Cover 1

Вистината на попуст: колку вреди трудот на македонскиот новинар

Ниските плати, политичките притисоци и зависноста од државните пари ја претворија новинарската етика во борба за опстанок. Во редакции со стари компјутери, со хонорарно ангажирани новинари и медиумски соработници, како и со плати под државниот просек, македонските новинари редовно ја плаќаат сметката за вистината. Додека бројот на портали расте, довербата во медиумите опаѓа. Она што некогаш беше професија со мисија, денес сè почесто е борба за преживување во систем што ја наградува сензационалноста, а ја казнува точноста. Во овој медиумски хаос, вистината сè почесто зависи од тоа кој ја плаќа, а не кој ја бара.

„Ние не одлучуваме дали некој е жив!“

Оваа реплика ја изговори продуцентот на телевизиски вести Дон Кифер во култната новинарска серија „Редакција“. Со неа, тој гордо му се спротивстави на извршниот директор на новинската куќа „Atlantic cable news“ кога одби како сите други медиуми да објави вест дека при престрелка загинала сенаторка. Се држеше до златното новинарско правило: „Ниту една вест не се објавува без потврда од најмалку два независни извора“. Речиси сите медиуми објавија дека таа им подлегнала на повредите, повикувајќи се на еден туѓ непотврден анонимен извор. Неговата новинарска интуиција беше во право, сенаторката преживеа, а редакцијата не ја излажа јавноста.  

Но, ова новинарско правило честопати не се почитува во македонските портали. Лажните вести почнуваат рано, понекогаш со наслов што се провлекува низ утринската хистерија, како на пример „XУ почина“. Но, кога вистината ќе излезе на виделина, таканаречената вест исчезнува од интернетот. Таа е избришана или „исправена“ без јасна одговорност за тој што ја објавил, затоа што интернетот како и хартијата „трпат сè “.

Како пример за ова може да ја земеме неодамна објавената информација дека починал 30-годишен македонски пејач на народна музика. За неколку часови се покажа дека станува збор за лажна вест, која набрзо исчезна од веб-страниците.

Овие брзи сензационалистички пропусти не се само проблем на алгоритмите и на „кликбејтот“, туку се симбол на подлабок системски проблем – новинарската професија во Северна Македонија е економски и професионално загрозена.

Медиумскиот простор е преполн со онлајн портали што се натпреваруваат во брзината, но не и во проверката на фактите. Само за илустрација, во морето од медиуми, најбројни се ситните риби – порталите.

Според податоците од Државната изборна комисија (ДИК) на Локалните избори 2025 година за партиски реклами се пријавиле 246 веб-портали. Регистарот на професионални портали  и медиуми што го изготвиja Здружението на новинари (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) брои 119 членки со транспарентни податоци за сопствениците. 

Од друга страна, пак, до есенва во нововостановениот Регистар на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), официјално беа регистрирани педесетина онлајн медиуми или портали, откако со неодамнешните измени во Законот за медиуми, тие за првпат беа признати како медиуми.

Новинарските истражувања по речиси секои избори покажуваат дека расте бројот на портали што се отвораат наменски, само пред избори, за по нив набрзо да згаснат. Примери од претходните изборни циклуси покажуваат дека еден сопственик  регистрирал неколку портали, а рекордер била скопска фирма што се пријавила за партиски реклами со вкупно девет портали. Тоа, на сопствениците на порталите им отвора можност за заработка и до неколку десетици илјади евра за 21 ден, колку што трае изборната кампања.

Економскиот пресинг: Плата под просекот и несигурни договори

Вредноста на вистината денес е економски зависна. На медиумскиот пазар каде што брзината и рекламните приходи често ги диктираат уредувачките приоритети, вистината добива цена што често ја плаќаат самите новинари: ниски плати, небезбедни работни услови и притисоци да се објави сензационалистичка вест пред да се потврди фактот или, пак, да се објави затскриено промотивното соопштение на фирмата што се рекламира во порталот во навидум новинарска сторија.

cover 1 2

Новинарската професија во Северна Македонија е благо кажано – слабо платена. Повеќе од половина од вработените новинари во 2023 година имале плати пониски од 600 евра, односно под државната просечна плата, за која често известуваат.

„Не се издржува, веќе си барам нова професија, се јавувам на огласи, а на работа сработувам колку да не сум без ич“, вели 40-годишна новинарка од новинска агенција.

Во приватните телевизии околу 40 % од новинарите земале плата пониска од 500 евра во 2023 година, покажува анализата „Професионален статус и работнички права на новинарите и медиумските работници“, изготвена од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот за истражување на општествениот развој – РЕСИС.

Слична е ситуацијата и во дел од порталите, покажуваат податоците од последната опсежна анкета на ССНМ објавена во јануари 2024. Според неа, голем дел од вработените медиумски работници се зависни од висината на минималната плата пропишана со закон.

 „Со оглед дека платите во медиумскиот сектор речиси и да не се поместени од мртва точка во изминатите две до три години, може слободно да се каже дека три четвртини од ангажираните во медиумите сега се под просечната плата, а сѐ повеќе се зголемува бројот на оние што се на минимална плата“, се вели во анализата.

„До толку стана безобразно скапо и неподносливо, што јас по речиси 20 години работен стаж, се решив да работам и втора смена – вкупно по 13 часа дневно. Со две просечни македонски плати нема шанси да се истурка месецот“, вели 43-годишниот новинар Никола Ф.

Дел од новинарите покрај ниските плати се соочуваат со дополнителен проблем, хонорарен ангажман или договор за вработување на определено време, што е најчеста практика во онлајн медиумите. Според анализата, седум проценти од новинарите се невработени, ангажирани со договор на дело или со авторски договор.

Овие податоци укажуваат на сериозни предизвици за иднината на новинарството, особено поради економските притисоци, непочитувањето на основните работнички права и лошите работни услови во некои медиуми. Новинарите што заработуваат под просекот и стравуваат за егзистенцијата се помалку склони да ризикуваат со истражувачки текстови, стравувајќи да не ги разлутат медиумските газди, олигарси или, пак, да не добијат стратешки тужби против учество на јавноста (SLAPP), правна битка за која немаат пари да ја водат.

Дополнително, во голем дел од приватните медиуми не постојат колективни договори, покажуваат податоците на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. Само Медиумската информативна агенција (МИА) и јавниот сервис МРТ имаат прифатено ваков документ. Во некои случаи сопствениците го доживуваат синдикалното организирање како „непријателска активност“.

Споредба со регионот

Економската и професионалната ранливост на новинарите е регионален проблем во земјите од Западен Балкан. Анализата на СЕЕНПМ покажува дека новинарските плати во соседна Србија се слични на македонските, под државниот просек. За разлика од нив, пак, во Босна и Херцеговина (БиХ) просечната новинарска плата се движи од минималната до натпросечна што ги одразува разликите во позициите.

picture1

Во Црна Гора повеќе од половина од медиумските работници имаат потпросечна плата, но за разлика од македонската, нивната просечна плата изнесува 800 евра.

Албанските новинари, пак, си имаат и поинаков проблем. Платите во Албанија честопати им доцнат, потег што синдикатите редовно го критикуваат.

 Во Србија лошите услови за работа и слабите или неактивни новинарски синдикати значително влијаат врз иднината на професијата, додека во Црна Гора новинарите се синдикално организирани и се борат за подобра позиција.

Квалитетот на известувањето во „сива зона“

Ниските плати директно влијаат врз квалитетот на новинарскиот производ. Кога редакциите бараат брзина и евтин производ, времето за темелна обработка и проверка на податоците понекогаш се жртвува. Резултатот е помалку време поминато во проверка на фактите во текстот, повеќе сензационалистички содржини и поголема веројатност за објавување неточни извештаи.

Овој пад на стандардите е најочигледен кај најбројните – онлајн медиумите. Кај голем дел од нив честопати се забележуваат дезинформации и непочитување на етичките стандарди. Најчести прекршувања се објавување непотпишани текстови од автор во кои се оцрнува некој политичар или јавна личност, или само едноставно пренесуваат информација од други медиуми колку да пополнат содржина по принципот на „копи пејст“.

Онлајн медиумите до 2025 година  функционираа во т.н. „сива зона“ од аспект на законскиот статус, транспарентноста на сопственоста, финансирањето и професионалноста. Законот за медиуми од 2025 година ги вклучи и онлајн медиумите во законската дефиниција, но како ова решение ќе функционира  во практиката допрва треба да се види.

Од напади до клиентелизам

Но, ниските плати не се единствената причина за главоболките на новинарите. Покрај ниските плати, новинарите се соочуваат со директни и индиректни притисоци. Новинарите во повеќето земји од регионот (Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Србија) се соочуваат со загрижувачки тренд на зголемување на бројот на напади и кршења на нивните права во текот на изминатите три години, покажува истражувањето на СЕЕНПМ.

Најголем број напади се забележани во Србија (вкупно 183 случаи во 2023 година), додека во Косово биле регистрирани 74 случаи во 2023 година, што е двојно повеќе во споредба со 2022 година.

Во БиХ се регистрирани 87 случаи на напади и закани во 2023 година (пораст од 10 % во однос на претходната година), со нагласено зголемување на онлајн нападите.

Во Албанија бројот на напади врз новинари се зголемил од 14 во 2021 година на 24 во 2023 година, при што најчести се вербалните, а не физичките напади.

Во Црна Гора физичките напади се намалени, но онлајн заканите се зголемени, со регистрирани 16 напади во 2023 година.

Оваа клима на притисок често ги тера новинарите да се повлечат во самоцензура како рутински дел од нивните должности.

Во БиХ дополнителен притисок врз новинарите и зголемена самоцензура предизвика криминализацијата на клеветата во Република Српска во 2023 година.

Иако во Северна Македонија физичките напади се намалија  во последните три години, СЛАП-тужбите (Стратешки тужби против учество на јавноста), кои се користат како инструменти за заплашување, се во пораст.

„СЛАП-тужбите не се само правна битка – тие се напад врз правото на јавноста да биде информирана“, изјави претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.

Во 2023 година ЗНМ регистрира шест СЛАП-тужби, кои имаат за цел „да ги исплашат новинарите, да ги исцрпат нивните ресурси и да го замолчат критичкото известување“.

Во  2024 година четири новинари биле мета на СЛАП-тужби од државни и од приватни актери, нотираше Стејт департментот во последниот извештај за минатата година.

„Слободата на изразување и слободата на медиумите се ограничени во земјите од Западен Балкан“, оцени американскиот Стејт департмент.

Истражувањата, но и новинарите посочуваат и на  „меки“ форми на притисок, како што се откази, неплаќање хонорари и цензура од сопственикот. Ваквата клима ја компромитира и физичката и професионалната безбедност на новинарите.

Зависноста од државните пари

Ограничениот медиумски пазар неповолно влијае врз економската состојба на медиумите и не дозволува развој на плурализам и независност. Многу медиуми зависат од државниот буџет. Средствата од буџетот на државата за платено политичко рекламирање во време на избори и државни кампањи се зголемуваат, што ја зголемува зависноста на медиумите од државните пари и можноста за корупција и за медиумски клиентелизам.

Само парламентарните и претседателските избори во 2024 година на медиумите им донесоа 10 милиони евра од реклами, додека годинава колачот за локалните избори беше помал, околу 6 милиони евра.

Слична загриженост предизвикува и новата законска можност за враќање на државното и на локалното владино финансирање државни кампањи (одвојување 0,1 % од буџетот).

Медиумските организации го оценуваат ова како чекор назад поради ризикот од злоупотреба и клиентелизам, што беше причината за забраната на ваквото финансирање во 2017 година. Со сличен став е и Европската комисија.

„Правната рамка што ги регулира медиумите сè уште не е усогласена со Европскиот акт за слобода на медиумите (ЕМФА)“, стои во Извештајот на Европската комисија за 2025 година.

Таму се додава дека парите за државно рекламирање за време на избори и понатаму се распределуваат нетранспарентно „со што се поткопува конкуренцијата и се одржува зависноста на медиумите од власта“.

Економската одржливост често зависи од надворешни извори што можат да наметнат уредувачки влијанија.

Според овие податоци од истражувањето на СЕЕНПМ во повеќето земји има загрижувачки раст на бројот на напади и кршења на правата на новинарите, додека лошите услови за работа и ниските плати оставаат простор за самоцензура.

Ако државата, сопствениците на медиуми и јавноста не го препознаат економското прашање како системски проблем, ќе слабее потенцијалот на новинарството да биде контролен механизам во демократското општество.

Решенијата се познати: воведување колективни договори и синдикална заштита, транспарентен систем на финансирање без политички услови, правна заштита и инвестирање во обука за проверка на факти и истражувачки алатки. Спротивно на тоа, легализирањето на механизмите со кои се овозможува финансиска поддршка на медиумите со државни средства, а без строги критериуми може да ја продлабочи зависноста од „пари за лојалност“ и да ја еродира довербата во медиумите. Медиумските реформи допрва треба да ги адресираат проблемите во онлајн просторот и да ја хармонизираат регулативата со европските стандарди.

Автор: Пелагија Младеновска

Фотографии: freepik.com


Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Македонски институт за медиуми

Продолжи со читање

  • Учество на работилницата во рамки на проектот “Зајакнато граѓанско учество во заштита на животната средина“

    На 9.6.2026 год. (вторник) се одржа работилницата во рамки на проектот „Зајакнато граѓанско учество во заштита на животната средина“, кој е поддржан од Expertise France, а се спроведува од страна на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) во партнерство со Здружението за одржлив развој Милеуконтакт Македонија (МКМ), Центарот за правни…

  • СВЕЧЕНО ДОДЕЛУВАЊЕ НА СЕРТИФИКАТИТЕ ВО ШТИП

    Со големо задоволство ја завршивме реализацијата на обуката за шминка во Општина Штип, каде што свечено беа доделени сертификати на успешните учеснички. Општина Штип беше десеттата општина во која се спроведоа бесплатните обуки во рамките на проектот. Со доделувањето на сертификатите во Штип, успешно го заокруживме овој значаен процес, при што вкупно 70 жени од…

  • ВЕЛО-БУРЕ ПАРКИНГ Циркуларно решение за одржлива урбана мобилност

    Вело-Буре паркинг е иновативно решение кое го трансформира отпадниот материјал во функционална урбана инфраструктура за паркирање велосипеди. Преку примена на принципите на циркуларна економија, иницијативата придонесува кон намалување на отпадот, поттикнување на велосипедската култура и создавање поодржливи градови. Решението е наменето за училишта, општини, јавни институции и приватни компании кои сакаат да инвестираат во зелена […]

  • Со одржливо управување со органскиот отпад до чиста животна средина преку системот за селекција подготовка и селективно собирање на био отпад за компостирање во компостари во ООУ „Димо Хаџи Димов“

    Со големо задоволство на 4.06.2026 година, заедно со  вредните ученици и совесни граѓани, успешно реализиравме уште една акција за селекција, подготовка и собирање на органски отпад во ООУ „Димо Хаџи Димов“.  Продолжуваме со активноста фокусиран на поттикнување на граѓанскиот активизам и заштитата на околината преку паметно управување со отпадот.
    Главната цел на проектот е активно вклучување на локалната заедница — учениците, нивните родители, роднини и соседи. Заедно, како клучна целна група, ќе ги истражиме и примениме придобивките од правилното постапување со органскиот отпад.
    Од отпад до нов живот преку одлагање на собраниот био отпад во училишните компостари каде што ќе се трансформира во висококвалитетен, природен хумус кој ќе се користи за уредување на училишниот двор.
    Невнимателното фрлање на органскиот отпад има сериозни последици. Важноста на оваа активност за селекција и одлагање на био отпадот во компостара директно придонесува кон:

    Заштита на медиумите на животната средина: Спречување на штетните влијанија врз почвата, водите и воздухот.
    Грижа за здравјето: Намалување на ризиците по човековото здравје преку почитување на пропишаните правила за управување со отпад.
    Растеретување на депониите: Спречување на органскиот отпад без потреба да завршува на депонија.
    Од отпад до нов производ: Моќта на циркуларната економија проектот нуди оптимизирани концептуални решенија кои започнуваат од нашите домови. Преку правилно селектирање (сортирање) и собирање на отпадот од домаќинствата, овозможуваме тој да не биде само ѓубре, туку вредна суровина. На овој начин, отпадот се вклучува во секундарен циклус со што се постигнува вистинска циркуларна економија — добивање на нов производ во нов процес.

    Ги повикуваме сите граѓани да покажат интерес, да се информираат и активно да се вклучат во активностите. Секој поединечен труд е чекор поблиску до позелена и поодржлива иднина за сите нас!
    Оваа активност се остварува во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“ спроведуван од Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија во партнерство со EcoLogic и Center for Environmental Democracy – Florozon Флорозон – Центар за еколошка демократија. Проектот е подржан од владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
    #CivicaMobilitass, #CHinMK, Цивика мобилитас (civicamobilitas.mk)

  • Успешна еко-акција во ООУ „Владо Тасевски“: Со граѓански активизам до одржливо управување со органскиот отпад во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“

    На 5.06.2026 година, во ООУ „Владо Тасевски“ докажавме дека големите промени започнуваат од малите, секојдневни навики. Во изминатиот период со заеднички сили на вредните ученици и свесните сограѓани, успешно собравме и подготвивме органски отпад за компостирање.
    Преку овој проект активно го поттикнуваме граѓанскиот активизам за одржливо управување со отпадот. Локалната заедница — учениците, нивните родители, роднини и соседи — се нашата клучна целна група со заедничка мисија: правилно селектирање на отпадот уште од нашите домови!
    Важноста на оваа иницијатива е да се научат граѓаните и учениците дека правилното сортирање и собирање на органскиот отпад од домаќинствата носи клучни придобивки за сите нас:

    Заштита на животната средина и здравјето: Ги спречуваме штетните влијанија врз почвата, водите, воздухот, како и директните ризици по човековото здравје.
    Растеретување на депониите: Значително ги намалуваме огромните количини отпад кои инаку без потреба би завршиле на депонија.
    Поттикнување циркуларна економија: Овозможуваме оптимизирани концептуални решенија каде отпадот се вклучува во секундарен циклус како вредна суровина за добивање нов производ.

    Секој чекор започнува од поединецот, но промената ја правиме заедно. Биди и ти дел од решението за позелена и поодржлива иднина!
     
    Оваа активност се остварува во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“ спроведуван од Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија во партнерство со EcoLogic и Center for Environmental Democracy – Florozon Флорозон – Центар за еколошка демократија.
    Проектот е подржан од владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
    #CivicaMobilitass, #CHinMK, Цивика мобилитас (civicamobilitas.mk)

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор