[Aggregator] Downloaded image for imported item #50325

ФИНАНСИСКАТА ПИСМЕНОСТ – ВЕШТИНАТА ШТО ЈА УЧИМЕ ДУРИ КОГА ЌЕ ЗГРЕШИМЕ

Учиме за гравитацијата уште во основно училиште – зошто паѓа јаболкото, како се пресметува брзина. Малкумина од нас, меѓутоа, излегле од образовниот систем со јасна претстава како се составува личен буџет, што значи каматна стапка на кредит, или каде одат парите што ги плаќаме преку даноци. А сепак, секој од нас, порано или подоцна, ќе донесе финансиска одлука со траен ефект, за да го подобри квалитетот на својот живот, да изгради дом или да се стекне со подобро образование.

Пред две години, Центарот за развој и промоција Промо Идеа Струмица, заедно со  здруженијата Новус од Струмица и Круна Плус од Радовиш почнаа со проектот „Младинска мрежа за финансиска писменост на Југоистокот”, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

Проектот тргна од едно прашање: колку младите луѓе во Југоисточниот регион се подготвени да управуваат со личните финансии, и колку разбираат како функционираат јавните и локалните финансии, како области во кои недостатокот на знаење често отвора простор за корупција. Одговорот беше побаран преку истражување спроведено во 2024 и 2025 година, меѓу млади на возраст од 18 до 29 години. Резултатите покажаа каде постојат празнини во знаењата, а врз таа основа партнерите развија три тренинг модули. Новус Струмица работеше на личните финансии и препознавањето корупција, Круна Плус Радовиш на влијанието на јавните финансии врз општествениот развој и евроинтеграцијата, а Промо Идеа Струмица на управувањето со јавните и локалните финансии, но и на инвестирањето како клучна вештина кај младите лица.

Патот до обуките помина низ три регионални настани во Струмица и во Радовиш, каде преку предавања на експерти од областа на финансиите и отворена дискусија, повеќе од 70 млади лица се сретнаа со идејата дека темите за буџетирање, штедење и инвестирање заслужуваат исто толку внимание колку и училишната програма.
Меѓу мај и јули 2026 година, модулите за учење беа применети во пракса преку три обуки, кои се одржаа во Up Hub Струмица, во Младинскиот центар во Струмица и во Радовиш, со вкупно 56 млади учесници. Влезните и излезните тестови покажаа просечно подобрување на резултатите од 30%.
Паралелно со обуките растеше и неформалната младинска мрежа за финансиска писменост на Југоистокот, која денес брои 31 член.

Тренинг модулите се отворени и достапни на веб-страните на сите три организации, слободни за секого да ги користи, самостојно или како основа за нови обуки. Промо Идеа Струмица, Новус Струмица и Круна Плус Радовиш остануваат отворени за понатамошна соработка со организации, институции и поединци кои сакаат да се вклучат во темата финансиска писменост – без разлика дали станува збор за користење на тренинг материјалите, вклучување во мрежата или заедничко идно делување.

Затоа што финансиската писменост не мора да се учи дури кога ќе згрешиме – само треба некој прв да почне да ја предава.

Мислењата кои се изразени овде не нужно ги одразуваат ставовите на Швајцарската Влада, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Здружение Центар за развој и промоција Промо идеа Струмица

Продолжи со читање

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор