Здружение на граѓани Центар за граѓански комуникации
Вкупен буџет: 4.470.518 денари
Времетраење: 10 месеци
Конституенти: Институциите на централната власт (Владата, Министерството за финансии и други релевантни институции за креирање на Буџетот); општините и Градот Скопје; граѓаните, медиумите и граѓанските организации
Партнери:
- Здружение на даночни советници на Република Македонија;
- Здружение Центар на активни граѓани АКТИВО Велес;
За проектот поддржан од Цивика мобилитас: Ефекти на финансиската и енергетската криза врз политиките и граѓаните
Опис на акцијата
Граѓаните на Северна Македонија живеат во економски најнеизвесниот и најтешкиот период во последните 20 години. Покрај негативното влијание на кризите врз јавните финансии (за што многу се зборува во јавноста), тие имаа особено негативно влијание врз луѓето, нивниот стандард на живеење, дури и нивните основни човекови права (за што речиси и да не се зборува). Засегнати се правото на пристојна работа, соодветен стандард на живеење, социјална сигурност, пристап до основни здравствени и други услуги, како и пристап до правда, правото на учество, транспарентноста и одговорноста. Особено се погодени сиромашните и маргинализираните групи. Од друга страна, кризите ги поткопаа и онака кревката демократија и владеење на правото, затоа што ограничените капацитети на централните и локалните власти главно беа насочени кон справување со вонредни ситуации. Преземајќи, најчесто ад-хок, мерки за справување со кризите, властите заборавија на одговорноста, отчетноста, транспарентноста, дури и на информирање на јавноста за ефектите на кризата и мерките врз граѓаните, нивниот живот и работа, како и нивните права.
Цели и резултати
Општа цел: Поефикасно и порационално користење на буџетските средства од страна на Владата и општините со цел тие да одговараат на реалните потреби на граѓаните.
Специфична цел: Намалување на негативните ефекти врз животот на граѓаните настанати како резултат на влијанието на финансиската и енергетската криза врз буџетските трошења на државата и на општините.
Резултати
- Мапирани сегментите/областите од буџетските трошења каде од аспект на граѓаните се воочени најнеповолни влијанија настанати од финансиската и енергетската криза (здравство, образование, животна средина, инфраструктура, итн.) и на централно и на локално ниво.
- Граѓаните имаат повеќе информации за импликациите од економската криза врз буџетските трошоци и нивниот квалитет на живот и имаат можност за иницирање промени.
- Зголемување на јавниот притисок за поефикасно и порационално користење на буџетските средства од страна на Владата и општините со цел тие да одговараат на реалните потреби на граѓаните.
Активности
- Изработка на два извештаи од следењето на тоа како буџетските трошења на државата и општините во 2022 год., кои се менуваат под влијание на финансиската и енергетската криза, се одразуваат врз граѓаните со цел мапирање на сегментите каде што има најголеми слабости и негативни аспекти. Едниот извештај ќе се фокусира на буџетските трошења на централно ниво, а вториот на буџетските трошења на локално ниво, опфаќајќи ги сите 81 единица на локалната самоуправа.
- Зголемено информирање на граѓаните за импликациите од финансиската и енергетската криза врз буџетските трошоци на централната и локалните власти и врз квалитет на живот на граѓаните.
- Иницирање на јавен дијалог за дефинирање на предлози/мерки за подобрување на буџетските трошења со цел на најдобар начин да го одразуваат интересот на граѓаните.