Screenshot 3

Земјоделците уште “висат” по шалтери, примената на дигитализацијата во почетна фаза

Возраста, навиките, менталитетот, немањето доволно познавања, отпорот кон промени и учење нешто ново, стравот да не се направи грешка – која е клучната причина за ниското ниво на дигитализација во македонското земјоделство?
Зошто на повеќето наши земјоделци им е многу полесно да отидат во подрачната единица дури и ако тоа значи дополнително губење време и ризик за сопственото здравје во услови на КОВИД, наместо од дома, удобно седнати пред компјутер, да аплицираат за субвенции или да извадат некакви документи?
Последното истражување на Рурална коалиција покажа дека е ниско нивото на дигитална писменост, посебно во руралните средини, но и дека користењето на е-услугите е исклучително незадоволително.Се потврди и фактот дека со земјоделство во земјава се занимава главно повозрасната популација, додека за младите секторот не е доволно атрактивен.

Според ресорното Министерство, дигитализацијата е реалност и нашите земјоделци ќе мора да се едуцираат и да ги користат дигиталните алатки. Земјоделците, пак, се со поделени ставови. Некои сметаат дека проблемот не треба да се лоцира само кај нив, туку и во институциите.

– Повозрасните генерации многу потешко ги прифаќаат промените и се снаоѓаат со дигиталните решенија, а помладите кои имаат повеќе познавања во овој дел се уште, за жал, не го сметаат земјоделството за привлечно или за сектор во кој би ја граделе својата професија и кариера. Токму тука треба да се бара и дел од решението – како преку модернизација на секторот да се зголеми неговата конкуреност, а преку тоа и да се зголеми бројот на млади кои ќе се знимаваат со земјоделство или ќе развиваат други дејности во руралните средини што ќе им носат економски бенефит преку диверзификација на земјоделските стопанства, вели за МИА извршната директорка на Рурална коалиција, Лилјана Јоноски.

Ако се анализираат резултатите од истражувањето, се забалежува интересна контрадикторност: 87 отсто од анкетираните земјоделци имаат фејсбук-профил, но кога треба да земат или поднесуваат некој документ 64 отсто ги преферираат шалтерскиte услуги. Одат на шалтери во институциите иако се им е достапно со еден клик.

Според истражувањето, 29 отсто од испитаниците одлично познаваат интернет и електронско комуницирање. Иако 76 проценти имаат сопствена е-меил адреса преку која би можеле да контактираат со институциите (Министерство за земјоделство, УЈП), најчесто не ја користат. Не си ја знаат лозинката или воопшто не им е активна. Тоа било и една од причините за огромните гужви кои се создадоа лани за време на вонредната состојба и забраната за движење поради КОВИД, со оглед дека мејлот беше потребен и за вадење дозволи за движење за време на полициски час, укажува Јоноски.

На почетокот од оваа година, повторно поради непознавањето на е-маил адресите и е-комуникацијата, голем број од земјоделците не извршиле увид во својата годишна даночна пријава, па се соочиле со неможност да го вратат данокот на приход што им следува секоја година зашто во делот на другите приходи, откупните центри или преработувачките капацитети со кои имаат склучено договори за производство ги ставиле репроматеријалите, маските, средствата за дезинфекција и другите материјали што им биле доставени на земјоделците.

-Вака констатираната состојба заслужува посебно истражување на тема колку земјоделците во одредени случаи поради нискиот степен на дигитална писменост трпат и штети од страна на институциите, како и колку е негативен трендот на воспоставување процеси на дигитализација само од едната страна, во овој случај само од страна на институциите ако тој тренд не биде следен од страна на граѓаните, посочува Јоноски. Поразителни се и бројките во делот на платежните картички. На прашањето „дали имате платежна картичка“, 92 отсто од испитаниците одговориле потврдно, но најголемиот дел се уште картичката ја користат само за вадење пари од банкомат. Електронски плаќаат сметки само 26 проценти од нив, а 11 отсто купуваат преку Интернет.

Со слични проценти се и одговорите за поднесување барања за имотен лист, апликации за субвенции и издавање извод од родени/венчани – документи кои се сметаат за најчесто барани електронски услуги, а се дел и од најчестите документи што им се потребни на земјоделците при поднесувањето барања за финансиска поддршка од Националната програма за рурален развој и од ИПАРД програмата. Вкупно 41,5 отсто од испитаниците одговориле дека при аплицирање за субвенции користат помош од вработените на одговорните институции, 37,8 пороценти рекле дека не аплицираат електронски, а 20 отсто дека аплицираат сами.

-Поседувањето смарт уреди или компјутери не е проблем, ниту е проблем пристапот до интернет. Анкетата покажа дека 85 отсто од семејните земјоделски стопанства имаат смартфон и дека покрај тоа, располагаат плус со лаптоп или со декстоп компјутер. Сепак, малку имаат таблет, само 10 проценти. Вкупно 93 отсто, пак, од анкетираните се изјаснија дека имаат пристап до интернет во местото каде што живеат и имаат уреди со кои можат да го користат интернетот, нагласува Јоноски и додава дека 62 отсто од анкетираните се запознаени со можноста за електронско издавање документи.Јоноски заклучува дека земјоделците имаат основни дигитални вештини, но мора да се работи на нивното неформално образование преку разни обуки и пракса. Тоа го потврдува и фактот дека на прашањето „дали би користеле електронски услуги ако ви се овозможи поддршка“, скоро едногласно со 93 проценти, одговорот е ДА.Јоноски заклучува дека земјоделците имаат основни дигитални вештини, но мора да се работи на нивното неформално образование преку разни обуки и пракса. Тоа го потврдува и фактот дека на прашањето „дали би користеле електронски услуги ако ви се овозможи поддршка“, скоро едногласно со 93 проценти, одговорот е ДА.

Ако можам да седам на Фејсбук по 2-3 часа дневно, сигурен сум и дека можам да научам како да ги користам е-услугите, ако ништо друго барем оние поедноставните, рекол некој од испитаниците.

-Ако можам да седам на Фејсбук по 2-3 часа дневно, сигурен сум и дека можам да научам како да ги користам е-услугите, ако ништо друго барем оние поедноставните, рекол некој од испитаниците.

Земјоделците поделени околу дигитализацијата

Весна Јаневска, регистриран земјоделец од Росоман, смета дека проблемот со ниското ниво на дигитализација не треба да се припишува само на производителите, иако е факт дека тие што се повозрасни не работат електронски. Причината за неефикасноста во овој сегмент, според неа, треба да се бара и на институционално ниво. Земјоделците, вели, немаат доверба додека сами лично не го достават документот или не го добијат на рака со печат. Некогаш и препорачано ги испраќаат документите за да бидат сигурни дека ќе стигнат, но не и електронски.

-Кој од земјоделците што е постар од 50 години работи електронски? А и ако сакаш да аплицираш во Подрачната единица, не ретко вработените се жалат дека системот не им е во ред или дека е „паднат“. Вработениот седи пред компјутер, ти чекаш. Пред 1,5 година кога аплицирав за мерката за жени од рурални средини, четири часа седев кај вработениот во канцеларија. Повикот беше објавен за многу кратко време, рокот за пријавување беше краток, за собирање на документите. Се случува и некој ако сака да аплицира електронски, вработените во подрачните единици да го разубедуваат дека постапката е сложена што не е во ред, вели Јаневска.

-Ако некој знае да работи на компјутер, ќе се бори за работа во администрација, а не на нива. Фејсбук да, имаат повеќето, но пред се младите. Постарите кои имаат профил, им го отвориле децата и им служи само за ставање „лајкови“. Не верувам дека се разбираат во ИТ. И јас лично зависам од синот, посебно кога треба да се вклучам на некоја онлајн работилница. Ако нешто згрешам, англиски не знам, него го чекам од работа и сите ми се смеат. Потоа си велам, подобро да не се вклучувам отколку да бидам предмет на исмејување, искрена е Јаневска.

За разлика од неа, Сузана Димитриевска од Мустафино веќе интензивно три години користи електронско плаќање, а и електронски аплицира за субвенции. Но, го разбира стравот на земјоделците најмногу од тоа да не згрешат, зашто и лично имала негативно искуство кога при онлајн поднесувањето барање за поддршка направила грешка. Димитриевска вели дека задругите би можеле да одиграат многу важна улога, како поддршка и промоција на дигитализацијата во земјоделството, а земјоделците не треба, туку мора да се прилагодат на новините. Примената на компјутери треба да ја сфатат како обврска ако сериозно сакаат да се занимаваат со производство.

-Планирам сосема да се префрлам на електронско банкарство, а и ова ми е веќе трета година како електронски аплицирам за субвенции без воопшто да одам во Подрачната единица. Ако заглавам, знам кој знае и прашувам да ми помогне. Лани наместо да напишам 1.000, сум пишала 10.000. Во таков случај доаѓа контрола и прави увид за да утврди дека навистина е направена техничка грешка. Точно, процесот трае малку подолго, но се решава, истакнува Димитриевска.

Дигитализацијата не е баук, потенцира, и тоа треба јасно да им се потенцира на земјоделците. Во однос на социјалните мрежи, Димитриевска вели дека е добро што земјоделците имаат фејсбук затоа што така учат да ги користат мобилните телефони.

Каков е ставот на надлежните?

Министерството за земјоделство потврдува дека бројот на земјоделци кои електрoнски аплицираат за субвенции е мал и дека повеќето преферираат физичко присуство и помош од вработените за да поднесат електронско барање.

– Иако електронскиот начин на аплицирање функционира веќе неколку години, интерсот кај нашите земјоделци е слаб. Тоа се должи на фактот што повеќето земјоделци се повозрасни и немаат компјутерска едукација. Дури ни корона кризата не влијаеше кај нив да се одлучат за електронско аплицирање и покрај нашите апели и доставеното упатство за електронско аплицирање, велат за МИА од МЗШВ.Сепак, според Министерството, дигитализацијата е реалност и нашите земјоделци ќе мора да се едуцираат и да ги користат дигиталните алатки.

-Примената на компјутерите во земјоделското производство е какрактеристична за помладите, додека повозрасните земјоделци ретко знаат сами да ја применат дигитализацијата во земјоделското производство. Се надеваме дека со природната смена на возрасната генерација и се поголемиот интерес кај младите за агросекторот кој навистина е зголемен благодарение на мерките, а пред се мерката „Млад земјоделец“, оваа состојба во иднина ќе се менува, дополнуваат од МЗШВ.

-Секако, сите кои имаат познавање и знаат да ракуваат со компјутер, но, немаат премногу познавања и вештини, со помош на нашите служби од кол центарот или од секторите, успеваат да поднесат апликации со поддршка по телефон. Има и такви апликанти кои со години самостојно поднесуваат апликации и немаат никакви проблеми околу аплицирање. За оние, пак, што немаат познавање од новите модерни технологии, на располагање се службите на подрачните единици на МЗШВ и вработените заедно со апликантите поднесуваат апликации, објаснува за МИА директорот  на Агенцијата, Никица Бачовски.

Според него, од година во година расте бројот на апликанти кои сами и без поддршка поднесуваат барања не само за субвенции во земјоделството, туку и за добивање на финансиска поддршка преку мерките од Програмата за Рурален Развој.

-Земјоделците се прилагодуваат на новините кои се воведуваат, а тоа се прави пред се за да им се скрати времето кое е потребно да поднесат барања. Со електронските барања можат во системот да се најават во било кое време, односно тоа може да го направат и во доцните вечерни часови кога реално немаат активности околу посевите. На тој начин им се крати времето, трошокот кој го имаат за да стигнат до Подрачните и пред се да се избегнат чекањата, додава директорот.

Од 2016 година сите апликации за „директни плаќања е-субвенции“ се поднесуваат електронски. Ако не се во системот за „директни плаќања е-субвенции“, барањата не се прифаќаат како поднесени. Разликата е во тоа што дел од апликациите се креирани со помош на вработени во подрачни единици, а дел од барањата, односно апликантите кои знаат да аплицираат, ги поднесуваат сами. И за добивање финансиска поддршка по мерките од Програмата за рурален развој, барањата се поднесуваат електронски, а се доставува и пропратна документација.

-Агенцијата мора да ги следи трендовите и да обезбеди поголема транспарентност и апликантите во секое време да имаат увид во нивните апликаци. Токму затоа, активно се работи на почнување модел преку кој сите апликанти по Програмата за директни плаќања, Програмата за рурален развој и ИПАРД ќе можат од дома, преку своите електронски уреди со впишување на ЕМБГ, ЕМБС или ИДБ да добијат основни информации за административниот тек на нивните апликации, проекти и исплати. На овој начин многу ќе се олесни и товарот врз вработените во АФПЗРР, но и земјоделците во реално време ќе можат да видат каков е статусот на нивното поднесено барање. Нема да имаат потреба да се јавуваат во контакт-центарот за прашаат за статусот на нивната апликација, напоменува Бачовски.

Податоците од Платежната агенција покажуваат дека во текот на минатогодишната кампања за поднесување барања за субвенции 9.130 лица барањата ги поднеле сами електронски. Останатите 57.818 лица поднеле електронски барања, но креирани со помош на вработени во подрачните единици. Од оние 9.130 лица кои сами од дома си поднеле барања, апликациите биле во делот на поледелство (3.858), градинарско производство (1. 937), одржување лозови насади (1. 484), одржување постоечки лозови насади (2.006), обележани грла (1.205), добиени телиња (157), обележани грла овци (321) и обележани кози (196), информираат од Агенцијата.

За поттикнување на дигитализацијата во земјоделството Рурална коалиција препорачува изготвување лесно достапни и разбирливи апликации со детални упатства на јазик разбирлив за земјоделците и жителите во руралните средини, зголемување на сигурноста во е-документите преку нивна поголема промоција, споделување позитивни приказни меѓу локалното население за ефикасноста и ефективноста на е-услугите од страна на оние кои што ги користеле, како и директна поддршка на терен и работа со земјоделците.

-Сметаме дека е неопходно и постепено воведување на е-услугите како единствен или приоритетен начин на комуникација на институциите, воведување едукативни модели/курикулуми за зголемување на дигиталните вештини кај земјоделците и жителите во руралните средини, изготвени во соработка со институциите, пред се со Министерството за администрација и информатичко општество и Агенцијата за вработување, спроведување кампања за заjакнување на свеста каj граѓаните за користење е-услуги, субвенционирање на издавањето електронски потпис за граѓани од рурални и маргинализирани средини и воспоставување локална мрежа на мобилни посредници за промовирање и посредување во пристап до платформата, истакнува извршната директорка Лилјана Јоноски.

Новинарската истражувачка сторија е изработена во рамките на проектот е изготвен во рамките на проектот „Дигитализација во земјоделството – СЕГА!“ финансиран како подгрант во рамките на проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“ кој што го спроведува Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), ЦРТА- Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово). Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија. Рурална Коалиција е една од трите граѓански организации Рурална Коалициjа е една од трите организации од Северна Македониjа коjа што стана дел од регионалната мрежата ИЦЕДА – Мрежа за зголемување на граѓанското учество во спроведувањето на Дигиталната агенда, која што освен во Северна Македонија е активна и во Албаниjа, Косово, Црна Гора и Србиjа Годишниот план за работа на Рурална Коалиција е поддржан од Цивика мобилитас.

Продолжи со читање

  • Учество на осмата меѓународна регата Сава Наутик во Брчко – БиХ

    Претставникот на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ од Велес, Владимир Ивановски Вуцо и од Вардарска регата “Гемиџии“ Владимир Стојанов и Томе Шескокалов во периодот од 28-30.8.2026 год. на покана на здружението ИКС центар (X centar) од Брчко Дистрихт – БиХ земаа учество на осмата меѓународна туристичка рега “Сава наутик“. На оваа…

  • Погледнете го нашето ново промотивно видео и откријте како органскиот отпад може да стане вредна суровина!

    Преку силен фокус на циркуларната економија и еколошката едукација, сакаме да ги поттикнеме граѓаните на итна акција за правилно сортирање на отпадот — клуч чекор кон здрава животна средина и ублажување на климатските промени. Главни ѕвезди во видеото се наставниците и учениците од основните училишта каде што ги одржавме нашите едукативни работилници. Тие јасно порачуваат: со менување на секојдневните навики и активен граѓански ангажман, секој од нас има моќ да донесе позитивни промени во општеството!
    Ова видео е дел од промотивнтаа дигитална кампања со едукативно-информативни содржини за придобивките и начините за искористувањето на потенцијалот на органскиот отпад.
    Оваа видео е подготвено во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Resource Environmental Center – REC North Macedonia Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Eco – Logic и Center for Environmental Democracy – Florozon Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија и Embassy of Switzerland in North Macedonia преку програмата Цивика мобилитас #CivicaMobilitas.
     
    Содржината на оваа видео е единствена одговорност на партнерите во проектот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија #CHinMK, Цивика мобилитас #CivicaMobilitas, или организациите што ја спроведуваат.

  • Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери

    Програми Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери Кампот Михелштат во Германија беше домаќин на Европскиот младински камп, кој собра 135 учесници од 15 земји. По долго патување, а за некои и пристигнување во Михелштат низ серија на предизвикувачки услови, младите и нивните лидери се обединија околу заедничката тема: “Growing together – rooted in values – rising as leaders“, односно „Растеме заедно – вкоренети во вредностите – се издигнуваме како лидери“. Кампот понуди динамична програма исполнета со различни курсеви, интерактивни работилници и можности за размена на знаења и искуства. Курсевите беа задолжителниот дел и опфаќаа повеќе теми поврзани со менталното здравје, лидерството, активности на отворено поврзани со изградба на куќарки на дрва, обработка на темата “Do no harm” како методологија против било каков вид на насилство, односи со јавност, техники за раскажување приказни, театарски пристап во работата со млади и дигитално образование. Младите учесници и младинските работници активно придонесуваа со сопствените идеи, практики и перспективи, создавајќи простор во кој сите можеа да учат едни од други. Во фокусот беше заедничкото учење за иднината на младинската работа, како и развивањето лидерски способности засновани на вредности, соработка и меѓународно разбирање. Покрај едукативниот дел, програмата беше збогатена со многу креативни и забавни активности. Учесниците имаа можност да бидат дел од интернационален музички бенд, да создаваат уметност низ различни работилници за рачни изработки, цртање и сликање, работилници за дизајнирање восочни свеќи како и склопување и дизајнирање на куќарки за мали птици, да учествуваат во работилници за пеење (ten sing), да посетуваат сесии за релаксација и да учествуваат во спортски активности на терените на кампот во Михелштат. Дури и високите температури не ги спречија учесниците да учествуваат на сите овие настани, но и да уживаат во посетата на локалниот базен. За учесниците, покрај овие обврски, вклучена беше и прошетка до адреналински парк и возење на мал, планински ролеркостер, како и патување со брод по реката Мајна до блискиот град Милтенберг. Од Македонија имаше вкупно 7 претставници. Во изминатите четири години, овој камп прерасна во важно место за средба на европското ИМКА движење. Тој не претставува само меѓународен собир, туку простор каде што младите градат пријателства, споделуваат искуства и се инспирираат стекнатото знаење да го пренесат во своите земји и локални организации. Овој камп служи за сплотување на младинските работници низ камповите во Европа и е особено значаен за нашата земја од аспект на тоа што нуди споделување на искуства поврзани со камп културата која што ИМКА во Битола и во Македонија неуморно се труди да ја издигне на едно повисоко и препознатливо ниво за сите наши локални учесници, волонтери и поширока публика. * Пред да дојдам на кампот во Михелштат немав некои преголеми очекувања. Се надевав дека ќе запознаам нови луѓе, ќе стекнам пријатели и ќе разменам мислења со млади од различни земји. На крајот, сето тоа се исполни, па дури и ги надмина моите очекувања. Најинтересен и највпечатлив дел за мене беше курсот за лидерски вештини. Таму научив многу корисни работи за комуникацијата, тимската работа и начинот на кој еден лидер може позитивно да влијае на другите. Сигурно ќе ги применам овие знаења и во мојата заедница. За време на кампот стекнав поголема самодоверба во споделувањето на моите мислења и научив како подобро да ги разбирам и почитувам луѓето околу мене. Ова искуство ми помогна да пораснам како личност и да станам поотворен кон нови идеи и перспективи. Дефинитивно би го препорачал Михелштат кампот на секој млад човек кој сака да стекне нови искуства, да создаде меѓународни пријателства и да научи нешто корисно и вредно за својата иднина. Никола Гелов Кога првпат слушнав за кампот во Михелштат, сè ми дојде многу неочекувано. Бев пресреќна кога дознав дека и моите другарки добија можност да учествуваат, бидејќи знаев дека заедно ќе доживееме едно незаборавно искуство. Секој ден на кампот ми беше интересен на свој начин. Имав можност да научам многу нови работи и да запознаам луѓе од различни средини. Особено ми се допадна курсот по пеење. Таму научив дека не треба да се плашиме да пробаме нешто ново. Ако никогаш не се обидеме, нема да знаеме што можеме да постигнеме. Секој човек има свој талент и свој начин на изразување, а токму тоа нè прави посебни. Едно од највозбудливите искуства за мене беше активноста во Tree House. Искрено, пред да дојдам на кампот мислев дека тоа не е нешто што би го направила во мојот град. Но, овде решив да излезам од мојата зона на удобност и да пробам нешто ново. На крајот, многу се забавував и бев горда на себе што се осмелив да учествувам. Од курсот по пеење научив и една важна животна лекција: дека не треба да ги осудуваме другите. Секој може да направи нешто на свој начин и тоа не го прави помалку вреден. Наместо да критикуваме, треба да ги прифатиме и почитуваме разликите меѓу луѓето. Кампот ме научи да се дружам со сите, да бидам поотворена и да не донесувам брзи заклучоци за другите. Сфатив дека секој човек има своја приказна и дека сите заслужуваат почит, разбирање и поддршка. Најважната порака што ќе ја понесам со себе е дека треба да бидеме храбри и да не се плашиме од нови предизвици. Нема глупави прашања и нема неуспеси кога учиме нешто ново. Секое искуство е можност да пораснеме и да станеме подобра верзија од себе. Дефинитивно би им го препорачала Михелштат кампот на сите млади кои имаат можност да учествуваат. Пријателствата, чувството дека сте дел од едно големо семејство, новите искуства и сè што се учи таму се нешта што тешко можат да се доживеат на друго место. Тоа е искуство кое засекогаш останува во сеќавање. Јована Кирјаковска   Бидејќи и претходно имав учествувано на два меѓународни кампа надвор од Македонија, дојдов во Михелштат со високи очекувања и чувство на возбуда. Од моите претходни искуства знаев дека ме очекува нешто посебно, а кампот ги надмина сите мои очекувања. Она што најмногу ми се допадна беше разновидноста на курсевите и работилниците. Тие создадоа можност сите учесници да се запознаат подобро, да се дружат и да учат едни од други.

  • ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби

    ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби На 27 јуни 2026 година, Кирил Михајлов, командир на Доброволното противпожарно друштво Свети Николе, учествуваше на панел-дискусија во Скопје посветена на противпожарната заштита и подготвеноста за вонредни состојби. Во рамки на дискусијата беа разгледани дел од клучните предизвици со кои се соочуваат противпожарните…

  • Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE

    Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE Доброволното противпожарно друштво Свети Николе продолжува да придонесува кон целите на проектот ENSURE преку своето директно учество во сложени интервенции на шумски пожари во Северна Македонија. За време на големиот пожар во Општина Македонски Брод, тимот на ДПД Свети Николе беше ангажиран како…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор