Glavna2

Расте поддршката за членството во ЕУ, граѓаните сè повеќе ја препознаваат евроинтеграцијата како процес на усогласување со европските стандарди

Поддршката за членството на Северна Македонија во Европската Унија значително се зголемува во 2025 година, при што јавното мислење покажува јасни знаци на намалена апатија и посозреано разбирање на европската интеграција како процес на реформи и усогласување со европските стандарди.

Според резултатите од најновите истражувања на јавното мислење спроведени од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“, презентирани денеска во Собранието,  71% од граѓаните би гласале за членство во ЕУ, доколку одлуката би се носела следната седмица, што претставува зголемување од речиси 10 проценти во споредба со претходната година.
Истовремено, забележлив е пад на бројот на неопределени и апатични граѓани, што укажува на поголема јавна ангажираност околу европската агенда.

Особено значајна промена се забележува кај етничките Македонци, каде поддршката за членството во ЕУ достигнува 71%, што е пораст од 15 проценти во однос на 2024 година. Со тоа се намалува долгогодишниот јаз во поддршката меѓу двете најголеми етнички заедници, додека поддршката кај етничките Албанци останува висока.

Паралелно со растот на поддршката, се менува и перцепцијата за самиот процес на европска интеграција. Во 2025 година, 51% од испитаниците го гледаат процесот на преговори со ЕУ првенствено како усогласување со законодавството и стандардите на Унијата, наспроти 33% во 2024 година, што претставува значително зголемување и укажува на посозреано разбирање на природата на евроинтеграцијата.

И покрај овие поместувања, ставовите околу уставните измени потребни за продолжување на преговорите остануваат релативно стабилни. Во 2025 година, 24% од граѓаните ја поддржуваат оваа опција, при што и понатаму постојат изразени разлики меѓу етничките заедници – 57% од етничките Албанци, наспроти 11% од етничките Македонци. Овие наоди укажуваат дека, иако јавната поддршка за членството во ЕУ расте, само четвртина од граѓаните подржуваат отклучување на процесот преку исполнувањето на условот за уставни измени.

Истовремено, дел од граѓаните изразуваат умерен оптимизам во однос на подготвеноста на државата за членство во ЕУ. Во 2025 година, околу 62% од испитаниците сметаат дека во изминатата година е остварен барем одреден напредок во процесот на европска интеграција, додека 40% оценуваат дека државата е подготвена за членство во ЕУ.

Во поширок надворешно-политички контекст, Европската Унија и понатаму се перципира како еден од најважниот и најдоверливиот сојузник, донатор и економски партнер, додека пак Соединетите Американски Држави остануваат факторот со најголемо влијание. Овие перцепции остануваат стабилни и во услови на зголемени глобални неизвесности.

Овие наоди се дел од истражувања на јавното мислење спроведени на национално репрезентативен примерок од 1.003 испитаници, во периодот од 22 октомври до 5 ноември 2025 година.

На презентацијата на резултатите во Собранието, поздравни обраќања имаа Антониjо Милошоски, потпретседател на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања, претседателот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, како и Даниел Браун, директор на канцеларијата на фондацијата „Конрад Аденауер“ во Скопје.

Милошоски истакна дека aнализите, изработени во соработка со граѓанскиот сектор, покажуваат јасни трендови во јавното мислење за европската интеграција. Според него, поддршката за членство на нашата држава во ЕУ останува висока (71% во 2025), и покрај долгите застои и разочарувања во процесот.

„Граѓаните прават јасна разлика меѓу европската идеја и начинот на кој се водат преговорите, при што фрустрацијата е насочена кон условите, а не кон членството. Европската интеграција сè повеќе се доживува како заедничка, вредносна и безбедносна цел, а не само како економска можност. Клучна улога имаат политичарите, бидејќи довербата и поддршката зависат од одговорно лидерство и искрена комуникација со јавноста. Собранието преку Комисијата за европски прашања ќе продолжи да ги користи овие наоди како основа за дијалог и поодговорни политики“, рече Милошоски.

Трошановски, изрази задоволство од големиот интерес за презентацијата на анализатата, заблагодарувајќи се на партнерите и на Собранието за можноста за отворање дискусија по овие прашања.

„Разновидноста на политичките позадини на учесниците денес треба да биде норма и одраз на поширок државен консензус за пристапувањето во ЕУ. Во време на геополитичка нестабилност, ова не е момент за релативизација или поларизација, туку за мобилизација на сите ресурси кон европската цел“, истакна Трошановски.

Осврнувајќи се на резултатите, тој посочи дека тие бележат раст од 15 проценти кај перцепцијата дека земјата припаѓа на Запад, како и пад кај оние што гледаат кон Исток. „Поддршката за членство достигнува 71%, со особено изразен пораст кај етничките Македонци. Истовремено, уделот на граѓани кои сметаат дека државата не треба ништо да прави во однос на ЕУ се намалува. Тоа е јасна порака дека јавноста очекува напредок“, нагласи тој.

Трошановски нагласи дека парламентарните дискусии во делот на надзорот врз институционалниот перформанс треба да се темелат на емпириска анализа на сработеното и јасно повикување на одговорност за несработеното. Тој посочи дека именувањето на кадрите мора да се води од принципот на заслуги и компетенции, а не од партиска или етничка припадност, бидејќи поларизацијата ја замаглува суштината и ја оддалечува државата од стратешките цели.

„Немаме повеќе изговори за обврските од Реформската агенда. Скрининг извештаите од ЕУ се нашата домашна задача и мора јавно и без калкулации да се впрегнеме во подготовката на сите државни ресори. Сè друго е пропуштена можност и изгубено време“, истакна тој.

Браун изјави дека економски и геополитички мнозинството на Македонци се ориентирани кон Европската Унија.

„Истовремено, треба да се земе предвид дека речиси половина од испитаниците се чувствуваат неправедно третирани во процесот на европските интеграции од страна на Европската унија. Но, во последните години резултатите на годишните анкети покажуваат константа според која повеќе од две третини од испитаниците го поддржуваат процесот на пристапување на земјата кон Европската Унија“, рече Браун.

Двете анализи ги презентираа авторите Иван Дамјановски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, Анамарија Велиновска, раководителка на Центарот за европски интеграции при Институтот за демократија и Кире Миловски, Виш истражувач во овој Центар.

Осврт на резултатите од спроведеното истражување на јавното мислење дадоа и Михалис Рокас, амбасадор на ЕУ во Република Северна Македонија, Антониjо Милошоски, потпретседател на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања и Венко Филипче, претседател на Националниот совет за евроинтеграции.

Амбасадорот на Рокас, оцени дека двете анализи се со висок квалитет и даваат јасна насока за тоа каде се движи земјата, како и важен фидбек за институциите и граѓаните. Тој посочи дека резултатите се охрабрувачки во споредба со минатата година, нагласувајќи го растот на поддршката за членството во ЕУ, зголемената поддршка кај младите и намалувањето на разликите по етничка и политичка припадност.

„Неодамна бев во Брисел и позицијата е јасна. Важно е земјата да се обедини за да ги забрза реформите. Ве уверувам дека, без оглед на случувањата, заедно ќе ги надминеме проблемите. Не можеме да ја споредуваме оваа или минатата година со ситуацијата од пред пет години, меѓународниот поредок е променет. Сега прашањето е како да се изгради доверливо партнерство. Охрабрен сум што ЕУ е најдоверлив партнер. Се надевам дека следната година ќе имаме уште подобри резултати, не само во истражувањата, туку и во самиот процес на европска интеграција.

Завршно обраќање на настанот имаше од амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер која оцени дека дебатата што следеше по презентацијата е доказ за релевантноста на истражувањето, истакнувајќи дека секое истражување што поттикнува јавна дискусија ја исполнува својата цел. Таа нагласи дека во комплексен процес како пристапувањето кон ЕУ, клучно е да се имаат сигурни и конзистентни податоци за перцепцијата на граѓаните.
„Живееме во период на тектонски промени со силно влијание врз нашата безбедност и иднина. Како Европејци и партнери со слични вредности, нашата сила е во безбедноста, конкурентноста и единството“, истакна Дрекслер.

Таа посочи дека и покрај разочарувањата од минатото и побавните од очекуваните одлуки, општата насока и правилата на процесот на проширување не се променети. Според неа, охрабрувачки е што е забележан застој во растот на евроскептицизмот и што се зголемува кредибилитетот на процесот на пристапување, при што ЕУ инвестира значително преку Реформската и Планот за раст. Дрекслер додаде дека перцепцијата е важна и дека наодите од истражувањето треба да послужат како основа за понатамошни чекори, при што одговорноста за толкувањето и создавањето напредок е кај сите засегнати страни.

Двете истражувања на јавното мислење на македонски јазик може да ги прочитате на следните линкови:
„Анализа на јавното мислење за пристапувањето на Северна Македонија во Европската унија (2014–2025)“
„Нови глобални неизвесности, стари европски обврски: Јавното мислење за пристапувањето во ЕУ во 2025 година“

Анализите на англиски јазик може да ги прочитате тука:

“Analysis of Public Opinion on North Macedonia’s Accession to the European Union (2014–2025)”.
“New Global Uncertainties, Old European Commitments: Public Perception on EU Accession in 2025“.

The post Расте поддршката за членството во ЕУ, граѓаните сè повеќе ја препознаваат евроинтеграцијата како процес на усогласување со европските стандарди appeared first on IDSCS.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Институт за демократја ИДСЦС

Продолжи со читање

  • Вклучи се во креирањето на буџетските приоритети на Општина Кисела Вода

    Кои се приоритетите за твојата населба? Заедно со Општина Кисела Вода, ги покануваме граѓаните да се вклучат во креирањето на буџетските приоритети за 2027 година. Предложи. Дискутирај. Приоритизирај. Не можеш да присуствуваш? Испрати го својот предлог тука: https://tinyurl.com/PrijaviProblem Твојот глас е важен за буџетот на твојата општина! #CHinMK #CivicaMobilitas Civica Mobilitas Embassy of Switzerland in […]
    The post Вклучи се во креирањето на буџетските приоритети на Општина Кисела Вода first appeared on Finance Think.
    The post Вклучи се во креирањето на буџетските приоритети на Општина Кисела Вода appeared first on Finance Think.

  • 🌍 Finance Think на Euromed Summit 2026 во Лисабон!

    На 27 и 28 октомври, Finance Think учествува на Euromed Summit 2026 во Лисабон, Португалија, претставуван од извршната директорка, Благица Петрески.Во фокусот на дискусиите беа предизвиците на пазарот на труд, несовпаѓањето меѓу вештините и потребите на работодавачите, развојот на човечкиот капитал и економската конкурентност – теми кои се во сржта на истражувачката и аналитичката работа […]
    The post 🌍 Finance Think на Euromed Summit 2026 во Лисабон! first appeared on Finance Think.
    The post 🌍 Finance Think на Euromed Summit 2026 во Лисабон! appeared first on Finance Think.

  • Претставување на Вардарската регата на утринската програма “Здраво Македонијо“ на ТВ Канал 5

    На 29.10.2026 год. (четврток) на покана на редакцијата на националната ТВ Канал 5 во рамките на утринската програма “Здраво Македонијо“ во друштво на Жана Ѓоргиева, Емилија Вучиновска (miss urban viba), естрадниот уметник Дејан Николовски – Чуле учество зема и старешината на извиднички одред “Димитар Влахов“ и координатор на Вардарската регата…

  • Струмица: Женските кружоци бараат поголема поддршка и учество во локалното одлучување

    Струмица, октомври 2026 – Поголема вклученост на жените во месните заедници, обезбедување простор за нивно организирање и подобра институционална поддршка за нивните иницијативи беа дел од главните теми на јавната дебата „Женското лидерство како огледало на заедницата“, одржана на 28 октомври во Струмица. Дебатата ја организираше Хуманитарното здружение „Мајка“ – Куманово, во соработка со Организацијата […]

  • Прилеп: Жените од локалните заедници со конкретни предлози за поголемо учество во одлучувањето

    Прилеп, октомври 2026 – Во Прилеп се одржа јавната дебата „Женското лидерство како огледало на заедницата“, посветена на можностите и предизвиците за учество на жените, особено од руралните средини, во процесите на локално одлучување. Дебатата ја организираше Хуманитарното здружение „Мајка“ – Куманово, во соработка со Здружението за рурален развој „ЛАГ Агролидер“, во рамки на проектот […]

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор