За што зборуваа кандидатите во изборната кампања (1920 x 1080 px) (2)

За што зборуваа кандидатите во изборната кампања: Финален преглед на медиумските објави за локалните избори 2025

Финален преглед на медиумските објави за локалните избори 2025 [15 септември – 3 ноември]

За што зборуваа кандидатите во изборната кампања

Локалните избори 2025 ја обликуваа јавната агенда повеќе од било кој друг настан во годината. Над 25.700 медиумски написи и 3.600 објави на социјални мрежи беа посветени на изборниот процес, со над 860.000 интеракции. Најинтензивни денови беа 19 октомври и 2 ноември, кога медиумите и јавноста ги следеа резултатите.

Доминантни теми: образование, локални услуги, транспорт

Темите кои најмногу се појавуваа во јавноста беа локалното управување, инфраструктурата, образованието и јавните услуги, а најдобро поминуваа кандидатите кои ветуваа мерливи и конкретни резултати.

Образованието и училиштата беа најекспонираната тема со17.896 медиумски објави и речиси 350.000 интеракции. Фокусот беше ставен на реконструкции на старите, изградба на нови училишта и подобрување на условите за учениците.

Втората најинтересна тема беше инфраструктурата и јавните услуги. Овде доминираа ветувања за нови улици, канализации, паркови и поликлиники.

Иако во првите недели животната средина беше најекспонираната тема, заради состојбата со депониите во Скопје и пожарот во Трубарево, во текот на кампањата обемот на објави се намали, па повторно порасна кон крајот на кампањата, особено со објавите за несобраниот смет во главниот град.

Помал дел од објавите се однесуваше на етничките и коалициски прашања како што беа договорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Влен, како и послабите резултати во изборот на градоначалници од редовите на ДУИ, што беа третирани како пресврт во меѓуетничките односи.

На крај беше локалната отчетност. Граѓанските организации како Цивил и Вистиномер ги следеа прекршувањата на изборниот молк и ги проверуваа ветувањата. Тие констатираа дека најголемиот дел од медиумите ги пренесуваат изјавите без длабока анализа.

Кој ги дефинираше темите

Во медиумската слика најголема видливост имаа ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Влен, кои заедно го поставија тонот на кампањата.

Премиерот Христијан Мицкоски и кандидатот за Скопје Орце Ѓорѓиевски се фокусираа на темата на „испорака и ефикасност“ – од чистење на градот за 72 часа до решавање на сообраќајниот хаос. Ѓорѓиевски, со над 688.000 интеракции на Фејсбук (Facebook), беше најангажираниот кандидат на локалните избори.

Партиите на етничките Албанци, Влен, предводен од Изет Меџити и Биљал Касами, го протежираа наративот на внатрешна реформа и инклузивност. Меџити победи во Чаир уште во првиот круг со заложбата за инклузивна општина, додека Касами во Тетово им вети на гласачите бесплатен јавен превоз и инфраструктурна модернизација.

Демократската унија за интеграција (ДУИ), која традиционално доминираше на албанската сцена, се соочи со пад на видливоста. Вестите за поразите во клучни општини и јавните повици на Меџити кон Али Ахмети да се повлече по две децении лидерство станаа дел од „историскиот“ наратив за политичката промена кај Албанците.

Кај СДСМ, највидлив беше Горан Герасимовски, кандидатот за градоначалник на Центар, кој со пораки за практични решенија и чистење на јавните простори успеа да ја задржи функцијата, но генерално СДСМ и ДУИ беа во дефанзива, со ограничен медиумски одѕив.

Од помалите партии, Левица ја користеше социјалната мрежа ТикТок (TikTok) за директна комуникација, но не успеа да добие значителна медиумска тежина.

Што научи јавноста од изборите

Граѓаните добија јасна слика за изборните резултати и клучните политички поместувања – победата на ВМРО-ДПМНЕ и Влен, ниската излезност во Скопје (околу 35%) и слабеењето на дел од традиционалните партии, СДСМ и ДУИ.
Во исто време, се потврди дека медиумскиот простор е богат со информации, но сиромашен со анализа. Голем дел од вестите беа насочени кон личностите, слоганите и ветувањата, а помалку кон реалните буџетски и институционални капацитети.

Како изгледаше јавната дебата

Кампањата беше исклучително активна на социјалните мрежи, со над 300.000 коментари следени во извештајот.

Поголемиот дел од дискусиите беа конструктивни и насочени кон локални прашања – со потсетување дека граѓаните реагираат најмногу на теми што директно го засегаат нивниот секојдневен живот.

Каде се одвиваше дискусијата?

Фејсбук (Facebook) остана доминантен канал за политичка комуникација, со најмногу содржини и реакции. Највисока ангажираност имаше страницата на Инфомакс (Infomax) (над 69.000 интеракции), а по неа Курир, 4News, Вечер и 24 Инфо.

ТикТок (TikTok) покажа најголем одѕив по објава – во просек 585 интеракции, што го потврдува растот на кратките видео-пораки како средство за мобилизација.

Инстаграм (Instagram) се користеше за имиџ и визуелна кампања, додека YouTube и LinkedIn останаа маргинални.

Телма, Канал 5, МИА и 360 степени беа меѓу традиционалните медиуми што најчесто известуваа за изборниот процес и го поставуваа дневниот ред на теми.

Говор на омраза

Од вкупно 302.754 анализирани коментари, 9.394 (3%) беа означени како говор на омраза. Најмногу напаѓани беа Орце Ѓорѓиевски (2.149 коментари) и Амар Мециновиќ (1.300 коментари).

Заклучок

Медиумската покриеност на локалните избори во 2025 година беше жива и партиски обоена. Јавноста можеше да научи за клучните политички промени, главните ветувања на кандидатите и локалните прашања. Сепак, недостасуваше длабинска анализа на реалистичноста на ветувањата и неутрално известување во некои медиуми.

Социјалните мрежи, особено Фејсбук (Facebook), играа клучна улога во директната комуникација со граѓаните, но истовремено придонесоа за создавање ехо-комори и ширење на дезинформации.

Овој извештај ја потврдува важноста на критичкото размислување кај јавноста и потребата од предизвикување на фактите во идните изборни циклуси за зајакнување на демократските процеси.

Методологија

Податоците во овој преглед потекнуваат од сеопфатен мониторинг на јавниот дискурс реализиран преку платформата Pikasa Analytics, која комбинира автоматизирано следење со напредна анализа на содржините од онлајн медиуми и социјални мрежи.

Цивика мобилитас е проект на Владата на Швајцарија што го спроведуваат МЦМС, НИРАС од Данска и ФЦГ од Шведска. Мислењата и ставовите изразени во оваа објава не ги одразуваат ставовите на Владата на Швајцарија.

Продолжи со читање

  • Ајде да решиме заедно!

    „Овие протести покажаа дека храброста и истрајноста можат да променат многу. Од борба за воздух – до пример за човечност и заедништво. Нека ова биде инспирација и за другите иницијативи низ Македонија“,  вака им се обрати на собраните граѓани еден од членовите на независната иницијатива „Стоп за Вардариште“ кои 40…

  • За што зборуваа кандидатите во изборната кампања: Месечен преглед на медиумските објави #2

    Месечен преглед на медиумските објави [20-30 октомври 2025] За што зборуваа кандидатите во изборната кампања: Периодот по првиот изборен круг, помеѓу 20 и 30 октомври, донесе висока медиумска активност и интензивен онлајн ангажман. Иако првичниот еуфоричен тон по изборните резултати постепено се намали, јавниот простор остана динамичен, исполнет со анализи,…

  • Кога штедењето станува политичка одговорност

    „Штедењето на државно ниво не значи одрекување од трошоци, туку нивно рационализирање и насочување кон политики што создаваат додадена вредност – образование, здравство, инфраструктура и иновации“, вели Благица Петрески, извршна директорка на „Фајнанс Тинк“ (Finance Think), и така концизно ја објаснува суштината на јавните финансии: „Владата треба да штеди на…

  • За што зборуваат кандидатите на локалните избори 2025? #6

    НЕДЕЛЕН ПРЕГЛЕД #6 [20 – 26 октомври 2025] И по завршувањето на изборниот процес, изборите продолжија да ја диктираат медиумската агенда. Иако бројот на објави е нешто помал од претходните недели, јавниот интерес остана висок. Со повеќе од 4.400 медиумски текстови и 560 објави на социјалните мрежи, медиумскиот простор остана…

  • Соработката меѓу граѓанските организации и бизнис секторот носи многу заемни придобивки

    „Причината поради која сите сакаме да соработуваме е затоа што сите сакаме да имаме корист. Без разлика дали доаѓате од бизнис секторот или од граѓанскиот, треба да почнете да развивате покомплексно разбирање за заемните придобивки“, им рече Сајмон Форестер, меѓународниот експерт на Цивика мобилитас, на учесниците на  работилницата „Зајакнување на…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор