Naslovna 404 fotor naslovna.jpg

Повик до Претседателката на РСМ, Гордана Сиљановска-Давкова за непотпишување на Указите за штетни законски измени во образованието и доследно спроведување на заложбите за родова еднаквост

Почитувана Претседателке Сиљановска-Давкова,

Минатата година, по повод Вашиот избор за Претседателка на државата, Ви упативме писмо со честитки и јасни очекувања – како прва жена на оваа функција, да бидете сојузничка на жените, младите и маргинализираните заедници, и да ги поддржите заложбите за родова еднаквост, социјална правда и почитување на човековите права. Истото писмо беше и повик за конкретна политичка акција – за поддршка на политики кои ќе ги унапредат правата на жените, младите и маргинализираните заедници, ќе ја зајакнат нивната безбедност и ќе ја зголемат нивната застапеност и учество во јавниот и политичкиот живот.

Денес, се обраќаме повторно, со длабока загриженост.

Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација најостро реагираат на неодамна усвоените измени на Законот за основно образование и Законот за учебници во основно и средно образование, кои се носат без вклученост на стручната јавност, без консултација со младите и во целосна спротивност со принципите на инклузивност и научна заснованост. Со овие измени, се укинува здравствената едукација базирана на докази, а се легализираат форми на дискриминација и насилство врз младите во образовниот систем.

Овие законски измени доаѓаат во период кога државата уште ја жали најголемата трагедија во поновата историја – загубата на 59 млади животи во Кочани – што претставува директна последица на системска негрижа, неказнивост и корупција. Наместо да одговориме со зајакнување на системите за заштита и грижа за младите, Собранието и Владата носат закони кои дополнително ги ставаат во ризик нивното здравје, нивната безбедност и нивните основни човекови права.

Овие законски измени се во директна спротивност со сите препораки што државата ги има добиено изминатава деценија од телата на Обединетите Нации за почитување на човековите права, со заложбите преземени во рамки на Целите за одржлив развој – особено Целта број 5 за унапредување на родовата еднаквост – како и со националното законодавство за заштита од дискриминација и Националната развојна стратегија на држвата.

Дозволете ни да потсетиме на дел од алармантните податоци:

  • Насилството е нормализирано во Македонија, се почести се случаите на вознемирување, сексуално насилство, малтретирање и силување кај младите извршено од малолетници, како во училиштата, така и во јавните простори;
  • Стапката на просечно стапување на прв сексуален однос кај младите во Македонија изнесува 15 години односно 16 години за девојчињата. За споредба со земјите каде здравствената едукација е интегрирана во училишните програми, младите го одложуваат влегувањето во прв сексуален однос, некаде дури и до 19 годишна возраст;
  • Стапката на тинејџерска бременост во 2023 година изнесува 13.4 на 1000 девојки на возраст од 15-19 години;
  • Младите на возраст од 15 до 18 години се најмногу изложени на насилствоза разлика од другите возрасни групи во државата и младите кои ѝ припаѓаат на ЛГБТИ задницата се и до четирипати почесто малтретирани во училиште од хетеросексуалните врсници[1]. Дополнително, 15-годишници со хомосексуална и бисексуална ориентација страдаат два или повеќе пати почесто во споредба со своите хетеросексуални врсници, честопати со повеќе психосоматски симптоми (74 %), чувства на тага и безнадежност (47 %) или со сериозни самоубиствени мисли (30 %);
  • Само во периодот од 2021-2023 се документирани 82 случаи на насилство во образованието врз ЛГБТИ млади, при што образованието е втора област по ред со најмногу документирани случаи на институционално насилство врз ЛГБТИ, после здравството.

Со исклучување на здравствената едукација, и со бришење на темите поврзани со родова еднаквост, сексуално и репродуктивно здравје, државата не само што ги негира реалностите со кои се соочуваат младите, туку свесно ги препушта на дезинформации, стигматизација, насилство и дискриминација. Загрижува податокот дека никој од стручната јавност, ниту младинските организации, не побараа ваков тип на законски измени во образованието. Токму затоа прашуваме, дали Владата и Парламентот се во директна спрега со неформални и формални радикални групи, кои под превезот на „заштита на правата на децата” секојдневно промовираат –дискриминација, омраза, насилство, шират теории на заговор против употреба на вакцините и други методи за здравствена превенција базираат на докази. Истите групи веќе неколку години промовираат антидемократски процеси и оркестрирано напаѓаат стручни лица, активисти од граѓанскиот сектор, новинари. Оваа насока е целосно спротивна на заложбите на државата за ЕУ интегративните процеси.

Во тој контекст, Ве повикуваме, како Претседателка на државата и како личност која јавно се залага за владеење на правото и родова еднаквост, да:

  1. Не ги потпишете Указите за измените и дополнувањата на Законот за основно образование и Законот за учебници;
  2. Ја искористите Вашата институционална и морална позиција за да побарате ревизија и повлекувањена овие измени;
  3. Побарате отворање на јавна дебата со вклучување на млади, стручни лица, младински и граѓански организации;
  4. Поддржите итна имплементација на подзаконски акти за заштита на децата од насилство и дискриминација во училиштата;
  5. Се заложите за усвојување на политики базирани на наука, податоци и човекови права, а не на притисоци од неформални радикални структури.

Претседателке, Сиљановска-Давкова сега е моментот да покажете дека Вашата позиција не е само симболичка, туку суштинска. Да потврдите дека Вашите заложби а за поддршка на родова еднаквост, заштита на младите и ранливите групи и борба против дискриминација не се празни зборови. И дека женското лидерство значи вредносно лидерство – со визија и грижа за целата заедница.

Со почит,
Платформа за родова еднаквост
Мрежа за заштита од дискриминација

This post was originally published on this site

Продолжи со читање

  • МЦМС ја започна новата антикорупциска програма

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го започна спроведувањето на програмата „Градење општество отпорно на корупција“, која ќе се реализира во периодот од 1 јануари 2026 до 30 јуни 2028 година со финансиска поддршка од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

  • Потврда на долгогодишното македонско-холандско пријателство

    Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на 16 јануари 2026 година беа домаќини на Н.Е. Узлем Џанел (Özlem Canel), Амбасадорка на Кралството Холандија во Република Северна Македонија и Иван Илиев, советник за економија и трговија во Амбасадата.

    „Денес беше убава прилика за освежување на долгото пријателство меѓу МРФП и Амбасадата на Кралството Холандија“, истакна Лазар Неданоски, извршен директор на МРФП.На средбата, која помина во пријатна и отворена атмосфера, директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, потсети на почетоците на соработката со Холандија и на клучните поединци кои придонеле за развојот на организацијата. МЦМС како организација е основана во 1993 година, како потфат на домашни иницијативи поддржани од Холандската меѓуцрковна помош (ХМП) и агенциите на Светскиот совет на црквите (ССЦ). Пет години подоцна, во 1998 година, МЦМС ја основаше Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), фокусирана на развој на малите претпријатија, преку пристап до финансиски услуги и промоција на претприемништво.

    Директорот на МРФП, Неданоски, даде хронолошки приказ на развојот на Фондацијата, нагласувајќи дека поддршката од Кралството Холандија била од клучно значење во првите години од нејзиното работење. Според него, таа поддршка не била важна само од финансиски аспект, туку имала значително влијание и врз организацискиот развој на МРФП, како и врз пошироката заедница мултиплицирајќи го ефектот во развојот на институциите, организациите и нивните лидери.
    Амбасадорката Џанел изрази задоволство што поддршката од Кралството Холандија резултирала со одржливи организации кои успешно работат и го пренесуваат своето искуство на други организации и институции. На средбата беше разговарано и за можностите за идна соработка.
     

  • Презентиран Индексот на политички интегритет

    На 27 ноември 2025 година во Клубот на пратеници се одржа презентацијата на првиот Индекс за политички интегритет (ИПИ) во земјата – инструмент создаден да ја измери, поттикне и промовира културата на интегритет во политичкиот и јавниот живот. Настанот беше проследен од голем број претставници на институции, медиуми, граѓански организации. Во своето…

  • Bure-Cycle: Од отпад до иновативен велосипедски паркинг

    Во светот каде ресурсите се ограничени, а отпадот се зголемува, секоја мала идеја за реупотреба има големо значење. Еко Логик со својот проект Bure-Cycle го покажува токму тоа – како старите метални буриња можат да добијат нов живот и да станат функционални, визуелно привлечни и одржливи велосипедски паркинзи за јавни простори. Иницијативата се роди од […]

  • Младите уметници го освојуваат јавниот простор: PATS – Уметност за активизам и општествени промени

    Европскиот проект „Младите уметници го освојуваат јавниот простор – PATS“ (Performance Artists Take The Streets – PATS) официјално започнува со јасна и силна мисија: да им овозможи на младите уметници нови простори, алатки и можности за креативно изразување и општествен ангажман. Уметноста како глас на промената PATS е проект финансиран преку Erasmus+ програмата на Европската […]

  • Високите цени ја истиснаа корупцијата од првото место, но таа и понатаму е меѓу најголемите општествени предизвици

    За разлика од 2021 и 2023 година, кога корупцијата беше препознаена како најголем општествен проблем, во 2025 година граѓаните на прво место ги издвојуваат високите цени (46,6%), додека корупцијата е веднаш зад нив (40,1%). Ова укажува дека инфлацијата, растечките трошоци за живот и намалената куповна моќ ја зголемуваат економската несигурност, но и дека корупцијата останува еден од клучните општествени предизвици.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор