Hera novo logo final mk scaled

ХЕРА: Европската комисија предупредува – антиродовите наративи, дезинформациите и институционалната неефикасност ги загрозуваат човековите права и демократијата

ХЕРА: Европската комисија предупредува – антиродовите наративи, дезинформациите и институционалната неефикасност ги загрозуваат човековите права и демократијата
Најновиот Извештај на Европската комисија за Северна Македонија за 2026 година испраќа сериозно предупредување: антиродовите наративи, изборните дезинформации, политичката поларизација и недоволната институционална заштита ги поткопуваат човековите права, родовата еднаквост и демократските процеси. Наодите потврдуваат дека проблемите за кои граѓанските организации со години предупредуваат не се изолирани случаи, туку системски слабости што бараат итен одговор од институциите.
Европската комисија посочува дека антиродовите наративи продолжуваат да го попречуваат напредокот во родовата еднаквост и да влијаат врз политичките дискусии и јавната дебата. Истовремено, граѓанските организации и бранителите на човековите права се соочуваат со заплашување, онлајн вознемирување, закани и кампањи за јавна дискредитација. Особено се изложени активистите, новинарите и организациите што работат на човековите права, слободата на медиумите и заштитата на малцинствата. Ова не смее да се релативизира како обична размена на различни мислења. Кога организираните притисоци и дезинформациите влијаат врз законите, образованието и јавните политики, последиците директно ги чувствуваат граѓаните, особено најранливите.
Дополнително, Комисијата предупредува дека изборните дезинформации, странското информациско влијание и заканите од мешање во изборните процеси остануваат недоволно адресирани. Нерегулираните онлајн политички кампањи и отсуството на надзор врз политичкото комуницирање на социјалните мрежи создаваат сериозни ризици за интегритетот на изборите. Државата мора да обезбеди функционални механизми за заштита од информациски манипулации, без притоа да ја ограничува слободата на изразување.
Загрижувачки се и податоците за политичкото учество на жените. На локалните избори во 2025 година, од 309 кандидати за градоначалници, само 32 биле жени, а избрани биле само четири градоначалнички. Комисијата констатира дека жените кандидатки биле изложени на родово мотивирани напади, особено онлајн, додека прашањата за родова еднаквост речиси отсуствувале од изборната кампања. Не може да зборуваме за суштинска демократија кога жените се речиси невидливи во политичката трка, а оние што учествуваат се изложени на напади и дискредитација. Потребни се конкретни мерки за еднакво политичко учество, вклучително и квоти, како што препорачува Европската комисија.
Извештајот повторно го отвора прашањето за отстранувањето на содржините за сексуално и репродуктивно здравје и родова еднаквост од законите во образованието. Наместо да обезбеди современо и научно засновано образование, државата дозволи овие содржини да бидат потиснати од образовните политики. Со измените во Правилникот за пријавување насилство во училиштата, сексуалната ориентација е отстранета како можна причина за насилство, со што се ризикува насилството од омраза кон ЛГБТИК+ лицата да остане нерегистрирано, а неговата превенција да биде отежната. ХЕРА предупредува дека одземањето на пристапот до точни информации не ги заштитува младите, туку ги прави поранливи на дезинформации, дискриминација, насилство и здравствени ризици. Образованието мора да се креира врз основа на науката и потребите на децата, а не под притисок на идеолошки кампањи.
Сериозни се и оценките за родово заснованото и семејното насилство. Европската комисија констатира дека специјализираните услуги за жртвите се недоволни, а недостигот од кадар, нестабилното финансирање и проблемите со лиценцирањето на граѓанските даватели на услуги ја загрозуваат нивната одржливост. Во општество во кое насилството врз жените продолжува да одзема животи, неприфатливо е заштитата на жртвите да зависи од краткорочни донаторски проекти или административната волја на институциите.
Потребни се функционални услуги, стабилно државно финансирање и доследно спроведување на Истанбулската конвенција.
Европската комисија предупредува и на сериозни нееднаквости во пристапот до здравствена заштита, особено за жените од руралните и маргинализираните заедници. Незаконската наплата на гинеколошки услуги што треба да бидат бесплатни, ограничената достапност на здравствена заштита и системската дискриминација на ромските жени покажуваат дека основните здравствени права сè уште не се еднакво достапни за сите. Истовремено, продолжуваат дискриминацијата врз ЛГБТИК+ лицата и недостатоците во нивната правна и институционална заштита.
Особено загрижува што граѓанските организации кои обезбедуваат директни здравствени, социјални и советувалишни услуги продолжуваат да работат со ограничено и непредвидливо финансирање, додека истовремено се изложени на притисоци и дискредитација. Државата не може да очекува граѓанскиот сектор да ги надоместува слабостите на јавните институции без да обезбеди соодветна поддршка и заштита.
ХЕРА бара од Владата, Собранието, политичките партии и надлежните институции:
  1. Итни мерки против изборните дезинформации и информациските манипулации, со транспарентен надзор на онлајн политичките кампањи и заштита од родово мотивирани напади.
  2. Суштинско политичко учество на жените, преку соодветни квоти, еднакви можности и механизми за спречување на родово заснованото политичко насилство.
  3. Враќање на содржините за сексуално и репродуктивно здравје, родова еднаквост и основите за заштита од дискриминација во образованието, со јасен план и рокови.
  4. Итно усогласување на законодавството и ефективна заштита од родово засновано насилство, со стабилно државно финансирање на специјализираните услуги.
  5. Еднаков пристап до сексуални и репродуктивни здравствени услуги, без дискриминација и незаконски финансиски бариери.
  6. Ефикасна заштита на граѓанските организации, активистите и маргинализираните заедници од закани, говор на омраза, дискриминација и заплашување, како и суштинско учество на граѓанскиот сектор во креирањето политики.
Европската интеграција не може да биде само декларативна определба, додека во пракса се ограничуваат права, се потиснуваат научно засновани образовни содржини, се толерираат напади врз активисти и се оставаат најранливите граѓани без соодветна заштита.
Демократијата не се мери само со одржувањето избори, туку со еднаквите можности за учество, заштитата на човековите права и способноста на институциите да обезбедат услуги и правда за сите.
ХЕРА ги повикува институциите да престанат со декларативната поддршка на европските вредности и да ги претворат препораките на Европската комисија во конкретни закони, буџетски средства и функционални услуги. Човековите права не смеат да бидат заложници на политички калкулации и идеолошки притисоци.
Потребни се конкретни резултати, а не нови оправдувања.
Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА Скопје

Продолжи со читање

  • Критичка мисла или кога уметноста му пречи на градот: Скопје и невидливите граници на слободата на изразување

    Избришани дела, отстранети билборди и герила-акции што ги исмеваа урбанистичките политики отвораат прашање за тоа кој одлучува што ќе биде видливо во јавниот простор. Случаите со Игор Тошевски, групата ОПА, Велимир Жерновски и Ирена Паскали покажуваат различни начини на кои критичката уметност се соочувала со пречки. И денес нема целосна документација за одлуките, а тогашните […]
    Read More… from Критичка мисла или кога уметноста му пречи на градот: Скопје и невидливите граници на слободата на изразување
    The post Критичка мисла или кога уметноста му пречи на градот: Скопје и невидливите граници на слободата на изразување appeared first on Хелсиншки комитет за човекови права.

  • Политичкото влијание врз правосудството претставува сè поголем предизвик за владеењето на правото

    Независноста на правосудството и неговата способност да постапува без несоодветно влијание од извршната власт се меѓу клучните предизвици утврдени во Индексот за владеење на правото за 2026 година на World Justice Project. Според резултатите, состојбата во граѓанската правда се влошила во 64 % од анализираните земји, а во кривичната правда…

  • Високите цени ја надминаа корупцијата како клучен проблем, но расте прифатливоста и подложноста на корупција во Северна Македонија

    За разлика од 2021 и 2023 година, кога корупцијата беше идентификувана како најсериозен општествен проблем, во 2025 година граѓаните на Северна Македонија ги рангираат високите цени како своја главна грижа (46,6%), а корупцијата е веднаш зад нив (40,1%). Ова укажува дека инфлацијата, зголемените трошоци за живот и намалената куповна моќ ја зголемуваат економската несигурност, додека корупцијата и понатаму останува еден од клучните предизвици со кои се соочува општеството. 

  • Демир Капија: Жените бараат редовни средби со институциите и поголема поддршка за локалните иницијативи

    Демир Капија, октомври 2026 – Поголема вклученост на жените во локалното одлучување, редовни консултации со жителките од руралните средини и навремени повратни информации од институциите беа дел од главните теми на јавната дебата „Женското лидерство како огледало на заедницата“, одржана во Демир Капија. Дебатата ја организираше Хуманитарното здружение „Мајка“ – Куманово, во соработка со Организацијата […]

  • Младите од Струга во улога на новинари на работилница за медиумите на заедницата

    Средношколци од Струга учеа за медиумите на заедницата, разговараа за етиката во новинарството и за момент влегоа во улога на новинари. Тие предлагаа теми, анализираа како да ја обработат приказната и дискутираа колку е важно да се зборува јавно за проблемите на локалните заедници и да се бараат решенија.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор