Јавниот интерес пред скриената сопственост
Во светот долго време се знаеше за постоењето на т.н. „шел“ или празни компании кои без познат сопственик и без вработени си префрлаа меѓу себе огромни суми пари за фиктивни услуги, за да се затскрие трагата на овие пари кои најчесто потекнуваа од црни и неоданочени бизниси.
Но по откритијата од „Панамските“, „Рајските“ и „Пандорините“ документи, кои открија дека стотици луѓе на јавни позиции ја злоупотребуваат својата положба во корист на компании што тие или нивни блиски лица тајно ги поседуваат и ги контролираат, стана јасно дека мора да се знае кој навистина стои зад компаниите.
Тоа беше пресудниот момент кога светот се договори дека треба да се знае не само кој е пријавен како директор или сопственик на компаниите, туку кој всушност стои зад нив, кој ги контролира и има корист од компаниите. Така се дојде до вистинските сопственици.
Многу земји формираа регистри на вистински сопственици на компаниите – односно на лицата кои, во крајна линија, ја поседуваат или ја контролираат компанијата или нејзиниот имот и средства, или кои имаат материјална корист од имотот/средствата на таа компанија.
Но, не се застана тука. Освен првичната идеја – да се спречи затскривањето на сопственоста во фирмите, остварувањето нелегални профити и финансирањето тероризам – обелоденувањето на вистинските сопственици во фирмите прерасна во алатка за спречување и на даночно затајување, злоупотреби во доделувањето јавни набавки, концесии и други јавни средства, во финансирањето политички партии и кампањи и сл.

Поттикнати од овие глобални трендови, граѓанските организации, Центарот за граѓански комуникации, Активо од Велес и Здружението на даночни советници на Република Македонија (ЗДСРМ) го анализираа користењето на податоците за вистинските сопственици во борбата против корупцијата, и ги проверија можностите за вкрстено користење на овие податоци со мноштво други бази на податоци како алатка за откривање и спречување на корупцијата и злоупотреба на јавни средства од функционерите. Односно, кои се можностите, пречките и што треба да се направи за поголемо користење на податоците за вистинските сопственици во борбата против корупцијата.
Анализата покажа дека и покрај формалното воспоставување на Регистар на вистински сопственици во земјава, пред пет години, неговиот потенцијал останува во голема мера неискористен во системот за борба против корупцијата. Според истражувањето, 23 од 360 функционери за кои се спроведе вкрстена проверка на податоците, целосно или делумно сокриле податоци за сопственоста во фирми. Ограничениот пристап, недоследностите на податоците, слабите механизми за верификација, недостатокот на институционална интероперабилност и недоволниот јавен надзор значително ја намалуваат превентивната и истражната вредност на податоците за вистинските сопственици кај нас.

Наодите за пречките, но и за можностите беа споделени со претставниците на медиумите и на другите граѓански организации кои работат на теми поврзани со антикорупција, на наменски работилници на кои свој удел во претставување на можностите за вкрстена анализа на податоците имаа и претставниците на Бирото за јавни набавки и на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Голем исчекор се направи и со обелоденувањето на податоците за вистинските сопственици на фирмите коишто добиваат јавна набавка, со што само во првите три месеци на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) се објавени имињата на вистинските сопственици на повеќе од 3000 фирми што добиле на јавен тендер.
Триесеттина претставници на клучните фактори во оваа област, секој од свој аспект, дискутираа за мерките и чекорите што можат и што се преземаат за натамошно користење на овие податоци. Дискусијата и средбата на овие клучни претставници на едно место, ја овозможија трите партнерски организации организирајќи го Тематскиот форум за користење на податоците за вистинските сопственици во борбата против корупцијата.


„Транспарентноста на податоците за вистинските сопственици не е само регулаторен услов, туку камен-темелник на етичкото управување и фер конкуренцијата“, истакна заменик-претседателот на Владата за добро владеење, Арбен Фетаи, повикувајќи на подобра интероперабилност и верификација на податоците.
Швајцарскиот амбасадор, Н.Е. Кристоф Сомер, нагласи дека токму преку меѓународна размена на вакви податоци биле откриени и вратени значајни средства стекнати нелегално, потенцирајќи ја „посебната улога на граѓанските организации и истражувачките новинари во откривањето на корупцијата“.


Проектот „Користење на податоците за вистинските сопственици за намалување на корупцијата“, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас, придонесе кон конкретни институционални заложби, поширока јавна дебата и подготовка на препораки за јавни политики, со цел податоците за вистинските сопственици да станат вистинска алатка во спречувањето на корупцијата и заштитата на јавните средства.
Искажаната спремност и посветеност на вклучените институции за промени, ќе бидат земени предвид во документот за јавни политики со препораки за подобрување на употребата на информациите за вистинските сопственици за унапредување на антикорупциските напори во земјата.
Во време кога јавниот интерес е загрозен од многу страни – од корупција, од злоупотреби, од кибер напади – уште е поголема потребата од негова одбрана, од функционални, организирани и системски механизми, но и вклученост на граѓаните, медиумите и граѓанските организации кои ќе имаат лесно достапни и поврзани податоци.








