува следните квалификации:

  • Завршено високо образование во областа на правните науки;
  • Најмалку 7 години релевантно професионално искуство од областа на управно право и/или еколошко право;
  • Познавање на националната правна рамка и меѓународните стандарди (особено Архуска конвенција и пракса на ЕСЧП);
  • Искуство во изработка на правни анализи, методологии, извештаи или истражувања;
  • Силни аналитички и истражувачки вештини.

Како доказ, кандидатите треба да достават примероци или линкови од релевантни претходни изработени методологии и трудови.

5. Временска рамка, договор и плаќање

Работниот ангажман ќе биде спроведен во вкупно 10 експертски денови во периодот од 30 март до 15 април 2026. За секој работен ден предвиден е надоместок во висина од 150 евра во денарска противвредност.

Правата и обврските кои произлегуваат од ангажманот ќе бидат уредени со договор за дело. Експертот/ката ќе има обврска да достави извештај (time-sheets) за изработените работни задачи на англиски јазик.

6. Постапка и правила за пријавување, рок и избор

Овој повик е јавен.

Заинтересираните кандидат(к)и кои ги исполнуваат условите наведени во точка 4 од овој повик, потребно е да достават :

  • Кратка биографија (CV)
  • Примерок или линк од претходни изработени релевантни методологии и трудови.

Документите треба да се достават во електронска верзија на е-пошта: contact@myla.org.mk со назнака “Апликација за експерт(к)а за изработка на Методологија за мониторинг на ефикасноста на управното судство во заштита на правата од областа на животната средина.

Рокот за аплицирање е 25.03.2026 година до 10:00 часот.

Пристигнатите апликации ќе бидат оценувани од страна на стручна комисија основана од Управниот одбор на МЗМП согласно следната табела:

КритериумиОпис на бодувањеМаксимум бодови
Завршено високо образование од областа на правните наукиЗавршени додипломски студии по право10
Магистерски/докторски студии во областа на управно право или  животната средина (предност)Магистерски студии – 3 поени
Докторски студии – 5 поени
5
Релевантно професионално искуство (минимум 7 години)5 години – 15 поени
6–7 години – 20 поени
8 или повеќе години – 25 поени
25
  Искуство во областа на управно право (предност)  Делумно искуство – 5 поени
Значајно искуство – 10 поени
10
Искуство во изработка на правни анализи, прирачници, извештаи и полиси документиПроценка врз основа на доставени примероци/линкови20
Познавање на националната правна рамка и меѓународните стандарди поврзани со животната средина и јавната партиципацијаОсновно – 5 поени
Добро – 10 поени Одлично/докажано преку претходна работа – 15 поени
15
    Напредни аналитички способностиПроценка врз основа на квалитетот, структурата и аналитичкиот пристап во доставените примероци/линкови15
Вкупно бодови100

Кандидатите ќе бидат информирани за исходот од постапката.

Контакт лице: Светлана Црвенковска, проектен координатор, тел: 070 306 121, е-пошта: scrvenkovska@myla.org.mk .

The post Јавен повик за избор на експерт(к)а за изработка на Методологија за мониторинг на ефикасноста на управното судство во заштита на правата од областа на животната средина appeared first on Myla.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Македонско здружение на млади правници

Продолжи со читање

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор