Koalicija Margini

Меланхоличната тежина на сексот

Tекстот е оригинално објавен на meduza.mk

Амиа Сринивасан, филозофина и теоретичарка, во воведот на својата книга Правото на секс (The Right to Sex, 2021) вели дека, во денешно време, навикнати сме да гледаме на сексот како на нешто што постои надвор од политиката. Таа раскажува една анегдота каде што била на вечера со (неименуван) познат филозоф кој ѝ рекол дека „се противи на феминистичките критики на сексот затоа што само за време на сексот се чувствувал вистински надвор од политиката, дека се чувствувал вистински слободен.“ На ова, Сринивасан вешто го прашала што неговата сопруга мисли за тоа. „Не можев самата да ја прашам,“ вели таа, „не беше поканета на вечерата“ (xii).

Оваа (траги)комична анегдота е доста илустративна за честата општа перцепција на сексот – како нешто што е надвор од политиката, нешто што е многу лично, зона на целосна слобода од надворешните случувања и односи на моќ. Истото можеме да го забележиме и во нашиот локален контекст. Сексот и сексуалноста, како и пошироките прашањата околу родот и родовата еднаквост, навлегуваат во политиката и во јавноста само кога одредени конзервативни и х–фобични општествени движења и поединци ги пројавуваат главите од своите скривалишта со цел да се спротивстават на: разговори околу родова еднаквост, ЛГБТИ права, правно признавање на родот, полесен пристап до абортус, воведување сексуално образование и слично. Надвор од овие напори, според овие групи и поединци, сексот е „еротски идеал“ наместо „политички“. Сите останати прашања за сексот се интимни, лични и оставени на решавање меѓу двајцата партнери/сопружници, или пак меѓу родителите и децата, чиишто најголем дострел во комуникацијата за секс им е апстиненцијата. Или како што милува да каже професорот цитиран погоре: „сексот е круна на љубовта, а не нејзин почеток“.

За жал или за среќа, оваа „круна на љубовта сепак се одвива во еден сложен свет и ниту еден феномен во овој свет не е изземен од заплетканите општествени односи на моќ (и нивните далечни и блиски истории) кои неминовно се прелеваат во личните односи – и обратно. Оттаму, навраќајќи се на првиот коментар на филозофот на Сринивасан, важно е да се запрашаме дали навистина сексот е слободен, односно – слободен за кого и слободен како? Дали е сексот слободен затоа што е насекаде? Или, пак, тоа насекаде е можеби само „симулакрум на сексот“, како што вели Сринивасан (xii), можеби повеќе се работи за Фукоовските мултиплицирани дискурси за сексот, чија сеприсутност, на втор поглед, нема толку многу со слободата на сексот, колку што има со контролата на неговата перцепција, влијание и моќ во јавноста и „ефектите на моќ“ генерирани од она што е искажувано низ тие дискурси (11, Фуко). Што значи, сексот сепак не е надвор од доменот на политичкото. „И личното е политичко, ќе се сетиме на еден многу познат феминистички слоган.

Меланхоличната тежина на согласноста

„Во овој свет,“ вели Сринивасан, „сексуалната слобода не е дадена, таа е нешто што треба да биде стекнато и секогаш е непотполна“ (xii). Денес, обидите за вакво ослободување на сексот во мејнстрим културата се лоцирани во инсистирањата на согласноста. Ако сексот – и желбата – се перцепираат политички, тогаш согласноста е дефинитивно во центарот на оваа перцепција. Поради историјата на сексуално насилство врз жените, фокусот за нивна заштита, особено од 1970-тите па сѐ до денес, е префрлен врз легислативното нормирање на сексуалните односи и желбата, односно преку давањето согласност за секс.

Согласноста, како термин, доаѓа од правото – правната согласност означува заемен договор за нешто (бизнис-договор, медицинска процедура, и слично) во која двете страни се, при здрава свест и еднакво информирани за природата и деталите на договорот кој го склучуваат. Во денешно време, поимањето на каква било сексуална активност не може, или подобро кажано, не би требало да се замисли без давањето согласност (давање дозвола за некакво сексуално дејство). Согласноста гарантира дека сите страни во сексуалниот однос даваат експлицитна, информирана и доброволна дозвола, како одраз на почитување на личните, телесни и емоционални граници. Низ годините (и низ феминистичките бранови) концептот на согласност има еволуирано од навидум едноставното не (епитомизирано во фразата ‘no means no’ или ‘не значи не’), за потоа да премине во афирмативна согласност (‘affirmative consent’), за сега да биде ентузијастичка и тековна согласност (‘enthusiastic and ongoing consent’). Кога #MeToo движењето, започнато во 2006 од Тарана Бурк, црна активистка жртва на сексуално насилство, стана вирално во 2017 со обвинувањата кон Харви Вајнстајн, разговорите околу согласноста станаа уште поцентрални во јавното поимање на сексуалните односи.

Но, иако согласноста останува неприкосновена основа на сексот, одредени феминистки нудат конструктивна критика на неа. Нивната намера не е таа да се укине или да се ослаби нејзиното значење; тие укажуваат на сета тежина на патријархалните односи и нееднаквите позиции на моќ што овој поим ги носи со себе и кои треба да ги издржи во сексуалните и интимните односи, а кои некогаш – неретко – не успева да ги доноси. Имено, поедноставеното сфаќање на согласноста во јавноста не доволно го опфаќа двојниот стандард содржан во кажувањето да, но и самата тежина на кажувањето да, па потоа кажувањето не, на премислувањето, на амбиваленцијата, на миговите во сексот кога не знаеме што сакаме, кога не сме сигурни за она што се случува или што би сакале/не би сакале да се случи… Исто така, согласноста може да го стави фокусот и тежината за превенција на сексуално насилство само врз жртвата, како што предупредуваат и француските феминистки одговарајќи на размислувањата на Министерот за правда да ја стави согласноста во дефиницијата за силување во францускиот закон, поттикнати од случајот на Жизел Пелико.

Сите овие дилеми не секогаш се опфатени во општото поимањето на согласноста, нешто што авторката и професорка Кетрин Енџел во нејзината книга Утре сексот повторно ќе биде добар (Tomorrow Sex Will Be Good Again, 2021), го нарекува „меланхоличната тежина на сексот“, која ја опишува како:

… чувството на бивање растегната во различни правци; обврска да се балансира желбата со ризикот; да мораш да обрнуваш внимание на толку многу работи во потрага по задоволството. Жените знаат дека нивната сексуална желба може да им ја тргне заштитата и може да биде повикана како доказ дека насилството, всушност, не било насилство (сама сакаше). (5)

Но, прашува Енџел понатаму во текстот, „[к]ако можеме да знаеме што сакаме кога знаењето на она што го сакаме е воедно барано од нас и извор на казна?“ (5)

Постфеминизмот и лажната идеја за еманципација

Токму ова се темите со кои оваа британска истражувачка се занимава во својата книга Утре сексот повторно ќе биде добар. Во книгата таа разгледува одредени поимања за женската желба, но и дава критика за доминантната концепција на согласноста. Eнџел нагласува дека во изминатите години, се јавуваат две вообичаени барања кои имплицираат „добар секс: согласност и самопознавање“ (7). Идеалот на согласноста бара од жените јасно да ги прокламираат своите желби. Но, тоа исто така подразбира и дека тие точно знаат што сакаат.

Насловот на книгата Енџел го зема од една друга книга чиј автор ни е многу добро познат по своите записи за сексуалноста и нејзината регулација низ историјата. Имено, насловот доаѓа од Историја на сексуалноста: дел 1 (1978), односно Волја за знаење, една од култните книги на Мишел Фуко, каде што тој ги критикува политиките на сексуалната револуција кои ги изедначуваат сексуалноста и задоволството со еманципација и ослободување. Според него, зборувањето на глас за сексот не значи дека по дифолт сме се ослободиле од табуата и предрасудите за него: „Не смееме да мислиме дека со кажувањето да на сексот кажуваме не на моќта“ (157, Фуко). Вообразбата дека вооружени со алатките на согласноста и сексуалните истражувања ќе ја дочекаме утрешнината на добриот секс не секогаш ни служи за ослободување:

Говорот и кажувањето на вистинaта не се инхерентно еманципаторски, ниту пак говорот или тишината се инхерентно ослободувачки или опресирачки. Всушност, репресијата може да оперира низ механизмите за говор, низ она што Фуко го нарекува ‘поттик кон дискурс’ [англ. incitement to discourse] (Енџел, 9).

Она на што постојано се навраќа Енџел е фактот што премногу се потпираме на замислата дека согласноста ќе ни понуди „апсолутна јаснотија“ при комуникацијата во сексуалните односи. На овој начин, смета таа, согласноста „го става товарот на добрата сексуална интеракција врз женското однесување – на она што тие го сакаат и она што можат да го знаат и да го кажат за своите желби; на нивната способност да перформираат едно самоуверено сексуално јас со цел да се осигураат дека сексот е обострано задоволувачки и непринуден“ (9).

Насекаде присутната реторика дека согласноста е баш она место каде што би можеле да се „трансформираат проблемите на нашата сексуална култура“ Енџел ја нарекува „култура на согласност“ (7). Во оваа култура, од жените се бара да зборуваат отворено за сексот и својата желба, што само по себе, се разбира, не е воопшто лошо. Но, од друга страна, се поставува прашањето, каде се мажите во сето ова и, дополнително, за какво ниво на сексуална култура зборуваме кога од жените сѐ уште се бара да кажуваат да или не на сексот? Прашања како што значи сексот за нас во контекст на давањето согласност, и „кои сили лежат позади женското да“; или уште поважно, и дотолку поконтроверзно, „како сме дошле до тоа да ставаме толку голема психичка, културна и правна тежина на идејата за ‘согласност’ која таа не може да ја додржи“ се прашања кои, како што вели Сринивасан, ја засегаат „етиката на сексот отаде тесните параметри на ‘согласноста’“ (xiii).

Енџел критикува одредени елементи на идејата за согласност кои ја нагласуваат потребата за апсолутно самопознавање на сопствената сексуална желба. Тие главно произлегуваат од т.н. ‘феминизам на самодоверба’ (англ. confidence feminism). Феминизмот на самодоверба Енџел го нарекува „постара братучетка“ на секс-позитивната варијанта на постфеминистичкото движење кое се јавува кон крајот на 90-тите години и почетокот на новиот милениум. Ова движење е обележано од инсистирањата дека феминизмот ги има достигнато своите цели, главно во доменот на економската еманципација и дека жените самите се „двигателки на економска и општествена моќ“ (33). Во доменот на сексот и сексуалноста, овие инсистирања се преведуваат во императивот дека жените можат, односно мораат, да бидат наметливи, да знаат што сакаат, јасно и гласно да зборуваат за своите желби, како и дека со сопствените заложби за себеси како субјект на желбата, и со активното посегнување по исполнување на сексуалната желба и сексуалните фантазии, можат еманципирано да гледаат на објективизирањата на своите тела и дури тоа да го искористат како средство за оснажнување.

Проблемот со постфеминизмот е што става акцент на индивидуалната самоекспресија и оснажнување на сметка на политичката борба и трансформација. Тоа значи дека жените мораат да ги знаат своите желби и јавно да ги искажуваат, со што неправедно им се става товарот на превенција на сексуално насилство, а не се адресираат директно патријархалните системи и нивната историја на неказнивост на сексуалните насилници. Тука е местото каде што Енџел ја лоцира аполитичноста и „приватизираноста“ на „културата на силување“ и реакциите на неа (36). Слична критика на постфеминистичкиот сензибилитет нудат и авторките Буркет и Хамилтон (2012), во својата ретка студија на тема согласноста и постфеминизмот. Имено, тие во него лоцираат „мешавина од феминистички и анти-феминистички елементи“ и сметаат дека идеите за „автономија, избор и самоподобрување“ стојат „рамо до рамо со надзорот, дисциплината и оцрнувањето на оние кои прават ‘лоши’ ‘избори’“, што, во голема мера, се должи на неолибералниот карактер на оваа појава (817).

Постфеминистичките заложби за сексуална слобода и слобода од сексуално насилство главно можеме да ги лоцираме во напорите да се „всади чувство на лична одговорност“ и да се „охрабри сексуалната наметливост“ (817) кај младите жени, со што би се превенирало сексуалното насилство. Но, токму ова индивидуалистичко и аполитично сфаќање на сексот и сексуалните односи ги разоткрива постфеминистичките идеи како само уште едно преформулирање на добропознатите патријархални хетеронормативни родови вредности. Кога зборуваме за товарот што го носи согласноста во сексот, зборуваме за мноштвото имплицитни притисоци што овие вредности ги носат со себе во хетеросексуалните односи. Оттаму, се поставуваат прашањата: кој има моќ да каже да или не, чиј збор повеќе се слуша или заобиколува, кој може да се повлече од сексуалната интеракција кога сака – без последици? Која жена има моќ да не учествува во сексуален однос само затоа што самата одлучила да си замине со непознат маж во неговиот стан? Која жена има моќ да избегне сексуален однос кога дечко ѝ полудува ако немаат секс доволно често? Која жена има моќ сепак да си оди дома и да не се чувствува виновно што воопшто навела некого на секс? Која жена има моќ да каже не кога е онесвестена од алкохол, а дечко ѝ и покрај тоа се обидува да ѝ го искористи телото за секс? Сите овие се примери од студијата на Буркет и Хамилтон каде што девојките кои ги кажале овие случки сметаат дека имале избор и дека дале согласност во сексуалната интеракција.

„Не сечиј говор е еднаков“

Заповедта дека жените мораат да знаат што сакаат се смета за „инхерентно ослободувачка“ и го нагласува капацитетот и правото на жените на сексуално задоволство. Товарот на женскиот говор, се чини, е поголем од очекуваното; од нас се очекува да ја носиме тежината „на осигурување на задоволството; на подобрување на сексуалните односи и на разрешување на насилството“ (Енџел, 8).

Но, во ваквата констелација на родовите односите, во кои дисбалансот на моќ е сѐ уште многу присутен, се поставува прашањето кога таа женска отвореност кон сексот ќе се злоупотреби. „Не сечиј говор е еднаков“, вели Енџел (7). Тоа го вели примарно во врска со охрабрувањето и убедувањето на жените да проговорат за своите искуства на сексуално насилство за време на виралниот подем на #MeToo движењето, и на нееднаквиот третман што го добиле црните жени, наспроти белите и привилегирани жени за време на масовното споделување искуства. Но, истовремено, потенцирањето на нееднаквоста на говорот може да се однесува и на прокламациите на сексуалната желба на жените и како истата може да се злоупотреби против нив на суд или во интимниот сексуален однос.

Енџел и самата вели дека кога напишала книга во 2012 година каде што зборува отворено за своите сексуални искуства во прво лице, се борела со стравот дека еден ден таа книга може да се искористи против неа: „Не можев да заборавам, иако силно се обидував, дека ако некогаш обвинам маж за напад, истражувањето на мојата сексуалност во книгата може да ми донесе неволја – може некој маж да ослободи од вина“ (13).

Енџел е во право. Бројни случаи каде што жената во еден миг рекла да за секс, а потоа се премислила или пак била поотворена во однос на имањето секс, се користеле на суд како аргумент против обвиенијата за силување и сексуален напад.

Еден пример којшто Енџел го наведува во книгата е судењето на неколку мажи за силување во Северна Ирска, во 2018 година. Еден од обвинетите бил одбиен за секс откако жртвата била принудена да има секс со двајца други мажи, за потоа тој да ѝ рече: „Се ебеше со другите, зошто не можеш и со мене?“ – на што девојката му одговорила: „Колку пати треба една девојка да каже не за да сфатите?“. Размената е навистина потресна.

Енџел вели дека „(претпоставената) желба на жената – дури и само еднаш, за еден човек – ја прави ранлива. Нејзината желба ја дисквалификува од заштита и од правда. Еднаш кога за жената се смета дека кажала да на нешто, не може да каже не на ништо“ (4). Тоа е само едно од мноштвото двојни стандарди со кои жените историски се имаат соочувано, во различни делови од светот, во различни општествени контексти.

Овие двојни стандарди дотолку посурово се прекршуваат во професии како сексуалната работа и порно-индустријата. Луѓето честопати мислат дека поради природата на нивната работа работниците во тие професии не доживуваат сексуално насилство, или пак, дека сѐ што доживуваат е токму сексуално насилство. Овие крајности, се разбира, не се воопшто точни. Водени од предрасуди, тие дополнително им наштетуваат на сексуалните работници во препознавањето на сексуалното насилство, било да е тоа присутно за време на работата или во личниот живот. Еден многу познат пример на жртва на сексуално насилство во порно-индустријата е Стоја, која во 2015 година го обвини својот поранешен партнер, Џејмс Дин, исто така порно-актер, за силување. По нејзиното кажување, бројни порно-актерки се изјаснија во нејзина поддршка, дел од нив раскажувајќи слични искуства во и надвор од порно сетот.

Моќта е неразделна од сексот, и покрај согласноста

Во реалните односи, каде што „меланхоличната тежина на сексот“ ја надвиснува, повеќе или помалку, секоја хетеросексуална, а донекаде, на свој начин, и хомосексуална и квир сексуална интеракција (бидејќи и овие релации не се ослободени од односи на моќ, од (авто)хомо/трансфобија, од сексизам, од стегите на хетеронормативноста, од малцинскиот страв, од слични или малку поразлични предизвици споредени со хетеросексуалните врски), согласноста често може да се злоупотреби, заобиколи, принуди и слично.

Кој пат тогаш да го фатиме? Кон крајот на својата книга Енџел не верува дека некогаш може да ја надминеме моќта во сексот, дека можеме да „влеземе во зона која е блажено ослободена од нееднаквоста.“ Ниту пак верува дека согласноста може да прави чуда и да ги премости нееднаквостите на моќ кои „оперираат во нашите секојдневни интеракции“ (114). Тоа, секако, не значи дека треба да се ослободиме од идејата за согласност. Концептот на согласност ни е сѐ уште многу, многу потребен. Но, она што исто така ни е потребно е да продолжиме да ги адресираме општествените фактори зад нееднаквостите на моќ во сексот, да продолжиме да ја адресираме сенката на патријархатот и машката привилегираност во погледите за сексот, но и да ги разоткриваме контрадикторностите кои патријархатот им ги сервира на мажите за нивната сексуалност, да знаеме како на младите во нашите општества да им пристапиме за прашањата за сексот преку сексуалното образование, да не се плашиме да зборуваме за своите желби, и секако, да не се плашиме од нашата колебливост во сексот. Откривањето што сакаме од и во сексот и интимните релации е „животен процес“, вели Енџел, и нешто што веројатно никогаш нема да го завршиме целосно. Но, тука (може да) лежи и задоволството, и покрај ризикот, според авторката. Секое предавање на другиот е ризик, да, но тој ризик е обостран. Тоа е она што сексуалните насилници се обидуваат да го искоренат од сексот – и од себе, а е нешто што е невозможно да се искорени. Секоја интеракција со другите (неминовно) нѐ изместува. Наша задача е, како што вели Енџел, цитирајќи ја Џилијан Роуз, да ги „прифатиме сопствените граници и границите на другите“, но и да останеме ранливи и подложни на ранување токму околу овие меѓи (114).

Користена литература

Angel K. (2021). Tomorrow Sex Will Be Good Again. Verso.

Burkett, M., & Hamilton, K. (2012). Postfeminist Sexual Agency: Young Women’s Negotiations of Sexual Consent. Sexualities, 15 (7), 815–833. https://doi.org/10.1177/1363460712454076.

Foucault, M. (1978). The History of Sexuality: An Introduction. Pantheon Books.

Grant, M. G. (2021, September 8). How Stoya Took on James Deen and Broke the Porn Industry’s Silence. The Guardian. https://www.theguardian.com/culture/2015/dec/04/how-stoya-took-on-james-deen-and-broke-the-porn-industrys-silence.

McKay, S. (2023, January 3). How the ‘Rugby Rape Trial’ Divided Ireland. The Guardian. https://www.theguardian.com/news/2018/dec/04/rugby-rape-trial-ireland-belfast-case.

Srinivasan, A. (2021). The Right to Sex. Bloomsbury Publishing.

Willsher, K. (2024, October 28). After Pelicot: How One Woman’s Courage Has Pushed France to a Turning Point. The Guardian. https://www.theguardian.com/world/2024/oct/26/gisele-pelicot-france-rape-trial-law-debate.

Андоновски, В. (2021, January 25). По(а)рно сексуално образование. Нова Македонијаhttps://novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/поарно-сексуално-образование/.

This post was originally published on this site

Продолжи со читање

  • Учество на осмата меѓународна регата Сава Наутик во Брчко – БиХ

    Претставникот на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ од Велес, Владимир Ивановски Вуцо и од Вардарска регата “Гемиџии“ Владимир Стојанов и Томе Шескокалов во периодот од 28-30.8.2026 год. на покана на здружението ИКС центар (X centar) од Брчко Дистрихт – БиХ земаа учество на осмата меѓународна туристичка рега “Сава наутик“. На оваа…

  • Погледнете го нашето ново промотивно видео и откријте како органскиот отпад може да стане вредна суровина!

    Преку силен фокус на циркуларната економија и еколошката едукација, сакаме да ги поттикнеме граѓаните на итна акција за правилно сортирање на отпадот — клуч чекор кон здрава животна средина и ублажување на климатските промени. Главни ѕвезди во видеото се наставниците и учениците од основните училишта каде што ги одржавме нашите едукативни работилници. Тие јасно порачуваат: со менување на секојдневните навики и активен граѓански ангажман, секој од нас има моќ да донесе позитивни промени во општеството!
    Ова видео е дел од промотивнтаа дигитална кампања со едукативно-информативни содржини за придобивките и начините за искористувањето на потенцијалот на органскиот отпад.
    Оваа видео е подготвено во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Resource Environmental Center – REC North Macedonia Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Eco – Logic и Center for Environmental Democracy – Florozon Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија и Embassy of Switzerland in North Macedonia преку програмата Цивика мобилитас #CivicaMobilitas.
     
    Содржината на оваа видео е единствена одговорност на партнерите во проектот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија #CHinMK, Цивика мобилитас #CivicaMobilitas, или организациите што ја спроведуваат.

  • Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери

    Програми Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери Кампот Михелштат во Германија беше домаќин на Европскиот младински камп, кој собра 135 учесници од 15 земји. По долго патување, а за некои и пристигнување во Михелштат низ серија на предизвикувачки услови, младите и нивните лидери се обединија околу заедничката тема: “Growing together – rooted in values – rising as leaders“, односно „Растеме заедно – вкоренети во вредностите – се издигнуваме како лидери“. Кампот понуди динамична програма исполнета со различни курсеви, интерактивни работилници и можности за размена на знаења и искуства. Курсевите беа задолжителниот дел и опфаќаа повеќе теми поврзани со менталното здравје, лидерството, активности на отворено поврзани со изградба на куќарки на дрва, обработка на темата “Do no harm” како методологија против било каков вид на насилство, односи со јавност, техники за раскажување приказни, театарски пристап во работата со млади и дигитално образование. Младите учесници и младинските работници активно придонесуваа со сопствените идеи, практики и перспективи, создавајќи простор во кој сите можеа да учат едни од други. Во фокусот беше заедничкото учење за иднината на младинската работа, како и развивањето лидерски способности засновани на вредности, соработка и меѓународно разбирање. Покрај едукативниот дел, програмата беше збогатена со многу креативни и забавни активности. Учесниците имаа можност да бидат дел од интернационален музички бенд, да создаваат уметност низ различни работилници за рачни изработки, цртање и сликање, работилници за дизајнирање восочни свеќи како и склопување и дизајнирање на куќарки за мали птици, да учествуваат во работилници за пеење (ten sing), да посетуваат сесии за релаксација и да учествуваат во спортски активности на терените на кампот во Михелштат. Дури и високите температури не ги спречија учесниците да учествуваат на сите овие настани, но и да уживаат во посетата на локалниот базен. За учесниците, покрај овие обврски, вклучена беше и прошетка до адреналински парк и возење на мал, планински ролеркостер, како и патување со брод по реката Мајна до блискиот град Милтенберг. Од Македонија имаше вкупно 7 претставници. Во изминатите четири години, овој камп прерасна во важно место за средба на европското ИМКА движење. Тој не претставува само меѓународен собир, туку простор каде што младите градат пријателства, споделуваат искуства и се инспирираат стекнатото знаење да го пренесат во своите земји и локални организации. Овој камп служи за сплотување на младинските работници низ камповите во Европа и е особено значаен за нашата земја од аспект на тоа што нуди споделување на искуства поврзани со камп културата која што ИМКА во Битола и во Македонија неуморно се труди да ја издигне на едно повисоко и препознатливо ниво за сите наши локални учесници, волонтери и поширока публика. * Пред да дојдам на кампот во Михелштат немав некои преголеми очекувања. Се надевав дека ќе запознаам нови луѓе, ќе стекнам пријатели и ќе разменам мислења со млади од различни земји. На крајот, сето тоа се исполни, па дури и ги надмина моите очекувања. Најинтересен и највпечатлив дел за мене беше курсот за лидерски вештини. Таму научив многу корисни работи за комуникацијата, тимската работа и начинот на кој еден лидер може позитивно да влијае на другите. Сигурно ќе ги применам овие знаења и во мојата заедница. За време на кампот стекнав поголема самодоверба во споделувањето на моите мислења и научив како подобро да ги разбирам и почитувам луѓето околу мене. Ова искуство ми помогна да пораснам како личност и да станам поотворен кон нови идеи и перспективи. Дефинитивно би го препорачал Михелштат кампот на секој млад човек кој сака да стекне нови искуства, да создаде меѓународни пријателства и да научи нешто корисно и вредно за својата иднина. Никола Гелов Кога првпат слушнав за кампот во Михелштат, сè ми дојде многу неочекувано. Бев пресреќна кога дознав дека и моите другарки добија можност да учествуваат, бидејќи знаев дека заедно ќе доживееме едно незаборавно искуство. Секој ден на кампот ми беше интересен на свој начин. Имав можност да научам многу нови работи и да запознаам луѓе од различни средини. Особено ми се допадна курсот по пеење. Таму научив дека не треба да се плашиме да пробаме нешто ново. Ако никогаш не се обидеме, нема да знаеме што можеме да постигнеме. Секој човек има свој талент и свој начин на изразување, а токму тоа нè прави посебни. Едно од највозбудливите искуства за мене беше активноста во Tree House. Искрено, пред да дојдам на кампот мислев дека тоа не е нешто што би го направила во мојот град. Но, овде решив да излезам од мојата зона на удобност и да пробам нешто ново. На крајот, многу се забавував и бев горда на себе што се осмелив да учествувам. Од курсот по пеење научив и една важна животна лекција: дека не треба да ги осудуваме другите. Секој може да направи нешто на свој начин и тоа не го прави помалку вреден. Наместо да критикуваме, треба да ги прифатиме и почитуваме разликите меѓу луѓето. Кампот ме научи да се дружам со сите, да бидам поотворена и да не донесувам брзи заклучоци за другите. Сфатив дека секој човек има своја приказна и дека сите заслужуваат почит, разбирање и поддршка. Најважната порака што ќе ја понесам со себе е дека треба да бидеме храбри и да не се плашиме од нови предизвици. Нема глупави прашања и нема неуспеси кога учиме нешто ново. Секое искуство е можност да пораснеме и да станеме подобра верзија од себе. Дефинитивно би им го препорачала Михелштат кампот на сите млади кои имаат можност да учествуваат. Пријателствата, чувството дека сте дел од едно големо семејство, новите искуства и сè што се учи таму се нешта што тешко можат да се доживеат на друго место. Тоа е искуство кое засекогаш останува во сеќавање. Јована Кирјаковска   Бидејќи и претходно имав учествувано на два меѓународни кампа надвор од Македонија, дојдов во Михелштат со високи очекувања и чувство на возбуда. Од моите претходни искуства знаев дека ме очекува нешто посебно, а кампот ги надмина сите мои очекувања. Она што најмногу ми се допадна беше разновидноста на курсевите и работилниците. Тие создадоа можност сите учесници да се запознаат подобро, да се дружат и да учат едни од други.

  • ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби

    ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби На 27 јуни 2026 година, Кирил Михајлов, командир на Доброволното противпожарно друштво Свети Николе, учествуваше на панел-дискусија во Скопје посветена на противпожарната заштита и подготвеноста за вонредни состојби. Во рамки на дискусијата беа разгледани дел од клучните предизвици со кои се соочуваат противпожарните…

  • Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE

    Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE Доброволното противпожарно друштво Свети Николе продолжува да придонесува кон целите на проектот ENSURE преку своето директно учество во сложени интервенции на шумски пожари во Северна Македонија. За време на големиот пожар во Општина Македонски Брод, тимот на ДПД Свети Николе беше ангажиран како…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор