Граѓански импулс #4: месечен осврт на активностите на грантистие
април 2025
Во април се потврди упорноста на граѓанските организации да направат конкретни, реални промени за граѓаните.
Месецот започна со консултативна работилница во Скопје, на која матичните лекари по семејна медицина дискутираа за можностите, потребите и потенцијалните пречки за нивно вклучување во спроведувањето на Програмата за скрининг на рак на грлото на матката. Лекарите се согласија дека треба да имаат активна улога во програмата – преку здравствена едукација на жените, земање ПАП или ХПВ брисеви, како и преку континуирана соработка со матичните гинеколози од истиот регион. Нивната улога е особено важна во руралните и оддалечени средини, како и во општини каде што нема матични гинеколози. Работилницата беше дел од проектот „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“.
По повод Светскиот ден на здравјето 7 Aприл, кој годинава се одбележува под мотото „Здрави почетоци, надежна иднина“, организацијата ХЕРА заедно со Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ), Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари и Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ, укажуваа на важноста државата да инвестира во здравствена превенција и квалитетна и достапна здравствена заштита како основа за достоинствен живот. Четирите организации упатија јасни барања до институциите. Од достапна гинеколошка заштита и зајакнати патронажни тимови, до поголем буџет за превентивни програми и креирање политики базирани врз докази, притоа најавувајќи континуиран мониторинг сè до усвојувањето на ребалансот на буџетот.


Паралелно со ова, во Пелагонискиот регион, Центарот за граѓански иницијативи – Прилеп, организираше предавања на тема „Превенција за подобро здравје“ во општините Могила, Новаци и Битола, каде со локалното население разговараше за исхрана, физичка активност, ментално здравје и посебно за техниките за справување со стресот.
На полето на екологијата, Центарот за ресурси во животна средина, Еко Логик и здружението Флорозон, покрај редовните работилници во Биотехнолошката лабораторија со ученици од скопските училишта, месецов го одбележаа Денот на планетата земја. На 22 април, го започна првиот Научен караван во ООУ „Климент Охридски“ – Драчево. Како дел од проектот, организираа практична демонстрација на експерименти за биоотпад, а учениците активно учествуваа и учеа за важноста на одржливото управување со отпад.



Во меѓувреме, Центарот за климатски промени заедно со партнерите, ги заокружи скрининг посетите на 15 општини во Североисточниот, Југоисточниот и Вардарскиот регион. Средбите беа насочени кон зацврстување на соработката помеѓу општините и граѓанскиот сектор, со фокус на спроведувањето на насоките од Зелената агенда.
Особено значајна беше иницираната посета на претставници од Куманово во Прилеп, каде на терен ги разгледаа долгогодишните практики за селекција на комунален отпад и ја посетија новата постројка за сортирање која е во изградба.
Април пулсираше и со младинска енергија. Центарот за едукација и развој (ЦЕД) од Теарце, со партнерите одржа обука за граѓанска ангажираност во Europe House во Тетово. Обуката, се реализира со младите од Полошкиот регион како дел од проектот: „Јакнење на младите: Поттикнување на граѓанската ангажираност и претприемништвото во Полошкиот регион“. Околу 20 мотивирани млади лица дискутираа за граѓанската ангажираност, истражувајќи го концептот на волонтерство и споредувајќи како е регулирано во различни контексти.
На крајот на месецот, КРИК реализираше тридневна обука „Зелено застапување преку зелена социјална и младинска работа“ во Велес, каде учесниците се запознаа со концептите на младинска работа, зелено застапување и зелена социјална работа. Преку интерактивна програма, тие развиваа сопствени зелени иницијативи што ќе ги спроведат во сите осум плански региони низ земјата.



Комбинацијата од здравствени заложби, зелени иновации, женско економско јакнење и младински активизам уште еднаш покажа дека граѓанските организации се двигатели на општеството, претворајќи ги локалните потреби во национални приоритети и конкретни резултати.