Доверба во граѓанското општество 2024

Doverbata vo graganskoto opstestvo 2024

Доверба во граѓанското општество 

Во 2024 година, индексот на доверба во граѓанскиот сектор изнесува 42,9%, што претставува пад од 8,2 процентни поени во однос на 2021 година. По претходниот тренд на зголемување, довербата повторно е вратена на ниво под она од 2015 и 2013 година, укажувајќи на намалена доверба во граѓанскиот сектор.

Доверба во чинителите на граѓанското општество

Довербата во граѓанските организации (38,4%) е особено изразена кај младите од 18 до 29 години (51,8%) и етничките Албанци (45,6%), додека најниска е кај лицата над 65 години (18,6%) и во Скопскиот регион (25,2%). Црквите и верските заедници уживаат највисоко ниво на доверба (70,8%), а довербата во другите чинители на граѓанското општество е значително пониска и варира– од 41,7% кај неформалните групи до 30,0% кај организациите на работодавачи.

Ставови за граѓанските организации

Секој четврти испитаник (25,1%) ги препознава граѓанските организации како чинители што работат за јавен и/или поширок интерес. Спротивниот став – дека организациите дејствуваат за остварување на лични интереси на поединци го имаат 60,4% од испитаниците, што е зголемување од 16,0 пп од 2021 година.

Мнозинство од испитаниците (58,3%) сметаат дека граѓанските организации се организирани и финансирани од странски држави и нивни фондации со цел да им служат на странските интереси, што претставува зголемување од 14,0 пп во однос на 2021 година. Истовремено,  24,2% веруваат дека организациите се формирани од граѓаните за остварување на заедничко општо добро.

Испитаниците имаат поделени ставови и во однос на улогата и придонесот на граѓанските организации во општеството, при што највисока поддршка е забележана за нивното влијание врз креирањето на јавните политики (45,1%) и општественото влијание воопшто (44,8%). Сепак, мнозинството граѓани не ја препознаваат активната улога на организациите во конкретни области – над половина не се согласуваат дека тие придонесуваат во информирање, едукација или обезбедување услуги, а најмалку препознавање постои за нивниот придонес во задоволување на итни општествени потреби.

Граѓанските организации и политичките партии

Перцепцијата на граѓаните за односот меѓу политичките партии и граѓанските организации е доминантно критичка – 49,5% од испитаниците сметаат дека партиите ги присвојуваат ставовите на организациите кога им одговараат на нивните интереси, 33,4% веруваат дека партиите основаат организации кои ги користат како свои гласноговорници, додека само 6,9% сметаат дека ги почитуваат и ги вклучуваат во процесите на одлучување.

Доверба во граѓанските организации по под-сектори на делување

Довербата во граѓанските организации значително варира според тематските области на делување – највисока е кај организациите активни во областа на жените и родовата еднаквост (46,5%), социјалната грижа и хуманитарните активности (44,1%) и образованието и истражувањето (43,0%), додека најниска е кај организациите кои работат на демократија и владеење на правото (27,2%) и меѓуетнички односи (29,3%).

Во споредба со податоците од 2021 година, довербата во граѓанските организации бележи опаѓање во сите тематски области. Најголем пад е забележан во областа на демократијата и владеењето на правото, каде што довербата се намалила од 48,1% на 27,2%, што е најниско ниво во изминатата деценија.

Доверба во граѓанските организации од македонската дијаспора

Целосна или делумна доверба во граѓанските организации од македонската дијаспора изразиле само една четвртина од испитаниците (25,0%), 45,2% одговориле дека немаат доверба во вакви организации, а речиси една третина (29,8%) не знаат или одбиле да одговорат на прашањето.

Продолжи со читање

  • Граѓанска вклученост 2024

    Облици на здружување во поддршка на граѓаните Црквите и верските заедници (23,1%) се најчесто наведениот облик на здружување за кој граѓаните сметаат дека најмногу придонесува за поддршка на нивните потреби, а политичките партии најретко (5,3%). Забележливи се регионални разлики: граѓанските организации се почесто посочени во Југозападниот (25%) и Пелагонискиот регион…

  • Општа доверба и доверба во институциите 2024

    Довербата е клучна компонента на социјалниот капитал. Во досегашните истражувања, а и во ова, МЦМС разгледуваше два аспекти: општата доверба во луѓето (што вклучува доверба во сличните на себе, како соседи, колеги, сонародници, но исто така и во непознати лица) и довербата во институциите (формални институции на владеење во општеството)….

  • Главните достигнувања на програмата Civica Mobilitas 2019-2023

    Од својот почеток во 2009 година, програмата Civica Mobilitas, создадена и поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и Швајцарската амбасада во Северна Македонија, има значајна улога во развојот на граѓанското општество. Издавањето на оваа публикација е овозможено од Цивика мобилитас, проект на Влада-та на Швајцарија кој го…

  • Постигнувањата на грантистите на Цивика мобилитас: Институционални грантови

    Преку институционалните грантови од програмата Цивика мобилитас, во тековната фаза беа опфатени 30 граѓански организации кои, покрај нивното долгогодишно искуство и стручност во специфичните области на нивната работа, изразија потреба од континуирана поддршка за организациски развој и јакнење на капацитетите. Оваа поддршка е клучна за успешна реализација на нивните програмски…

  • Постигнувањата на грантистите на Цивика мобилитас: Акциски грантови

    Анализирајќи ги резултатите од акциските грантови поддржани од Цивика мобилитас, добиваме јасен преглед на актуелните социјални предизвици. Но, покрај тоа, овие проекти ја осветлуваат и патеката до потенцијалните решенија. Грантистите не се задоволиле само со идентификација на проблемите, тие, исто така, понудиле конкретни решенија и, во некои случаи, ги тестирале…

  • Постигнувањата на грантистите на Цивика мобилитас: Мали грантови III дел

    Со оваа публикација ви претставуваме 19 граѓански организации кои успеаја да обезбедат грант од Цивика мобилитас за да ги задоволат потребите на своите заедници. Овие грантови овозможија спроведување на различни активности, вклучувајќи: советување и поддршка на лица со социјален ризик, помош на деца во конфликт со законот, промовирање на општествената…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор