„Подобра и посигурна иднина за мене и за моите деца“
Нема погрешно време за правење промени, во сопствените животи, во заедницата или општеството во кое живееме. Луѓето што се подготвени за тоа полесно ги прифаќаат предизвиците и ги препознаваат можностите. Токму како нашата соговорничка чие искуство го споделуваме.
Е.А., е млада жена, самохрана мајка на три деца која секојдневно се соочува и бара решенија за предизвиците што и ги приредува животот. Ја запознав на професионалните козметичарски курсеви за жените од Тетово. „Морам да се борам, за себе и за моите три деца на кои треба да им обезбедам подобра и посигурна иднина“, вели таа. Финансиската стабилност и сигурност на Е.А. и изгледаат поизвесни откако се вклучила во крусевите што ги организира Женската граѓанска иницијатива АНТИКО, а ги поддржува Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. За курсевите дознала преку информации од граѓански организации, се пријавила и се вклучила во групата која започнала со настава на 25 септември 2024 година. Курсевите се бесплатни за учесничките и им овозможуваат да се стекнат со вештини кои ќе им го олеснат вклучувањето на пазарот на труд и ќе ја зајакнат нивната економска независност.

„Овој курс е голема шанса за мене и затоа ја сфатив многу сериозно“, вели таа. Разговорот го водиме додека таа и другите девојки вклучени во курсот вежбаат депилација на раце и надградба на нокти. Времето за практикување на научените вештини е скапоцено, и затоа не престанува со работа додека зборува. Иако програмата на курсот нуди совладување на повеќе вештини, Е.А. веќе знае што сака. „Во иднина се гледам себеси како работам со нокти, затоа и најмногу сакам да учам за процесот и начинот за нивна изработка. Се разбира, гледам и ги учам и другите вештини кои ни ги нудат добронамерните и посветени обучувачки Лилјана Димовска и Сања Димитриевска од козметичкиот салон „Мадам“ во Тетово“, вели таа.
Двете обучувачки велат дека нивните „ученички“ покажуваат особен потенцијал и напредок во совладувањето на вештините. „Изненадувачки за нас беше и сè уште е успехот со кој ги совладаа техниките на работата со нокти кои се најсложени и најтешки за учење. Се разбира, секоја од нив си има афинитети кон специфични козметички услуги како што се третмани за лице и нега на кожа, масажи, депилации и слично,“ велат тие.
Зборувајќи за напредокот на Е.А. и нејзината визија за сопствен бизнис, обучувачките рекоа дека ја советувале од каде да почне. „Имајќи ја предвид нејзината ситуација од една страна и огромната желба од друга страна, и препорачавме да започне со материјали кои не чинат многу, а сепак се одлични за почеток со оваа работа“, раскажува Сања Димитриевска. Е.А. не се двоумела да го направи следниот чекор за да си го оствари планот. Ги обезбедила материјалите и опремата за да биде подготвена да започне самостојна работа веднаш по завршување на курсот. „Другите девојки на курсот се помлади и можат да размислуваат уште за нивните планови, но јас немам време за чекање. Сега е моментот да ги направам одлучувачките чекори и затоа, тоа што го учам на часовите, продолжувам да го вежбам дома“ реча таа.

Да се организира времето на самохрана мајка со три деца како во случајот на Е.А. е вистински предизвик. Тоа во голема мера го ограничува изборот на работно место. „Не можам да работам полно работно време од осум часа, едноставно не можам да го организирам тоа сама, со моите три мали деца, од 14 и 10 години и две и пол години. Затоа, овој курс го гледам како одговор на моите потреби. Ќе работам сама, во мој простор со свое работно време приспособено на моите потреби и грижи за децата“, раскажува таа.
Е.А. е вистинска инспирација. Таа зрачи со силна желба и мотивација. „Овој курс може да го промени мојот живот и животот на моите три малолетни деца, да обезбеди подобра и посигурна иднина. Благодарна сум за можноста и среќна сум што постојат луѓе кои организираат и поддржуваат вакви активности“.
Се поздравивме на заминување, таа со нејзиниот сон кон чие остварување се движи со сигурен чекор, ние, вклучени во него со силна желба да се оствари и подготвеност да и помогнеме во тоа. Се надеваме дека ваквите приказни ќе бидат инспирација за уште многу наши сограѓани кои заедно ќе ги прават промените во нивните животи и во општеството во кое живеат.
„Гласот и учеството на жените и младите во: Креирање на јавни политики и овозможувачка средина за граѓанско учество“ е проект на Женска граѓанска иницијатива АНТИКО од Скопје, што се спроведува во партнерство со Здружението „Секогаш соживот“ од с. Канатларци и Здружението за образование и култура „Адрион“ од Желино.