Post Lab 13.jpg

Од отпад до иновација: Младите како носители на еколошка трансформација

Промената започнува од нас, но најмногу од младите. Токму тие, со нови знаења и свесност, можат да бидат носители на позитивни промени во своето опкружување. Кога младите се запознаваат со предизвиците во нивната околина, стануваат активни учесници во процесот на трансформација.
 

Ме инспирираа одржаните едукативни работилници на тема „Техники за трансформација на биоотпадот“, што ги организираше Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) во партнерство со Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија. Работилниците се одвиваа во биотехнолошката лабораторија во средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“ во Скопје а беа наменети за ученици од основните училишта. Имав привилегија да присуствувам на една од работилниците и лично да ги набљудувам експериментите во друштво на учениците од ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ од Кисела Вода.

Тивки, многумина од нив срамежливи, учениците пристигнаа во лабораторијата. Како што ми објаснува Тамара Радовановиќ од РЕЦ, многу од учениците, овде, за прв пат се сретнуваат со ваков тип настава. „На почетокот се малку скептични и срамежливи, но како што напредуваат активностите, гледаат дека навистина станува збор за нешто интересно и значајно за нивната иднина“, вели таа, додека учениците ги облекуваат белите мантили и ги подготвуваат рацете за работа.

Работилницата ја отвораат експертите Горан Трајковски и Само Суљовиќ од Јавното претпријатие „Дрисла“, како и Викторија Брндевска Стипановиќ од Факултетот за шумарски науки. Учениците заинтересирано слушаат, а атмосферата полека се менува. Од срамежливи ученици, тие станаа ентузијасти, подготвени да се вклучат во експериментите за одржливо управување со органски отпад.

„Особено се интересни разновидните реакции на учениците кога успешно ќе го завршат експериментот. Во секој случај, со активностите кои ги правиме во текот на работилниците, ретко кој останал рамнодушен, ниту тие, ниту ние“, додава Тамара со насмевка.

„Дали знаевте дека од кора од јаболка може да се добие пектин, кој потоа се користи за правење слатки и крем за лице? Или дека од масло од сусам може да се произведе биодизел?“ прашуваа експертите, пред да започнат со експериментите кои ги поттикнаа креативните способности на учениците.

На работилницата се случуваше „хакирање на биоотпадот“. Процес кој звучи како нешто од научно-фантастичен филм, но во реалноста беше прилично практичен и инспиративен. Учеа како од кора од јаболка може да добијат пектин. Сведочеа и учествуваа во процесот на создавање биодизел од масло од сусам. Тоа беше свет на бескрајни можности, а јас го делев воодушевувањето на учениците од него.

„За мене беше фасцинантно како од лушпи од јаболка можевме да создадеме материјал кој може да се користи за слатки или други производи“, ја сподели својата зачуденост со мене Сара Данова, ученичка од осмо одделение. Учениците беа целосно фокусирани, а телефоните исклучени. Тие активно учеа за процесите на преработка на биоотпадот и можностите за добивање на нови производи. Неколку часа подоцна, за прв пат ги употребија своите телефони за да ги фотографираат своите достигнувања, уверени дека она што го создале е вредно да се документира.

„Процесот на чекање до финалната фаза и крајниот производ кога ќе се направи таа биопластика беше доста интересен. Имав чувство како да беше вистинска пластика“, рече Сара. Времето летна. По четири часа, се најдовме опкружени со малите научни достигнувања на учениците. Се гледаа само среќни лица и насмевки. „Првпат сум во ваква лабораторија, а делот кога го правевме пектинот ми беше посебно интересен“, рече Давид Цветановски, ученик од деветто одделение. „Прво што помислив беше дека тој може да биде корисен за правење колачиња, а со тоа и да не се фрлаат лушпите од јаболка за џабе. Нешто што е корисно во секојдневниот живот“.

Искуствата од работилницата не беа само забава. Разговорот со обучувачите отвори нови перспективи за важноста на циркуларната економија. Според резултатите од едно истражување на Асоцијацијата на биогасни централи и производители на биомаса, 50 проценти од компаниите не се свесни за регулативите поврзани со биоотпадот, а 93 проценти веруваат дека нивниот отпад НЕ влијае негативно на животната средина. Токму овие бројки укажуваат на потребата од едукација и свест, нешто што беше евидентно на оваа работилница.

Lab Post 28

Проектот продолжува со успешни активности, кои не само што ја зголемуваат свеста за циркуларната економија, туку и создаваат нови генерации што ќе придонесат за поодржлив развој на нашето општество. Досега се одржаа пет работилници на кои учествуваа 95 ученици и 9 наставници од основните училишта „Димо Хаџи Димов“ од Општина Карпош, „Св. Климент Охридски“ и „Кирил Пејчиновиќ“ од Кисела Вода, како и „Војдан Чернодрински“ и „Страшо Пинџур“ од Ѓорче Петров. Овие се дел од планираните 20 работилници, кои ќе продолжат да се реализираат до октомври 2026.

„Среќни сме што благодарение на овој проект, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас, имаме можност да продолжиме да работиме и повторно да ја користиме лабораторијата. Во неа е вложено многу и едноставно е добро кога се користи за нејзината намена “, рече Мина Дамјановиќ од РЕЦ.

„Овие експерименти не само што ни помогнаа да научиме нови работи, туку и да ги поврземе нашите знаења со она што се случува во природата и секој ден“, кажаа учениците, уверени дека она што го научиле ќе им биде корисно и во иднина.

На крајот на денот, сите излеговме од лабораторијата со нова перспектива и ветување дека ќе ги пренесеме овие знаења. Инспирирани да продолжиме со истражување, учење и делење на она што го научивме.

„Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“ е проект на Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) во партнерство со Здружението за заштита и унапредување на животната средина Еко Логик и Флорозон-Центар за еколошка демократија од Скопје.

This post was originally published on this site

Продолжи со читање

  • Метаморфозис го одбележува Меѓународниот ден за универзален пристап до информации – 28 септември преку промоција на резултати од Индексот на отвореност на извршната власт

    Според Индексот на отвореност за 2024 година, исто како и претходната година, Владата на Северна Македонија е најотворена институција меѓу групите од извршната власт, министерства и органи на државната управа, исполнувајќи 77,32 % од критериумите. Во споредба со претходната година има забележано пад од минимален 1 отсто, кој се повторува втора година по ред. Фондација […]
    The post Метаморфозис го одбележува Меѓународниот ден за универзален пристап до информации – 28 септември преку промоција на резултати од Индексот на отвореност на извршната власт first appeared on Metamorphosis.

  • Програма за Текстилијада #9

    📢 ТЕКСТИЛИЈАДА 9 – Штип03–04 октомври 2025 📅 Петок, 03.10.2025 10:00 – Отворање на „Текстилијада 9“ – Откривање на мурал „Иднината

  • МЛАДИТЕ УЧЕА КАКО ДА ВРШАТ МОНИТОРИНГ НА РЕЧНИТЕ КОРИТА

    Младите од Општина Карпош, Општина Зелениково и Општина Ѓорче Петров, учеа како да вршат мониторинг на речните корита.

    Вчера, во Домот на култура во општина Ѓорче Петров се одржа едукативен настан посветен на мониторинг на водните текови, во организација на граѓанските организации Resource Environmental Center – REC North Macedonia, Center for Environmental Democracy – Florozon и Еко Логик.

    Настанот е дел од проектот „Брза проценка на водотеците на Западен Балкан – Фаза 2“, поддржан од U.S. Forest Service and Department of Defense EUCOM and Forest Service International Foundation.

    Настанот започна во 09:30 часот со едукативна сесија, по што следеше практична теренска вежба на реката Лепенец. Таму младите учесници и претставници од општините имаа можност директно да ја применат СВАП методологијата (Stream Visual Assessment Protocol) и да научат како се проценува состојбата на едно речно корито. Дополнително, беа идентификувани и жешки точки долж реката Лепенец.

    Целта на овој настан беше да ги запознае младите и претставниците од општините со современи методи за проценка на квалитетот на водните текови, да ги зајакне капацитетите на локалните чинители – институции, граѓански организации и експерти, како и да поттикне поширока јавна дискусија за заштита и одржливо управување со водните ресурси.

    Настанот беше наменет за млади на возраст од 15 до 30 години како и за претсавници од општините од општините Карпош, Зелениково и Ѓорче Петров, кои преку интерактивна едукација и теренска работа стекнаа нови знаења и вештини за мониторинг и заштита на речните корита.

  • Младите од општина Карпош, општина Зелениково и општина Ѓорче Петров,  учеа како да вршат мониторинг на речните корита

    Скопје, 24 септември 2025 година Вчера, во Домот на култура во општина Ѓорче Петров се одржа едукативен настан посветен на мониторинг на водните текови, во организација на граѓанските организации Центар за ресурси во животната средина (РЕЦ) – Северна Македонија, ФЛОРОЗОН – Центар за еколошка демократија и Еко Логик. Настанот е дел од проектот „Брза проценка […]

  • Локалната самоуправа сè уште далеку од вистинска отвореност – просекот порасна на 40%

    Фондација Метаморфозис и Рурална Коалиција ги претставија наодите од Процената на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија изготвена преку Индексот на отвореност за 2025 година на тематскиот форум „Отворена општина – активна заедница“. Процената претставува длабинска анализа на работата на локалната самоуправа која дава резиме на вкупните перформанси на локалната […]
    The post Локалната самоуправа сè уште далеку од вистинска отвореност – просекот порасна на 40% first appeared on Metamorphosis.

  • Пријави се за коучинг сесија за справување со родово базирано сајбер насилство во Штип

    Иницијатива за европска перспектива во партнерство со ГО Заеднички вредности а во рамки на проектот Младите жени против онлајн насилство, започнува спроведување на групни коучинг сесии во 4 градови низ земјата (Скопје, Куманово, Штип, Струмица).  ✨ Што добиваш?🔹 Специјално развиена програма за коучинг🔹 Мултисекторско учење: правници, психолози и експерти за сајбер-безбедност Повикот…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор