НАЦИОНАЛНА МРЕЖА ПРОТИВ НАСИЛСТВО ВРЗ ЖЕНИ И СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО – ГЛАС ПРОТИВ НАСИЛСТВО
Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство е основана на 7 декември 2010 година, од дваесет граѓански организации кои работат на превенција и борба против насилството врз жените и семејното насилство. Мрежата е формализирана во декември 2011 година. Моментално мрежата има 27 организации членки.
Мисијата на мрежата е координирано делување граѓански организации во насока на унапредување на политиките и практиките за справување со проблемот на насилство врз жените и семејно насилство. Мрежата се стреми кон препознавање на женските човекови права и нивна афирмација во Република Македонија.
Визијата на мрежата е да создадеме општество ослободено од насилство во кое жените ќе можат целосно да ги реализираат своите потенцијали и способност за креирање на општество на еднакви можности.
Конституенти
Граѓански организации кои работат на полето на човекови права /женски права, родова еднаквост, насилство врз жени и семејно насилство (27 организации членки на мрежата, како и Македонска платформа против сиромаштија, Здружение на новинари за човекови права, Платформа за родова еднаквост, Конект, Реактор, Здружение за кривично право и криминологија, Тииит инк)
Наслов
Насилството врз жените како дел од агендата на политичките партии
За што е потребна акцијата
Во текот на изминатата декада нашата држава усвојуваше и ја подобруваше легислативата за да се спречи и да се одговори на семејното насилство. Законите се повеќе го криминализираат таквото насилство, обезбедуваат гонење и казнување на сторителите, јакнење и поддршка на жртвите, како и зајакната превенција. Резултат на тоа е новиот Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство кој стапи на сила на 1.01.2015 година. Жртвите исто така имаат голема корист и од активностите и специјализираните услуги на граѓанскиот сектор. Сепак семејното насилство не се препознава како родово засновано насилство и односот на македонското општество кон овој проблемот го карактеризира маргинализација и миноризирање на проблемот преку: парцијално постоење на соодветни услуги за потребите на жртвите на семејното насилство; нецелосната територијална покриеност со сеопфатни услуги; тежок пристап до услугите (оддалеченост, трошоци, ограничено работно време; кусок на ресурси во институциите и поединечни случаи на несоодветен одговор); отсуство на сеопфатно и континуирано информирање на жртвите на семејното насилство во сите фази на постапката и кампањско и несообразно на целите информирање и градење на јавната свест. Другите форми на насилство врз жените не се опфатени во ниеден закон, ниту пак се препознаени како форма на родово базирано насилство, па поради тоа и сервиси за заштита на жртвите не постојат.
Цели и резултати
Цел
Актуелизирање на насилството врз жените како приоритетно прашање во програмите на политичките партии во предизборниот период
Резултати
- Подготвена предлог политика за превенција и заштита од различни форми на насилство врз жените
- Потпишана декларација од страна на најмалку 10 политичките партии за унапредување на превенцијата и заштита од различни форми на насилство врз жените
Активности
- Средба со новинари
- Подготовка на предлог политика за превенција и заштита од различни форми на насилство врз жените и лобирање за вклучување на политиката во програмите на политичките партии
- Прес конференција за одбележување на Меѓународниот ден против насилство врз жените
- Потпишување на заедничка декларација со политичките партии за унапредување на превенцијата и заштитата од различни форми на насилство врз жените
- Еднодневна средба со претседателки на женски форуми во рамки на политичките партии
Буџет
372.000,00 МКД