Untitled Design(4)

Повик за ангажман на експерт/експертка за евалуација на едукативни активности

Здравствениот систем во Северна Македонија со години се соочува со сериозни предизвици поврзани со коруптивни практики, кои го намалуваат квалитетот и пристапноста на здравствените услуги. Истражувањата укажуваат дека граѓаните, а особено жените од маргинализираните заедници, често се изложени на директни или индиректни барања за неформални плаќања, непотизам и дискриминација при пристапот до здравствена заштита. Овие појави не само што ја поткопуваат довербата во институциите, туку создаваат дополнителни бариери за еднаков пристап до основното човеково право – здравје.

Корупцијата во здравството има и изразена родова димензија. Жените, особено оние кои живеат во сиромаштија, во рурални средини или кои припаѓаат на ромската заедница, се соочуваат со двојна нерамноправност: од една страна поради нивниот економски, социјален, етнички или расен статус, а од друга поради родовите стереотипи и дискриминаторските практики во институциите. Непостоењето ефикасни и доверливи механизми за пријавување дополнително ја засилува нивната ранливост и создава чувство на беспомошност.

Постоечките механизми за пријавување корупција се недоволно функционални, со ограничена транспарентност и слаб капацитет за постапување. Институциите ретко обезбедуваат јасни информации и поддршка за граѓаните, а здравствените работници немаат соодветна обука за етичко постапување и справување со случаи на корупција. Истовремено, јавната дебата за оваа тема останува ограничена, а медиумите често известуваат на начин кој не ги препознава родовите аспекти и штетните последици за ранливите групи.

Проектот „Посилен систем за поправедна здравствена заштита: Намалување на корупцијата“ е дизајниран да одговори на овие проблеми. Тој има за цел да ја зголеми отчетноста и транспарентноста во здравствениот систем преку зајакнување на жените и граѓаните да препознаваат и пријавуваат корупција, јакнење на капацитетите на здравствените работници и унапредување на институционалните механизми за постапување. Во рамки на првата компонента од проектот се спроведуваат едукативни работилници со жени во шест локалитети, јавни трибини и активности за информирање на граѓаните. Проектот е поддржан од Expertise France.

1.1. Ангажман и работни задачи

Здружението ЕСЕ ќе ангажира надворешен експерт/експертка за спроведување кратка независна евалуација на активностите од првата компонента на проектот. Евалуацијата ќе го опфати квалитетот на спроведувањето, релевантноста и корисноста на едукативните работилници со жени, водичот за едукатори, јавните трибини и трите подготвени едукативни материјали, како и непосредните резултати од овие активности.

Експертот/експертката ќе биде задолжен/а за:

1. Анализа на проектната документација и постојните податоци: цели и индикатори на првата компонента, преглед на спроведените работилници, обработени резултати од прашалниците пред и по едукациите, водич за едукатори, три едукативни материјали и извештаи и заклучоци од јавните трибини.

2. Подготовка и спроведување осум индивидуални полуструктурирани интервјуа со претставнички на четирите партнерски граѓански организации (по две од секоја организација). Интервјуата ќе бидат насочени кон искуствата од реализацијата на работилниците, применливоста на водичот и материјалите, како и организацијата и резултатите од јавните трибини.

3. Подготовка и модерирање една фокус-група со шест жени, по една од секој од шесте локалитети, во траење од околу 90 минути. Дискусијата ќе се однесува на разбирливоста и корисноста на работилниците, стекнатите знаења и нивната практична применливост, како и на трите едукативни материјали. Во рамките на фокус-групата може да се користи кратка практична ситуација за проверка на разбирливоста на информациите.

4. Оценување на јавните трибини врз основа на нивната документација и интервјуата со претставничките на ГО, со внимание на релевантноста на отворените проблеми, учеството на жените и институциите, донесените заклучоци и евентуалните последователни активности. Од жените во фокус-групата нема да се бара оценка на трибините.

5. Анализа и споредба на собраните информации и подготовка на краток евалуациски извештај со јасни наоди, заклучоци и практични препораки за подобрување на идните активности. Евалуаторот ќе ги наведе ограничувањата на методологијата и нема да извлекува репрезентативни заклучоци од интервјуата или фокус-групата.

Интервјуата и фокус-групата ќе се спроведат на 10 и 11 декември 2026 година, во рамки на заеднички дводневен настан. Нивното одржување ќе биде временски усогласено со агендата на настанот. Разговорите ќе бидат доброволни и доверливи, а фокус-групата ќе се одржи без присуство на претставничките на партнерските ГО.

1.2. Очекувани резултати

– Подготвени кратки насоки/прашалници за индивидуалните интервјуа и фокус-групата.

– Спроведени осум индивидуални интервјуа со претставнички на партнерските граѓански организации и една фокус-група со шест жени од шесте локалитети.

– Подготвен краток евалуациски извештај (приближно 6–8 страници), кој ќе содржи оценка на едукативните работилници, водичот за едукатори, јавните трибини и трите едукативни материјали, како и главните заклучоци и конкретни препораки.

1.3. Квалификации

– Универзитетска диплома во областа на општествени науки, право, јавно здравје, јавни политики, образование или сродни области.

– Најмалку пет години релевантно професионално искуство во спроведување евалуации, применети истражувања или анализи на програми и проекти.

– Докажано искуство во спроведување полуструктурирани интервјуа, модерирање фокус-групи и подготовка на аналитички извештаи со препораки.

– Искуство со евалуација на едукативни и информативни активности, особено со граѓански организации и групи од населението.

– Познавањето на антикорупцијата во здравството, здравствените права и родовата еднаквост ќе се смета за предност.

1.4. Вештини и компетенции

– Добри аналитички способности и вештини за толкување на квантитативни и квалитативни податоци.

– Развиени комуникациски и фасилитаторски вештини и чувствителност при работа со жени од различни заедници.

– Способност за интегрирање родова перспектива, доверливо постапување со податоци и подготовка на јасни, применливи препораки.

– Способност за работа во кратки рокови и координација со проектниот тим на ЕСЕ.

1.5. Буџет и времетраење

Ангажманот опфаќа вкупно четири работни дена, распределени на следниов начин:

– Ден 1: преглед на документацијата и подготовка на инструментите за интервјуата и фокус-групата, пред одржувањето на дводневниот настан.

– Ден 2 и ден 3 (10 и 11 декември 2026 година): спроведување на осумте индивидуални интервјуа и една фокус-група.

– Ден 4: анализа на наодите и подготовка на финалниот евалуациски извештај.

За ангажманот е предвиден финансиски надомест во бруто износ од 668 евра. Условите за исплата ќе бидат утврдени со договорот.

1.6. Потребна документација за аплицирање

Заинтересираните кандидати треба да достават:

– Биографија (CV) со преглед на образование, професионално искуство и релевантни евалуациски ангажмани.

– Листа на изработени евалуациски извештаи, анализи или сродни документи (со краток опис и година на изработка).

– Пополнета Изјава под заклетва за критериуми за исклучување, отсуство на суди на интереси.

Потребната документација да се достави по електронска пошта на адресата esem@esem.org.mk, со назнака: „Повик за ангажман на експерт/експертка за евалуација – проект Посилен систем за поправедна здравствена заштита“, најдоцна до 16 ноември, 2026 г.

Повик за ангажман на експерт/експертка за евалуација на едукативни активности

This post was originally published on this site

Продолжи со читање

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор