Граѓаните за промена #3
ОКТОМВРИ - ДЕКЕМВРИ 2019
Добредојдовте во новиот број на Граѓаните за промена, чија носечка тема е соработката.
Да работиш заедно за да постигнеш резултати или да си помагаш меѓусебно за да постигнеш заедничка цел – ова се некои од одговорите на прашањето „што е соработка?“ Но, поважно од тоа се прашањата: дали и зошто соработуваме?
Македонското граѓанско општество изобилува со примери на соработка. Заеднички иницијативи, заеднички протести, заеднички проекти па дури и заеднички канцеларии на организациите. Граѓанските организации повеќе од било кога ја препознаваат моќта на соработката, моќта на здружувањето и заедништвото.
Националната кампања „Македонија без отпад“, што ја спроведе Ајде Македонија пред четири години немаше да го има истиот ефект ако не се потпираше на соработката на дури 70 граѓански организации и над 100 училишта. Таа овозможи активности на 156 места во 53 општини со учество на 16.000 граѓани.
Соработката некогаш се случува на индивидуално, лично ниво. Таков беше примерот со наставничките Тања и Соња кои својата проектна идеја ја нарекоа „Против насилство под истото небо“. Тие започнаа соработка за да помогнат да се ублажи нетолеранцијата помеѓу мултиетничките заедници околу нивните училишта, „Лазо Трповски“, во општина Карпош и „Лирија“, во општина Чаир.
На страниците на овој број ќе видите бројни иницијативи кои се темелат на соработка. Таков е протестот на десет мрежи на граѓански организации кои заедно, обединуваат околу 100 здруженија и иницијативи. Тие побараа од Собранието итен избор и именување на кадар во повеќе институции и тела од страна на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, а со писмени барања тие се обратија и до сите пратеници во Собранието на РСМ.
Но зошто е важна соработката? Таа е во основата на функционирањето на здруженијата на граѓани, впрочем за да се основа едно здружение треба да се здружат најмалку петмина граѓани. Нивното здружување, таа првична соработка се случила токму заради тоа што ја препознале нејзината моќ. И како што индивидуите, како општествени битија постојано се упатени еден на друг, така и организациите во текот на своето постоење и работа постојано се упатени на други организации, институции, граѓани…
Цивика мобилитас посветува големо внимание на соработката. Убедени сме дека преку соработка, резултатите на сите организации ќе бидат многу поголеми. Свесни сме дека во време на ниска општа доверба во општеството воопшто не е лесно да се соработува, но луѓето од граѓанскиот сектор секогаш биле тука да дадат пример на другите.
И на крај, позната ни е старата африканска поговорка: „Ако сакаш да патуваш брзо, патувај сам. Ако сакаш да стигнеш далеку, патувај во друштво!“. Општествените промени кон кои тежнееме се нашите долги патеки, а тие можеме да ги совладаме само ако сите соработуваме. Добредојдовте во новиот број на Граѓаните за промени, чија носечка тема е соработката.