Кој ги штити правата во дигиталниот свет? Подготвуваме нова генерација правници
Технологијата се менува. Заштитата на човековите права останува темел на правната професија.
Дигиталните технологии ги менуваат правните односи, работата на институциите и начинот на кој луѓето ги остваруваат своите права. Вештачката интелигенција, масовниот надзор, обработката на личните податоци, онлајн платформите и сајбер-криминалот отвораат нови прашања за одговорноста, приватноста и пристапот до правда. За правниците, разбирањето на овие промени станува неопходен дел од професионалната подготовка.
За да одговорат на овие предизвици, 14 млади правници, алумни на Програмата за практикантска работа на Македонското здружение на млади правници (МЗМП), учествуваа во специјализирана обука за обучувачи (ТоТ) на тема „Дигитални права и заштита на лични податоци“.
Обуката ја спроведоа Игор Кузевски и Љубица Крстевска, експерти во областа на заштитата на личните податоци, дигиталните права и сајбер-безбедноста. Преку интерактивни сесии, практични вежби, анализи на конкретни случаи и симулации, учесниците ги продлабочија своите знаења и развиваа вештини за нивна примена во правната пракса.
Кој одговара кога употребата на вештачката интелигенција влијае врз нечии права? Каде завршува оправданата потреба за безбедност, а почнува прекумерниот надзор? Како ги штитиме личните податоци и со какви правни механизми располагаме кога правата се повредени онлајн? Овие прашања ја истакнуваат потребата правниците да ги разбираат технологиите и да ја проценуваат нивната примена низ призмата на човековите права и владеењето на правото.
Низ практичната работа, учесниците анализираа конкретни ситуации, препознаваа можни повреди на правата и развиваа правни аргументи и решенија. Размената со обучувачите и меѓусебните дискусии им овозможија да разгледаат различни пристапи и да го поврзат наученото со предизвиците што ги носи дигиталната ера.
Обуката опфати и развивање вештини за пренесување на знаењето. Учесниците вежбаа како сложените теми од областа на дигиталните права да ги претстават јасно и разбирливо и како да го споделат наученото со своите колеги. Со тоа, стекнатото знаење добива поширока примена и создава основа за понатамошно учење и професионална размена во правната заедница.
Оваа активност е дел од Програмата за дигитални права и менторска поддршка за алумни заедницата на МЗМП. Покрај унапредувањето на стручните знаења, Програмата ги поттикнува алумните да ги преточат своите знаења и искуства во конкретни иницијативи и активности во областа на дигиталните права и заштитата на личните податоци.
Во продолжение, алумните ќе добијат менторска поддршка за развивање и спроведување на овие иницијативи. Преку нив, ќе можат да одговорат на конкретни потреби во заедницата, да го споделат своето знаење и да преземат активна улога во унапредувањето на дигиталните права. На овој начин, МЗМП ја продолжува поддршката за нивниот професионален развој и ги охрабрува да придонесуваат кон владеењето на правото во услови на постојани технолошки промени.
Обуката се реализира во рамки на проектот „Јакнење на идните правни лидери за владеењето на правото во дигиталната ера“, кој го спроведува Македонското здружение на млади правници (МЗМП) со поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.
Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Македонско здружение на млади правници






![[Aggregator] Downloaded image for imported item #52525](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/11/Rule-of-law-index-2026-e1793782628134.jpg)

