Избрани 12 акциски грантисти на Цивика мобилитас
Комисијата за избор на грантови ги оцени апликациите на организациите кои поднесоа пријава на првиот повик за акциски грантови во новата фаза на Цивика мобилитас (ПЦМ-АКТ-04).
Добитници на акциски грант се 12 организации и тоа:
- Здружение Хендикеп плус-Група за поддршка на хендикепирани лица Крива Паланка
- Здружение за регионален развој Балкан економик форум Скопје
- Институт за општествени и хуманистички науки Скопје
- Здружение на граѓани Медиа плус Штип
- Здружение Центар за одржлив развој на заедницата Дебар
- Здружение Асоцијација за демократска иницијатива Гостивар
- Здружение за истражување, анализи и развој „Зелена лупа“ Скопје
- Здружение на социјални работници на Град Скопје Скопје
- Женска граѓанска иницијатива „Антико“ Скопје
- Платформа за истражувачко новинарство и анализи-ПИНА, Скопје
- Здружение на граѓани за истражувања, анализи и развој на јавни политики „Евротинк“ – Центар за европски стратегии – Скопје
- Здружение ХОПС – Опции за здрав живот Скопје
Новите грантисти дејствуваат во осум различни сектори и тоа најмногу во секторите на здравје и здравствена заштита и демократија, но и во секторите за информации и комуникации, лица со посебни потреби, животна средина, човекови права, владеење на правото и родови прашања.
Половина од грантистите дејствуваат на национално, две делуваат на локално/ општинско ниво, две регионално во земјата, а по една дејствуваат регионално на Балканот и во Европа. Грантистите доаѓаат од пет региони, најголем број од нив се од скопскиот регион, потоа од источниот, североисточниот, југозападниот и полошкиот регион. Во поглед на искуството, осум се активни меѓу 12 и 20 години, две се со искуство меѓу седум и 11 години, а две имаат искуство помеѓу две и три години.
На повикот што беше отворен до 25 март 2019 г. беа поднесени 133 пријави за акциски грантови, од кои 113 пријави ја поминаа проверката на административна усогласеност и подобност. Најголем дел од апликантите доаѓаа од скопскиот регион (61%), потоа од полошкиот (10%), источниот (9%), пелагонискиот (7%), североисточниот (6%), вардарскиот (4%), југоисточниот (3%) и од југозападниот (1%) регион. Предложените акции во најголем дел се однесуваа на развој на граѓанското општество (18%) и доброто владеење (10%), а по една апликација се однесуваше на толеранцијата и на антикорупцијата.