2 3 400x300.jpg

Запуштен и заборавен, Скопскиот аквадукт чека на внимание од властите

Авторка: Александра Стојанова

По земјен пат, без никакви патокази и информативни табли за посетителите, преку расфрлано ѓубре од најразличен вид, се стигнува до Скопскиот аквадукт близу населбата Визбегово. Иако во моментов овој споменик на културата од особено значење се реставрира со грант од Амбасадата на САД во Скопје, впечатокот од нашата посета на локацијата е дека објектот е заборавен од целокупната јавност и изминатиов период недоволно било инвестирано од властите за да прерасне во познато туристичко катче на главниот град.

Неповолната состојба во која се наоѓа Скопскиот аквадукт е надополнета и со збирот на институции на национално и локално ниво, чии ингеренции се испреплетуваат во неговата заштита и управување. Па така, Министерството за култура и туризам пронаоѓа средства за санација на овој споменик на културата, додека надлежна за заштита и реализација на проектите е Конзерваторскиот центар-Скопје. Градот Скопје, пак, треба да управува со овој споменик на културата од особено значење.

За состојбата во која се наоѓа Скопскиот аквадукт како значајно културно наследство на земјава одговори добивме единствено од Министерството за култура и туризам. Од таму за Евротинк појаснуваат дека во изминативе години имаат издвоено над 360.000 евра за непосредна заштита на Аквадуктот.

Од ова министерство објаснуваат дека е изведен дренажен канал во должина од 160 метри за одливање на водите во реката Серава, кои претходно се собираа околу структурите на Аквадуктот и со децении го деградираа. Од најзагрозените позиции, зајакнати и статички консолидирани се 10 столба, при што за првпат во Македонија е применета нова методологија со инклинирани микроколци под земјата во непосредната заштита на аквадуктот.

„Во 2024 година направена е санација и статичка консолидација на дел од арките меѓу столбовите“, појаснуваат од Министерството за култура и туризам.

Од крајот на 2024 година, на Скопскиот аквадукт се одвиваат реставраторски активности што ќе продолжат и годинава, а за кои се обезбедени 205.000 американски долари од Амбасадорскиот фонд за културно наследство на САД.

„Од 2025 година, со заедничко двогодишно финансирање од Министерството за култура и туризам и Фондот за заштита на културното наследство на Амбасадата на САД во РСМ, продолжува реализацијата на непосредната заштита на аквадуктот“, информираат од Министерството за култура и туризам.

Инаку, Скопскиот аквадукт е еден од ретките зачувани објекти од овој вид на Балканот. Од досегашните истражувања спроведени од историчарите се наведуваат различни периоди кога би можело тој да биде изграден. Некои извори велат дека Аквадуктот бил изграден во 6 век во Римскиот период, но постојат и наоди кои велат дека бил издигнат за пренесување на вода за време на Отоманската империја во 16 век. Она што е познато е дека македонската влада во 2021 година го прогласи за споменик од највисок степен на заштита. Претходно, во 2018 беше изработен идеен проект, а една година подоцна и основен проект за конзерваторско-реставраторски работи. Конкретните активности за заштита на споменикот започнаа во 2021 година.

Покрај непосредната заштита на Аквадуктот, која треба да продолжи и годинава со планираните реставраторски работи, огромна можност за промоција на овој споменик пред домашната и меѓународната јавност се претстојните активности што ќе следат во рамките на прогласувањето на Скопје за Европски град на културата во 2028 година.

Од Министерството за култура и туризам објаснуваат дека Аквадуктот е валоризиран како добро од највисока категорија како културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење. Неговата популаризација и развој како туристичко и образовно катче на Скопје и останатите пропратни содржини зависат од донесувањето на Планот за управување со овој споменик на културата. Сепак, од ова министерство додаваат дека одговорноста за чистење на дивите депонии околу споменикот и за казнување на несовесните граѓани кои фрлаат отпад е на Градот Скопје, исто како и за оградување на локалитетот и за поставување на чуварска служба.

За потребите на изработката на оваа сторија, испративме прашања и до Град Скопје за да добиеме одговори во однос на нивната одговорност за управување со Скопскиот аквадукт, но до објавувањето на сторијата не добивме одговори од градската власт на нашите прашања.

Пред речиси една година, од Градот Скопје во изјава за новинската агенција Мета одговориле дека тие се задолжени да усвојат План за управување со споменикот и да управуваат со него. Сепак, по остварениот контакт со Министерството за култура и Н.У: Конзерваторски центар-Скопје, добиле одговор оти не смеат да преземаат било какви активности без да добијат одобрение. Градот Скопје во 2023 година испратил допис со иницијатива за уредување на Аквадуктот, но немал добиено одговори од двете институции на национално ниво.

втор на фотографија: Александра Стојанова

Од Министерството за култура и туризам појаснуваат дека со актуелниот Закон за заштита на културното наследство се штитат сите споменични добра во земјава. Покрај со општата регулатива, со владината одлука од 2021 година Аквадуктот е прогласен за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење, што подразбира спроведување на режим на заштита од највисоко значење.

Според владината одлука од 2021 година, во членот 7 за контактната зона на Споменикот се утврдува режим на заштита од трет степен со мерки на заштита кои вклучуваат забрана да се врши ископ на темели или подруми и да се изведуваат кој било друг вид земјани или градежни работи без претходно спроведување заштитни археолошки истражувања. Исто така, кај Аквадуктот е забрането да се градат какви било објекти на локации на кои со археолошки истражувања ќе се откријат особено вредни остатоци, забрана да се градат објекти со кои се попречува достапноста на Споменикот, забрана да се градат или внесуваат индустриски или слични капацитети и да се воведуваат намени што придонесуваат за присуство на разни форми на загадување или предизвикуваат бучава и вибрации и забрана за било какви други интервенции кои ќе го загрозат интегритетот на Споменикот и контактната зона.

И покрај ваквите забрани, медиумите во 2022 година пишуваа дека во непосредна близина на Скопскиот аквадукт се гради крос патека за трки со мотори, а тешки камиони поминуваат покрај овој споменик за да однесат земја за ваквата патека. Градските власти тогаш интервенираа преку инспекциските служби за да ја спречат ваквата изградба, но во меѓувреме, други несовесни граѓани не се откажуваат од фрлањето ѓубре околу споменикот.
Од Министерството за култура и туризам велат дека конзерваторските активности за зачувување на Аквадуктот во неговата оригинална состојба ќе продолжат, но и апелираат за развој на свеста за неговото значење и кај сите други релевантни чинители, вклучувајќи ја и пошироката јавност и медиумите.Автор на фотографија: Александра Стојанова.

Инаку, она што се случува со Скопскиот аквадукт како македонско културно наследство и проблемите со кој се соочува овој споменик е врамено како критика на генерално ниво и од Европската комисија во минатогодишниот Извештај за реформскиот напредок на нашата земја на патот кон зачленувањето во ЕУ.

Во Поглавјето 26 кое се однесува на Образование и култура, во Извештајот се наведува дека Министерството за култура треба да го зајакне капацитетот за заштита и промоција на различноста на културните изрази во земјава, вклучително и наследството. Од Европската комисија нотираат дека лани дополнително се одложило усвојувањето на Националната стратегија за развој на културата и заштита на културното наследство за периодот 2023-2027 година.

„Културното наследство на земјата треба подобро да се заштити“ е констатацијата на Европската комисија во ланскиот Извештај. И ЕУ ја потврдува нашата констатација дека треба да се вложат напори за зајакнување на институционалниот одговор и меѓуинституционалната соработка за заштита на локациите кои се културно наследство на земјава.

Овој текст е изработен како дел од проектот „Медиумите за ЕУ“ спроведуван од ЕВРОТИНК и партнерите АЛДА и БИРС, а финансиски поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во него се единствена одговорност на авторот и на ЕВРОТИНК и не ги одразуваат ставовите и гледиштата на Европската Унија.

Tags:#запуштен #заборавен #аквадукт #властите #скопски #вниммание

This post was originally published on this site

Продолжи со читање

  • МЦМС ја започна новата антикорупциска програма

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го започна спроведувањето на програмата „Градење општество отпорно на корупција“, која ќе се реализира во периодот од 1 јануари 2026 до 30 јуни 2028 година со финансиска поддршка од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

  • Потврда на долгогодишното македонско-холандско пријателство

    Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на 16 јануари 2026 година беа домаќини на Н.Е. Узлем Џанел (Özlem Canel), Амбасадорка на Кралството Холандија во Република Северна Македонија и Иван Илиев, советник за економија и трговија во Амбасадата.

    „Денес беше убава прилика за освежување на долгото пријателство меѓу МРФП и Амбасадата на Кралството Холандија“, истакна Лазар Неданоски, извршен директор на МРФП.На средбата, која помина во пријатна и отворена атмосфера, директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, потсети на почетоците на соработката со Холандија и на клучните поединци кои придонеле за развојот на организацијата. МЦМС како организација е основана во 1993 година, како потфат на домашни иницијативи поддржани од Холандската меѓуцрковна помош (ХМП) и агенциите на Светскиот совет на црквите (ССЦ). Пет години подоцна, во 1998 година, МЦМС ја основаше Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), фокусирана на развој на малите претпријатија, преку пристап до финансиски услуги и промоција на претприемништво.

    Директорот на МРФП, Неданоски, даде хронолошки приказ на развојот на Фондацијата, нагласувајќи дека поддршката од Кралството Холандија била од клучно значење во првите години од нејзиното работење. Според него, таа поддршка не била важна само од финансиски аспект, туку имала значително влијание и врз организацискиот развој на МРФП, како и врз пошироката заедница мултиплицирајќи го ефектот во развојот на институциите, организациите и нивните лидери.
    Амбасадорката Џанел изрази задоволство што поддршката од Кралството Холандија резултирала со одржливи организации кои успешно работат и го пренесуваат своето искуство на други организации и институции. На средбата беше разговарано и за можностите за идна соработка.
     

  • Презентиран Индексот на политички интегритет

    На 27 ноември 2025 година во Клубот на пратеници се одржа презентацијата на првиот Индекс за политички интегритет (ИПИ) во земјата – инструмент создаден да ја измери, поттикне и промовира културата на интегритет во политичкиот и јавниот живот. Настанот беше проследен од голем број претставници на институции, медиуми, граѓански организации. Во своето…

  • Bure-Cycle: Од отпад до иновативен велосипедски паркинг

    Во светот каде ресурсите се ограничени, а отпадот се зголемува, секоја мала идеја за реупотреба има големо значење. Еко Логик со својот проект Bure-Cycle го покажува токму тоа – како старите метални буриња можат да добијат нов живот и да станат функционални, визуелно привлечни и одржливи велосипедски паркинзи за јавни простори. Иницијативата се роди од […]

  • Младите уметници го освојуваат јавниот простор: PATS – Уметност за активизам и општествени промени

    Европскиот проект „Младите уметници го освојуваат јавниот простор – PATS“ (Performance Artists Take The Streets – PATS) официјално започнува со јасна и силна мисија: да им овозможи на младите уметници нови простори, алатки и можности за креативно изразување и општествен ангажман. Уметноста како глас на промената PATS е проект финансиран преку Erasmus+ програмата на Европската […]

  • Високите цени ја истиснаа корупцијата од првото место, но таа и понатаму е меѓу најголемите општествени предизвици

    За разлика од 2021 и 2023 година, кога корупцијата беше препознаена како најголем општествен проблем, во 2025 година граѓаните на прво место ги издвојуваат високите цени (46,6%), додека корупцијата е веднаш зад нив (40,1%). Ова укажува дека инфлацијата, растечките трошоци за живот и намалената куповна моќ ја зголемуваат економската несигурност, но и дека корупцијата останува еден од клучните општествени предизвици.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор