Karusel 07 Statistichki slajd 1 800x300

СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ – 4ти февруари – Светски ден за борба против ракот

Штедењето на превенција чини животи: само 10% од жените опфатени со скрининг за рак на грлото на матката

 Иако ракот на грлото на матката е едно од ретките малигни заболувања што речиси целосно може да се превенира, во Северна Македонија секоја година заболуваат околу 200 жени, а помеѓу 40 и 60 жени го губат животот од оваа болест. Алармантен е податокот дека во 2024 година со организираниот скрининг биле опфатени само околу 10% од целната група жени, далеку под минимално потребниот праг за ефикасна превенција.

По повод 4 Февруари – Светскиот ден за борба против ракот, кој годинава се одбележува под мотото „Обединети во нашата уникатност“, ја истакнуваме потребата здравствениот систем да ги стави луѓето и нивните реални потреби во центарот на здравствената заштита, со посебен фокус на жените и ранливите групи.

Анализите и искуствата од терен покажуваат дека превентивната здравствена заштита не е приоритет во здравствените политики. Буџетот за превентивни програми со години стагнира и не го следи растот на трошоците и инфлацијата – во 2025 година изнесуваше 672,5 милиони денари, а за 2026 година се планирани 677 милиони денари. Истовремено, за скрининг на малигни заболувања се издвојуваат само 23 милиони денари годишно, сума што останува непроменета со години и треба да опфати четири различни малигни заболувања.

Особено загрижува состојбата со скринингот за рак на грлото на матката. Програмата, воведена уште во 2012 година, располага со само 11 милиони денари годишно, што не овозможува соодветен опфат и квалитет. Недостигот од гинеколози во околу 40 општини, ограниченото функционирање на мобилната гинеколошка амбуланта и административните бариери дополнително го отежнуваат пристапот на жените до навремена превенција.

Додека повеќе земји од Европската Унија се приближуваат кон елиминација на ракот на грлото на матката како јавно-здравствен проблем, кај нас ова заболување и понатаму одзема животи кои можат да се спасат. Ефикасен и соодветно финансиран скрининг, заедно со висок опфат со ХПВ вакцинација кај девојчињата и момчињата, се клучни мерки за спречување на овие поразителни статистики.

Затоа, ја повикуваме Владата и Министерството за здравство итно да ја зголемат финансиската поддршка за скринингот на рак на грлото на матката на најмалку 35 милиони денари годишно, да обезбедат подобра достапност до гинеколошки услуги, да ја зајакнат ХПВ вакцинацијата и да инвестираат во континуирани и сеопфатни здравствени едукативни кампањи.

Превенцијата спасува животи. Вложувањето во рана детекција не е трошок, туку инвестиција – и во здравјето на жените и ранливите групи, и во одржливоста на целиот здравствен систем.

Работата на полето на унапредување на скринингот на ракот на грлото на матката е спроведено во рамки на проектот „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“. Проектот го спроведуваат партнерските организации  ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ и Здружение Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

Линк до публикацијата со наодите на граѓанските организации

 

Контакт за медиуми:

Борјан Павловски

Координатор на програмата за јавно здравје и здравје на жените

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ)

ул. Максим Горки бр. 20/1-4

Телефони за контакт: 070/268–714, 02/3298-713

   

Содржината на ова соопштение е единствена одговорност на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ и Здружение Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.

This post was originally published on this site

Продолжи со читање

  • Елаборат за четириесетите – XL Средби на извидници Велес 2026

    Почитувани извидници, извидничкиот одред “Димитар Влахов” од Велес одбележувајќи ја седмата деценија на постоење на извидништвото во Велес и Денот на Државноста на Македонија, Ве поканува на традиционалните XL Средби на извидници 2026. Во периодот од 1975 до 2026 година, успевaме да организираме четириесет Средби на извидници од кои последните…

  • Ново регионално партнерство: Здружението започнува проект поддржан од Western Balkans Fund и Европската Унија

     Со голема чест и задоволство споделуваме дека Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености е добитник на грант од Фондот за Западен Балкан (Western Balkans Fund), кофинансиран од Европската Унија! На 24 и 25 јуни 2026 година во Тирана, Албанија, присуствувавме на дводневната партнерска работилница и свечената церемонија…

  • Успешно реализирана XXVI Вардарска регата “Гемиџии 2026“

    Иако регатата се одвива по 26-ти пат, ова е трета година во која пловидбата заврши во Солун, идентично како онаа на велешките трговци во минатото. Чамците растоварени, пловењето успешно завршено, се сумираат впечатоците од Вардарска регата „Гемиџии“ која по 26-ти пат ја оживеа традицијата и патшествието на велешките трговци во…

  • Од отпад до производ: Како био-отпадот станува дел од нашето секојдневие

    Био-отпадот претставува органски отпад кој потекнува од домаќинствата, пазарите, градините и прехранбената индустрија. Во оваа категорија спаѓаат остатоци од овошје и зеленчук, талог од кафе, лушпи од јајца, лисја и трева.
    Иако најчесто се третира како отпад, био-отпадот претставува вреден ресурс. Во контекст на циркуларната економија, тој се користи како суровина за создавање нови материјали, енергија и производи што повторно се враќаат во економскиот циклус.

    https://unsplash.com/photos/person-holding-eco-not-ego-signage-_kB9NKpErH4
    Во традиционалниот модел, био-отпадот најчесто завршува на депонии, каде што при разградување без кислород се создава метан – силен стакленички гас кој придонесува за климатските промени. Во циркуларниот пристап, истиот отпад се третира како ресурс и се трансформира во компост, биоматеријали, природни ѓубрива и иновативни производи. На овој начин се намалува количината на отпад, се намалуваат емисиите и се поттикнува развој на зелени технологии и локални бизниси.
    Овој пристап е тесно поврзан со пораката „Eco, not ego“, која потсетува дека одржливите избори ја ставаат еколошката одговорност пред краткорочната индивидуална удобност. Со тоа, био-отпадот се гледа не како проблем, туку како почеток на нов циклус на вредност, обновување и одржлив развој.

    Примери на продукти изработени од био-отпад

    Биопластика и дизајн-предмети од талог од кафе – Coffeefrom (Италија): Италијанскиот стартап Coffeefrom го претвора искористениот талог од кафе во биопластика и композитни материјали кои се користат за дизајнерски производи, пакување и индустриска примена, покажувајќи дека дури и секојдневниот отпад може да добие нова вредност.

    (Извор: EU-Startups, август 2025 – eu-startups.com | Renewable Matter – renewablematter.eu)

    Биоразградливо пакување од мицелиум и земјоделски отпад – Grown.bio (Холандија): Компанијата Grown.bio користи мицелиум и земјоделски отпад за производство на целосно биоразградливи пакувања и изолациски материјали кои нудат одржлива алтернатива на пластиката и стиропорот.

    (Извор: European Circular Economy Stakeholder Platform – circulareconomy.europa.eu | Saladplate, октомври 2025 – saladplate.com)

    Еко-кожа од манго отпад – Fruitleather Rotterdam (Холандија): Fruitleather Rotterdam го рециклира отпадот од манго што не ги исполнува пазарните стандарди и го претвора во издржлив вегански материјал кој се користи за изработка на чанти, паричници и други модни производи.

    (Извор: Plant Based News, мај 2025 – plantbasednews.org | Nature Biotechnology, 2025 – nature.com)

    Фото:https://unsplash.com/photos/a-pile-of-garbage-sitting-on-top-of-a-grass-covered-field-pprCuLQopHw
    Овие примери покажуваат дека отпадот не мора да биде проблем кој треба да се отстрани. Со соодветна креативност, технологија и визија, тој може да стане вреден ресурс кој создава нови производи, нови работни места и помало влијание врз природата.
    Циркуларната економија нè учи дека секој материјал има потенцијал за нов живот. Наместо да гледаме на био-отпадот како нешто без вредност, можеме да го препознаеме како можност за иновации и одржлив развој. Токму во оваа промена на перспективата лежи клучот кон поодржлива иднина.
     
    Оваа статија е подготвена во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
    Содржината на оваа статија е единствена одговорност на Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.
    Автори: Јасмина Петровска, Еко Логик и Ана Серафимова, Еко Логик

  • Успешно заврши тркалезната маса за зелена транзиција и CBAM

    На тркалезната маса „Зајакнување на конкурентноста: Енергетската транзиција, CBAM и иднината на македонската индустрија“, Finance Think ја промовираше студијата „Подготвеност за CBAM и зелената индустриска транзиција во Северна Македонија“. Студијата покажува дека подготвеноста за CBAM ќе биде клучен фактор за одржување на конкурентноста на домашните производители на пазарот на Европската Унија. Во 2025 година, извозот […]
    The post Успешно заврши тркалезната маса за зелена транзиција и CBAM first appeared on Finance Think.
    The post Успешно заврши тркалезната маса за зелена транзиција и CBAM appeared first on Finance Think.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор