Dsc07938

Соработката меѓу граѓанскиот сектор и општините ќе помогне во градењето транспарентна локална власт

Овогодишната Средба за вмрежување на Цивика мобилитас (25 до 27 јуни 2025 година) што се одржа во Гевгелија, собра околу 80 претставници од граѓански организации од целата земја. Средбата беше посветена на унапредување на соработката и формулирање на заеднички предлози за подобрување на локалната демократија, особено во пресрет на претстојните локални избори. Во фокусот беше и можноста за обновување на Граѓанската платформа како механизам за обединување на граѓанскиот сектор и зајакнување на неговиот глас во креирањето јавни политики. Покрај со колегите од секторот, учесниците на средбата имаа можност да дискутираат и со Амбасадорката на Швајцарија, НЕ Вероник Улман, Министерот за локална самоуправа, Златко Перински и заменик-директорката на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) Ардита Дема Мехмети.

Александар Кржаловски, лидер на тимот на Цивика мобилитас, ја истакна важноста на колективниот ангажман и го најави процесот на „капитализација“ на најголемата програма за поддршка на граѓанското општество која речиси две децении ја поддржува Владата на Швајцарија.

Учесниците дискутираа за Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор, како клучен механизам за институционален дијалог. Никица Кусиникова, претседателка на Советот и извршна директорка на Конект посочи дека Советот е важен, иако често е игнориран. Според неа, тој треба да служи како постојана алатка за застапување, а не само во кризни моменти. „Јас во Советот не ја претставувам само мојата организација – туку целиот сектор. Сакам информациите за работата на Советот да стигнат до што е можно повеќе организации, и секоја од нив да има можност да се вклучи,“ истакна Кусиникова зборувајќи за приближувањето до граѓанските организации и зголемувањето на транспарентноста. Валентина Величковска, член на Советот од Граѓанскиот ресурсен центар го нарече Советот „мост“ помеѓу организациите и институциите, истакнувајќи дека, според последното истражување, 56% од граѓанските организации го препознаваат како релевантен. Учесниците сугерираа да се подобри комуникацијата преку месечни билтени и да се зголеми отчетноста на Советот.

На Средбата за вмрежување беше отворена дискусија за можностите за создавање на платформа на граѓанските организации. „Се почестите апели за солидарност во граѓанскиот сектор и потребата од меѓусебна поддршка не мотивираше да го отвориме прашањето на градење платформа во овој форум на граѓански организации“, рече Гонце Јаковлеска од Цивика мобилитас. Со присутните беа споделени искуствата од Граѓанската платформа на Македонија (ГПМ), која беше основана во 2004 година. Игор Тасевски од Центарот за граѓански иницијативи (ЦГИ-Прилеп) и Лулзим Хазири од Асоцијација за демократска иницијатива (АДИ-Гостивар) како домаќини на Секретаријатот на ГПМ ги презентираа искуствата и достигнувањата од активниот период Платформата, истакнувајќи ја нејзината улога во координација, застапување и зголемување на капацитетите на граѓанските организации. „Платформата беше важен двигател за транспарентност, добро управување и демократски дијалог, а многу од постигнатите резултати и денес се важна основа за функционирањето на ГО“, рече Тасевски. „И покрај постоењето на бројни тематски мрежи кои работат на различни прашања како борба против корупција, сиромаштија, владеење на правото и медиумски слободи, во Македонија недостига еден обединет и јасен глас на целото граѓанско општество. Токму тоа е клучниот предизвик што треба да го решиме – да создадеме платформа која ќе ги спои сите овие различни гласови во еден силен и кохерентен фронт, со цел поефикасно застапување и влијание“, рече Хазири од АДИ. Граѓанското здружување на регионално ниво, низ призмата на функционирањето на Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) го презентираше Ања Босилкова-Антовска. Таа се осврна на уште неколку активни платформи од регионот и пошироко.

За едно од клучните прашања на граѓанското општество, довербата, учесниците имаа можност да ги слушнат резултатите од истражувањето спроведено од Цивика мобилитас што ги презентираше Фанија Ивановска од МЦМС. Петруш Тоинес ги потсети грантистите на ПЕПА (политичко-економска и анализа на моќ), и она што беше сработено на претходната Средба.

Претставничките на УНДП, Лејла Небиу и на НДИ, Благородна Шопова зборуваа за проектите кои ги спроведуваат со општините. Небиу го презентираше проектот за зајакнување на општински совети, а Шопова зборуваше за проектот „Заедници водени од интегритет“. Учесниците потенцираа дека институционализацијата на дијалогот, транспарентното финансирање и вклученоста на граѓаните се основа за ефикасна локална власт. Свои искуства со локалната власт споделија и грантистите: Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации, Марјан Главинчевски од ИПО „Крсте Јон Струга“, Марјана Јанчевска од Метаморфозис, Ивана Ц. Стојчева од ХЗ „Мајка“ Куманово.

За локалната самоуправа и граѓанското општество зборуваа и Министерот за локална самоуправа Златко Перински, Амбасадорката Улман и заменик директорката на ЗЕЛС, Дема Мехмети. Министерот се осврна на планираните измени на Законот за локална самоуправа, дигитализацијата, воведувањето на унифицирани веб-платформи за општините и креирањето општинскиот развоен индекс. Тој ја истакна вклученоста на ГО преку поднесување на иницијативи во рамки на Советот на општините. „Заради високиот праг од 10% многу ретко се разгледуваат предлози и иницијативи од граѓани. Затоа решивме тој праг да го намалиме 5%“, рече Перински и додаде дека предлогот работата на советот задолжително да биде јавна е одговор на иницијатива на граѓанскиот сектор.

Амбасадорката Улман осврнувајќи се на примерот на Швајцарија рече дека децентрализацијата носи демократија и дека верува дека соработката на ГО и локалните власти е потребна. „Мислиме дека е подобро да се организирате заедно за да влијаете и да најдете решение за проблемите. Овој дијалог е од клучна важност, демократијата не функционира без дијалог. Демократијата бара поврзување“, рече таа.„Фискалната децентрализација е нашата најголема болка“, рече Дема-Мехмети зборувајќи за општините. „Ме радува фактот дека форумите во заедницата се препознаени и ќе бидат дел од новиот Закон за локална самоуправа. ЗЕЛС работеше на институционализација и благодарни сме на Швајцарската амбасада што ни даде таква алатка. Се надевам дека во иднина ќе можеме заеднички да помогнеме во спроведувањето на овие форуми“, рече таа и изрази подготвеност за заедничка работа на критериумите за финансирање на ГО на локално ниво.

Учесниците кои се вклучија во дискусијата ја потенцираа нерамномерната распределба на буџетски средства меѓу спортските клубови и граѓанските организации (Роберто Паризов од Еко-живот), и потребата од поголеми вложувања во регионалниот развој и подобри услови за живот во руралните средини (Лилјана Јоноски од Руралната коалиција). Средбата заврши со порака дека само преку соработка, отворен дијалог и координирани активности може да се постигнат трајни промени и да се изгради поинклузивна и одговорна локална демократија.

Продолжи со читање

  • Практична поддршка за полесно финансиско известување

    На 30 април 2026 година, во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) во Скопје, тимот на Цивика мобилитас одржа работилница за финансиско известување. Работилницата беше наменета за добитниците на партнерските грантови од повикот ЦМ-ПГ-2. Вкупно 19 учесници од сите 11 грантисти, вклучително координатори на проекти и лица задолжени за финансии,…

  • Придонесот на граѓанските организации во медиумската слобода

    „Обликување иднина во мир“ е глобалната порака под која оваа година се одбележува 3 Мај – Светскиот ден на слободата на медиумите, посветен на улогата на новинарството во заштитата на човековите права, демократските процеси и јавниот интерес. Денот се одбележува од 1993 година, по одлука на Обединетите нации и препорака…

  • Седма едукативна работилница во Куманово за унапредување на здравјето на мајките и децата со фокус на мајчиното ментално здравје

    На 23.04.2026 година во Куманово се одржа седмата по ред едукативна работилница посветена на здравјето на мајките и децата, со посебен фокус на мајчиното ментално здравје. На работилницата учествуваа 18 жени, бремени или во период до 12 месеци по породувањето. Работилницата им овозможи на учесничките да добијат важни информации за…

  • Наша моќ, наша планета: Граѓанскиот сектор предводник на промените

    Секоја година, 22 април нè потсетува дека планетата не се заштитува само со големи ветувања, туку со секојдневни работа, одлуки, практични решенија и заедници кои знаат дека имаат моќ да направат промена. Овогодинешното мото на Денот на планетата Земја, „Нашата моќ, нашата планета“, особено силно се поврзува со работата на…

  • Меѓународниот ден на Ромите низ призмата на граѓанското општество

    Меѓународниот ден на Ромите е уште една можност за проверка на напредокот на општеството за предизвиците со кои се соочуваат нашите сограѓани, но исто така и е и можност да го препознаеме придонесот на сите оние што секојдневно работат на нивно надминување. Во тој процес, граѓанските организации имаат клучна улога….

  • Средба со раководителката на секторот за Источна Европа на СДЦ

    Тимот на Цивика мобилитас на 5 март се сретна со Северин Доне-Декарт (Séverine Donnet-Descartes), раководителката на секторот за Источна Европа во Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ). Таа се интересираше за предизвиците во граѓанското општество, како и за можностите што програмата ги нуди за граѓанските организации во земјата. Александар…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор