%d0%a1%d0%bb%d0%b8%d0%ba%d0%b0 2 1.jpg

ПРЕКУ МИРОВНИТЕ МИСИИ НА ЕУ МАКЕДОНИЈА СЕ ПОБЛИСКУ ДО ЗАЕДНИЧКАТА ЕВРОПСКА БЕЗБЕДНОСНА ПОЛИТИКА

ЕУ ја вклучува Македонија во своите безбедносни и одбранбени капацитети уште пред да стане членка

ЕУ го оценува нашиот регион како исклучително важен за севкупната европска безбедност

АвторАфродита Рамос

Македонија својот пат за интеграција со ЕУ во делот на  безбедносите политки го започна со вклучување во мировната мисија на ЕУ во Босна и Херцеговина – АЛТЕА во 2006 година. Дваесет години потоа Македонија е земја-кандидат за членство во ЕУ која ја има целосно усогласено својата безбедносна и надворешна политика со таа на Европската унија.  Земјата денес имаме потпишано Партнерство за безбедност и одбрана со ЕУ, што според експертите, ја сигнализира подготвеноста на Унијата целосно да нѐ интегрира во својот безбедносен механизам и пред официјално Македонија да стане членка.

Патот на Македонија до целосната усогласеност со европските безбедносни политики стартуваше со АЛТЕА каде од 2006 до денес биле распоредени вкупно 292 припадници на македонската армија во различни ротации и капацитети – воздухопловен хеликоптерски деташмент, медицински тимови, штабни старешини и правни советници. На 22 октомври 2024, македонското Собранието донесе одлука да испрати нови  32 припадници на Армијата во меѓународната операција на ЕУ АЛТЕА, за период од шест месеци, поточно до мај оваа година.

Освен во АЛТЕА припадници на АРМ учествуваа и во поранешната мисија на ЕУ за обука на Централноафриканската Република – „ЕУТМ ЦАР“, каде силите на ЕУ придонесуваа за постигнување на безбедна средина во областа Бангуи, важен дел од меѓународните напори за заштита на локалното население како и за создавање услови за непречено доставување на хуманитарна помош.  Во 2020 година двајца штабни офицери од Македонија беа испратени во мисијата ЕУТМ ЦАР, каде придонесуваа заедно со припадници од осум земји-членки на ЕУ и четири земји-партнери и земји-кандидати. Учеството на Македонија во оваа мисиј заврши пред две години, во февруари 2023 година.

Бенефитот од учествува во ЕУ мировни мисии

АЛТЕА е третата и најголема мировна операција што ја има започнато ЕУ. Таа е од исклучителна важност за европскиот мир и стабилност, со оглед на тоа што Босна и Херцеговина се граничи со земји-членки на Унијата и секоја нестабилност  на нивните граници носи опасност и за самата ЕУ, концепт кој Унијата го нарекува безбедна и сигурна средина. Усогласувањето со безбедносната политика на Европската унија е опфатено во 31 поглавје – надворешна, безбедносна и одбранбена политика, од преговорите за членство во ЕУ, во Кластерот шест – надворешни односи. Сите 27 земји-членки на ЕУ учествуваат во Европската заедничка безбедносна и одбранбена политика. Сите земји кои сакаат да станат членки на ЕУ треба да придонесуваат и соодветствуваат со критериумите на оваа европска политика, идеја која тие ја нарекуваат „давател на безбедност наместо безбедносен корисник“.

„Република Северна Македонија  ја потврдува стратегиската определба за достигнување членство во Европската Унија преку цврстата политичка определба за поддршка на Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП/CFSP) и со декларирање конкретен придонес кон цивилните и воените операции во рамките на Заедничката безбедносна и одбранбена политика (ЗБОП/CSDP) на Унијата”, се наведува во извештајот на Министерството за одбрана.

Претседателот на Синдикатот на одбраната и безбедноста – Ристо Ајтов, вели дека ако не беа мировните мисии на НАТО и на ЕУ каде учествуваше Македонија, земјата ќе немаше од каде да црпи искуство и ќе останеше само на теоретско знаење. Според него на македонската армија како млада армија од 30 години, иако веќе припаѓа на друштвото на НАТО армии каде некои членки имаат армии со повеќе од 100 години постоење, потребно и е собирање на искуство.

Ристо Ајтов, Претседател на Синдикатот на одбраната и безбедноста

„Втората придобивка од учеството во мировните мисии е интеркооперативностa со другите развиени армии на ЕУ членки. Мисијата не е еднократна, туку е циклична и сите припадници кои се враќаат од мировните мисии потоа го споделуваат знаењето и искуството со своите колеги во рамките на обуките внатре во АРМ. Опременоста на македонската армија е дискутабилно прашање, затоа трет голем бенефит е тоа што во овие мировни мисии, опремата ја носат најголемите армии а ние помагаме во обслужувањето на опремата и така учиме за неа“, вели Ајтов.

Ајтов е уверен дека каде и да се отвори нова мировна мисија предводена од ЕУ, на пример во Украина, Северна Македонија ќе испрати свои мировници бидејќи го следи примерот на Европската унија како земја-кандидат за членство.

„Ние сме со намера да влеземе во ЕУ. Кога Европската унија прави закони за безбедност, тие закони ќе треба да се пресликаат и во македонското законодавство. На пример, ние како членка на НАТО сме должни, согласно планот и програмата на одредена мисија и нашите капацитети и специјалности, да учествуваме во неа. Истото е и со мисиите поддржани од ЕУ – ние можеме да кажеме не, но тоа не е добро за нас, особено што зависиме од нивната помош и поддршка за армијата”, вели Ајтов.

Според него следењето и поддржувањето на безбедносни и одбранбени одлуки на ЕУ е добро за Македонија како земја-кандидат, бидејќи ако не ги почитуваме, ризикуваме да биде сменет начинот на кој ЕУ гледа кон Македонија како кон партнер и потенцијална членка.

Извор: Армија на РСМ – медицински тим на АРМ во АЛТЕА

Претседателот на синдикатот вели дека мировниците откако ќе се вратат дома од мисиите немаат лоши искуства, но негативен аспект кој го забележал е незадоволството кај некои од  нив во однос на работните односи.

„Нашите припадници на армијата некогаш се обесхрабрени од фактот дека заработуваат помалку од нивните колеги од другите армии, пример Германците или Французите, со кои заеднички учествуваат во мировните мисии и ги извршуваат истите задачи и работат на истите позиции а сепак заработуваат помалку од нив”, вели Ајтов.

Поактивно вклучување во безбедносната политика на ЕУ

На 19 ноември 2024, соработката помеѓу ЕУ и Северна Македонија во областа на одбранбената и безбедносна политика, дополнително се продлабочи и систематизира со потпишување на нова политичка рамка – Партнерство за безбедност и одбрана.

„Додека АЛТЕА беше конкретна операција со ограничен мандат, новиот договор создава постојана рамка за учество во повеќе мисии, заеднички вежби, размена на информации и развој на одбранбени способности. Ова значи дека Северна Македонија сега станува дел од пошироките механизми на Заедничката безбедносна и одбранбена политика (CSDP), што е значаен чекор кон нејзино интегрирање во европските одбранбени структури“, е ставот на Сеад Ризвановиќ, долгогодишен новинар и аналитичар во областа на одбраната и безбедноста.

Сеад Ризвановиќ, новинар и аналитичар
Сеад Ризвановиќ, новинар и аналитичар

Ризвановиќ вели дека со ова Партнерство, ЕУ сигнализира дека сака поактивно да ги вклучи кандидатите во своите безбедносни политики дури и пред целосното членство:

„Потпишувањето на партнерството сега е дел од пошироките геополитички промени и зајакнувањето на одбранбената соработка во Европа по руската агресија врз Украина. ЕУ сè повеќе се фокусира на заедничката безбедност и одбрана, вклучувајќи ги и земјите кандидати кои се стратешки партнери. Ова партнерство дополнително ја зацврстува нашата улога во европската безбедносна архитектура а македонската одбрана ќе има корист преку пристап до експертиза, технологија и обука од европките партнери, што ќе ја зајакне нејзината способност за справување со закани“, вели Ризвановиќ.

Според него, преку учество во европски одбранбени иницијативи, армијата ќе може да се модернизира и да стане поконкурентна во рамките на НАТО и ЕУ.

Извор: Македонска информативна агенција (МИА)
Извор: Македонска информативна агенција (МИА)

Европски мировен фонд за Армијата

Од Европска служба за надворешна акција во септември 2024 објавија дека обезбедуваат поддршка од 13 милиони евра во рамките на Европскиот мировен фонд за македонската армија, што од домашните безбедносни експерти беше оценето како важна пресвртница во нашата безбедносна и одбранбена соработка со ЕУ.

„Одлуката ја одразува благодарноста на ЕУ за целосното усогласување на Северна Македонија со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, што е многу јасен израз на стратешкиот избор на Северна Македонија за иднината во ЕУ. ЕУ и Северна Македонија стојат обединети во нивната решеност да ја продлабочат соработката во решавањето на итните прашања поврзани со безбедноста и одбраната и да истражуваат нови патишта за заедничка акција“, се наведува во соопштението на Европската служба за надворешна акција.

Извор: Eurasia Review
Извор: Eurasia Review

Поранешниот заменик-началник на Генералштабот и член на Клубот на Генерали – Генерал мајор во пензија, Мухамет Рацај, тврди дека овие средства не се дадени за закупување на вооружени системи, но сепак Европа размислува за нашиот регион како потенцијално загрозен од руската агресија врз Украина, што значи дека ЕУ ни помага во усовршување на нашите одбранбени капацитети уште пред да станеме членка.

„Европа сметаше дека е безбедна и дека не треба да троши многу пари на одбрана и безбедност, па затоа земјите членки ги намалуваа своите армии. Но во последно време е доста сериозна ситуацијата и Европа се подготвува за одбрана. Има многу непредвидливи работи кои се однесуваат на одбраната, суверенитетот и интегритетот на европските земји настанати по кризата предизвикана од војната во Украина. Ние прифаќаме се што ЕУ одлучува да ангажира за да ја зацврсти безбедноста на своите членки и тие што сакаат да се приклучат и затоа ни се дадени овие средства”, вели Рацај.

Генерал мајор во пензија, Мухамет Рацај
Генерал мајор во пензија, Мухамет Рацај

Генерал мајор Рацај вели дека овие средства од Европскиот мировен фонд се наменети и за тековните безбедносните потреби на нашата армија со чие зајакнување земјата ќе придонесе кон регионалната безбедност, како на пример преку Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG) која се користи за потребите на ОБСЕ, ЕУ-предводени мировни мисии, ОН и НАТО.

„Овие средства се насочени и кон зајакнување на нашите капацитети за справување и спречување на нелегалниот проток на мигранти кои транзитираат низ нашата земја и се упатуваат кон ЕУ, што претставува безбедносен ризик и за нас, и за Унијата. Ценам дека овие средства можеме да ги искористиме и за подобра подготовка на нашите единици во бригадата на Југоисточна Европа која има седиште во Куманово до 2026 година”, вели Рацај.

Тој додека бил заменик-началник на Генералштабот и присуствувл на состаноци со ЕУ, вели дека во тоа време не се давало голема важност на развивањето на нашите единици, како што тоа го прави НАТО откако станавме негова членка. Сега во ЕУ веќе почнуваат сериозно да размислуваат за функционирање на овие бригади, вели Рацај, бидејќи овој дел од Eвропа е критичен и потенцијално загрозен од Русија.

Учеството на припадниците на АРМ во мировните мисии предводени од ЕУ редовно се поздравува од европските претставниц како позитивен чекор кон целосно усогласување со безбедносните потреби на Европската унија.

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите  изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

Tags:

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Балкански институт за регионална соработка (БИРЦ)

Продолжи со читање

  • Учество на осмата меѓународна регата Сава Наутик во Брчко – БиХ

    Претставникот на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ од Велес, Владимир Ивановски Вуцо и од Вардарска регата “Гемиџии“ Владимир Стојанов и Томе Шескокалов во периодот од 28-30.8.2026 год. на покана на здружението ИКС центар (X centar) од Брчко Дистрихт – БиХ земаа учество на осмата меѓународна туристичка рега “Сава наутик“. На оваа…

  • Погледнете го нашето ново промотивно видео и откријте како органскиот отпад може да стане вредна суровина!

    Преку силен фокус на циркуларната економија и еколошката едукација, сакаме да ги поттикнеме граѓаните на итна акција за правилно сортирање на отпадот — клуч чекор кон здрава животна средина и ублажување на климатските промени. Главни ѕвезди во видеото се наставниците и учениците од основните училишта каде што ги одржавме нашите едукативни работилници. Тие јасно порачуваат: со менување на секојдневните навики и активен граѓански ангажман, секој од нас има моќ да донесе позитивни промени во општеството!
    Ова видео е дел од промотивнтаа дигитална кампања со едукативно-информативни содржини за придобивките и начините за искористувањето на потенцијалот на органскиот отпад.
    Оваа видео е подготвено во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Resource Environmental Center – REC North Macedonia Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Eco – Logic и Center for Environmental Democracy – Florozon Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија и Embassy of Switzerland in North Macedonia преку програмата Цивика мобилитас #CivicaMobilitas.
     
    Содржината на оваа видео е единствена одговорност на партнерите во проектот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија #CHinMK, Цивика мобилитас #CivicaMobilitas, или организациите што ја спроведуваат.

  • Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери

    Програми Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери Кампот Михелштат во Германија беше домаќин на Европскиот младински камп, кој собра 135 учесници од 15 земји. По долго патување, а за некои и пристигнување во Михелштат низ серија на предизвикувачки услови, младите и нивните лидери се обединија околу заедничката тема: “Growing together – rooted in values – rising as leaders“, односно „Растеме заедно – вкоренети во вредностите – се издигнуваме како лидери“. Кампот понуди динамична програма исполнета со различни курсеви, интерактивни работилници и можности за размена на знаења и искуства. Курсевите беа задолжителниот дел и опфаќаа повеќе теми поврзани со менталното здравје, лидерството, активности на отворено поврзани со изградба на куќарки на дрва, обработка на темата “Do no harm” како методологија против било каков вид на насилство, односи со јавност, техники за раскажување приказни, театарски пристап во работата со млади и дигитално образование. Младите учесници и младинските работници активно придонесуваа со сопствените идеи, практики и перспективи, создавајќи простор во кој сите можеа да учат едни од други. Во фокусот беше заедничкото учење за иднината на младинската работа, како и развивањето лидерски способности засновани на вредности, соработка и меѓународно разбирање. Покрај едукативниот дел, програмата беше збогатена со многу креативни и забавни активности. Учесниците имаа можност да бидат дел од интернационален музички бенд, да создаваат уметност низ различни работилници за рачни изработки, цртање и сликање, работилници за дизајнирање восочни свеќи како и склопување и дизајнирање на куќарки за мали птици, да учествуваат во работилници за пеење (ten sing), да посетуваат сесии за релаксација и да учествуваат во спортски активности на терените на кампот во Михелштат. Дури и високите температури не ги спречија учесниците да учествуваат на сите овие настани, но и да уживаат во посетата на локалниот базен. За учесниците, покрај овие обврски, вклучена беше и прошетка до адреналински парк и возење на мал, планински ролеркостер, како и патување со брод по реката Мајна до блискиот град Милтенберг. Од Македонија имаше вкупно 7 претставници. Во изминатите четири години, овој камп прерасна во важно место за средба на европското ИМКА движење. Тој не претставува само меѓународен собир, туку простор каде што младите градат пријателства, споделуваат искуства и се инспирираат стекнатото знаење да го пренесат во своите земји и локални организации. Овој камп служи за сплотување на младинските работници низ камповите во Европа и е особено значаен за нашата земја од аспект на тоа што нуди споделување на искуства поврзани со камп културата која што ИМКА во Битола и во Македонија неуморно се труди да ја издигне на едно повисоко и препознатливо ниво за сите наши локални учесници, волонтери и поширока публика. * Пред да дојдам на кампот во Михелштат немав некои преголеми очекувања. Се надевав дека ќе запознаам нови луѓе, ќе стекнам пријатели и ќе разменам мислења со млади од различни земји. На крајот, сето тоа се исполни, па дури и ги надмина моите очекувања. Најинтересен и највпечатлив дел за мене беше курсот за лидерски вештини. Таму научив многу корисни работи за комуникацијата, тимската работа и начинот на кој еден лидер може позитивно да влијае на другите. Сигурно ќе ги применам овие знаења и во мојата заедница. За време на кампот стекнав поголема самодоверба во споделувањето на моите мислења и научив како подобро да ги разбирам и почитувам луѓето околу мене. Ова искуство ми помогна да пораснам како личност и да станам поотворен кон нови идеи и перспективи. Дефинитивно би го препорачал Михелштат кампот на секој млад човек кој сака да стекне нови искуства, да создаде меѓународни пријателства и да научи нешто корисно и вредно за својата иднина. Никола Гелов Кога првпат слушнав за кампот во Михелштат, сè ми дојде многу неочекувано. Бев пресреќна кога дознав дека и моите другарки добија можност да учествуваат, бидејќи знаев дека заедно ќе доживееме едно незаборавно искуство. Секој ден на кампот ми беше интересен на свој начин. Имав можност да научам многу нови работи и да запознаам луѓе од различни средини. Особено ми се допадна курсот по пеење. Таму научив дека не треба да се плашиме да пробаме нешто ново. Ако никогаш не се обидеме, нема да знаеме што можеме да постигнеме. Секој човек има свој талент и свој начин на изразување, а токму тоа нè прави посебни. Едно од највозбудливите искуства за мене беше активноста во Tree House. Искрено, пред да дојдам на кампот мислев дека тоа не е нешто што би го направила во мојот град. Но, овде решив да излезам од мојата зона на удобност и да пробам нешто ново. На крајот, многу се забавував и бев горда на себе што се осмелив да учествувам. Од курсот по пеење научив и една важна животна лекција: дека не треба да ги осудуваме другите. Секој може да направи нешто на свој начин и тоа не го прави помалку вреден. Наместо да критикуваме, треба да ги прифатиме и почитуваме разликите меѓу луѓето. Кампот ме научи да се дружам со сите, да бидам поотворена и да не донесувам брзи заклучоци за другите. Сфатив дека секој човек има своја приказна и дека сите заслужуваат почит, разбирање и поддршка. Најважната порака што ќе ја понесам со себе е дека треба да бидеме храбри и да не се плашиме од нови предизвици. Нема глупави прашања и нема неуспеси кога учиме нешто ново. Секое искуство е можност да пораснеме и да станеме подобра верзија од себе. Дефинитивно би им го препорачала Михелштат кампот на сите млади кои имаат можност да учествуваат. Пријателствата, чувството дека сте дел од едно големо семејство, новите искуства и сè што се учи таму се нешта што тешко можат да се доживеат на друго место. Тоа е искуство кое засекогаш останува во сеќавање. Јована Кирјаковска   Бидејќи и претходно имав учествувано на два меѓународни кампа надвор од Македонија, дојдов во Михелштат со високи очекувања и чувство на возбуда. Од моите претходни искуства знаев дека ме очекува нешто посебно, а кампот ги надмина сите мои очекувања. Она што најмногу ми се допадна беше разновидноста на курсевите и работилниците. Тие создадоа можност сите учесници да се запознаат подобро, да се дружат и да учат едни од други.

  • ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби

    ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби На 27 јуни 2026 година, Кирил Михајлов, командир на Доброволното противпожарно друштво Свети Николе, учествуваше на панел-дискусија во Скопје посветена на противпожарната заштита и подготвеноста за вонредни состојби. Во рамки на дискусијата беа разгледани дел од клучните предизвици со кои се соочуваат противпожарните…

  • Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE

    Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE Доброволното противпожарно друштво Свети Николе продолжува да придонесува кон целите на проектот ENSURE преку своето директно учество во сложени интервенции на шумски пожари во Северна Македонија. За време на големиот пожар во Општина Македонски Брод, тимот на ДПД Свети Николе беше ангажиран како…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор