медиуми

Измените во медиумското законодавство се проевропски само делумно

Измените во Законот за медиуми кој е во фаза на второ читање во Собранието и го мина надлежниот комисиски филтер, има за цел, како што напишала Владата и надлежното министерство – да го исполни Патоказот за реформи во делот на Поглавје 23 и да изврши усогласување со европското закoнодавство, со тоа што овојпат ги вметнува онлајн медиумите во регулираната сфера. Иако со последните амандмани се испочитувани дел од барањата од јавните расправи, сепак овие измени се само делумно усогласување со европското законодавство, што значи парцијално решение

Пишува: Теофил Блажевски

Измените во Законот за медиуми што е во фаза на второ читање во Собранието, се однесуваат најмногу на внесување на онлајн медиумите во легислативата, нешто што е барање на самите сопственици на онлајн медиумите, но и дел од современото европско законодавство, конкретно со Европскиот акт за слобода на медиумите познат како ЕМФА (European Media Freedom Act – EMFA).

Откако се отвори оваа тема што најмногу ја туркаа уште во време на претходната влада порталите што припаѓаат во Здружението за заштита и унапредување на интернет медиумите ONLINEMEDIA.MK, но и откако и новинарските здруженија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), отстапија од ставот дека нема потреба од регулација на порталите – тој став беше и став на ЕУ се до пред некоја година – Министерството за дигитална трансформација (МДТ), подготви измени на Законот за медиуми. Овие измени беа подготвени уште лани при крај на годината, но откако еснафските организации и експерти побараа јавна расправа, таа траеше до март, а оттогаш предлогот за измени е ставен во Собранието, каде вчера (14.04.) го мина комисискиот филтер на надлежната комисија и се очекува да биде усвоен и на пленарна седница на парламентот.

Што треба(ше) да се постигне со овие измени?

Главна измена на овој закон е внесување на онлајн медиумите како регулирани медиуми со права и одговорности и формирање Регистер на онлајн медиуми што со законското решение ќе го води регулаторот АВМУ.

Но една од главните цели на законот е гарантирање на слободата на изразувањето и слободата на медиумите, нешто што спаѓа во основните права или првиот кластер во преговарачкиот процес со ЕУ – Фундаменти, а предлагачот, Владата, уште во воведот на предложените измени запишала:

Со донесувањето на измените на законското решение ќе се испочитуваат препораките зацртани во Патоказот за владеење на правото, кој ги опфаќа клучните реформски приоритети во „Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права“ во делот на слободата на изразување. Имплементацијата на препораките содржани во европските политики ќе овозможи зголемена транспарентност на онлајн медиумите во делот на сопственоста, рекламирањето и финансирањето, подобрување на конкурентноста, заштита на уредничката независност, подобрени права на новинарите. На овој начин, онлајн медиумите ќе ги остварат сите права, но и обврски како и сите други медиуми.

Дали е ова така?

Одговорот на ова прашање е само делумно. Ова го велат и експерти и од ССНМ и од невладините, кои заедно со ЗНМ бараа да нема парцијални решенија, како и од дел од невладиниот сектор кој учествуваше во дел од јавните расправи.

Снежана Трпевска од Институтот РЕСИС, експерт за медиумски политики, ни изјави дека измените се парцијални, и дека усогласувањето со европското законодавство е парцијално или минимално, поточно со ЕМФА кој стапи во сила во мај лани. Како аргументи Трпевска наведува:

  • дефиницијата на онлајн медиумите не е усогласена со ЕМФА, ниту со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги АВМУ (ЗАВМУ). Во ЕМФА се зборува за даватели на медиумски услуги, исто како во ЗАВМУ, а овде се сè уште издавачи на медиуми.
  • нема одредби за заштита на плурализмот (член 22 од ЕМФА) – затоа што концентрацијата на сопственоста во онлајн секторот не е регулирана (одредбите во ЗАВМУ се застарени и не се однесуваат на онлајн секторот).
  • нема одредби за заштита на новинарите во редакциите од арбитрарно мешање на сопствениците и директорите на медиумите, ниту пак има гаранции за нивниот работен статус (член 6.3 од ЕМФА)
  • нема обврски за сопствениците на медиумите да пријавуваат конфликт на интерес (член 6.3 од ЕМФА)
  • нема одредби со кои новинарите се заштитуваат од дигитално следење – spyware (член 4 од ЕМФА)

Освен ова, Трпевска додава дека од надлежното министерство (МДТ), иако се најавува не се знае дали воопшто ќе почне работата на нови закони што ќе бидат конзистентни и ќе ги имплементираат и другите прашања содржани во ЕМФА, а тие се: работата на јавниот сервис (членови 5.1, 5.2, 5.3 ЕМФА), концентрацијата на сопственоста (член 22 од ЕМФА), модерирањето на содржините на социјалните платформи (член 18 од ЕМФА)…

Всушност, ова произлегува од самиот Патоказ за спроведување на реформите поврзани со владеење на правото, каде Владата уште во верзијата од декември 2023 г., за овие измени си дала рок до 2028 година:

Со измените во различните закони, донесени во различни фази ќе се регулираат онлајн медиумите, позицијата на националниот радиодифузен сервис, правната заштита на новинарите, социјалните и работничките права, конкурентноста, одржливоста и плурализмот итн. (до 2028 година), се наведува во Патоказот кој е усвоен од Собранието, но според последните информации сега бил во процес на ревидирање.

Од ССНМ изразија задоволство што Владата ја уважила забелешката дека тројца постојано вработени во онлајн медиумите – како услов да влезат во Регистарот на онлајн медиуми, може да го загрози постоење на многу интернет медиуми, особено на локално ниво, па амандмански преку група пратеници го сведуваат бројот на двајца постојано вработени, со исклучок на еден и еден хонорарно вработен за локалните и специјализираните медиуми кои ги дефинирале како „медиуми со мал и/или специјализиран опфат“. Но, потсетуваат и на парцијалноста на решението:

ССНМ е задоволен што на крајот сепак беа прифатени нашите барања за измени со амандмани во Законот за медиуми. Овие измени се пред сè значајни и од големо значење за локалните медиуми кои се наоѓаат во незавидна состојба и се соочуваат со сериозни предизвици, но и за непрофитните, специјализираните медиуми и медиумите на заедниците. Сепак, уште еднаш потенцираме дека за сериозно подобрување на состојбата потребно е отворање на целосен, инклузивен процес на изработка на целосно нов Закон за медиуми кој ќе биде усогласен со Европскиот акт за слобода на медиуми и во кој ќе бидат внесени дефиниции кои ќе бидат во тек со технолошкиот напредок, и уште поважно за нас да бидат засилени членовите во законот коишто ќе ги засилат механизмите за заштита на работничките и професионалните права на новинарите и медиумските работници, што е основа за слободни медиуми кои го штитат јавниот интерес, ни изјави Павле Беловски, претседателот на ССНМ.

Ова беше заклучок и после втората панел дебата посветена на измените на законот кон крајот на март на која учествуваа преку 50 претставници на НВО секторот, релевантните медиумски здруженија и експерти. Но, меѓу заклучоците од овие дебати што се испратени до надлежното министерство се наведуваа и „целосно усогласување со европската регулатива, особено со ЕМФА“, како и дека „парцијалните решенија не се одржливи на долг рок и неопходно е да дојде до изработка на целосно нов Закон за медиуми“.

Што предлагаше Метаморфозис?

Фондацијата Метаморфозис како невладина организација која е издавач на три онлајн медиуми – интернет портали, во врска со ова прашање исто така се залага за целосно решение. Во јавната дебата и во коментарите на ЕНЕР кога беше објавена првата верзија на Предлог измените на Законот за медиуми, наведено е дека Метаморфозис е на ставот дека е неопходно донесување на нов Закон за медиуми, во кој сеопфатно ќе бидат уредени сите отворени прашања согласно европските норми и стандарди. Што значи, против парцијални решенија.

По прашањето за бројот на вработените, Метаморфозис уште тогаш беше на ставот дека ако е услов, тогаш бројот треба да биде максимум две вработени лица, но и дека законодавецот треба да биде свесен дека ги става во опасност локалните и специјализираните медиуми, па да направи исклучок:

Издавачот на информативни содржини во вид на текст, аудио или аудиовизуелен формат преку онлајн медиум – интернет портал по исклучок може да има и само едно лице во редовен работен однос, доколку неговата адреса и секојдневна работа се одвива во општините и регионите во Република Северна Македонија надвор од Скопје, т.е. потпаѓаат под категоријата локални или регионални медиуми или пак се занимаваат со информативни содржини наменети за ранливи категории граѓани и групи, а кои се од општ јавен интерес – се наведува во коментарите што на ЕНЕР ги поднесе Метаморфозис на крајот од ноември 2025 година.

Во овие предлози има и други аргументи (како на пример потребата во дефиницијата за онлајн медиум да се опфатат и нивните профили на социјалните мрежи поради усогласување со DSA), што можете да ги прочитате ТУКА.

Патем и Владата во својата Програма за 2025 г. предвидела (стр.29 и 30) дека МТД до Собранието во април ќе достави Предлог закон за дигитални услуги, што е дел од Реформската агенда за усогласување со ЕУ, со DSA., но тој не може да се пронајде ниту на ЕНЕР ниту во Собранието преку пребарување.

Конечно, на сеопфатност во усогласувањето, а не на парцијални решенија во врска со медиумите во своите извештаи упатуваше и ЕУ и во усогласувањето, а не на парцијални решенија во врска со медиумите во своите извештаи упатуваше и ЕУ и во 2023 (стр.11) и во 2024 година (стр.7).

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Фондација Метаморфозис

Продолжи со читање

  • МЦМС ја започна новата антикорупциска програма

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го започна спроведувањето на програмата „Градење општество отпорно на корупција“, која ќе се реализира во периодот од 1 јануари 2026 до 30 јуни 2028 година со финансиска поддршка од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

  • Потврда на долгогодишното македонско-холандско пријателство

    Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на 16 јануари 2026 година беа домаќини на Н.Е. Узлем Џанел (Özlem Canel), Амбасадорка на Кралството Холандија во Република Северна Македонија и Иван Илиев, советник за економија и трговија во Амбасадата.

    „Денес беше убава прилика за освежување на долгото пријателство меѓу МРФП и Амбасадата на Кралството Холандија“, истакна Лазар Неданоски, извршен директор на МРФП.На средбата, која помина во пријатна и отворена атмосфера, директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, потсети на почетоците на соработката со Холандија и на клучните поединци кои придонеле за развојот на организацијата. МЦМС како организација е основана во 1993 година, како потфат на домашни иницијативи поддржани од Холандската меѓуцрковна помош (ХМП) и агенциите на Светскиот совет на црквите (ССЦ). Пет години подоцна, во 1998 година, МЦМС ја основаше Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), фокусирана на развој на малите претпријатија, преку пристап до финансиски услуги и промоција на претприемништво.

    Директорот на МРФП, Неданоски, даде хронолошки приказ на развојот на Фондацијата, нагласувајќи дека поддршката од Кралството Холандија била од клучно значење во првите години од нејзиното работење. Според него, таа поддршка не била важна само од финансиски аспект, туку имала значително влијание и врз организацискиот развој на МРФП, како и врз пошироката заедница мултиплицирајќи го ефектот во развојот на институциите, организациите и нивните лидери.
    Амбасадорката Џанел изрази задоволство што поддршката од Кралството Холандија резултирала со одржливи организации кои успешно работат и го пренесуваат своето искуство на други организации и институции. На средбата беше разговарано и за можностите за идна соработка.
     

  • Презентиран Индексот на политички интегритет

    На 27 ноември 2025 година во Клубот на пратеници се одржа презентацијата на првиот Индекс за политички интегритет (ИПИ) во земјата – инструмент создаден да ја измери, поттикне и промовира културата на интегритет во политичкиот и јавниот живот. Настанот беше проследен од голем број претставници на институции, медиуми, граѓански организации. Во своето…

  • Bure-Cycle: Од отпад до иновативен велосипедски паркинг

    Во светот каде ресурсите се ограничени, а отпадот се зголемува, секоја мала идеја за реупотреба има големо значење. Еко Логик со својот проект Bure-Cycle го покажува токму тоа – како старите метални буриња можат да добијат нов живот и да станат функционални, визуелно привлечни и одржливи велосипедски паркинзи за јавни простори. Иницијативата се роди од […]

  • Младите уметници го освојуваат јавниот простор: PATS – Уметност за активизам и општествени промени

    Европскиот проект „Младите уметници го освојуваат јавниот простор – PATS“ (Performance Artists Take The Streets – PATS) официјално започнува со јасна и силна мисија: да им овозможи на младите уметници нови простори, алатки и можности за креативно изразување и општествен ангажман. Уметноста како глас на промената PATS е проект финансиран преку Erasmus+ програмата на Европската […]

  • Високите цени ја истиснаа корупцијата од првото место, но таа и понатаму е меѓу најголемите општествени предизвици

    За разлика од 2021 и 2023 година, кога корупцијата беше препознаена како најголем општествен проблем, во 2025 година граѓаните на прво место ги издвојуваат високите цени (46,6%), додека корупцијата е веднаш зад нив (40,1%). Ова укажува дека инфлацијата, растечките трошоци за живот и намалената куповна моќ ја зголемуваат економската несигурност, но и дека корупцијата останува еден од клучните општествени предизвици.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор