Author: Здружение ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Скопје

  • Здравјето, заштитата од насилство и дискриминација на младите не се приоритет за Владата и мнозинство на пратеници

    Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација со остра реакција на законите за основно образование и учебници со кои младите остануваат без здравствена едукација базирана на докази во основните училишта и се озаконува насилство врз децата
    Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација најостро реагираат на најновите измени и дополнувања на Законот за основно образование и Законот за учебници, со кои се озаконува дискриминацијата и насилството, а се бришат темите за сексуално и репродуктивно здравје и родова еднаквост. Овие законски измени се носат без консултација со младите и стручната јавност и директно се спротивни на потребите на младите.
    Во време кога државата се соочува со најголемата трагедија во својата понова историја, во која 59 млади животи беа изгубени во Кочани поради системска корупција, неказнивност и негрижа за граѓаните, Собранието како прв приоритет носи закони што дополнително ја загрозуваат добросостојбата на младите.
    Законот за основно образование се менува два пати за само неколку месеци, во нетранспарентна постапка, без вклучување на стручната јавност и во спротивност со домашните и меѓународните регулативи.  Последните измени беа донесени по скратена постапка иако претставуваат значително отежнување на остварувањето и заштитата на човековите права. Продолжувањето на ваквите антидемократски процеси, каде што клучни закони се носат по брза постапка, без јавна дебата и без вклучување на експерти и младите, е неприфатливо и загрижувачко.
    Бараме итно запирање на овие штетни законски измени и отворен дијалог со младите, експертите и граѓанските организации за креирање политики што вистински одговараат на потребите на младите и ја штитат нивната иднина.
    Податоците за насилство дискриминацијата и здравјето кај младите се алармантни и треба да ги загрижат сите родители, наставници и граѓани на оваа држава:

    Насилството е нормализирано во Македонија, се почести се случаите на вознемирување, сексуално насилство, малтретирање и силување кај младите извршено од малолетници, како во училиштата, така и  во јавните простори;
     Стапката на просечно стапување на прв сексуален однос кај младите во Македонија изнесува 15 години односно 16 години за девојчињата. За споредба со земјите каде здравствената едукација е интегрирана во училишните програми, младите го одложуваат влегувањето во прв сексуален однос, некаде дури и до 19 годишна возраст;
    Стапката на тинејџерска бременост во 2023 година изнесува 13.4 на 1000 девојки на возраст од 15-19 години;
    Младите на возраст од 15 до 18 години се најмногу изложени на насилство за разлика од другите возрасни групи во државата и младите кои ѝ припаѓаат на ЛГБТИ задницата се и до четирипати почесто малтретирани во училиште од хетеросексуалните врсници[1]. Дополнително, 15-годишници со хомосексуална и бисексуална ориентација страдаат два или повеќе пати почесто во споредба со своите хетеросексуални врсници, честопати со повеќе психосоматски симптоми (74%), чувства на тага и безнадежност (47%) или со сериозни самоубиствени мисли (30%).
     Само во периодот од 2021-2023 се документирани 82 случаи на насилство во образованието врз ЛГБТИ млади, при што образованието е втора област по ред со најмногу документирани случаи на институционално насилство врз ЛГБТИ, после здравството.

    Загрижува податокот дека никој од стручната јавност, ниту младинските организации, не побараа ваков тип на законски измени во образованието. Токму затоа прашуваме, дали Владата и Парламентот се во директна спрега со неформални и формални радикални групи, кои под превезот на „заштита на правата на децата” секојдневно промовираат –дискриминација, омраза, насилство, шират теории на заговор против употреба на вакцините и други методи за здравствена превенција базираат на докази. Истите групи веќе неколку години промовираат антидемократски процеси и оркестрирано напаѓаат стручни лица, активисти од граѓанскиот сектор, новинари. Оваа насока е целосно спротивна на заложбите на државата за ЕУ интегративните процеси.
    Оттука бараме:

    Претседателката на државата да не ги потпише Указите за донесување на законите за измена и дополнување на Законот за основно образование и Законот за учебници за основно и средно образование
    Владата и Парламентот да ги реобмислат законите во образованието кои директно им штетат на здравјето на младите.
    Да обезбедат соодветни средства за спроведување на Законот за млади и да се инвестира во младинските центри во кои ќе се креираат безбедни простори за младите, обезбедат психолошки и здравствени услги за младите ширум државата
    Одржување на надзорна расправа за предизвиците и препреките во имплементација на Законот за спречување и заштита од дискриминација пред Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот
    Отворање на широка дебата со младите, младинските организации, стручните здравствени организации и кои работат на заштита на правата на маргинализираните заедници, и подготовка на измени на Законот за основно образование, Законот за средното образование и Законот за учебници за основно и средно образование базирани на докази и наука, и во согласност со меѓународните  документи за заштита на човекови права со кои суштински ќе се покаже вистинска грижа за младите.
    Итно и неодложно спроведување на подзаконски акти за заштита на децата од насилство и дискриминација во училишта.  

    [1] Студија за однесувањатата поврзани со здравјето на децата на училишна возраст (11, 13, 15 години) во Северна Македонија

  • Платформата на граѓански организации за борба против корупција бара да се прекине праксата на неказнивост и селективна правда

    Корупцијата во Северна Македонија е закана за животот и безбедноста на граѓаните, а не само злоупотреба на јавни средства. Трагедиите како пожарот во Кочани, Ласкарци, „Беса Транс“, и модуларната болница во Тетово се директна последица на системски пропусти, политичка заштита, некомпетентни вработувања и институционална негрижа. И покрај континуираните ветувања за реформи, не се спроведени суштински промени во контролата, инспекциските механизми и законската одговорност, што доведе до 150 изгубени животи. Недостигот од одговорност и селективна примена на закони создадоа амбиент каде трагедиите се очекуван исход, а довербата во институциите е длабоко нарушена. Без еднаков третман пред законот и вистински системски реформи, ваквите трагедии ќе продолжат да се повторуваат.
    Во оваа прилика Платформата упатува конкретни барања до надлежните институции со цел да се прекине праксата на неказнивост, селективна правда и формално исполнување на обврски. Бараме итно да се преземат следниве чекори:

    Целосна, непристрасна и транспарентна истрага за пожарот во Кочани- Обвинителството мора да спроведе темелна и објективна истрага, без политички влијанија. Бараме да се објават основни податоци од планот за истрага и да се организираат редовни јавни брифинзи за напредокот, без да се откриваат чувствителни детали.
    Целосна реформа на казнената политика- Бараме строги, предвидливи и правично применети казни за корупција, затоа што малите и симболични казни само го охрабруваат прекршувањето на законот. Потребно е да се унапреди заштитата на укажувачите.
    Одговорност за институциите и компаниите што не ги исполнувале обврските – Потребно е јасно утврдување зошто контролите и надзорот не се спроведувале со години, да се утврди дали тоа било резултат на нестручност или свесен пропуст и да се обезбедат информации за тековните постапки и резултатите од нив.
    Теренски проверки при вонреден надзор- Само административна проверка не е доволна. Потребно е инспекциите преку теренска и темелна проверка да утврдат кои објекти и компании ги исполнуваат законските стандарди.
    Проверка на имотна состојба и интереси на инспектори и службеници кои одлучуваат во постапки за доделување лиценци и дозволи- Да се проверуваат анкетните листови на лица кои одлучуваат за дозволи и надзор, со цел да се откријат евентуални конфликти на интереси, коруптивни врски и нечесно влијание врз одлуките.
    Инспекторските места да се пополнат со вистински луѓе– Покрај потребата да се истражи одговорност на инспекторите за констатираното раширено неследење на правила од страна на компаниите, потребно е и нивно доекипирање како би се проширил годишниот опфат на контролирани субјекти. Инспекторатите треба да бидат финансиски и политички независни, а кадровски максимално зајакнати.
    Ревизија на постапките за добивање дозволи и лиценци- Потребно е усогласување на сите прописи за безбедност, јасни критериуми за заштита од пожари, и обврска за теренски увид од ДЗС пред издавање дозволи. Елаборатите за заштита мора да станат задолжителен услов и при издавање на угостителски лиценци.
    Измените на законите да не бидат алиби за минатите пропусти- Иако се најавени нови законски измени, тоа не смее да се користи како оправдување за претходни незаконски постапки или непостапување. Одговорност мора да има за пропустите, дури и ако правилата во меѓувреме се променети.
    Итно постапување по наодите од ДКСК и ДЗР- Препораките од антикорупциските и ревизорски тела не смеат повеќе да се игнорираат. Институциите мора веднаш да реагираат, јавно да објавуваат кои случаи ги опфаќаат и какви мерки преземаат.
    Воспоставување вертикална одговорност во институциите- Секој што дозволил небезбедни објекти да функционираат– од најниско до највисоко ниво– мора да сноси одговорност, било дисциплинска, прекршочна, кривична или политичка.
    Престанување со притисоци врз граѓанските организации, движења, иницијативи и медиумите- Независните медиуми и граѓанското општество честопати први алармираат за проблеми во системот. Наместо да се дискредитираат, тие треба да се третираат како партнери во борбата за правда, без страв од притисоци и одмазди.

    Минатата недела беа направени проверки во повеќе дејности. Во угостителските објекти, поголемиот дел имаа недостатоци и беа санкционирани со забрани, одземени лиценци или казни. Кај компаниите од областа на градба, проектирање и урбанистичко планирање, дел од лиценците беа одземени поради неправилности. Во транспортниот сектор, мал дел од контролираните субјекти покажаа проблеми. Локалната самоуправа потврди дека училиштата и градинките се безбедни. Но, кога ќе се погледне брзината со која се направија сите овие проверки, се поставува прашањето: колку навистина се проверуваше, и дали тоа беше длабински и темелно?  Во случајот со лиценцирањето во угостителството, од тоа што беше изнесено во јавност, испаѓа дека наместо да се казнат тие што не ги почитувале правилата, треба да им дадеме време да се „прилагодат“ и се очекува да поминат неказнето. Се добива впечаток дека и покрај тоа што долго време профитирале од расипаниот систем – со помали трошоци и без да ги исполнат стандардите – пак ќе им се прогледа низ прсти, повторно на сметка на јавниот интерес. Нема најави за санкции на административните службеници кои ги издале лиценците и дозоволите, што при вонредниот надзор беа повлечени. Инспекциските служби, иако клучни за заштита на јавниот интерес, се зависни од Владата – и финансиски и политички – што ја поткопува нивната независност и објективност. Укажувањата од антикорупциските тела често се игнорираат, а внатрешните ревизии ретко имаат последици.
    Платформата истакнува дека барањата што ги упатува се основни чекори кон создавање држава во која граѓаните ќе се чувствуваат безбедно и достоинствено, каде можат слободно да се движат и живеат без страв. Во следните недели ќе биде подготвена Бела книга со досега неисполнети барања за системски реформи, придружена со акциски план и рокови за институциите. Овие заложби не се политички, туку произлегуваат од потребата за заштита на животот, безбедноста и правичноста. Време е за конкретна одговорност и еднаква примена на правилата за сите, на сите нивоа.

  • Собранието да се консолидира и да почне да ја врши својата функција

    Се навршија речиси две недели од трагедијата во Кочани, а Собранието уште ги одложува своите седници, меѓу кои и седницата за пратенички прашања.
    Неприфатливо и неодговорно е пратениците да не одржуваат седници во време на ваква трагедија кога граѓаните очекуваат одговори, кога треба да се анализира системот и да се договараат следните чекори што би можеле да ги преземе Собранието во рамките на своите надлежности.
    Хелсиншкиот комитет за човекови права потсетува дека законодавната функција  на Собранието е само една од основните уставни функции кои ги има тоа.  Собранието има и претставничка и надзорна функција, а пратеничките прашања се една од основните форми на надзор над работењето на Владата и другите носители на јавни функции.
    Собранието има механизми преку кои може да дејствува како што е формирање на постојани и привремени работни тела за секое прашање од јавен интерес.  Во конкретниот случај, според член 76 од Уставот, Собранието може да се формира  анкетна комисија за сите области и за секое прашање од јавен интерес и нејзините наоди можат да претставуваат основа за утврдување на одговорност за носителите на јавни функции.
    Оттука несфатливо е што Собранието имајќи ги овие механизми на располагање наместо да ги искористи, одлучи да не одржува седници. Логично е да се постави прашањето каква е потребата од постоењето на највисокиот претставнички орган на граѓаните, кога народните избраници коишто го сочинуваат, одлучија да останат неми пред граѓаните што ги избраа во моменти кога им се најпотребни.
    Ако ништо друго, закажувањето на седница за пратенички прашања исто така, можеби ќе го отвореше просторот за посуштествена дебата и на некој начин ќе ги артикулиураше насоките по кои што треба да се движат работите понатаму. Воедно седницата ќе дадеше можност пратеници и Собранието јавно да искажат сочувство до семејствата на жртвите и жалење за страшната трагедија.
    Граѓаните очекуваат дека по трагедијата што се случи во Кочани, целокупниот систем, вклучително и нивните избраници ќе придонесат кон борбата против корупцијата и за исправање на неправилностите и големата поделеност во општеството и притоа ќе бидат ефикасни и бескомпромисни.
    Очекуваме Собранието да се консолидира и да ги употреби сите механизми со кои располага и пратениците да се обединат во напорите за зголемување на функционалноста на системот и против општествените девијации.
    Граѓаните од своите избраници, како и од другите носители на  јавни функции, бараат системот да функционира  без привилегии за никого и законите да важат за сите подеднакво.

  • Да се запре со говорот на омраза и замолчување на младите

    Во неделата на жалост по трагедијата со пожарот во Кочани, повторно сме сведоци на загрижувачки пораст на говорот на омраза, особено на социјалните мрежи, но и во некои медиуми. Барањето на одговорност од надлежните институции од страна на граѓаните и особено од страна на младите се поврзува со дејствување на политички партии и наместо достоинство и одговорност, гледаме навреди, обвинувања, говор на омраза и повикување на насилство. Сето ова добива размери на загрижувачки опасна онлајн хајка.
    Хелсиншкиот комитет за човекови права предупредува дека ваквите напади можат да имаат сериозни последици врз слободата на изразување и безбедноста на граѓаните. Истовремено потсетуваме дека говорот на омраза и повиците за насилство на социјалните мрежи претставуваат кривично дело.
    Од тие причини апелираме јавните личности, политичарите, како и сите корисници на социјалните мрежи да бидат одговорни во јавниот говор.
    Во врска со студентските мирни собири кои деновиве се мета на навреди и разни шпекулации дека дејствуваат под нечие влијание, потсетуваме дека правото на мирен собир во Северна Македонија е уставно загарантирано право и е основно човеково право загарантирано со најзначајните меѓународни документи за човековите права.
    Никого не треба да зачудува фактот што младите бараат одлучна борба против корупцијата и системските неправилности и неправди во општеството, чиишто жртви се трагично настараданите во Кочани. Од тие причини никој, а особено власта не треба од позиција на моќ да го узурпира гласот на младите.
    На институциите треба да им се дозволи да ја завршат својата работа и да ги пронајдат и санкционираат одговорните за трагедијата во Кочани, но тоа не се коси со потребата граѓаните да бараат системски промени и артикулирано да ги истакнат своите барања.
    Расчистувањето на причините за несреќата во Кочани е испит и за органите на правосудниот систем кои треба професионално да спроведат темелна и непристрасна истрага, не подлегнувајќи на можни партиски и други притисоци.
    Во овој случај судиите мора да испорачаат правда, постапувајќи согласно позитивните закони, а во служба на граѓаните и јавниот интерес.
    Хелсиншкиот комитет согласно својот мандат ќе ги мониторира протестите и ќе обезбедува бесплатна правна заштита при евентуални случаи на пречекорување на полициските овластувања.

  • Сеопфатна, темелна, непристрасна и натпартиска истрага за несреќата во Кочани бара Платформата на граѓански организации за борба против корупција

    Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата изразува длабоко сочувство за трагично загинатите граѓани во пожарот во „дискотеката“ во Кочани и изразува искрени желби за побрзо закрепнување на повредените.
    Пожарот во Кочани е само последно во низата на случувања кои покажуваат дека корупцијата убива. За жал, по случајот во Ласкарци, случајот со „Беса транс“, пожарот во модуларната болница во Тетово, требаше да се случи и пожарот во „дискотеката“ во Кочани за одново да се потсетуваме  дека повеќедецениската системска корупцијата зема животи.
    Платформата будно ги следи постапките во случајот со пожарот во Кочани и укажува дека тоа што сега најмалку треба да се обезбеди е сеопфатна, темелна, непристрасна и натпартиска истрага. Бараме истрагата да се води отчетно и транспарентно и за неа да известуваат оние кои со закон се надлежни да го прават тоа.
    Во овој момент, одговорноста е клучна и никој не треба да биде изземен од неа, без разлика дали и од која партија е, од која верска или етничка припадност е и дали е поранешен или сегашен функционер. Додека не создадеме систем во кој вистинските луѓе со интегритет ќе бидат на вистинските позиции, не треба да се откажеме.
    Во досегашното еднодецениско постоење на платформата на граѓански организации за борба против корупцијата постојано реагираме и бараме промени во разни сегменти од системот што да се прифатеа, ќе оневозможија токму вакви случувања. Потребни се системски промени кои ќе покажат дека постои реална волја и заложба за бескомпромисна борба со корупцијата од сите чинители, а особено надлежните. За жал, праксата константно покажува дека желбата за лично богатење секогаш била над онаа за создавање на систем во кој правилата и процедурите ќе се почитуваат подеднакво од сите, на сите нивоа во општеството.
    Имајќи ги предвид прогласените денови на жалост, Платформата за сега ќе се воздржи од натамошни коментари за конкретниот случај, но најавуваме дека во текот на идната недела ќе организираме прес-конференција на којашто ќе ги објавиме нашите конкретни барања што очекуваме да се спроведат од надлежните органи и тоа ќе го следиме за да започне колективна бескомпромисна борба против корупцијата.

  • Сега е време за одговорност и солидарност.

    Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува длабоко сочувство до семејствата на загинатите млади луѓе во несреќата што се случи во Кочани.
    Истовремено, информираме дека целосно се ставаме на располагање на семејствата на настраданите кои имаат потреба од добивање на правни совети и помош. За таа цел можат да ни се обратат на телефонскиот број +389 2 3119 073.
    Во периодот што следува Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе ја следи истрагата и постапувањето на надлежните институции. Од тие причини очекуваме транспарентност и информирање за преземените дејствија и утврдената фактичка состојба.
    Очекуваме за утврдените незаконитости да следува соодветна одговорност за сторителите.
    Апелираме политичките партии да се воздржат од меѓусебни обвинувања и да се стават во функција на јавниот интерес.
    Сега е време да се покаже одговорност и солидарност.

  • Јавен повик за ангажман на психотерапевти/психијатри и социјални работници

    Хелсиншкиот комитет за човекови права, во рамки на проектот „Зајакнување на човековите права и услуги за децата и ранливите лица во ризик во затворени институции“, финансиран од Европската Унија како дел од програмата EuropeAid/180645/DD/ACT/MK, согласно Договорот за грант потпишан меѓу Хелсиншкиот комитет за човекови права и Европската Унија бр. NDICI-THE-NEAR/2024/461-198, објавува јавен повик за ангажман на вкупно 4 психотерапевти/психијатари и 2 социјални работници.
    Целта на проектот е да се придонесе кон подобрување на услугите за децата и ранливите лица во ризик во затворени институции преку пристап заснован на човекови права. Проектот има три специфични цели:
    – Да се подобрат условите и унапредат човековите права на децата и ранливите лица во ризик во затворени институции.
    – Да се зајакнат капацитетите на релевантниот персонал кој работи со деца и ранливи лица во ризик.
    – Да се овозможи соработката помеѓу локалните активисти и релевантните чинители преку поттикнување на вклученоста на заедницата на децата и ранливите лица во ризик.
    Проектот вклучува теренски мониторинг посети во воспитно – поправниот дом – Тетово, мали групни домови, ЈУ за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено однесување и станбените единици во Демир Капија со цел проценка на условите во истите согласно претходно утврдена методологија.
    За ефикасно и ефективно спроведување на теренските посети, а имајќи ги предвид таргет групите во рамки на проектот неопходно е ангажирање на психијатри/психотерапевти и социјални работници кој ќе бидат дел од тимови за мониторинг.
    Опис и работни задачи на психотерапевт/психијатар
    Заради исполнувањето на ангажманот предмет на овој Јавен повик, ангажираните психијатри и/или психотерапевти ќе бидат ангажирани на теренски посети по потреба. Лицата ќе работат во тим и ќе треба да работат за проценка, помош и поддршка на лицата сместени во овие установи и ќе треба да ги спроведат следните работни задачи:
    – Да земат учество во мониторинг посетите во затворените установи;
    – Да прават проценка на состојбата во која се наоѓаат лицата сместени во овие установи;
    – Да обезбедуваат психолошка помош и поддршка;
    – Да изготвуваат извештаи за проценката на состојбата на лицата сместени во овие установи;
    – Да одржуваат редовна комуникација и координација со проектниот тим;
    Оваа улога е од клучно значење за зајакнување на социјалната поддршка и унапредување на правата на ранливите групи во рамките на проектот.
    Потребни квалификации
    Психотерапевт
    § Диплома за завршено четиригодишно високо образование или диплома со стекнати 180 кредити согласно ЕКТС – психологија;
    § Завршено дополнително психотерапевтско образование;
    § Искуство во работење или комуникација со ранливи групи, деца и маргинализирани заедници;
    § Работно искуство во областа на заштитата на човековите права (советување, информирање и работа со граѓани, граѓански активизам, едукација или истражување) ќе се смета за предност;
    § Работно искуство од најмалку три години како психотерапевт.
    Психијатар
    § Диплома за завршено високо образование – струка психијатрија;
    § Искуство во работење или комуникација со ранливи групи, деца и маргинализирани заедници;
    § Работно искуство во областа на заштитата на човековите права (советување, информирање и работа со граѓани, граѓански активизам, едукација или истражување) ќе се смета за предност;
    § Работно искуство од најмалку три години како психијатар.
    Социјален работник
    § Диплома за завршено високо образование – насока социјална работа и социјална политика или друга соодветна област;
    § Искуство во работење или комуникација со ранливи групи, деца и маргинализирани заедници;
    § Работно искуство во областа на заштитата на човековите права (советување, информирање и работа со граѓани, граѓански активизам, едукација или истражување) ќе се смета за предност;
    § Работно искуство од најмалку три години како социјален работник.
    Временска рамка и буџет
    Психотерапевтите/психијатарите и социјалните работници ќе бидат ангажиран/а за времетраење на проектот, најдоцна до крај на 2026година.
    Постапка и правила за пријавување, рок и избор
    Овој повик е јавен.
    Секој кој што ги исполнува потребните квалификации може да се пријави на овој повик со поднесување на:
    § Работна биографија (CV)
    § Примероци/референци од претходна работа за спроведени минимум 3 слични работни задачи во последните 5 години
    § Понудена бруто цена (1 експертски ден се 8 часа)
    Критериуми за избор на најповолен понудувач:
    § Релевантна биографија и искуство – 40 поени
    § Предлог методологија– 40 поени
    § Понудена бруто цена – 20 поени
    Понудите треба да бидат испратени на следниот е-маил: helkom@mhc.org.mk или tona.kareva@mhc.org.mk со назнака „Пријава за ангажман на психотерапевт/психијатар и социјален работник“. Рокот за аплицирање е до 23.03.2025 година.
    За дополнителни прашања, Хелсиншкиот комитет за човекови права ви стои на располагање на горенаведената имејл адреса, како и на телефонскиот број +389 2/3119-073.

  • Јавен повик за експертска позиција за изработка на методологија за мониторинг во затворени институции

    Јавен повик за експертска позиција за изработка на методологија за спроведување на мониторинг во затворени институции (воспитно – поправниот дом – Тетово, мали групни домови, ЈУ за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено однесување и станбени единици во Демир Капија)
    Хелсиншкиот комитет за човекови права, во рамки на проектот „Зајакнување на човековите права и услуги за децата и ранливите лица во ризик во затворени институции“, финансиран од Европската Унија како дел од програмата EuropeAid/180645/DD/ACT/MK, согласно Договорот за грант потпишан меѓу Хелсиншкиот комитет за човекови права и Европската Унија бр. NDICI-THE-NEAR/2024/461-198, објавува јавен повик за ангажман на експерт-ка за изработка на методологија за спроведување на мониторинг на затворени институции.
    Целта на проектот е да се придонесе кон подобрување на услугите за децата и ранливите лица во ризик во затворени институции преку пристап заснован на човекови права. Проектот има три специфични цели:
    – Да се подобрат условите и унапредат човековите права на децата и ранливите лица во ризик во затворени институции.
    – Да се зајакнат капацитетите на релевантниот персонал кој работи со деца и ранливи лица во ризик.
    – Да се овозможи соработката помеѓу локалните активисти и релевантните чинители преку поттикнување на вклученоста на заедницата на децата и ранливите лица во ризик.
    Дел од проектните активности е теренски мониторинг посети во воспитно – поправниот дом – Тетово, мали групни домови, ЈУ за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено однесување и станбените единици во Демир Капија
    Оваа активност вклучува структуриран и темелен мониторинг процес за евалуација на условите и квалитетот на грижата во Воспитно-поправниот дом во Тетово, малите групни домови, јавните установи за деца со образовни и социјални проблеми и станбените единици за лица со попреченост во Демир Капија. Со оглед на тоа што би работеле со исклучително ранлива група, потребно е да се развие посебна методологија врз основа на методологијата заснована на човекови права (HRBA). Потребно е да се вгради пристап заснован на правата и потребите на децата, земајќи го предвид националното законодавство за заштита на децата и европските и меѓународните стандарди во соодветната област. Исто така, методологијата треба да содржи и родово-базиран пристап за проценка на родовата еднаквост со посебен фокус на состојбата на девојчињата во целните институции.
    Заради исполнувањето на ангажманот предмет на овој повик, експертот/ката ќе треба да ги спроведе следниве работни задачи:
    § Подготовка на методологија за спроведување на мониторинг посети затворени институции (воспитно – поправниот дом – Тетово, мали групни домови, ЈУ за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено однесување и станбени единици во Демир Капија)
    § Идентификување и анализа на релевантна литература за подготовка на методологијата. Методологијата треба да ги опфати развиените меѓународни стандарди поврзани со психијатриски установи и установи за лица со попреченост.
    § Преглед на постоечки релевантни методологии за теренски посети во затворени установи и установи за лица со попреченост;
    § Редовна комуникација и координација со проектниот тим од Хелсиншкиот комитет.
    Потребни квалификации:
    § Завршено високо образование. Завршени постдипломски или докторски студии ќе се сметаат за предност;
    § Најмалку 5 години професионално работно искуство во областа на заштитата на човековите права, заштита од тортура и нехуман третман, работа со деца и маргинализирани групи граѓани;
    § Најмалку 3 години искуство во изработка и подготовка на методологии;
    § Напредно познавање на англискиот јазик и
    § Напредни истражувачки и аналитички способности.
    Временска рамка и надомест
    Eкспертот/ката ќе биде ангажиран/а вкупно 10 дена во периодот помеѓу април и јуни 2025 година, во договор со проектниот тим од Хелсиншкиот комитет човекови права.
    Постапка и правила за пријавување, рок и избор
    Овој повик е јавен.
    Секој кој што ги исполнува потребните квалификации може да се пријави на овој повик со поднесување на
    § Работна биографија (CV)
    § Кратка предлог методологија (не подолга од 1 страна)
    § Понудена бруто цена за 10 експертски дена (еден експертски ден се 8 часа)
    Критериуми за избор на најповолен понудувач:
    § Релевантна биографија и искуство – 40 поени
    § Предлог методологија– 40 поени
    § Понудена бруто цена – 20 поени Понудите треба да се испратат на следните е-маил адреси: helkom@mhc.org.mk и tona.kareva@mhc.org.mnk со назнака „Пријава за експерт/ка за изработка на методологија “. Рокот за аплицирање е до 25.03.2025 година.
    За дополнителни прашања, Хелсиншкиот комитет за човекови права ви стои на располагање на горенаведените е-маил адреси, како и на телефонскиот број +389 2/3119-073.

  • Дигитализацијата на администрацијата е еден од клучните чекори за пристап до ЕУ

    Дигитализацијата на јавната администрација во Западниот Балкан претставува значаен чекор кон интеграцијата на земјите во Европската унија. Таа значи унапредување на институционалната позиција на регионот во европскиот интегративен процес. Имајќи го ова предвид и покрај недостатокот на потребната инфраструктура една ваква европска интегративна мерка треба да биде третирана внимателно. Во спротивно, постои можност надлежните јавни органи и општата јавност да се соочат со зголемен ризик како и недостаток на заштита на личните податоци.
    Во овој контекст, четири граѓански организации од регионот: Хелсиншкиот комитет за човекови права – Скопје, албанскиот Хелсиншки комитет, Програмата за граѓански права во Косово, и Хелсиншкиот комитет за човекови права од Србија, ја спроведуваат иницијативата „Дигитализација на јавната администрација и заштита на личните податоци: Внимателен пристап кон европската интеграција“, финансирана од Фондот за Западен Балкан и Европската унија во рамки на регионалниот проект „Поддршка за промоција на регионалните активности на граѓанското општество во Западен Балкан“.
    Како дел од активностите, во Скопје, на 6 март, 2025 година  се одржа тркалезната маса на тема: „Дигитализација на јавна администрација во контекст на Евопската интеграција – предности и предизвици на која учествуваа Станислав Василковски од Министерството за дигитална трансформација, од Агенцијата за заштита на лични податоци (АЗЛП), Валентин Фетаџокоски и Мила Јосифовска Даниловска, од Фондација Метаморфозис.
    Беше заклучено дека дигитализацијата на јавните услуги и заштитата на личните податоци се клучни компоненти на процесот на интеграција на Западен Балкан во Европската унија. Ова треба да биде приоритет во националните реформски агенди, со активно и инклузивно учество на граѓанското општество, органите за заштита на податоците и другите релевантни чинители во овој процес.
    Владите и парламентите од регионот треба да преземат проактивни чекори кон имплементација на овие препораки, демонстрирајќи ја нивната посветеност за обезбедување на дигиталната иднина на регионот во согласност со европските вредности и стандарди, во чија срж лежат човековите права и слободи.

  • Се одржа Маршот за женски права

    На 8 март, по повод Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените, во 13:00ч. пред Универзална сала во Скопје започна овогодинешниот Марш за женски права, под слоганот: „Нека јадат ружи!“. 

    Маршот, организиран од Платформата за родова еднаквост и независни активист(к)и за женски права, мобилизираше стотици присутни кои протестираа против нееднаквостите и неправдите кон жените и девојките, потенцирајќи дека 8 Март не е ден за учтивост и симболични гестови, туку за подигање на свеста од потребата за унапредување на здравствените, образовните, работничките, културните, политичките и економските права на жените.

    По пристигнувањето во паркот „Жена Борец“, каде што традиционално завршува маршрутата, активистките го прочитаа прогласот во кој со почит кон досегашните победи на жената за родовата еднаквост, се осврнаа кон секојдневните системски недостатоци со кои продолжуваат да се соочуваат: 

    „Сите сте добредојдени заедно да ја одбележиме и прославиме феминистичка борба за слобода, автономија и социјална правда и да ги потсетиме институциите и јавноста дека:

    Повеќе нема да ги молиме полицијата и обвинителството да постапуваат навремено, туку будно повикуваме на вистинска заштита и поддршка за жртвите на родово-базирано насилство. Ќе продолжиме да се бориме за правда за сите жени кои ги загубија животите поради системска негрижа и фемициди.

    Сакаме здравство кое лечи, а не убива! Нема повеќе да преговараме дали ќе има лекови за пациент(к)ите на онкологија, и нема да дозволиме родилки да умираат или некој да ги касапи нашите тела и потоа да не одговара пред правдата! 

    Сакаме безбедни јавни простори во кои се чувствуваме слободни! Потребни се осветлени улици и функционален јавен превоз, но и поголема вклученост на жените во урбанистичкото планирање.

    Крај на експлоатацијата и работната дискриминација! Работничките во текстилната, преработувачката, земјоделската и културната индустрија заслужуваат безбедни работни услови, праведен надомест и право на боледување и породилно отсуство.

    Отворен и еднаков пристап до образование и кариерни можности без репродуцирање на штетни родови стереотипи и предрасуди. Нема да дозволиме бришење на родовата еднаквост од нашето образование! 

    Поголем баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот за поголема  достапност на јавни услуги за рана грижа и образование и можноста за споделено родителско отсуство.

    Одговорно и родово сензитивно известување во медиумите, но и заштита на новинарките! Наместо да предизвикуваат сензационализам, медиумите треба да го осудуваат насилството и да ги заштитат жртвите.

    Најпосле, бараме вредносен систем што ги почитува жените, им овозможува да живеат без страв и им гарантира активна улога во општеството.“

    На крајот, тие го посветија маршот на „сите паднати борки и храбри жени од минатото и денешницата кои си го посветиле животот на оваа борба“.

    Платформа за родова еднаквост

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор