Вести од граѓанските организации

Содржината на информациите презентирани во овој дел од веб странaта се единствена одговорност на грантистите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразуваат гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат. Информациите се презентирани како што се пристигнати и печатните или други грешки во нив се одговорност на самите автори.

  • Мрежата за заштита од дискриминација бара повлекување на предлогот за именување на Петар Богојевски

    Со одлука на Владата, Петар Богојески е именуван како директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (Еразмус +) и треба да ја преземе функцијата на 15 мај 2025 година. Мрежата за заштита од дискриминација бара повлекување на одлуката за именување на Петар Богојески како директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, поради неговите изјави со вознемирувачки говор, навреди и говор на омраза, како и постапки кои се спротивни на европските вредности.
    Програмата Еразмус+ се стреми кон промоција на еднакви можности и пристапност, инклузија, диверзитет и правичност во сите активности кои ги поддржува. Програмата исто така ги цени националните агенции како клучни во поддршката на проекти кои овозможуваат што е можно поголема инклузивност и застапеност на различноста. За постигнување на овие цели, постои Рамка за мерки за инклузија и Стратегија за инклузија и прифаќање различности.[1]
    Сметаме дека назначување на човек кој со своето однесување на социјалните медиуми секојдневно ги гази овие принципи и ги презира луѓето кои ги почитуваат, не само што не е основано, туку претставува и навреда на Програмата која постои повеќе од 35 години и која постојано вложува во развојот на младите. Истовремено сме и крајно загрижени од реакцијата на Министерката за образование која на укажувањата на повеќе чинители во општеството, вклучително и на Министерот за европски прашања изјавува дека неговата работа ќе се следи со поголем фокус.[2] 
    Од друга страна, јавноста подолго време ја има можноста да го следи работењето на именуваниот директор – преку неговите изјави и коментари на социјалните мрежи. Мрежата за заштита од дискриминација интегрално ги пренесува искажаните изјави и однапред се извинува за цитирање на зборови коишто не се соодветни за било каква комуникација, особено не од страна на именувани функционери.
    Искажани ставови и начин на комуникација
    Преку неговите социјални мрежи (во прилог), именуваниот директор Петар Богојески има употребено вознемирувачки говор, навреди, говор на омраза и/или поттикнување на дискриминација, нетолеранција и/или насилство кон следниве заедници:

    Македонци – Во коментари кон неговите следбеници кои искажале спротивно мислење од неговото, има изјавено „нема попросто од македонче!“, „па пола од Македонците немаат прочитано една книга во животот и мислат дека Букефал бил крал!“ и „Нема позабеган народ од нас“. Во други преписки, се обраќа до граѓаните со зборовите „овци“, „магаре“, „стока јаничарска“, „стоко една“, „дебил“, „стоко неписмена“ итн.
    Албанци – При обраќање до албанското малцинство, неретко го користи зборот „шиптар“ и има изјавено „шиптар може само коза да ебе! За друго не го бива“.
    Жени – При онлајн препукување со негови следбеници, има реферирано на нечии сопруги, мајки, вујни итн. При преписка со следбеничка за промена на грбот, има изјавено „на грбот ништо, на вас ви фали почитувана госпоѓо. Ама тоа е Божја работа, не сте вие виновни.“ Поради контекстот, конкретната преписка можете да ја најдете во прикачените фотографии.
    Лица што живеат со ХИВ – Во преписки со следбеници за изглед на луѓе што се поддржувачи на друга идеологија, има изјавено „оф завалијата со ХИВ68“, „незнаат да читаат…загреота се! Ги потепа ХИВ68“, „сериозно е ова пореметување поради ХИВ68“ и „не може фајде со зараза од ХИВ 68“.
    Политичка основа: Во други наврати, преку својот профил, именуваниот директор Петар Богојески упатува навреди кон неистомисленици („, „има ли поглупо нешто од левичар“, , „абе вие на зајко измеќарите со јованка и до Дубаи отидовте! Баве тоа шутрачаааната“).
    Користење на навредлив и вознемирувачки говор: Во преписка со следбеник, којшто исто користи вознемирувачки говор, именуваниот директор Петар Богојески изјавува „ти провери ги тоа твоите околу тебе чиви копилиња се! Да не испадне комшијата замешан?“. На прашање на следбеник дали поставеното прашање е наградно, Богојески одговара со „да! Ќе добиеш патување во Газа.“

    Претходни постапки
    Богојески е обвинет за ширење на говор на омраза, особено преку социјалните мрежи. Во август 2024 година, Коалицијата „Вреди“ поднесе кривична пријава против него за објави на Фејсбук кои се сметаат за поттикнување на национална, расна и верска омраза.[3]
    Активисти од повеќе граѓански здруженија (Селма Ризвановиќ Мандал – Здружение на жени ЕДУ НИСА Скопје, Аделаид Каришиќ – Бошњачки Истражувачки Центар Скопје, Изета Бабачиќ – Здружение на бошњачката жена Диванхана Скопје, Мерсиха Смаиловиќ – Здружение на граѓани ЛЕГИС Скопје, Мухамед Шукурица – Форум на Бошњаците во Македонија и Јусуф Чоловиќ – Здружение на граѓани НАФАКА) до Министерството за внатрешни работи поднесоа пријава за говор на омраза и закани до Петар Богојески, државен советник во Министерството за одбрана.[4] Поради свои искажани ставови, Богојески доби и отказ од страна на Министерството за одбрана.[5]
    Ширење дезинформации
    На 3 декември 2023, Богојески одржа прес пред МВР и Обвинителството, објавувајќи опасна, етнички обоена дезинформација за грабнувањето на Вања Ѓорчевска, со која ги разгоре социјалните мрежи. Тој тврдеше дека властите прикриваат убиство, наведувајќи дека „осомничените биле пуштени на слобода од полициска станица“ и прашувајќи „дали се веќе пренесени на Косово?!?“
    Токму поради ваквите шпекулации дека случајот има етничка позадина, од Јавното обвинителство во своето соопштение од 3 декември 2023 година нагласија дека сите петмина осомничени за убиството се Македонци.[6]
    *****
    Ваквите ставови и начин на комуникација немаат простор во јавниот дискурс, особено не од страна на именуван функционер. Нема простор ниту за  минимизирање на искажаните ставови на Богојески од страна на претставници на Владата, изјавувајќи дека „неговата работа посебно ќе се следи, поради реакциите во јавноста, но засега не може ништо да се комeнтира“. Агенцијата со којашто треба да раководи Богојески има мандат да „ја зајакнува улогата на доживотното учење во создавање на чувство за европско граѓанство засновано на разбирање и почитување на човековите права и демократијата и охрабрување на толерантноста и почитта кон другите народи и култури“. Целта на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност е да работи на промоција и спроведување на европските програми во областа на образованието, обуката, младите и спортот во Република Северна Македонија. Националната агенција со остварување на овие програми придонесува во развојот на заедницата како општество засновано на напредно знаење, со одржлив економски развој, повеќе и подобри работни места и поголема социјална кохезија, истовремено обезбедувајќи заштита на средината за идните генерации а особено размена, соработка и мобилност во областа на образованието и обуката. Ставовите и изјавите на Богојески се спротивни на вредностите кои ги промовираат европските програми како Еразмус+, што го прави несоодветен за водечка позиција во институција која има за цел промовирање на европски вредности, инклузивност и меѓукултурна соработка.
    Имајќи го предвид горенаведеното, Мрежата за заштита од дискриминација бара повлекување на именувањето на Петар Богојески од функцијата директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

  • Отворен е повик за Летен камп за медиумска и информациска писменост и интеркултурен дијалог во Мојковац

    Имаш идеја како да обработиш одредена тема од областа на медиумите, медиумската писменост и интеркултурниот дијалог? Покрај тоа, имаш искуство во креирање медиумски содржини и кампањи од оваа област или те интересира како да научиш? Имаме вистинска вест за тебе!
    Во рамки на проектот „Youth in Western Balkans – A Virtual Postcard“ заедно со партнери од Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, распишуваме заеднички повик за Летен камп во Мојковац (Црна Гора), кој има за цел продукција на мултимедијални содржини. Летниот камп ќе се одржи од 19 до 22 јуни 2025 година во Хотел и Резорт Гачка, а трошоците за патување и сместување се покриени од страна на организаторите. Работниот јазик на кампот е англиски.
    Што се очекува од тебе?

    Да имаш помеѓу 18 и 30 години
    Да учествуваш активно на кампот во Мојковац
    Потенцијално да имаш идеја/тема на која би сакал/а да работиш со ментор/ка
    Да знаеш или да сакаш да научиш како да ги препознаваш стереотипите во медиумите и на социјалните мрежи, штетниот говор, говорот на омраза и како да се спротивставиш на штетни медиумски наративи

    За време на трите активни денови од тренингот, ќе имаш можност да работиш во група со уште две млади лица на изработка на мултимедијална содржина (текст, видео, подкаст, објава за социјални мрежи и слично). Дополнително, ќе добиеш поддршка од одлични тренери кои ќе ти бидат ментори/ки.
    Во Мојковац со нас ќе бидат: креаторката на содржини за социјални мрежи Нина Павиќевиќ (Критички), новинарот од Северна Македонија Огнен Јанески и новинарот на Нова С од Босна и Херцеговина Тахир Жустра.
    По завршувањето на тридневниот камп во Мојковац, заедно со менторот/ката и твојата група ќе продолжиш со развој и изработка на мултимедијална содржина, во согласност со договореното на кампот. За финализација на содржината ќе имаш рок од еден месец по тренингот.
    Процес на пријавување и селекција
    Доколку сакаш да се пријавиш, пополни ја Google формата која се наоѓа овде. Рокот за пријавување е 11 мај до 23:59 часот. Известување за резултатите од селекцијата очекувај до 16 мај 2025 година.
    Максималниот број лица по група е три, а вкупниот број на групи ќе биде девет. Почетната идеја на летниот камп е заедно со твоите врсници да поминеш низ процес на учење за медиумска и информациска писменост, интеркултурен дијалог и деконструкција на стереотипи и спротивставување на штетни медиумски наративи. Како резултат на тоа, ќе имаш можност да се пријавиш за вредни награди. Кои?
    Создадените трудови на летниот камп во Мојковац ќе можат да влезат во конкуренција за вредни парични национални и регионални награди, за кои повик ќе биде објавен во септември и октомври оваа година.
    Доколку те интересира како изгледаше победничкото видео за регионалната награда, кое беше создадено во рамки на интеркултурна размена во живо, можеш да го погледнеш овде.
    За сите прашања поврзани со повикот, можеш да пишеш на е-пошта: aleksandar@media-diversity.org.

  • Техники за трансформација на биоотпадот

    На 14 април 2025 год. се одржа работилница со основното училиште ООУ “Христијан Тодоровски Карпош” од Општина Карпош. Учениците и Експертите заедно правеа биофилм од кора од компири, биодизел, пектин со цел да осознаат што значи процесот на циркуларна економија.

    Денот го поминавме со ученици од VII, VIII I IX одделение од ООУ “Христијан Тодоровски Карпош” од Општина Карпош на работејќи заедно на работилница насловена како „Техники за трансформација на биоотпадот”. Дискутиравме за значењето на циркуларната економија, што таа означува и како може да придонесеме преку реупотреба на биоотпад. Во пријатна работна атмосфера продолживме со работа.

    Во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“ спроведуван од Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија во партнерство со EcoLogic и Center for Environmental Democracy – Florozon – Центар за еколошка демократија, продолживме со одржување на еднодневните Работилници на тема „Техники за трансформација на биоотпадот” со основните училишта од Скопје.

  • Средба на високо ниво – Борба против корупцијата: Иновации против нелегалната моќ

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Центарот за изучување на демократијата од Бугарија, во име на СЕЛДИ мрежата, организираат настан насловен „Средба на високо ниво –  Борба против корупцијата: Иновации против нелегалната моќ“.

    Настанот ќе ги обедини носителите на политики, претставници на граѓанското општество и меѓународната развојна заедница, кои ќе дискутираат за иновативни идеи и итни мерки за повторно ангажирање на владите во борбата против заробеноста на државите, нелегалните финансиски текови и стратешката корупција.
    Поврзувајќи ги локалните антикорупциски иницијативи со глобалните и регионалните политики, средбата ќе ги оспособи граѓанските организации од Западен Балкан со знаења за глобалните трендови во борбата против корупцијата, промените во донаторските стратегии и влијанието на геополитичките промени, вклучително и процесот на пристапување во ЕУ.
    Подетални информации за програмата може да се најдат во Агендата.
    Настанот се организира во рамки на проектот „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: Градење на капацитети за застапување врз база на докази, влијание врз политики и граѓански ангажман (СЕЛДИ.нет)”, финансиран од Европската Унија.
    ???? Настанот ќе се пренесува во живо преку ZOOM и Facebook.???? Регистрирајте се за онлајн учество преку следниот линк: https://forms.gle/PiJXQPw7gpQjiood6

    Следно >

    Поврзани:

  • ОЈО Куманово да го преквалификува делото во случајот за Ванѓелица од Кратово

    Платформата за родова еднаквост го следи судењето против 36-годишната Ванѓелица од Кратово, којашто е жртва на семејно насилство, а која Основнот јавно обвинителство ја гони за сторено кривично дело „Убиство со умисла“. 
    Како што веќе нагласивме, сметаме дека во конкретниов случај станува збор за акт на самоодбрана, односно за институтот „нужна одбрана“, а не за сторено кривично дело „убиство со умисла“, како што тврди Јавното обвинителство.
    Во текот на судењето беа презентирани и вештачење на обвинителството и вештачење на одбраната. Двете вештачења утврдуваат дека обвинетата немала намера да го стори делото и не го планирала, односно целта ѝ била да се одбрани од жртвите. Обвинетата поради повеќегодишните конфликти со жртвите носела во себе афектна тензија спрема нив, а во критичниот момент, поради чувство на животна загрозеност од сопругот којшто викал, ѝ се заканувал и ја тепал, довело до афектна ерупција при која таа посегнала по нож. Кога влегол свекорот и ѝ рекол дека ќе ја убие, тргнувајќи кон неа за да ја нападне, таа повторно посегнала по нож.
    Афектот бил од конфликтните ситуации, фрустрациите од повеќегодишното малтретирање, закани, вербални расправии со сопругот и свекорот. Поради страв за сопствениот живот, ситуацијата кулминирала со силно афектно празнење што довело до убиство. За да настапи силна раздразнетост постојат четири критериуми: интензивен афект, афект што не е вина на сторителот, афект предизвикан од жртвата што настанува во краток временски период – миг. Настанот траел кратко, таа делувала во миг раздразнета од моменталното чувство дека животот ѝ бил загрозен.
    И доказите на обвинителството, но и вештачењето на одбраната, потврдуваат дека станува збор за акт на самоодбрана, односно, за институтот „нужна одбрана“. Оттука, бараме обвинителството да го преквалификува делото, имајќи ја предвид и веќе постоечката судска пракса. Постапувањето на Јавното обвинителство многу наликува на случајот на Пале Иловска од Велес која исто така беше долгогодишна жртва на семејно насилство и во акт на самоодбрана го уби насилникот. Слично како и во овој случај, и неа Обвинителството ја гонеше за „убиство на миг“. Судот тогаш правилно донесе ослободителна пресуда.
    Платформата за родова еднаквост бара доколку ОЈО Куманово не изврши преквалификација на делото, судот да постапува со должно внимание во овој предмет и да ги разгледа сите решителни факти и да ги земе предвид принципите утврдени со ослободителната одлука во случајот на Пале.

  • Работилница за промоција на H4U прирачникот – Активна едукација за сите генерации

    Еко Логик, во соработка со Национален Парк Галичица, организираше едукативна работилница за промоција на прирачникот H4U. Настанот беше отворен за сите и привлече учесници на возраст од 4 до 90 години, кои заедно учествуваа во низа едукативни и забавни игри.Целта на оваа работилница беше на пристапен начин, преку интерактивни активности, да се доближат темите за заштита на животната средина до сите возрасти. Работилницата беше базирана на принципите на неформално образование и меѓугенерациско учење, каде знаењето се гради преку заедничко искуство и соработка.Енерџајзер: „Кој сум јас?“Настанот започна со динамична загревање игра, во која секој учесник доби стикер со име на животно или растение. Со поставување на прашања на кои може да се одговори само со „да“ или „не“, учесниците имаа задача да откријат кој лик го претставуваат. Оваа активност го олесни запознавањето и создаде позитивна и пријателска атмосфера.Игра 1: „Патека од шепоти“Во оваа игра, учесниците се движеа низ мистериозна патека, собирајќи фрагменти од приказни и решавајќи загатки. Тимовите заработуваа поени за успешно раскажување на приказни, креативно размислување и точно решавање на предизвиците. Играта ја стимулираше имагинацијата и ја поттикна тимската соработка, додека учесниците истражуваа и учеа за природните живеалишта на интерактивен начин.Игра 2: „Природно бинго“Учесниците добија табли со различни природни елементи кои требаше да ги пронајдат во околината – листови, инсекти, облаци, камчиња и други природни богатства. Играта го поттикна вниманието кон деталите и разви еколошка свест преку активно набљудување на просторот што нè опкружува.Размена на искуства меѓу генерацииПосебна вредност на настанот беше можноста за поврзување меѓу различни генерации. Природата стана заедничка тема за разговор, игра и учење, а секој учесник даде свој придонес со знаење, љубопитност или животно искуство. Овој пристап покажа дека еколошката едукација е успешна и значајна кога е вклучувачка и инспиративна.Голема благодарност до Национален Парк Галичица и до Biodiversity 4 Everybody кои ни пружија поддршка во реализацијата на овој настан. Благодарение на нивната посветеност, успеавме да овозможиме квалитетно и инспиративно доживување во природа за сите генерации.

  • Презентација на H4U прирачникот во Битола: Едукативна дружба со учениците од ООУ „Тодор Ангелевски“

    Во рамки на проектот H4U , тимот на Еко Логик имаше можност да го презентира новиот едукативен прирачник пред учениците од 9-то одделение во ООУ „Тодор Ангелевски“ во Битола. Овој настан претставуваше одлична можност да ги запознаеме учениците со значењето на природните живеалишта и биодиверзитетот, преку интерактивни и креативни активности кои се во согласност со методологијата на проектот.Целта на активностите беше да се поттикне љубопитноста и набљудувачките способности кај учениците, додека учат за значењето на екосистемите и природното богатство околу нив.Игра 1: „Живеалишта за животни“Учениците имаа задача да поврзат различни животни со нивните природни живеалишта. Преку оваа активност, дискутиравме за тоа како секое животно има свој дом во природата – шума, река, планина или ливада – и зошто е важно овие живеалишта да се зачуваат.Игра 2: „Природно богатство“Втората активност беше вистински предизвик за креативност и внимание. Учениците излегоа надвор и имаа задача да најдат лисја во форма на:❤️ срце
    💧 солза
    🔺 лист со три аглиОвие форми им помогнаа на учениците да размислуваат за природата преку визуелна и емоционална призма, а воедно и да научат повеќе за различните видови растенија во нивната околина.Во ООУ „Гоце Делчев“ – Могила реализиравме работилница за H4U, во која учествуваа ученици од мешани одделенија – 5-то и 9-то. Заедно разговаравме за придобивките од престојот во природа, значењето на физичката активност и начинот на кој пешачењето може да се користи како алатка за учење. Работилницата овозможи размена на идеи и искуства меѓу учениците од различни возрасти, што придонесе за уште побогата дискусија и заедничко учење.Учениците покажаа голем интерес и активно учествуваа во сите активности. Разговорите што ги водевме за време на игрите беа исполнети со љубопитност, креативни размислувања и свесност за важноста на природата. Со оваа презентација, не само што го претставивме H4U прирачникот, туку и успеавме да поттикнеме љубов и почит кон природното наследство кај најмладите.Продолжуваме со активностите низ Македонија, едуцирајќи ги младите за важноста на зачувување на биодиверзитетот и природните ресурси.

  • Објавен првиот туристички водич за Кичевскиот регион и реонот на Илинска планина

    Објавен првиот туристички водич на локалитети на територијата на Општина Кичево и реонот на Илинска планина Благодарение на поддршката на CNVP Foundation и Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, а во рамките на проектот “Патот до селото: Создавање на одржлив рурален развој во срцето на природата“, Рурална Коалиција со поддршка…

  • Техники за трансформација на биоотпадот во ООУ Јан Амос Коменски

    Денот го поминавме со младите истражувачи од ООУ “Јан Амос Коменски” од Општина Карпош на работилница на тема „Техники за трансформација на биоотпадот” со наставничките Александра Блажевска и Христина Димитровска. Започнавме со дискусија за видовите отпад што се рециклираат, видовите на отпад можат да се преработат и за тоа дали учениците знаат што е компост. Ги поканивме учениците заедно да направиме нешто од отпадни масла и вредно работевме три часа. На крајот на денот Експертите задоволно ги пофалија учениците за нивното знаење и вклученост.

    На 11 април 2025 год. се одржа работилница со основното училиште ООУ “Јан Амос Коменски” од Општина Карпош. Учениците и Експертите заедно произведоа биодизел, пектин и биофилм од кора од компири, учејќи преку примери за циркуларна економија.

    Во рамки на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“ спроведуван од Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, во партнерство со EcoLogic и Center for Environmental Democracy – Florozon – Центар за еколошка демократија, продолжуваме со одржување на едноденвните Работилници на тема „Техники за трансформација на биоотпадот” со основните училишта од Скопје.

  • Насилството, дискриминацијата и незнаењето во формалното образование се новото „нормално“ што го промовираат Владата, Парламентот и Претседателката на државата

    За неполна седмица мнозинството пратеници изгласаа трет штетен закон во образованието без јавна дебата – спротивен на интересите и потребите на децата и младите.
    Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација остро реагираат на усвојувањето на третиот последователен штетен закон во областа на образованието – Законот за средно образование. Со најновите измени на законите за основно и средно образование се озаконува насилство и дискриминација врз децата, а младите остануваат без пристап до здравствена едукација базирана на докази.
    И покрај епидемијата на насилство меѓу младите, новиот Закон за средно образование не ја препознава дискриминацијата како форма на насилство и освен физичкото насилство не препознава емотивно, психичко и сексуално насилство. Законот целосно пропушта да предложи мерки за унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје на младите, и покрај поразителните податоци.
    Ниту една стручна или младинска организација не побара вакви измени. Загрижува што пратеници од ВМРО-ДПМНЕ од парламентарната говорница отворено изразија поддршка за т.н. „загрижени родители“ – групи кои под превезот на „заштита на децата“ шират говор на омраза, дискриминација и теории на заговор, вклучително и против вакцинацијата и здравствената едукација. За илустрација – Претставници од движењата коишто беа консултирани за овие измени сметаат дека луѓето коишто се вакцинирани се ГМО и веќе не се луѓе и со тоа не уживаат човекови права. Истите групи со години оркестрираат напади врз експерти, активисти, новинари и маргинализирани заедници. Особено разочарува што првата жена-претседателка на државата ги поддржа барањата на овие радикални структури и ги потпиша указите за овие закони, иако фактите укажуваат дека тие ќе имаат долгорочни и штетни последици за младите.
    Со тоа, Владата, Парламентот и Претседателката дејствуваат во спротивност интересите на своите граѓани, национални и меѓународни заложби и препораки што државата ги има добиено изминатава деценија од телата на Обединетите Нации за почитување на човековите права, со заложбите преземени во рамки на Целите за одржлив развој – особено Целта број 5 за унапредување на родовата еднаквост – како и со националното законодавство за заштита од дискриминација и Националната развојна стратегија на државата.
    Сите три закони беа донесени по скратена постапка, без јавна расправа и без вклучување на експерти и млади – што претставува сериозно загрозување на демократијата и човековите права. Со исклучување на здравствената едукација, и со бришење на темите поврзани со родова еднаквост, сексуално и репродуктивно здравје, државата не само што ги негира реалностите со кои се соочуваат младите, туку свесно ги препушта на дезинформации, стигматизација, насилство и дискриминација.
    Ја потсетуваме Владата која декларативно изразува грижа за младите и промовира популациона политика, дека незнаењето за сексуалното и репродуктивно здравје во практика – ја намалува возраста на стапувања во први сексуални односи кај младите, ја зголемува стапката на малолетничка бремености и раѓања, стапката на небезбедни абортуси кај малолетниците, сексуално преносливите инфекции, и ги зголемува здравствените ризици и неплодноста кај популацијата.
    Потсетуваме на алармантните податоци кај нас кој треба да ги загрижат сите родители, наставници и граѓани:

    Податоците за насилство дискриминацијата и здравјето кај младите се алармантни и треба да ги загрижат сите родители, наставници и граѓани на оваа држава:
    Насилството е нормализирано во Македонија, се почести се случаите на вознемирување, сексуално насилство, малтретирање и силување кај младите извршено од малолетници, како во училиштата, така и  во јавните простори;
    Стапката на просечно стапување на прв сексуален однос кај младите во Македонија изнесува 15 години односно 16 години за девојчињата. За споредба со земјите каде здравствената едукација е интегрирана во училишните програми, младите го одложуваат влегувањето во прв сексуален однос, некаде дури и до 19 годишна возраст;
    Стапката на тинејџерска бременост во 2023 година изнесува 13.4 на 1000 девојки на возраст од 15-19 години;
    Младите на возраст од 15 до 18 години се најмногу изложени на насилство за разлика од другите возрасни групи во државата и младите кои ѝ припаѓаат на ЛГБТИ задницата се и до четирипати почесто малтретирани во училиште од хетеросексуалните врсници.
    Дополнително, 15-годишници со хомосексуална и бисексуална ориентација страдаат два или повеќе пати почесто во споредба со своите хетеросексуални врсници, честопати со повеќе психосоматски симптоми (74%), чувства на тага и безнадежност (47%) или со сериозни самоубиствени мисли (30%).
    Само во периодот од 2021-2023 се документирани 82 случаи на насилство во образованието врз ЛГБТИ млади, при што образованието е втора област по ред со најмногу документирани случаи на институционално насилство врз ЛГБТИ, после здравството.

    Оттука, нашите барања остануваат непроменети:

    Владата и Парламентот да ги реобмислат законите во образованието кои директно им штетат на здравјето на младите.
    Отворање на широка дебата со младите, младинските организации, стручните здравствени организации и кои работат на заштита на правата на маргинализираните заедници, и подготовка на измени на Законот за основно образование, Законот за средното образование и Законот за учебници за основно и средно образование базирани на докази и наука, и во согласност со меѓународните документи за заштита на човекови права со кои суштински ќе се покаже вистинска грижа за младите.
    Да обезбедат соодветни средства за спроведување на Законот за млади и да се инвестира во младинските центри во кои ќе се креираат безбедни простори за младите, обезбедат психолошки и здравствени услги за младите ширум државата.
    Одржување на надзорна расправа за предизвиците и препреките во имплементација на Законот за спречување и заштита од дискриминација пред Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.
    Итно и неодложно спроведување на подзаконски акти за заштита на децата од насилство и дискриминација во училишта.  
    Уште еднаш бараме од Претседателката Сиљановска-Давкова да не го потпишува Указот за Законот за средно образование и покрај тоа што со потпишувањето на претходните два закони ги погази своите декларативни и кампањнски заложби за родовата еднаквост и недискриминација.

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор