[Aggregator] Downloaded image for imported item #43761

Граѓански активисти поднесоа забелешки на Стратегијата за рударство

Денеска граѓански активисти поднесоа забелешки на Стратегијата за рударство во име на 47 организации и институции од секторот за животна средина во Министерството за енергетика, минерални суровини и рударство. Овој документ, заедно со Стратегиската оцена за животната средина, беа претставени на јавна расправа пред неполн месец на Технолошко-металуршкиот факултет Скопје.

Изјави за медиумите дадоа Лилјана Поповска од Зелн институт – Скопје  и Костадин Ристоманов од Еко Долина – Ново Село.

Екологистите тргнуваат од лошите искуствата во минатите десетина години, со неусогласеност и неспроведување на законите, како и со вешто избегнување на процедурите од страна на концесионерите, кога се создаде огромна група незадоволни граѓани. Тие успеаја да ги спречат најавените девастирачки процеси преку непрекинато протестирање. Забелешките се во насока да се заштити населението од незаситните апетити на интензивното рударство, за да се осигура иднината на младите.

Граѓанските активисти велат: „Инсистираме нашите забелешки да се земат сериозно предвид, за да ги избегнеме непријатните сцени пред одговорните институции од минатото, како и правните битки, во одбрана на законитоста и  нашето право на здрава животна средина. Ајде да се согласиме дека сите сме на иста страна, Вие што ги изработувате овие документи, Вие што ги одобрувате и ние што се бориме да ги екологизираме тие документи и таа пракса. Да го избегнеме  можното незадоволство на засегнатите граѓани, водејќи се од мотото на Стратегијата за рударство: Не по секоја цена.“

Иако тимот на изготвувачи на Стратегијата вклучил одредени содржини од нивните претходни дописи, сметаат дека: „Заклучоците не произлегуваат од содржината, па документот и понатаму силно го фаворизира концептот за Македонија како рударска земја, со рударството како носечка индустрија. Поради ова, Стратегијата останува еколошки неприфатлива, а во услови кога имаме компаративни предности за земјоделие и туризам, како и за други стопански незагадувачки гранки, логично и одговорно би било да се проектира развојот на оваа гранка умерено, мудро исчекувајќи развој на нови технологии за експлоатација на минерални суровини кои нема да загадуваат, со што ќе се предложи ограничен раст во наредниот период, за да биде Македонија заштитена од нови хаварии и загадувања, на кои сме сведоци.“

Предложената Стратегија за рударство и понатаму е во колизија со сите стратегии за земјоделие и туризам на истите простори, без темелна „кост-бенефит“ анализа. Рудници се предлагаат насекаде, дури и во самите заштитени подрачја, туристички места и производни региони за храна!

Во Стратегијата се промовира поимот на „одржливо рударство“, што е всушност оксиморон, зашто се планира огромен број рудници, буквално на секои 10 км! За екологистите, заканувачки изгледаат картите со стотици рудни наоѓалишта во секое ќоше од Македонија и прашуваат: „Дали се тука оние околу 80 рудни наоѓалишта, од кои над 20 за металични суровини, за кои беа доделени концесии за детални геолошки истражувања и сега се спремни за побарување концесии за експлоатација? Дали тоа би значело 80 нови рудници веднаш!?“ Потсетуваат дека граѓанските протести против опасни рудници почнаа во 2016 кога се расчу за отворањето на тие 20-ина рудници за метали среде плодниот и убав Југоисток, а дека забраната на цијаниди и сулфурна киселина во 2019 ги пресече најопасните планови.

Реагираат и на предлогот за „браунфилд“ инвестиции врз стари рудници без претходно да се исчистат и санираат: „Рударството мора да биде строго контролирано, со највисоки еколошки стандарди, според најдобрите технолошки практики. Онаму кај што не се можни такви еколошки стандарди, не се можни ни рудници – ова важи пред се за рудници за метали.“

Бараат да се унапреди Законот за животна средина со повикување на најдобрите технолошки практики, што ќе повлече ревизија на одредени еколошки дозволи за индустриските објекти, во насока на почисти технолошки процеси и поголема безбедност за луѓето, природата и биодиверзитетот. Во случајот со рудниците, тоа веројатно би значело промена на технологиите и за неколкуте стари рудници, кои не можеа да бидат опфатени со законот за забрана на опасни хемикалии поради веќе претходно издадени концесии (а ниеден закон не важи ретроактивно), по што би се утврдил одреден максимален рок за користење на цијаниди, киселини и други токсични материи. Посебно забележуваат на отсуството на јасен и недвосмислен став околу употребата на цијаниди за екстракција на метали, стравувајќи дека тоа имплицира дека некои рударски кругови имаат намера да го доведат во прашање Законот за минерални суровини во делот на забраната за употреба на цијаниди и сулфурна киселина.

Посебна забелешка ставаат на Акцискиот план што предвидува дискреционо право на Министерот за енергетика, минерални суровини и рударство да може да и предложи на Владата „да донесе уредба за прогласување на рударско подрачје за јавна корист“. Сметаат дека ова би било крај на правниот систем во оваа област и легализација на корупцијата во рударството.

Под заглавието за усогласување на националното законодавство со она на ЕУ, се зацртува брзо носење на европската Регулатива за критични суровини, штом ќе стапи на сила. Со неа се наложува секоја земја да произведе и преработи одреден процент од тие минерали. Оваа регулатива е во завршна фаза на носење во самата ЕУ и сеуште предизвикува сериозни дебати и размисли за начинот на нејзино спроведување. Потоа додаваат: „Нам во Македонија ни недостига Директивата 2010/75/ЕУ за максимално дозволено присуство на цијаниди во испусните води од метални рудници, која се однесува на нашите стари рудници кои во моментов сеуште работат со таа технологија. Нам ни недостига и бескомпромисна контрола на рудниците и сите други индустриски инсталации. Ни недостигаат и нови закони и подзаконски акти усогласени со ЕУ: за животна средина, води, почви (воопшто нема никаков), нови гранични вредности за загадување на воздухот, водите и почвите, за контрола на индустриското загадување, како и редица сертифицирани методи за испитување на разни видови загадување.“

Заклучоци за Стратегијата за рударство:

1. Предлагаме Стратегијата да усвои екологистички пристап во заклучоците и акцискиот план.

2. Македонија ДА ЈА КОМПЛЕТИРА РЕГУЛАТИВАТА за заштита на животната средина во сите области, според последните највисоки стандарди на ЕУ.

3. ДА ГИ РЕШИ ПОСТОЈНИТЕ ЕКОЛОШКИ ПРОБЛЕМИ во рударството и металургијата, но и во целокупната индустрија, преку ревизија на еколошките дозволи и концесии, во соработка со бизнис секторот, заради унапредување и екологизирање на технолошките процеси.

4. ДА ГИ ЗАЈАКНИ ИНСПЕКЦИИТЕ задолжени за рударството и индустријата (за технички работи, за рударство, за животна средина, за градежништво).

5. ДА СЕ ДОНЕСАТ СЕРИОЗНИ И ТРАЈНИ КРИТЕРИУМИ за тоа каде и какви рудници би можеле, а каде и какви НЕ БИ МОЖЕЛЕ да се отворат, под НИКАКВИ околности и при НИКАКВА промена на властите.

На ваков начин, Македонија може да се развива стратешки обмислено и стабилно, со граѓани кои ќе живеат квалитетен живот во здрава животна средина, без фрустрации и стресови при секоја промена на властите.

Според екологистите, вториот документ, Стратегиската оцена на животната средина (СОЖС) не ги прикажува реално ризиците за еколошкиот, социјалниот и економскиот развој на земјата од отворањето нови рудници за експлоатација на металични и други минерални суровини и се фокусира на конструирани придобивки. Не се прикажани и обработени реални штетни и опасни влијанија од постојните рудници, во редовен процес и во услови на хаварии, што повеќе пати се случуваат.

Направен е обид да се објаснат заканите од рударството, без да се цитираат примери за оцена на загадувањето од повеќе хаварии кои се случиле во сите рудници. Отсуството на вакви примери ги компромитира сите тврдења за поволностите што се очекуваат од отворањето нови рудници, занемарувајќи ги реалните опасности и последиците од веќе настанати излевања од хидројаловишта како резултат на пукање на брана, цевки и дефекти на друга опрема.

Во СВОТ анализата како закана е наведено „постојано зголемување на еколошките стандарди што влијае на исплатливоста на инвестициите“, па се изразува „загриженост“ дека при построга обврзувачка регулатива за инвеститорите, тоа би го намалило профитот. Искуството говори дека, во отсуство на квалитетен инспекциски надзор, ќе се избегне примената на мерки за ублажување на влијанијата и ќе се продолжи со несогледливо загадување на животната средина.

„Индикатори за следење на реализација на целите, индикаторите и цели за следење на состојбата на животната средина: СОЖС поставува индикатори за следење на состојбата на животната средина, кои се базирани на оние утврдени со интегрираните еколошки дозволи. Интегрираните еколошки дозволи се издаваат согласно Законот за животна средина, кој не предвидува обврска за примена на најдобрите достапни техники. Отсуството на Закон за контрола на индустриските емисии резултира со несоодветни гранични вредности за емисии и неефикасен мониторинг на животната средина.“

Во описот на влијанијата на Стратегијата врз животната средина, се идеализираат влијанијата од управувањето со отпад, а процесите на ревитализација се опишани како „бајка за возрасни“.  Наведени се придобивки како „заштита на екосистемите и ублажување на климатските промени“, без притоа да се анализираат конкретни проблеми како загадувањето на водите, воздухот и земјиштето, за што има докази. Се игнорираат долгорочните последици врз населението од загадувањето, особено од истекувања од руднички јами (на пр. кисели руднички истекувања).

Во делот за намалување на загадувањето се ветува „подобрување на јавното здравје“, но се игнорираат постоечките еколошки жаришта и нема план за нивно санирање. Постојните еколошки жаришта ќе продолжат да загадуваат, бидејќи пред тие да станат„браунфилд“ локации, ќе мора да се изврши нивна целосна санација и рекултивација. Ова не може да го финансираат идните инвеститори, бидејќи станува збор за стотици милиони евра, за кои не зборува ниту Стратегијата ниту СОЖС. Иако се нагласува искористувањето на затворените рудници за обновливи извори на енергија, нема јасен план за реализација ниту за обезбедувањето финансиски средства. Изоставен е фактот дека деградираните локации не може волшебно да станат „брауфилд“ локации, бидејќи на нив се исталожени токсични и канцерогени материи, врз кои не може само да се постават фотоволтаични панели пред истите да се исчистат и рекултивираат.

Употребата на рециклирање и повторна употреба на материјали е претставена како решение, без јасни механизми или обврзувања за компаниите.

Заклучоци за Стратегиската оцена на животната средина – СОЖС:

1. Анализираната СОЖС – Стратегиска оцена на животната средина претставува САМО инструмент за олеснување на усвојувањето на Стратегијата за рударство, НАМЕСТО да ги претстави реално можните ризици и да ги дискутира решенијата, доколку такви постојат.

2. Затоа, овој документ ТРЕБА ЦЕЛОСНО ДА СЕ РЕВИДИРА и да се одржи најмалку уште една јавна расправа на која ќе се разговара ЗА РЕАЛНИ, НАМЕСТО ЗА ИМАГИНАРНИ И ИДЕАЛИЗИРАНИ СОСТОЈБИ И ПЛАНОВИ.

Зад овие забелешки и заклучоци стојат: Зелен институт, Еко Долина – Ново Село, Здрава Котлина – Струмица, Зелените од Гази Баба, ИКС Институт за комуникациски студии, О2 иницијатива, Грин.орг – Кочани, РАДАР, АРНО, Фронт 21/42, Еко-живот – Кавадарци, Еко звон, ЦИКП, Го сакам Водно, АРТ ПОИНТ – ГУМНО, Новинари за човекови права, Балканска водна мрежа, Национален Рома Центар, Охрид SOS, ЕКО ЛОГИК, Гоу Грин, Геосфера – Битола, Ековита – Неготино, Здружение на мултиетничко општество за човекови права Штип, Рурална коалиција, Куќа на среќата, Институт за биологија при ПМФ и проф. Рената Ќуштеревска, Институт за демократија, АДИ, МЦМС, МАЦЕФ, Чеинџмејкерс, Е.Д.Е.Н., Зелен хуман град, Вила Зора Велес, ДЕМ, Независни од Карпош – За заштита на Карпош, СТИГА Е – Ново Село, Струмица и Босилово, Млади за Македонија, Центар за управување со знаење, Полимат 13 – Богданци, МЕД, Проф. Валентина Стаменковиќ од Институт за биологија при ПМФ, Граѓански центар за одржлив развој ЕГРИ, Млади правници, Еко Герила Тетово, Локал Акт Македонски Брод.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Зелен институт

Продолжи со читање

  • Школа за водачи Голозинци 2026 во организација на СИМ

    Во периодот од 13.08 до 19.08.2026 година, во Извидничкиот центар “Голозинци“, се одржа првиот дел од Школата за Водачи ’26. На школата учествуваа членови од повеќе извиднички одреди: ИПО “Јадран’’ , ИПО “Крсте Јон’’ , Прв Скопски Извиднички Одред, ИО ,“Гоце Делчев“ , ИО “Методиј Митевски-Брицо“ ИО “Мирко Милевски“ ,…

  • Менторска и коучинг поддршка за корисниците на 𝑩𝒖𝒔𝒊𝒏𝒆𝒔𝒔 𝑯𝒖𝒃

    Во рамки на проектот „Заедно сме посилни 2“, кој го имплементираме со поддршка од Фондација Kvinna Till Kvinna, се реализираа активности за обезбедување менторска и коучинг поддршка за корисниците на Business Hub. Менторската и коучинг поддршка претставува индивидуализиран процес преку кој корисниците добиваат насоки, совети и практична поддршка во согласност…

  • YMLP 2026 – лидерство, самодоверба и незаборавни искуства

    Последни новости YMLP 2026 – лидерство, самодоверба и незаборавни искуства Од 8 до 11 јули 2026 година, група средношколци од различни градови низ Македонија се собраа во Битола на кампот YMLP 2026 (Young Men’s Leadership Project) – лидерско и авантуристичко искуство организирано од ИМКА Македонија во партнерство со волонтерите на Мировниот корпус, алумни и локални волонтери. Иако со помал број учесници, YMLP Кампот овозможи секој млад човек да добие индивидуално внимание, да изгради искрени пријателства и да се предизвика себеси преку активности насочени кон развој на лидерски способности, самодоверба и личен раст. Во текот на четирите дена, учесниците работеа на теми поврзани со столбовите на ИМКА – личен развој, лидерство, заштита на животната средина, граѓанска одговорност и кариерен развој. Преку интерактивни работилници, тимски предизвици и практично учење, тие ги препознаваа своите силни страни, ги развиваа комуникациските вештини, учеа да решаваат проблеми во тим и размислуваа како можат позитивно да придонесат во своите училишта и локални заедници. Едукативниот дел беше надополнет со бројни рекреативни и активности на отворено. Учесниците уживаа во куглање, флег-фудбал, олимписки игри, водени предизвици и креативни активности кои поттикнуваа тимска работа и здрав натпреварувачки дух. Еден од најнезаборавните моменти беше кампувањето во Националниот парк Пелистер. Момчињата ноќеваа во шатори, се дружеа околу логорски оган со традиционалните s’mores, го поминаа адреналинскиот парк, пешачеа низ шумските патеки и заеднички решаваа симулација на авионска несреќа, активност која ги стави на тест нивните комуникациски вештини, лидерски способности и носење одлуки под притисок. За самите учесници, најголемата вредност на кампот беа пријателствата и чувството на заедништво. Еден учесник сподели: Спортските активности, огромната количина смеа меѓу нас и запознавањето нови луѓе. Друг учесник го сумираше своето искуство: Активностите беа одлични, луѓето, персоналот – сè беше одлично. Други како највпечатлив дел го издвоија престојот во природа: Кампувањето во шатори, s’mores и стекнувањето нови пријателства. Кампот на Пелистер. Влијанието на YMLP кампот продолжи и по враќањето дома, а родителите забележаа значајни позитивни промени кај своите синови. Еден родител сподели особено емотивно искуство: Мојот син не сака многу да зборува. Најчесто одговара само со ‘да’ или ‘не’ и ретко раскажува што му се случувало во текот на денот. Откако се врати од кампот, стана многу поотворен. Почна да зборува за своите планови, да бара совет и помош, а покажа и поголем интерес за локални прашања како загадувањето, отпадот, планинарските и велосипедските патеки. Почна да ми раскажува како му поминал денот и што правел со пријателите. За мене како родител, тоа е огромна позитивна промена. И други родители забележаа охрабрувачки промени: Подобрени комуникациски вештини. Порасположен, посамоуверен и полн со позитивни впечатоци. YMLP кампот е многу повеќе од четиридневно летно искуство – тој претставува почеток на подолг лидерски пат. Следната година, учесниците ќе имаат можност да аплицираат за програмата Counselors-in-Training (CiT). Оваа програма е дел од целогодишната Leaders-in-Training (LIT) програма на ИМКА Македонија, преку која младите стекнуваат лидерски, менторски, комуникациски и волонтерски вештини, подготвувајќи се да станат идни советници на камповите и лидери во своите заедници. Преку кампот YMLP, ИМКА Македонија продолжува да инвестира во младите, помагајќи им да изградат самодоверба, цврст карактер и практични лидерски вештини што ќе им овозможат позитивно да придонесуваат во своите семејства, училишта и локални заедници.

  • Соларен саем во Кичево: Сончевата енергија поблиску до граѓаните

    На 8ми август на Градскиот плоштад во Кичево се одржа Соларен саем посветен на сончевата енергија, обновливите извори и можностите што им стојат на располагање на граѓаните за поактивно учество во енергетската транзиција. Саемот беше можност посетителите на едно место да добијат практични и разбирливи информации за користењето на сончевата

  • Велешките гемиџии и извидници учесници на рафтинг манифестација “Неретва и пријателите 2026 – Битката на Неретва“

    Во периодот од 14 до 16 август 2026 год. дванаесет извидници и гемиџии на покана на рафтинг клубот “Тузлак“ од Тузла, Босна и Херцеговина земаа учество на рафтинг манифестацијата Тузла и пријателите – Неретва 2026 или Битката на Неретва. Рафтинг спустот се организираше на реката Неретва, а ние и повеќе…

  • GLOW 2026 охрабри речиси 40 млади девојки преку лидерство, авантура и пријателство

    Последни новости GLOW 2026 охрабри речиси 40 млади девојки преку лидерство, авантура и пријателство Од 1 до 4 јули 2026 година, речиси 40 средношколки од околу 15 градови низ Македонија се собраа во Битола на кампот GLOW 2026 (Girls Leading Our World) – уникатно лидерско искуство организирано од ИМКА во партнерство со волонтерите на Мировниот корпус, алумни и локални волонтери. Направен со цел да ја инспирира следната генерација млади лидерки, кампот GLOW ги обедини практичното учење, авантурата во природа и креативноста во средина каде што секоја учесничка беше охрабрена да ги открие своите силни страни, да ги поддржува другите и да ја изгради својата самодоверба. Во текот на четиридневната програма, учесничките следеа интерактивни работилници засновани на столбовите на ИМКА – личен развој, лидерство, заштита на животната средина, граѓанска одговорност и кариерен развој. Преку практични активности, тие развиваа критичко размислување, способност за тимска работа и лидерски вештини кои ќе можат да ги применуваат во своите училишта и локални заедници. Покрај едукативниот дел, програмата понуди богата палета рекреативни активности, меѓу кои креативни работилници, куглање, олимписки игри и забавни водени предизвици кои поттикнуваа тимски дух и здрава конкуренција. Еден од највпечатливите моменти беше престојот во Националниот парк Пелистер, каде што девојките кампуваа во шатори, го совладаа адреналинскиот парк, и уживаа во пешачење и истражување на шумата преку интерактивна потрага по природни богатства. Влијанието на кампот најдобро го опишаа самите учеснички: Неверојатната енергија на сите! Секоја активност беше одлично организирана, сите беа гостопримливи и пријателски настроени, а заедно доживеавме толку многу нови искуства. Најмногу ми се допадна што конечно направив работи за кои отсекогаш сум сонувала, и тоа опкружена со прекрасни девојки на моја возраст! Посебно ми значеше чувството на топлина и сигурност што го создаде просторот исполнет со жени кои се поддржуваат меѓусебно. Друга учесничка го истакна богатството на програмата: Секој ден беше исполнет со различни и уникатни активности, така што ниту еден ден не беше ист како претходниот. Советничките беа прекрасни, секогаш позитивни и полни со охрабрување. За многу девојки, токму пријателствата создадени за време на кампот останаа највредниот дел од целото искуство: Најмногу ми се допадна заедништвото што го создадовме во кампот – атмосфера исполнета со поддршка и пријателски дух. Имав чувство дека сме во еден посебен свет исполнет со љубов и добрина, далеку од суровоста што понекогаш ја носи секојдневието. А и храната беше одлична! Влијанието на кампот продолжи и по неговото завршување, а родителите забележаа позитивни промени кај своите ќерки. Еден родител сподели „Забележав дека стана поотворена и ме изненади колку многу енергична беше кога се врати дома. Ми се чини дека стекна и многу поголема храброст отколку порано. Беше пресреќна и веднаш ми кажа дека следната година повторно сака да учествува.“ Други родители истакнаа промени како: Подобри комуникациски вештини. Поголема самодоверба. Порасположена е, посигурна во себе и полна со прекрасни впечатоци. Следното лето дел од овогодишните учеснички ќе имаат можност да го продолжат своето лидерско патување преку пријавување во програмата Counselors-in-Training (CiT). Оваа програма е дел од целогодишната Leaders-in-Training (LIT) програма на ИМКА, преку која младите развиваат лидерски, комуникациски, менторски и волонтерски вештини во текот на учебната година, подготвувајќи се да станат идни советници на камповите. Преку оваа лидерска патека, ИМКА инвестира во младите не само како учесници на камповите, туку и како идни ментори и лидери кои ќе ја инспирираат следната генерација.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор