[Aggregator] Downloaded image for imported item #45960

Повик за граѓански организации за учество на Донаторски кружок 2026

Конект посветено работи на унапредување на филантропијата, а тоа најдобро можеме да го постигнеме здружено. Донаторскиот кружок ги здружува граѓаните што сакаат да донираат со граѓански организации што нудат решенија за предизвиците во нашите заедници. Многу проблеми што барале големи средства и координација се решени токму со помали донации од повеќе донатори.

Донаторскиот кружок е заедница на донатори и им овозможува на граѓаните да донираат плански и обмислено во граѓански организации од доверба што посветено работат на создавање позитивни промени. Повеќе информации околу настанот може да погледнете тука.

На последниот донаторски кружок во Скопје се донираа вкупно 683.000 денари од индивидуални и корпоративни донации, со поддршка на компаниите кои го удвојуваа износот. Осум компании, две граѓански организации и 120 граѓан(к)и здружено донираа за да направат значајни промени во своите заедници.

Во пресрет на седмиот Донаторски кружок, Конект и организацискиот одбор на донаторскиот кружок ќе одберат три доверливи организации. За таа цел објавуваме

П О В И К   З А   Г Р А Ѓ А Н С К И   О Р Г А Н И З А Ц И И

што ќе се претстават на Донаторскиот кружок

Право на учество според критериумите на подобност имаат сите заинтересирани домашни граѓански организации кои:

  • се формирани согласно Законот за здруженија и фондации, регистрирани најмалку една година пред објавата на овој повик;
  • се транспарентни, односно имаат јавно достапни годишни програмски и финансиски извештаи како и управувачка структура и контакти;
  • се посветени на својата мисија, односно нивните активности соодветствуваат на нивната мисија и континуирано и отчетно работат на остварување на своите цели и за своите целни групи и
  • со нивната работа и комуникација не промовираат конкретна религија и не поддржуваат политички партии

Ќе се одберат иницијативи соодветни за поддршка од индивидуални донатори, а при селекцијата ќе се даде предност на граѓански организации со скромни финансиски и човечки ресурси и со намален пристап до финансирање. Ги покануваме заинтересираните организации да ја пополнат апликацијата за учество на повикот.

Напомена: Вообичаено на Донаторскиот кружок се собираат најмалку по 100.000 денари за три граѓански организации (по 100.000 за секоја од трите).

Организациите што ќе бидат избрани за учество на донаторскиот кружок се согласуваат со следните услови:

  • да подготват 5-минутна презентација според насоките на Конект;
  • да обезбедат најмалку еден донатор (физичко лице) којшто ќе учествува на настанот и ќе биде подготвен/а да го донира најмалку почетниот износ (500 МКД) за нивната организација;
  • да потпишат договор за донација со Конект. Притоа, за покривање на дел од трошоците за организација на настанот и администрирање на донациите, Конект задржува 10% од собраните средства;
  • да обезбедат редовна, повратна информација за наменско користење на донираните средства и кус извештај за постигнувањата;
  • имате обврска во рок од 1 година да ги спроведете активностите за кои барате поддршка од кружокот;  

Одбраните организации ќе имаат дополнителна можност да бидат поддржани од донаторскиот фонд на Конект преку добротворната модна аукција поддржана од Амбасадата на Франција во Скопје.

Рокот за поднесување на апликациите е најдоцна до 06.04.2026 година. Сите забелешки и евентуални прашања во врска со постапката за аплицирање на повикот можете да ги упатите до konekt@konekt.org.mk најдоцна една седмица пред затворање на повикот.

Донаторскиот кружок е лиценциран модел на The Funding Network. Здружението Конект е партнер на The Funding Network во Република Северна Македонија и го има правото на спроведување и промовирање на методологијата во нашата земја.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на КОНЕКТ

Продолжи со читање

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор