Граѓаните за промена #5

МАЈ - АВГУСТ  2020  

„Ај нека попушти чудово па да се видиме“ – ова беше една од редовните реплики во претходните месеци, вообичаено кажана на крајот на телефонски разговор. „Чудово“, односно Ковид-19, не помина туку ни донесе едно чудно лето. Заврши вонредната состојба, некои мерки беа разлабавени, некои граѓани беа релаксирани па „чудото“ зеде залет и наместо пауза меѓу првиот и вториот бран ни донесе „продолженпрв бран“ кој според бројките беше поинтензивен од времето кога во 4 попладне се затворавме по дома.

Во петтиот број на Граѓаните за промени може да најдете интересни содржини за кампањата „Не се клади со животот“ на Здружението на социјални работници,за успешниот модел на мобилизација на пари со кои се градат куќи за сиромашни сограѓани на здружението „Проект среќа“, за истражувањето на „Меѓаши“ за ставовите на родители за организирањето на наставата во новата учебна година, за битката на Гостиварчани за чист воздух и многу други.

Ни попушти опсесивното следење на прес конференциите на министерот за здравство па го заменивме со прашањето: „Колку се денес?“, мислејќи на бројот на новозаразени со Ковид-19. Препорачаното тројство, маски, дезинфекција на раце и дистанца, за дел од луѓето стана редовна пракса, а „протоколите“ на институциите, задолжителна литература.

Голем дел од организациите, полека се враќаа на редовно планираните активности. Се интензивираше меѓусебната координација, се користеа искуствата од претходните месеци кога ги „стававме темелите“ на онлајн работењето и се прилагодуваа активностите за таканречената нова нормалност. Конференциите, дебатите, обуките, состаноците се префрлија на Зум (ZOOM), Тимс (Teams) и други слични платформи. Нешто сепак мораше, можеше и се одвиваше „во живо“, почитувајќи ги сите мерки на претпазливост и безбедност. Такви беа активностите на граѓанските организации кои на предизвикот наречен Ковид-19 одговорија со дистрибуција на храна и хигиенски производи наменети пред се за поддршка на социјално ранливите категории граѓани. Тие се вистински херои на ова време.

Грантистите на Цивика мобилитас не беа исклучок од трендовите. Ад хок грантовите, наменети за надминување на вонредните услови предизвикани од Ковид-19 овозможија брз одговор на организациите на нивните целни групи. Една може, Ромалитико, ХОПС и Еден работеа на мапирање на потребите, координација и дистрибуција на хуманитарна помош на еднородителски семејства, на семејства од ромската заедница, на луѓе кои употребуваат дроги, сексуални работници, деца кои употребуваат дроги ни нивните семејства итн. Пандемијата ја интензивираше потребата од психосоцијална поддршка, па Интерактив и Вејк ап спроведуваат активности за пристап на младите и другите граѓани до ваква поддршка преку дигитални алатки. Кризниот центар Надеж работеше со жените жртви на семејно насилство кое се интензивира за време на вонредната состојба, а Сумнал работеше со учениците до петто одделение и им помагаше да ги надминат проблемите предизвикани од наставата на далечина.Со прилагодување на новите услови се спроведуваа и активностите на другите грантисти.

Резултатите од активностите на грантистите на Цивика мобилитас и на граѓанските организации воопшто, не се мерат само во тони храна, хигиенски производи или часови поминати во учење, дискусии и охрабрување на корисниците. Тие се мерат во задоволството на родителите кои имаат што да им дадат за јадење на нивните деца, во бремето тргнато од нивниот грб, во чувството дека има некој што помислил на нив и им помага во ова време-невреме, во благодарноста на оние кои успеале да им побегнат на насилниците и нашле безбедно засолниште, во новите перспективи што им се отвориле на луѓето и самодовербата што ја стекнале. Можеби не зборуваме често за ова, ама горди сме што сме дел од решенијата на нивните проблеми без разлика дали се поврзани со Ковид-19 или сотсостојби предизвикани од нешто друго.

Пријатно читање!

Продолжи со читање

  • Граѓаните за промена #21

    АПРИЛ-ЈУНИ 2025 Новиот број на Граѓаните за промена #21 магазинот е посветен на овоможувачката околина. Граѓанските организации и нивниот придонес во програмите на кандидатите на локалните избори „Ни треба институционална култура за слушање на гласот на сите граѓани и сите ранливи групи“ – рече еден од граѓанските активисти, учесници на…

  • Граѓаните за промена #20

    ЈАНУАРИ-МАРТ 2025 Во овој број посветен на граѓанското учество, ги носиме приказните на оние кои не се помируваат со статус кво. Од Битола до Скопје, низ конференции, обуки, маршеви и локални анализи, граѓанскиот сектор ја води својата и битката на оние кои ги застапува за поинклузивно, одговорно и одржливо општество….

  • Граѓаните за промена #19

    ОКТОМВРИ-ДЕКЕМВРИ 2024 Добредојдовте во новиот број на Граѓаните за промена #19, со фокус на Граѓански ангажман. „Убеден сум дека во дијалог со невладините организации ќе можеме да градиме подобри политики, ќе можеме да носиме поквалитетни одлуки за одредени сфери од општеството“. Ова беше една од пораките на премиерот Мицковски испратена…

  • Граѓаните за промена #18

    ЈУЛИ – АВГУСТ 2024 Добредојдовте во новиот број на Граѓаните за промена, со фокус на овозможувачката околина. „Нема напредок во сеопфатната реформа на рамката за државно финансирање на граѓанските организации“–ова е старо-новата констатација на Извештајот за овозможувачка околина за 2023 година што беше објавен минатиот месец. Се разбира, ова не…

  • Граѓаните за промена #17

    АПРИЛ – ЈУНИ 2024 Добредојдовте во новиот број на Граѓаните за промена. Првата порака за животната средина на која се сеќавам, ми се обраќаше од еден календар од „Наш Свет“, интересно, информативно и едукативно четиво за основци. На секоја страна имаше фотографии од различни птици, а пораката беше „Спасете не,…

  • Граѓаните за промена #16

    ЈАНУАРИ – МАРТ 2024 Добредојдовте во новиот број на магазинот на Цивика мобилитас, „Граѓаните за промена“, гласник на програма за поддршка на граѓанското општество поддржана од владата на Швајцарија, но и гласник на целото граѓанско општество. По пауза од речиси една година им се враќаме на темите и иницијативите кои…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор