Author: Здружение ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Скопје

  • Остра реакција на Мрежата за заштита од дискриминација на изјавите на Претседателот на Владата, Христијан Мицковски

    За време на настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија – Развој на стратешки документи за демографска отпорност“, Претседателот на Владата Христијан Мицковски изјави дека се разгледува можноста за воведување дополнителни даноци за неженети и немажени лица. Таквата изјава е длабоко загрижувачка и претставува закана за основните човекови права и принципите на еднаквост и слобода.

    Мрежата оценува дека ваквата најава односно идна мерка не само што би била ретроградна, туку е и дискриминаторска, бидејќи:

    Ги крши човековите права односно правото на избор, правото на приватен и семеен живот и правото на планирање семејство, животен стил, семејна состојба и иднина.

    Го стигматизира секој кој не живее во брачна заедница – било од избор, било од околности.

    Ги удира младите, самохраните родители, ЛГБТИ+ лицата и оние кои се социјално и економски ранливи.

    Не придонесува кон развој на општеството, туку отвора врата за нови поделби, стигма и нееднаквост.

    Потсетуваме дека со член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. Дополнително, вонбрачната заедница е регулирана и заштитена со Уставот на Република Северна Македонија.

    Ваквиот предлог јасно кореспондира со идеите кои доаѓаат од авторитарни режими[1], кои преку ретроградни наративи имаат за цел насилно зголемување на наталитетот.

    Наместо казнување на личните избори преку даночен систем, потребни се политики кои ги поддржуваат младите семејства, достапни градинки, сигурно вработување, родова еднаквост и слободен избор на партнерство и родителство.

    Животниот стил не е основа за оданочување. Во демократска и современа држава, бракот треба да биде слободен избор, а не даночна обврска.

    Ја повикуваме Владата, како орган којшто е овластен предлагач на закони и политики, да се воздржи од иницијативи кои поттикнуваат дискриминација, а институциите – да застанат во одбрана на правата на сите граѓани, без разлика на нивниот брачен статус.

  • Продолжување на повик за надоградување на Дата база за бесплатна правна помош

    Хелсиншкиот комитет за човекови права, во рамки на проектот „Фундаменталните човекови права на прво место-активен придонес за владеење на правото“, финансиран од Европската Унија како дел од програмата, IPA III Civil Society Facility and Media Programme 2023 , согласно Договорот за грант потпишан меѓу Хелсиншкиот комитет за човекови права и Европската Унија бр. IPA III/2024/461-642“, спроведува постапка на прибирање на понуди, со упатување на покана – барање за доставување на понуди.
    Потребно е надоградување на Дата базата за бесплатна правна помош (опишано под точка 1).
    За горенаведениот предмет понудите да бидат испратени најдоцна до 11.07.2025 година (петок) до 16:00 часот, по електронска пошта на jana.sotirovska@mhc.org.mk.
    Со оваа покана ви ја доставуваме потребна документација која ги содржи сите информации кои ќе ви помогнат за изработка на понудата.
    1 Опис на бараната набавка:
    Хелсиншкиот комитет за човекови права го спроведува проектот „Фундаменталните човекови права на прво место-активен придонес за владеење на правото“, финансиран од Европската унија. Во рамки на проектот е потребно надоградување на постоечката Дата база за бесплатна правна помош (во продолжение БПП).
    1.1 Опис на бараните услуги:
    Дата базата за БПП служи за складирање на доверливи податоци за корисниците на БПП, во согласност со домашните и меѓународните стандардни за заштита на лични податоци. Базата истовремено обезбедува статистичка анализа. Прегледот и унапредувањето на Базата треба да се фокусира на ревизија на моменталните функционалности, точноста на податоците и усогласеноста со релевантните законски рамки. Ова вклучува детален преглед на ефективноста на базата како алатка за следење и анализа. Подобренијата може да вклучуваат усовршување на методите за собирање на податоци, подобрување на корисничките интерфејси и интеграција на нови аналитички способности за подобра поддршка на понатамошните интервенции.

    Општи информации

    Од понудувачот се бара да достави најекономична и најдобра понуда во согласност со горенаведените материјали. Со тоа што во понудата секоја од горенаведените ставки треба да биде посебно образложена. Критериумите за избор на понудата се наведени под точка 3 на овој документ.
    Цените при наведената понуда да бидат изразени без ДДВ.

    Критериум за доделување на договорот за набавка

    Критериумите за доделување на договорот за набавка се:

    економски најповолна понуда
    најдобар квалитет
    најкраток рок на испорака

    За носител на набавката ќе биде избран оној понудувач чија понуда е најсоодветна според наведените критериуми.

    Евалуација на понудите

    При евалуацијата на понудите ќе се земат предвид понудените цени, квалитетот на понудата и рокот на испорака. Евалуацијата на понудите ќе се врши од страна на Комисијата, формирана од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права за спроведување на постапкатa.
    Доколку вашата понуда биде избрана ќе бидете информирани;
    Во случај на потреба од дополнително појаснувања, слободно контактирајте не.
    Напомена: Проектот е ослободен од ДДВ. По направен избор за најповолен понудувач ќе биде доставено решение и потврда од УЈП и СЕП. 

  • Реакција на Мрежата за заштита од дискриминација по повод Предлог-законот за верски училишта

    Предлог-законот е противуставен, правно неусогласен и опасен обид за поткопување на секуларниот карактер на државата
    Мрежата за заштита од дискриминација остро реагира против Предлог-законот за верски училишта објавен на Единствениот национален електронски регистар (ЕНЕР), сметајќи го за противуставен, правно неусогласен и опасен обид за поткопување на секуларниот карактер на државата и за институционализација на верското образование во системот на формално образование. Предлогот е спротивен на Уставот и на Законот за средно образование.
    Предлог-законот е во колизија со Уставот на Република Северна Македонија. Слободата на верските заедници да основаат верски училишта е загарантирана со чл. 19 од Уставот, но овие училишта можат да бидат исклучиво од верски карактер, а не од редовен гимназиски, стручен или уметнички тип. Дополнително, чл. 22 од Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група дозволува основање верски образовни установи од сите степени освен основното образование, исклучиво за школување на свештени лица и верски службеници. Овој закон претставува lex specialis и не може да биде дерогиран со нов закон. Оттаму, не може верските училишта да се третираат како редовни средни училишта со право за упис на секој факултет.
    Одлуката на Уставниот суд У.бр. 182/2021 објавена на 29 мај 2024 година потврдува дека системот на верско образование мора да биде целосно одвоен од граѓанското образование и дека секој обид за нивно мешање претставува повреда на уставниот принцип на секуларност и одвоеност на државата и верата. Одлуката е достапна на следниот линк: https://ustavensud.mk/archives/33087.
    Законот за средно образование (чл. 7) изречно забранува верско организирање и дејствување, организирање на верско образование, како и истакнување верски обележја во средните училишта. Законодавецот направил јасна разлика помеѓу редовни и специјализирани училишта, каде што вторите се наменети исклучиво за задоволување на внатрешни потреби на верските заедници.
    Предлог-законот не содржи механизми за надзор, санкции или контрола. Не е утврдено кој ќе биде надлежен за негово спроведување, кој ќе следи дали се почитуваат предвидените одредби и кој ќе изрекува мерки во случаи на прекршувања. Дополнително, се отвора можност верските училишта да добиваат средства од државниот буџет, додека контролата на трошењето да ја имаат самите верски заедници.
    Членот 4 од предлог-законот предвидува верските училишта сами да издаваат јавни исправи врз основа на свој статут, што е спротивно на постојните правила каде формата и содржината на свидетелствата се утврдени од Министерството за образование и наука. Прашањето за еквиваленција на таквите дипломи останува нерешено.
    Законскиот текст се повикува на засебност и автономија на верските училишта, но паралелно бара нивно изедначување со државните училишта во однос на правата на учениците. Ваквиот пристап е контрадикторен и правно неизводлив.
    Членот 6 став 2 не утврдува јасни критериуми за наставен кадар, туку остава правна празнина во однос на тоа кој може да предава религиозни содржини. Исто така, постои правна неусогласеност меѓу член 7 став 8 и став 11, што создава недефинирани односи помеѓу основачот и Министерството во однос на верификација на наставниот план. Членот 11 е особено спорен бидејќи овозможува државна матура како услов за упис на секој факултет, додека во исто време дозволува и запишување на верски факултети без положување на матура. Оваа двојна регулација отвора простор за злоупотреби, нерамноправност и институционална дискриминација.
    Мрежата за заштита од дискриминација бара итно повлекување на Предлог-законот и повикува Владата да се придржува до уставниот принцип на секуларност. Усвојување на ваков закон претставува сериозно отстапување од демократските и граѓански вредности и директна закана за правата на учениците и интегритетот на образовниот систем.

  • Загрозување на независноста и законитоста на Академијата за судии и јавни обвинители

    Блупринт групата за реформи во правосудството ја истакнува својата загриженост за одлуката на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители донесена на 235тата седница на 24.06.2025 година со која беше назначен посебниот советник на министерот за правда, Андреја Весов за член на Програмскиот совет на Академијата за судии и јавни обвинители.
    Имено, според член 19 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, како член на Програмскиот совет може да биде избран „раководен државен службеник од Министерството за правда со најмалку осум години работен стаж на работи од областа на правосудството, по положен правосуден испит.“ Оттаму, според јавно достапните информации, членот на Програмскиот совет кој е назначен е вработен како посебен советник на министерот за правда, позиција што не се квалификува како раководен државен службеник согласно Законот за административни службеници, туку како ангажман на определено време според Законот за вработените во јавниот сектор.
    Дополнително, неговата поврзаност со одредена политичка партија и неодамнешна кандидатура за пратеник на последните парламентарни избори во Република Северна Македонија сериозно ја нарушува перцепцијата за независност и непристрасност на Академијата, особено во процесот на избор и обука на идни судии и јавни обвинители. Академијата треба да биде деполитизирана, професионална институција чија главна мисија е зајакнување на правосудниот кадар и унапредување на владеењето на правото.
    Програмскиот совет мора да биде составен од професионалци со несомнено искуство и интегритет како би се обезбедило објективен процес на селекција и прием на слушатели на Академијата, ова особено што во изминатите години речиси во секоја генерација на прием на слушатели на Академијата за жал се соочуваме со различни сомнежи или нерегуларности кои го поткопуваат интегритетот на оваа клучна институција.
    Оттаму, апелираме до надлежните институции за доследно почитување на законските одредби при избор и именување на членови во телата на Академијата, со цел да се заштити нејзината независност, стручност и интегритет. Само преку транспарентно и законито постапување може да се обезбеди доверба во процесите на обука и селекција на идните судии и јавни обвинители.

    Блупринт група за реформи во правосудството:
    – Институт за човекови права (ИЧП)
    – Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС)
    – Македонско здружение на млади правници (МЗМП)
    – Хелсиншки комитет за човекови права
    – Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)

  • Блупринт групата изразува загриженост за начинот на кој Судскиот совет го спроведе изборот на ВД претседател на Основниот кривичен суд Скопје

    Блупринт групата за реформи во правосудството изразува сериозна загриженост за начинот на кој Судскиот совет на Република Северна Македонија (ССРСМ) го спроведе изборот на ВД претседател на Основниот Кривичен суд Скопје на јавната седница одржана на 3 јули 2025 година.
    На седницата беа избрани повеќе ВД претседатели на основни судови поради истекување или престанување на мандатот на досегашните претседатели, но немаше конзистентност во начинот и постапката на избор на новите ВД претседатели.
    Поточно, за различни кандидати се применуваа различни критериуми и процедури, што фрла сомнеж врз независноста и кредибилитетот на Судскиот совет. Според досегашната пракса на ССРСМ, при предлагање на судија за ВД претседател се наведува причината за предлогот, со оглед дека законската рамка не предвидува детални критериуми за определување на ВД претседател, освен одредбата од Законот за судови1 која гласи: „Во случај на разрешување или престанок на мандатот на претседателот на судот, до избор на нов претседател на судот, Судскиот совет на Република Македонија од редот на судиите во судот определува вршител на должноста претседател на судот кој во последната година е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на останатите судии има добиено најголем број бодови“.
    И покрај тоа што оценувањето на судиите се спроведува на секои четири години, оваа одредба не треба да се толкува исклучиво како последната календарска година, туку како „последно спроведено оценување“, согласно духот на законот.
    Досега, при избор на ВД претседатели се предлагаше истиот претседател да продолжи да ја врши таа функција додека да биде избран нов, доколку има услови за тоа, како што беше случај на вчерашната седница при изборот на ВД претседатели на Гостивар и Дебар. Во други случаи, за ВД претседатели се предлагале судии кои имаат најголем стаж или највисока оценка добиена при последното оценување.
    Меѓутоа, во конкретниот случај со Основниот кривичен суд Скопје, вчерашниот предлог за ВД претседател е спорен бидејќи во текот на 2025 година беше спроведено оценување на судиите од овој суд во рамки на нивното кандидирање за судии во Апелациониот суд Скопје. Тоа значи дека во моментот има судии кои се оценети „во последната година“, како што е наведено во Законот за судови. И покрај тоа, не беше наведено дали кандидатот кој беше предложен и избран за ВД претседател има добиено најголем број бодови во однос на останатите судии, согласно барањата на одредбата во Законот за судови, што ја доведува во прашање транспарентноста и законитоста на процесот и предизвикува сомнежи за пристрасност и влијанија во одлуките на ССРСМ.
    Сметаме дека секое поинакво постапување при носење на одлуки фрла сомнеж за притисоци и влијанија врз судската власт со што дополнително се поткопува довербата во Судскиот совет, а со тоа и во целиот механизам на владеење на правото и правната држава.
    Како група која подолго време ја следи работата на правосудството во целина, потенцираме дека почитувањето на законите и постапките кои се предвидени согласно законските регулативи треба да бидат единствен императив и стандард преку кој се гарантира независноста и самостојноста на судиите. На тој начин се гарантира и владеење на правото, особено што, по препораките од Оценската мисија, ССРСМ се обврза дека ќе ги вложи сите напори да работи транспарентно, конзистентно и согласно законските одредби и процедури.

    Блупринт група за реформи во правосудството:
    – Институт за човекови права (ИЧП)
    – Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС)
    – Македонско здружение на млади правници (МЗМП)
    – Хелсиншки комитет за човекови права
    – Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)

  • Извештај за обезбедена бесплатна правна помош на жртви на родово базирано и семејно насилство

    Извештајот е дел од проектот на “Превенција и заштита од родово базирано насилство во Северна Македонија – Фаза II”, имплементиран од Фондот за население на Обединетите нации УНФПА и поддржан од Британската амбасада.
    Проектот има за цел да ги зголеми напорите на државните институции и организациите на граѓанското општество за ефикасно спроведување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство на национално и локално ниво. Со поддршка на сеопфатни услуги за родово базирано насилство, проектот ќе придонесе мерките за превенција и заштита да бидат достапни низ целата земја.
    Во јули 2024 година Хелсиншкиот комитет започна со спроведување на проектот „Поддршка на НВО за обезбедување правна помош на жртви на РБН и одржливи сервиси за мобилизирање локална поддршка” поддржан од страна на Фондот за население на Обединетите нации. Главната цел на соработката е да се поддржи граѓанската организација да има одржливост и да обезбеди долгорочни услуги за преживеаните и жртвите на родово базирано насилство. Секој придонес што го добива Комитетот, го вложува директно кон сервисот за бесплатна правна помош, осигурувајќи дека дадената поддршка има опипливо и трајно влијание.
    Одржливото финансирање е од клучно значење не само за одговор на непосредните потреби, туку и за изградба на систем и сервис на бесплатна правна помош кој непречено и целисходно ќе ги штити правата и достоинството на граѓаните.
    Оттаму, овој извештај ги претставува податоците за обезбедената правна и параправна помош на жртви на родово базирано и семејно насилство, како и мониторингот на судски случаи поврзани со родово базирано и семејно насилство, во периодот од јули 2024 година до март 2025 година.
    Дополнително, накратко ќе бидат презентирани заклучоците од форумите со жени во ситерегиони на државата надвор од Скопје.

  • Потребно е унапредување на правната заштита и институционалната поддршка за жртвите на родово базирано и семејно насилство

    Хелсиншкиот комитет за човекови права, на 30 јуни, 2025 година во Скопје го презентираше  „Извештајот за озбебедена бесплатна правна помош на жртви на родово базирано и семејно насилство“, кој беше подготвен во рамки на проектот „Превенција и заштита од родово базирано насилство во Северна Македонија – Фаза II“, поддржан од Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и Британската амбасада во  Скопје.
    Овој извештај  што го подготви Наташа Петковска, правна советничка во Хелсиншкиот комитет, го опфаќа периодот од јули 2024 до март 2025 година и ги прикажува резултатите од обезбедената правна и параправна помош на  вкупно 383 жени, вклучително и случаи каде што беа ангажирани адвокати за судско застапување на жртвите.
    На настанот, Тона Карева Талеска и Александра Трајановска, правни советнички во Хелсиншкиот комитет ги презентираа клучните согледувања и препораки што произлегуваат од теренската работа на Хелсиншкиот комитет, вклучително и наодите од форумите со жени во сите региони на земјата, каде беа идентификувани клучните системски бариери за пристап до правда и поддршка.
    Присутните претставници од МВР, од другите надлежни институции и од граѓанските организации учествуваа во дискусијата за резултатите од извештајот од која произлезе дека е потрбно понатамошно унапредување на правната заштита и институционалната поддршка за жртвите на родово базирано и семејно насилство во која поактивно треба да се вклучат сите релевантни чинители.

  • Хелсиншки комитет бара најстрога казна за насилство врз дете и апелира за одговорно однесување на јавноста

    На социјалните мрежи кружи вознемирувачко видео со физичко насилство врз четиригодишно дете, проследено со фотографија на која се видливи повредите на неговото лице и тело. Децата, поради нивната возраст и зависност од возрасните се особено ранливи на последици од насилство – особено кога тоа доаѓа од родител, старател или друго блиско лице.
    Хелсиншкиот комитет најостро го осудува овој чин и бара најстрога казна за сторителот на насилство врз детето, како и засилена институционална заштита на најранливите членови на општеството.
    Воедно, упатуваме апел до јавноста да се воздржи од споделување лични податоци, фотографии и информации за дете-жртва на насилство, особено на интернет и социјалните мрежи. Дури и кога е водено од добра намера или сочувство, ваквото споделување може да предизвика дополнителна траума, стигматизација и долгорочни психолошки последици врз детето.
    Наместо тоа, ги повикуваме граѓаните да постапат одговорно и секоја информација или сомнеж за насилство да ја пријават до релевантни организации за човекови права или институциите – Центрите за социјална работа и Министерството за внатрешни работи. Само преку стручно постапување може да се обезбеди ефективна заштита и поддршка на детето. Јавноста има моќ да биде сојузник во борбата против насилството – таа моќ мора да се користи одговорно, со грижа и почит кон секое дете.
    Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе го следи овој случај со особено внимание и ќе инсистира на целосно и ефикасно постапување од страна на надлежните институции со должно внимание, а имајќи го предвид најдобриот интерес на децата и нивна заштита.

  • Повик за надоградување на Дата база за бесплатна правна помош

    Хелсиншкиот комитет за човекови права, во рамки на проектот „Фундаменталните човекови права на прво место-активен придонес за владеење на правото“, финансиран од Европската Унија како дел од програмата, IPA III Civil Society Facility and Media Programme 2023 , согласно Договорот за грант потпишан меѓу Хелсиншкиот комитет за човекови права и Европската Унија бр. IPA III/2024/461-642“, спроведува постапка на прибирање на понуди, со упатување на покана – барање за доставување на понуди.
    Потребно е надоградување на Дата базата за бесплатна правна помош (опишано под точка 1).
    За горенаведениот предмет понудите да бидат испратени најдоцна до 27.06.2025 година (петок) до 16:00 часот, по електронска пошта на jana.sotirovska@mhc.org.mk.
    Со оваа покана ви ја доставуваме потребна документација која ги содржи сите информации кои ќе ви помогнат за изработка на понудата.
    1 Опис на бараната набавка:
    Хелсиншкиот комитет за човекови права го спроведува проектот „Фундаменталните човекови права на прво место-активен придонес за владеење на правото“, финансиран од Европската унија. Во рамки на проектот е потребно надоградување на постоечката Дата база за бесплатна правна помош (во продолжение БПП).
    1.1 Опис на бараните услуги:
    Дата базата за БПП служи за евидентирање на корисниците на бесплатна правна помош, во согласност со домашните и меѓународните стандардни за пристап до правда и заштита на лични податоци. Базата истовремено обезбедува статистичка анализа. Прегледот и унапредувањето на платформата треба да се фокусира на:
    –ревизија на постоечките функционалности на дата базата, утврдување и корекција на постоечки недостатоци,
    –следење на тековни предмети со вклучување на систем за предупредување за изминување на законските рокови од страна на институциите,
     –подобрување на системот за вадење статистики и анализи.

    Општи информации

    Од понудувачот се бара да достави најекономична и најдобра понуда во согласност со горенаведените материјали. Со тоа што во понудата секоја од горенаведените ставки треба да биде посебно образложена. Критериумите за избор на понудата се наведени под точка 3 на овој документ.
    Цените при наведената понуда да бидат изразени без ДДВ.

    Критериум за доделување на договорот за набавка

    Критериумите за доделување на договорот за набавка се:

    економски најповолна понуда
    најдобар квалитет
    најкраток рок на испорака

    За носител на набавката ќе биде избран оној понудувач чија понуда е најсоодветна според наведените критериуми.

    Евалуација на понудите

    При евалуацијата на понудите ќе се земат предвид понудените цени, квалитетот на понудата и рокот на испорака. Евалуацијата на понудите ќе се врши од страна на Комисијата, формирана од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права за спроведување на постапкатa.
    Доколку вашата понуда биде избрана ќе бидете информирани;
    Во случај на потреба од дополнително појаснувања, слободно контактирајте не.
    Напомена: Проектот е ослободен од ДДВ. По направен избор за најповолен понудувач ќе биде доставено решение и потврда од УЈП и СЕП. 

  • Зајакнување на човековите права и услуги за децата и ранливите лица во ризик во затворените институции

    „Заедно за правда за деца: едукација, соработка, професионални услуги и усогласување со стандардите“ беше темата на состанокот што се одржа на 13 јуни, на кој се потврди заедничката заложба за систем каде секое дете ќе има еднакви шанси, еднаква заштита и достоинствен третман.

    Тона Карева Талеска од Хелсиншкиот комитет за човекови права детално го претстави проектот „Зајакнување на човековите права и услуги за децата и ранливите лица во ризик во затворени институции“.

    Главни активности се следење и директна поддршка, меѓу другото и со бесплатна правна помош и психосоцијално советување, зајакнување на капацитетите и застапување за промени, како и превенција и заштита, во соработка со Министерство за социјална политика, демографија и млади и Министерството за правда.

    На заедничкиот состанок учествува и претставниците на Македонското здружение на млади правници кои го презентираат проектот „Младите правници за поприлагоден систем за правда за деца“, потоа Управата за извршување санкции, Воспитно поправниот дом Волковија, Заводот за социјални дејности, Народниот правобранител, Адвокатската комора на РСМ, Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца и УНИЦЕФ.

    Проектот „Зајакнување на човековите права и услуги за децата и ранливите лица во ризик во затворените институции“, што го спроведува Хелсиншкиот комитет за човекови права, е финансиран од ЕУ.
    Главна цел на проектот е да се придонесе кон подобрување на услугите за децата и ранливите лица во ризик во затворени институции преку пристап заснован на човекови права.
    Главни активности се:
    МОНИТОРИНГ И ПОДДРШКА
    – Посети во мали групни домови, ЈУ за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено однесување и станбени единици во Демир Капија;
    -Развој на сеопфатна анализа за проценка на потребите за сите целни групи;
    -Инфо-сесии за правата и обврските за целните групи;
    – Бесплатна правна помош и психосоцијално советување;
    ГРАДЕЊЕ КАПАЦИТЕТИ И ЗАСТАПУВАЊЕ
    – Зајакнување на капацитетите за релевантниот персонал кој работи со целните групи;
    – Развој на прирачник базиран на човекови права за релевантниот персонал кој работи со целните групи;
    – Тркалезни маси со релевантните засегнати страни;
    – Застапување за промени;
    ПРЕВЕНЦИЈА И ЗАШТИТА
    – Мапирање, вклучување и поддршка на млади во ризик во Скопје, Прилеп и Штип;
    – Инклузивни работилници за семејства и млади во ризик;
    – Соработка со Министерство за социјална политика, демографија и млади и Министерството за правда за изготвување наставна програма за превенција и заштита на деца во ризик;
    – Да се подобрат условите и унапредат човековите права на децата и ранливите лица во ризик во затворени институции.
    – Да се зајакнат капацитетите на релевантниот персонал кој работи со деца и ранливи лица во ризик.
    – Да се овозможи соработката помеѓу локалните активисти и релевантните чинители преку поттикнување на вклученоста на заедницата на децата и ранливите лица во ризик.

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор