Pakomak 5

Нови можности за соработка во управувањето со отпадот

Компанијата „Пакомак“, која веќе 15 години се занимава со селекција и преработка на отпад од пакување, се сретна со претставници на граѓански организации поддржани од Цивика мобилитас за да ја зајакнат соработката и да го подобрат системот за селекција на отпадот. Средбата се одржа на 24 април 2025 година во просториите на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Претставникот на „Пакомак“, Ико Брдароски, презентираше тековните активности, потенцирајќи ги инвестициите во инфраструктура и едукација на граѓаните за значењето на рециклирањето. Еден од клучните проекти на компанијата е воспоставувањето смарт систем за управување со отпад од пакување, во соработка со Швајцарската амбасада. Проектот трае 38 месеци и подразбира инсталација на 70 вендинг машини за поврат на амбалажа, како и развој на софтвер и сензори за мониторирање на исполнетоста на контејнерите.

„Пакомак соработува со 68 општини во земјава, што е околу 80% покриеност на национално ниво. Во моментов, сите 1700 контејнери со кои располагаат имаат вградено сензори кои сигнализираат колку се исполнети, што овозможува оптимизација на рутите за собирање на отпадот и намалување на трошоците“, истакна Брдароски, дополнувајќи дека Македонија е првата земја во Европа со 100% покриеност со ваков смарт систем. Тој додаде дека е планирано дополнително поставување на 80 вендинг машини во наредните три до четири години. „Кога бројот на вендинг машини ќе достигне 200, системот ќе премине од сегашниот модел со ‘зелени поени’ на паричен депозит, модел кој веќе успешно функционира во многу западноевропски земји“, рече Брдароски.

Покрај инвестициите во инфраструктурата, „Пакомак“ спроведува и низа активности за едукација и подигнување на јавната свест преку рекламни и промотивни материјали во маркети, училишта и шопинг центри. „Иако законски буџетот за едукативни активности е ограничен на 5-15%, потребна е синергија со локалните компании и организации за ефикасно ширење на еколошката свест“, потенцираше Брдароски.

Претставниците на граѓанските организации посочија дека е неопходна подобра координација помеѓу комуналните претпријатија и општините, особено за унифицирање на регионалниот пристап кон отпадот. Бојана Станојевска од Центарот за климатски промени истакна дека „примарната селекција на пластика треба постепено да се воведува во сите домаќинства, паралелно со воведувањето на вендинг машините“, додавајќи дека проектите финансирани од Цивика мобилитас активно работат на создавање навики за селекција и примарно сортирање кај граѓаните.

Како успешен пример за ангажираност на малите општини во селекцијата на отпадот беа наведени Крива Паланка, Босилово и особено Берово, каде според Брдароски, „околу половина од домаќинствата активно ги користат контејнерите“.

Емилиа Героска од организацијата Про Локал предложи интензивирање на соработката со училиштата од Пелагонискиот регион, додека Јасмина П. Нешкоска од Еко Логик предложи „да се размисли за креативни начини за анимација на учениците и повторно активирање на машините кои се поставени во училиштата, но не се користат доволно“. Претставниците на организациите се согласија дека добар начин за мотивирање на учениците организирање натпревари помеѓу училиштата за најдобри резултати во селектирањето и рециклирањето на отпадот.

„Месечно добиваме по 1000 нови корисници на вендинг машините, без да го зголемиме нивниот број. Тоа е доказ дека интересот кај граѓаните постои, само треба дополнително да се поттикне и навиките да останат“, заклучи Брдароски. Во таа насока е и воведувањето на оптичка линија за селекција на отпад, со поддршка од Швајцарската влада. „Денес селекцијата е мануелна и достигнува капацитет од околу еден тон дневно. Со новата автоматска линија ќе можеме да селектираме и до 10 тони отпад на ден“, истакна Брдароски.

Учесниците ја завршија средбата со договор дека ќе ги продолжат дискусиите за време на претстојната Средба за вмрежување, и ќе отвораат можности за нови соработки во областа на управувањето со отпадот и заштитата на животната средина.

Продолжи со читање

  • Старо-новите предизвици на граѓанскиот сектор

    Предлог – Законот за здруженија и фондации, односно коментарите и предлозите поврзани со него предизвикаа повеќе дебати во граѓанскиот сектор во  почетокот на годината. Ова беше и разбирливо ако се има предвид дека станува збор за основниот закон според кој функционираат граѓанските организации. Поднесените околу 130 коментари многу јасно го…

  • Практична поддршка за полесно финансиско известување

    На 30 април 2026 година, во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) во Скопје, тимот на Цивика мобилитас одржа работилница за финансиско известување. Работилницата беше наменета за добитниците на партнерските грантови од повикот ЦМ-ПГ-2. Вкупно 19 учесници од сите 11 грантисти, вклучително координатори на проекти и лица задолжени за финансии,…

  • Придонесот на граѓанските организации во медиумската слобода

    „Обликување иднина во мир“ е глобалната порака под која оваа година се одбележува 3 Мај – Светскиот ден на слободата на медиумите, посветен на улогата на новинарството во заштитата на човековите права, демократските процеси и јавниот интерес. Денот се одбележува од 1993 година, по одлука на Обединетите нации и препорака…

  • Седма едукативна работилница во Куманово за унапредување на здравјето на мајките и децата со фокус на мајчиното ментално здравје

    На 23.04.2026 година во Куманово се одржа седмата по ред едукативна работилница посветена на здравјето на мајките и децата, со посебен фокус на мајчиното ментално здравје. На работилницата учествуваа 18 жени, бремени или во период до 12 месеци по породувањето. Работилницата им овозможи на учесничките да добијат важни информации за…

  • Наша моќ, наша планета: Граѓанскиот сектор предводник на промените

    Секоја година, 22 април нè потсетува дека планетата не се заштитува само со големи ветувања, туку со секојдневни работа, одлуки, практични решенија и заедници кои знаат дека имаат моќ да направат промена. Овогодинешното мото на Денот на планетата Земја, „Нашата моќ, нашата планета“, особено силно се поврзува со работата на…

  • Меѓународниот ден на Ромите низ призмата на граѓанското општество

    Меѓународниот ден на Ромите е уште една можност за проверка на напредокот на општеството за предизвиците со кои се соочуваат нашите сограѓани, но исто така и е и можност да го препознаеме придонесот на сите оние што секојдневно работат на нивно надминување. Во тој процес, граѓанските организации имаат клучна улога….

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор