Author: ИМКА YMCA

  • Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери

    Програми Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери Кампот Михелштат во Германија беше домаќин на Европскиот младински камп, кој собра 135 учесници од 15 земји. По долго патување, а за некои и пристигнување во Михелштат низ серија на предизвикувачки услови, младите и нивните лидери се обединија околу заедничката тема: “Growing together – rooted in values – rising as leaders“, односно „Растеме заедно – вкоренети во вредностите – се издигнуваме како лидери“. Кампот понуди динамична програма исполнета со различни курсеви, интерактивни работилници и можности за размена на знаења и искуства. Курсевите беа задолжителниот дел и опфаќаа повеќе теми поврзани со менталното здравје, лидерството, активности на отворено поврзани со изградба на куќарки на дрва, обработка на темата “Do no harm” како методологија против било каков вид на насилство, односи со јавност, техники за раскажување приказни, театарски пристап во работата со млади и дигитално образование. Младите учесници и младинските работници активно придонесуваа со сопствените идеи, практики и перспективи, создавајќи простор во кој сите можеа да учат едни од други. Во фокусот беше заедничкото учење за иднината на младинската работа, како и развивањето лидерски способности засновани на вредности, соработка и меѓународно разбирање. Покрај едукативниот дел, програмата беше збогатена со многу креативни и забавни активности. Учесниците имаа можност да бидат дел од интернационален музички бенд, да создаваат уметност низ различни работилници за рачни изработки, цртање и сликање, работилници за дизајнирање восочни свеќи како и склопување и дизајнирање на куќарки за мали птици, да учествуваат во работилници за пеење (ten sing), да посетуваат сесии за релаксација и да учествуваат во спортски активности на терените на кампот во Михелштат. Дури и високите температури не ги спречија учесниците да учествуваат на сите овие настани, но и да уживаат во посетата на локалниот базен. За учесниците, покрај овие обврски, вклучена беше и прошетка до адреналински парк и возење на мал, планински ролеркостер, како и патување со брод по реката Мајна до блискиот град Милтенберг. Од Македонија имаше вкупно 7 претставници. Во изминатите четири години, овој камп прерасна во важно место за средба на европското ИМКА движење. Тој не претставува само меѓународен собир, туку простор каде што младите градат пријателства, споделуваат искуства и се инспирираат стекнатото знаење да го пренесат во своите земји и локални организации. Овој камп служи за сплотување на младинските работници низ камповите во Европа и е особено значаен за нашата земја од аспект на тоа што нуди споделување на искуства поврзани со камп културата која што ИМКА во Битола и во Македонија неуморно се труди да ја издигне на едно повисоко и препознатливо ниво за сите наши локални учесници, волонтери и поширока публика. * Пред да дојдам на кампот во Михелштат немав некои преголеми очекувања. Се надевав дека ќе запознаам нови луѓе, ќе стекнам пријатели и ќе разменам мислења со млади од различни земји. На крајот, сето тоа се исполни, па дури и ги надмина моите очекувања. Најинтересен и највпечатлив дел за мене беше курсот за лидерски вештини. Таму научив многу корисни работи за комуникацијата, тимската работа и начинот на кој еден лидер може позитивно да влијае на другите. Сигурно ќе ги применам овие знаења и во мојата заедница. За време на кампот стекнав поголема самодоверба во споделувањето на моите мислења и научив како подобро да ги разбирам и почитувам луѓето околу мене. Ова искуство ми помогна да пораснам како личност и да станам поотворен кон нови идеи и перспективи. Дефинитивно би го препорачал Михелштат кампот на секој млад човек кој сака да стекне нови искуства, да создаде меѓународни пријателства и да научи нешто корисно и вредно за својата иднина. Никола Гелов Кога првпат слушнав за кампот во Михелштат, сè ми дојде многу неочекувано. Бев пресреќна кога дознав дека и моите другарки добија можност да учествуваат, бидејќи знаев дека заедно ќе доживееме едно незаборавно искуство. Секој ден на кампот ми беше интересен на свој начин. Имав можност да научам многу нови работи и да запознаам луѓе од различни средини. Особено ми се допадна курсот по пеење. Таму научив дека не треба да се плашиме да пробаме нешто ново. Ако никогаш не се обидеме, нема да знаеме што можеме да постигнеме. Секој човек има свој талент и свој начин на изразување, а токму тоа нè прави посебни. Едно од највозбудливите искуства за мене беше активноста во Tree House. Искрено, пред да дојдам на кампот мислев дека тоа не е нешто што би го направила во мојот град. Но, овде решив да излезам од мојата зона на удобност и да пробам нешто ново. На крајот, многу се забавував и бев горда на себе што се осмелив да учествувам. Од курсот по пеење научив и една важна животна лекција: дека не треба да ги осудуваме другите. Секој може да направи нешто на свој начин и тоа не го прави помалку вреден. Наместо да критикуваме, треба да ги прифатиме и почитуваме разликите меѓу луѓето. Кампот ме научи да се дружам со сите, да бидам поотворена и да не донесувам брзи заклучоци за другите. Сфатив дека секој човек има своја приказна и дека сите заслужуваат почит, разбирање и поддршка. Најважната порака што ќе ја понесам со себе е дека треба да бидеме храбри и да не се плашиме од нови предизвици. Нема глупави прашања и нема неуспеси кога учиме нешто ново. Секое искуство е можност да пораснеме и да станеме подобра верзија од себе. Дефинитивно би им го препорачала Михелштат кампот на сите млади кои имаат можност да учествуваат. Пријателствата, чувството дека сте дел од едно големо семејство, новите искуства и сè што се учи таму се нешта што тешко можат да се доживеат на друго место. Тоа е искуство кое засекогаш останува во сеќавање. Јована Кирјаковска   Бидејќи и претходно имав учествувано на два меѓународни кампа надвор од Македонија, дојдов во Михелштат со високи очекувања и чувство на возбуда. Од моите претходни искуства знаев дека ме очекува нешто посебно, а кампот ги надмина сите мои очекувања. Она што најмногу ми се допадна беше разновидноста на курсевите и работилниците. Тие создадоа можност сите учесници да се запознаат подобро, да се дружат и да учат едни од други.

  • YMLP 2026 – лидерство, самодоверба и незаборавни искуства

    Последни новости YMLP 2026 – лидерство, самодоверба и незаборавни искуства Од 8 до 11 јули 2026 година, група средношколци од различни градови низ Македонија се собраа во Битола на кампот YMLP 2026 (Young Men’s Leadership Project) – лидерско и авантуристичко искуство организирано од ИМКА Македонија во партнерство со волонтерите на Мировниот корпус, алумни и локални волонтери. Иако со помал број учесници, YMLP Кампот овозможи секој млад човек да добие индивидуално внимание, да изгради искрени пријателства и да се предизвика себеси преку активности насочени кон развој на лидерски способности, самодоверба и личен раст. Во текот на четирите дена, учесниците работеа на теми поврзани со столбовите на ИМКА – личен развој, лидерство, заштита на животната средина, граѓанска одговорност и кариерен развој. Преку интерактивни работилници, тимски предизвици и практично учење, тие ги препознаваа своите силни страни, ги развиваа комуникациските вештини, учеа да решаваат проблеми во тим и размислуваа како можат позитивно да придонесат во своите училишта и локални заедници. Едукативниот дел беше надополнет со бројни рекреативни и активности на отворено. Учесниците уживаа во куглање, флег-фудбал, олимписки игри, водени предизвици и креативни активности кои поттикнуваа тимска работа и здрав натпреварувачки дух. Еден од најнезаборавните моменти беше кампувањето во Националниот парк Пелистер. Момчињата ноќеваа во шатори, се дружеа околу логорски оган со традиционалните s’mores, го поминаа адреналинскиот парк, пешачеа низ шумските патеки и заеднички решаваа симулација на авионска несреќа, активност која ги стави на тест нивните комуникациски вештини, лидерски способности и носење одлуки под притисок. За самите учесници, најголемата вредност на кампот беа пријателствата и чувството на заедништво. Еден учесник сподели: Спортските активности, огромната количина смеа меѓу нас и запознавањето нови луѓе. Друг учесник го сумираше своето искуство: Активностите беа одлични, луѓето, персоналот – сè беше одлично. Други како највпечатлив дел го издвоија престојот во природа: Кампувањето во шатори, s’mores и стекнувањето нови пријателства. Кампот на Пелистер. Влијанието на YMLP кампот продолжи и по враќањето дома, а родителите забележаа значајни позитивни промени кај своите синови. Еден родител сподели особено емотивно искуство: Мојот син не сака многу да зборува. Најчесто одговара само со ‘да’ или ‘не’ и ретко раскажува што му се случувало во текот на денот. Откако се врати од кампот, стана многу поотворен. Почна да зборува за своите планови, да бара совет и помош, а покажа и поголем интерес за локални прашања како загадувањето, отпадот, планинарските и велосипедските патеки. Почна да ми раскажува како му поминал денот и што правел со пријателите. За мене како родител, тоа е огромна позитивна промена. И други родители забележаа охрабрувачки промени: Подобрени комуникациски вештини. Порасположен, посамоуверен и полн со позитивни впечатоци. YMLP кампот е многу повеќе од четиридневно летно искуство – тој претставува почеток на подолг лидерски пат. Следната година, учесниците ќе имаат можност да аплицираат за програмата Counselors-in-Training (CiT). Оваа програма е дел од целогодишната Leaders-in-Training (LIT) програма на ИМКА Македонија, преку која младите стекнуваат лидерски, менторски, комуникациски и волонтерски вештини, подготвувајќи се да станат идни советници на камповите и лидери во своите заедници. Преку кампот YMLP, ИМКА Македонија продолжува да инвестира во младите, помагајќи им да изградат самодоверба, цврст карактер и практични лидерски вештини што ќе им овозможат позитивно да придонесуваат во своите семејства, училишта и локални заедници.

  • GLOW 2026 охрабри речиси 40 млади девојки преку лидерство, авантура и пријателство

    Последни новости GLOW 2026 охрабри речиси 40 млади девојки преку лидерство, авантура и пријателство Од 1 до 4 јули 2026 година, речиси 40 средношколки од околу 15 градови низ Македонија се собраа во Битола на кампот GLOW 2026 (Girls Leading Our World) – уникатно лидерско искуство организирано од ИМКА во партнерство со волонтерите на Мировниот корпус, алумни и локални волонтери. Направен со цел да ја инспирира следната генерација млади лидерки, кампот GLOW ги обедини практичното учење, авантурата во природа и креативноста во средина каде што секоја учесничка беше охрабрена да ги открие своите силни страни, да ги поддржува другите и да ја изгради својата самодоверба. Во текот на четиридневната програма, учесничките следеа интерактивни работилници засновани на столбовите на ИМКА – личен развој, лидерство, заштита на животната средина, граѓанска одговорност и кариерен развој. Преку практични активности, тие развиваа критичко размислување, способност за тимска работа и лидерски вештини кои ќе можат да ги применуваат во своите училишта и локални заедници. Покрај едукативниот дел, програмата понуди богата палета рекреативни активности, меѓу кои креативни работилници, куглање, олимписки игри и забавни водени предизвици кои поттикнуваа тимски дух и здрава конкуренција. Еден од највпечатливите моменти беше престојот во Националниот парк Пелистер, каде што девојките кампуваа во шатори, го совладаа адреналинскиот парк, и уживаа во пешачење и истражување на шумата преку интерактивна потрага по природни богатства. Влијанието на кампот најдобро го опишаа самите учеснички: Неверојатната енергија на сите! Секоја активност беше одлично организирана, сите беа гостопримливи и пријателски настроени, а заедно доживеавме толку многу нови искуства. Најмногу ми се допадна што конечно направив работи за кои отсекогаш сум сонувала, и тоа опкружена со прекрасни девојки на моја возраст! Посебно ми значеше чувството на топлина и сигурност што го создаде просторот исполнет со жени кои се поддржуваат меѓусебно. Друга учесничка го истакна богатството на програмата: Секој ден беше исполнет со различни и уникатни активности, така што ниту еден ден не беше ист како претходниот. Советничките беа прекрасни, секогаш позитивни и полни со охрабрување. За многу девојки, токму пријателствата создадени за време на кампот останаа највредниот дел од целото искуство: Најмногу ми се допадна заедништвото што го создадовме во кампот – атмосфера исполнета со поддршка и пријателски дух. Имав чувство дека сме во еден посебен свет исполнет со љубов и добрина, далеку од суровоста што понекогаш ја носи секојдневието. А и храната беше одлична! Влијанието на кампот продолжи и по неговото завршување, а родителите забележаа позитивни промени кај своите ќерки. Еден родител сподели „Забележав дека стана поотворена и ме изненади колку многу енергична беше кога се врати дома. Ми се чини дека стекна и многу поголема храброст отколку порано. Беше пресреќна и веднаш ми кажа дека следната година повторно сака да учествува.“ Други родители истакнаа промени како: Подобри комуникациски вештини. Поголема самодоверба. Порасположена е, посигурна во себе и полна со прекрасни впечатоци. Следното лето дел од овогодишните учеснички ќе имаат можност да го продолжат своето лидерско патување преку пријавување во програмата Counselors-in-Training (CiT). Оваа програма е дел од целогодишната Leaders-in-Training (LIT) програма на ИМКА, преку која младите развиваат лидерски, комуникациски, менторски и волонтерски вештини во текот на учебната година, подготвувајќи се да станат идни советници на камповите. Преку оваа лидерска патека, ИМКА инвестира во младите не само како учесници на камповите, туку и како идни ментори и лидери кои ќе ја инспирираат следната генерација.

  • Дневниот камп SPARK 2026 ја инспирираше новата генерација млади лидери

    Последни новости Дневниот камп SPARK 2026 ја инспирираше новата генерација млади лидери Од 23 до 25 јуни 2026 година, ИМКА Македонија го организираше дневниот камп SPARK во Битола – три незаборавни дена исполнети со авантура во природа, развој на лидерски вештини и учење преку практично искуство. Кампот беше реализиран во партнерство со Мировниот корпус, Педагошкиот факултет, Технолошко-техничкиот факултет и алумни на камповите на ИМКА. Активностите се одржуваа во шумскиот простор во близина на Педагошкиот факултет, кој овозможи безбедна и инспиративна средина за учење, дружење и стекнување нови пријателства. Во текот на трите дена, учесниците беа дел од разновидни активности инспирирани од лидерските столбови на ИМКА – личен развој, лидерство, граѓанска одговорност и заштита на животната средина. Преку искуствено учење на отворено, тимски предизвици, олимписки игри и забавни водени активности, децата ги развиваа својата самодоверба, соработката и тимскиот дух. Еден од највозбудливите моменти беше еднодневната посета на Националниот парк Пелистер. Таму учесниците ги тестираа своите способности во адреналинскиот парк, а потоа учествуваа во организирана прошетка низ шумските патеки. Овие активности ги поттикнаа да излезат од својата комфорна зона, да се охрабруваат меѓусебно, да градат отпорност и истовремено да ја запознаваат и ценат природата на Македонија. SPARK претставува прв чекор во лидерската патека на ИМКА. Како дневен камп наменет за ученици од основно образование, тој ги подготвува младите за следната фаза – лидерските кампови за средношколци Girls Leading Our World (GLOW) и Young Men’s Leadership Project (YMLP). На тој начин, учесниците добиваат можност континуирано да ги развиваат своите лидерски способности, чувството за заедница и личната одговорност. Влијанието на кампот SPARK продолжи и по неговото завршување. Во анкетите по кампот, родителите дадоа исклучително високи оценки за целокупното искуство, истакнувајќи дека кај нивните деца забележале поголема самодоверба, независност, нови пријателства и уште поголем ентузијазам за учење преку активности во природа. Нивните позитивни впечатоци се уште една потврда за заложбата на ИМКА да создава безбедни, квалитетни и трансформативни програми за млади. ИМКА упатува искрена благодарност до координаторите, советниците, персоналот и сите поддржувачи кои придонесоа за успешната реализација на SPARK 2026. Благодарение на нивната посветеност, младите добија можност да ги откријат своите потенцијали, да создадат спомени за цел живот и да ги направат првите чекори на своето лидерско патување.

  • Повик за практикант/ка преку АВРСМ

    Вклучи се Повик за практикант/ка преку АВРСМ Доколку сакаш да стекнеш практично искуство, да ги развиеш твоите вештини и да ги подобриш шансите за вработување, тогаш оваа можност е за тебе! Вклучи се во ИМКА и стекни практично искуство преку работа на реални проекти преку Мерка 4 – Практикантство на АВРСМ. Месечен надоместок: 12.000 ден.Период на практикантство: до 3 месециПозиција: Проектен асистентЛокација: ИМКА Македонија, Битола Кој може да аплицира? Невработени млади лица до 29 години кои:• се евидентирани во АВРСМ• имаат минимум завршено средно образование• немаат работно искуство Што ќе работиш? • Административна и логистичка поддршка на проекти и активности• Работа со документација и архива• Истражување, веб-пребарување и обработка на информации• Поддршка при подготовка на проектни апликации и извештаи• Поддршка при организација на настани и проектни активности Потребно е: познавање на Microsoft Office, е-пошта и Интернет, добро познавање на македонски и англиски јазик, организираност и желба за стекнување нови знаења. Како да аплицираш? Испрати го твоето CV на contact@ymca.mk со назнака ПРИЈАВА ЗА ПРАКТИКАНТ – ПРОЕКТЕН АСИСТЕНТ најдоцна до 17.08.2026 год. По селекцијата од страна на ИМКА, избраните кандидати ќе треба да поднесат пријава за учество во Мерка 4 – Практикантство во работниот клуб на Центарот за вработување. Рокот за пријавување во АВРСМ е 21.08.2026 год. или до исполнување на предвидениот опфат на корисници. Кандидатите кои ќе бидат селектирани за интервју ќе бидат контактирани.

  • Повик за практикант преку World University Service

    Вклучи се Повик за практикант преку World University Service Доколку сакаш да стекнеш практично искуство за подобрување на твоите вештини и шансите за вработување, тогаш оваа програма е за тебе! Вклучи се во ИМКА и стекни неопходна пракса преку работа на реални проекти преку програмата за практиканти на WUS (World University Service). Програмата дополнително нуди обуки за тоа како да ја направиш твојата практикантска работа успешна и за тоа како да ја пронајдеш твојата посакувана работа (креирање CV, мотивациско писмо и прво интервју), консултации за практикантска работа и отвoрање на свој бизнис. Месечен надоместок: 15.000 ден. за период 3 до 6 месеци Период на практикантство: 10.2026-06.2027 (3-6 месеци) Ангажман: 30 раб.часа неделно Локација: Младински центар Битола Позиција: Едукатор (искуство или интерес за неформално образование, младинска работа). Преф.педагогија, психологија, социјална или младинска работа) Кој може да аплицира? Студенти од државните универзитети кои се: Во последната фаза од студиите (дипломираат август или септември 2026) или Кои дипломирале не повеќе од 6 месеци пред крајниот рок за пријавување во WUS (30.08.2026) или Кои се на магистерски студии и кои се мотивирани за промени во заедницата Испратете CV на contact@ymca.mk со назнака ПРИЈАВА ЗА ПРАКТИКАНСТВО Рок до 19.08.2026год.   Кандидатите кои ќе бидат селектирани за интервју ќе бидат контактирани. ИМКА го задржува правото да го пролонгира повикот доколку смета дека истото е потребно.

  • Повик за учесници на Eразмус+ обука “The Listening Body“ во Брно, Чешка

    Вклучи се Повик за учесници на Eразмус+ обука “The Listening Body“ во Брно, Чешка Започнуваме со селекција на учесници во тренингот „Слушачкото тело“ (The Listening Body) кој е поддржан од Еразмус + и ќе се случува во близина на Брно, Чешка. Следува период во кој ние ќе ги собереме сите заинтересирани за учество на оваа обука, а после тоа заедно со организаторите ќе финализираме кој од пријавените ќе учествува. Оваа обука има за цел да ги надгради важните ненасилни комуникациски вештини на учесникот на тема поврзана со улогата на допирот во младинската работа и личниот раст и развој. На овој начин, младинскиот работник ќе стекне проширен увид во улогата на телото и како начинот на кој тоа комуницира со околината може да биде корисна алатка за деескалација на тензии и конфликти со другите. Период: Целокупниот проект трае од Август 2026 до јануари 2027 Обуката е од 21 до 29 ноември 2026 Деталите за целата обука на англиски (кој е работен јазик на обуката) може да се најдат во следниот инфо пакет https://www.canva.com/design/DAHPdNQKhL0/JUfq7o3y1My5zzqvY3JxfA/view?utm_content=DAHPdNQKhL0&utm_campaign=designshare&utm_medium=link&utm_source=viewer Кој може да се пријави? Mладински работници, фасилитатори, обучувачи, координатори на волонтери, социјални работници, наставници, професори, едукатори… Лица над 18+ години ВАЖНО! За учество на овој тренинг, се наплаќа 60 евра, кои се одбиваат од патниот трошок на учесниците. Дополнително, секој оној кој е заинтересиран за учество, по завршување на обуката треба да може активно да учествува во дисеминација на овој проект со одржување тематска работилница во претходно договорен термин од наша страна. Во спротивен случај нема да биде селектиран за учество. Пријава за учество https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLScNEyhM0BBXCJfRhhn_dUKN9LAvJ0EQwkTK24ZV38N_3VLWgA/viewform Ве очекуваме!

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор