642a8708.jpg

Соработката меѓу граѓанскиот сектор и институциите води до подобра здравствена заштита за ранливите граѓани

Потребата од зајакнато учество на граѓанското општество во развивањето на здравствените политики и подобрување на буџетирањето на здравствените услуги кои се наменети за ранливите групи на граѓани, се меѓу клучните пораки од Националната конференција „Здравствени политики за сите: Зајакнување и поддршка на девојките, жените и ранливите групи“.

Конференцијата е во рамки на проектот „Унапредување на здравствените права на девојките, жените и ранливите групи“, поддржан од Швајцарската влада преку програмата ЦИВИКА Мобилитас, а партнерски го спроведуваат здруженијата  ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје и Здружението Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари, чии претставници ќе се обратат на конференцијата. Целта на проектот е унапредување на здравствените права, преку унапредување на четири здравствени превентивни програми во Република Северна Македонија, како и унапредување на процесот на консултација со граѓанскиот сектор, а особено со засегнатите целни групи при планирањето и подготовката на превентивните програми.

Елизабета Божиноска, програмската директорка на ХЕРА изјави: „Анализите на граѓанските организации покажаа дека, не само што има недостаток на финансиски средства за опфат за соодветна превенција во здравството туку треба значајно да се подобри и имплементацијата. Важно е вклучувањето на граѓанските организации во здравствена промоција и нудење на услуги особено за ранливите групи до кои не стигнува здравствениот систем, и од плурализацијата во здравството придобивки ќе имаат сите“.

Андреј Сених, од Здружение ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје изјави: „Од 2022 година досега постои тренд на опаѓање на инвестициите во превентивните  активности за ХИВ од 45 мил. во 2022 година на 21 милион во 2024 година. Планираниот буџет за 2025 не е доволен за терапија, а ако остане ваков превентивните услуги кои постојат 20 години за ранливи граѓани ќе престанат со работа. Станува збор за над 9.000 граѓани кои ќе бидат во ризик од ХИВ, а со тоа опасноста од прелевање на инфекцијата кај општата популација“.

Јовица Андовски, заменик министер за здравство изјави: „Оваа тема е од суштинско значење за здравствениот систем и нашето општество во целина. Сите граѓани, без разлика на пол, возраст или социо-економски статус, треба да имаат подеднаков пристап до квалитетни здравствени услуги. Девојките, жените и ранливите групи претставуваат клучни категории за кои е неопходно да обезбедиме посебна поддршка, бидејќи тие најчесто се соочуваат со бариери во пристапот до здравствена грижа“.

Д-р Аким Али, претставникот на СЗО и шеф на канцеларијата во земјава изјави дека превенцијата и заштитата од болести се клучни во секој здравствен систем, без разлика дали се работи за имунизацијата на малите деца за да ги спречиме смртоносните болести како морбили или големата кашлица, или пак спречување на болести како туберкулоза, или третман на ХИВ, затоа што раната детекција и третман се многу важни. Тој додаде дека исто така, многу е значајно да се работи на здравствената заштита кај жените, како и на повозрасните граѓани. Во таа насока тој ја поздрави работата на Министерството за здравство во соработка со граѓанскиот сектор, како национални партнери, во превенцијата како значајна заштитна мерка и додаде дека се надева дека исходот од конференцијата ќе придонесе за обликување на идните политики и мерки.

Како дел од проектот се подготвија детални анализи на четири здравствени превентивни програми во Република Северна Македонија: Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата, Програмата за рана детекција и скрининг на малигни заболувања, Програмата за партиципација при користење на здравствена заштита на одделни заболувања на граѓаните и здравствената заштита на родилките и доенчињата и Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција, од кои произлезе сублимираната анализа со наслов „Унапредување на превентивната здравствена заштита за ранливите групи наоди и препораки од мониторингот на четири здравствено превентивни програми на Министерството за здравство“. Дополнително, беа подготвени и Економски анализи со клучни наоди и препораки за унапредување на четирите програми, како и правна анализа за измени и дополни на Законот за здравствена заштита во делот на препознавање на граѓанските организации како даватели на здравствени услуги. Дел од наодите на овие истражувања покажуваат дека:

  • Со Програмата за рана детекција на малигни заболувања е планиран опфат од само 25.000 жени годишно (наместо планираниот опфат од наместо 115.345) од целната група на жени кои треба да бидат опфатени со скрининг за период од три години;
  • Жените кои немаат здравствено осигурување, од 2022 година се оставени без бесплатни прегледи во бременоста и породување;
  • Во 2023 година искористени се 94 % од средствата од целокупниот буџет на Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата (искористени се 16,8 милиони денари од предвидени 18 милиони). Но,  буџетските ставки наменети за најранливите категории на жени бележат најнизок процент на реализација: од предвидени 890.000 денари, потрошени се 316.190 денари (35% реализација).

На конференцијата ќе се обратат и пратеници од Собранието на Република Северна Македонија, кои истовремено се дел и од Комисијата за здравство: Рашела Мизрахи, Венко Филипче, Илир Хасани и Беким Сали.

This post was originally published on this site

Продолжи со читање

  • МЦМС ја започна новата антикорупциска програма

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го започна спроведувањето на програмата „Градење општество отпорно на корупција“, која ќе се реализира во периодот од 1 јануари 2026 до 30 јуни 2028 година со финансиска поддршка од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

  • Потврда на долгогодишното македонско-холандско пријателство

    Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на 16 јануари 2026 година беа домаќини на Н.Е. Узлем Џанел (Özlem Canel), Амбасадорка на Кралството Холандија во Република Северна Македонија и Иван Илиев, советник за економија и трговија во Амбасадата.

    „Денес беше убава прилика за освежување на долгото пријателство меѓу МРФП и Амбасадата на Кралството Холандија“, истакна Лазар Неданоски, извршен директор на МРФП.На средбата, која помина во пријатна и отворена атмосфера, директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, потсети на почетоците на соработката со Холандија и на клучните поединци кои придонеле за развојот на организацијата. МЦМС како организација е основана во 1993 година, како потфат на домашни иницијативи поддржани од Холандската меѓуцрковна помош (ХМП) и агенциите на Светскиот совет на црквите (ССЦ). Пет години подоцна, во 1998 година, МЦМС ја основаше Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), фокусирана на развој на малите претпријатија, преку пристап до финансиски услуги и промоција на претприемништво.

    Директорот на МРФП, Неданоски, даде хронолошки приказ на развојот на Фондацијата, нагласувајќи дека поддршката од Кралството Холандија била од клучно значење во првите години од нејзиното работење. Според него, таа поддршка не била важна само од финансиски аспект, туку имала значително влијание и врз организацискиот развој на МРФП, како и врз пошироката заедница мултиплицирајќи го ефектот во развојот на институциите, организациите и нивните лидери.
    Амбасадорката Џанел изрази задоволство што поддршката од Кралството Холандија резултирала со одржливи организации кои успешно работат и го пренесуваат своето искуство на други организации и институции. На средбата беше разговарано и за можностите за идна соработка.
     

  • Презентиран Индексот на политички интегритет

    На 27 ноември 2025 година во Клубот на пратеници се одржа презентацијата на првиот Индекс за политички интегритет (ИПИ) во земјата – инструмент создаден да ја измери, поттикне и промовира културата на интегритет во политичкиот и јавниот живот. Настанот беше проследен од голем број претставници на институции, медиуми, граѓански организации. Во своето…

  • Bure-Cycle: Од отпад до иновативен велосипедски паркинг

    Во светот каде ресурсите се ограничени, а отпадот се зголемува, секоја мала идеја за реупотреба има големо значење. Еко Логик со својот проект Bure-Cycle го покажува токму тоа – како старите метални буриња можат да добијат нов живот и да станат функционални, визуелно привлечни и одржливи велосипедски паркинзи за јавни простори. Иницијативата се роди од […]

  • Младите уметници го освојуваат јавниот простор: PATS – Уметност за активизам и општествени промени

    Европскиот проект „Младите уметници го освојуваат јавниот простор – PATS“ (Performance Artists Take The Streets – PATS) официјално започнува со јасна и силна мисија: да им овозможи на младите уметници нови простори, алатки и можности за креативно изразување и општествен ангажман. Уметноста како глас на промената PATS е проект финансиран преку Erasmus+ програмата на Европската […]

  • Високите цени ја истиснаа корупцијата од првото место, но таа и понатаму е меѓу најголемите општествени предизвици

    За разлика од 2021 и 2023 година, кога корупцијата беше препознаена како најголем општествен проблем, во 2025 година граѓаните на прво место ги издвојуваат високите цени (46,6%), додека корупцијата е веднаш зад нив (40,1%). Ова укажува дека инфлацијата, растечките трошоци за живот и намалената куповна моќ ја зголемуваат економската несигурност, но и дека корупцијата останува еден од клучните општествени предизвици.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор