Bubo0469
|

Подобар третман на лицата со попреченост – да учиме едни од други

„Првпат сме сите овде, очи во очи, за да зборуваме отворено не да критикуваме, туку да најдеме начини како меѓусебно да си помогнеме“, вака Гордана Трајковска, претседателка на „Порака“ Неготино ги поздрави лицата со попреченост, родителите и медицинскиот персонал кои се собраа на првата тркалезна маса наречена „Да се соочиме со предизвиците и стигматизацијата“.

Во просторијата каде што беа собрани сите можеше да се допре надежта и решителноста. Гордана го „скрши мразот“ со емотивната приказна за нејзината 34 годишна ќерка Божидарка, корисник на услугите на Порака“. „Борбата не е само за физичка пристапност, туку и за емпатија, почит и еднаков третман“, рече таа. „Секој ден е борба, но секој ден е и можност. Јас сведочам на оваа ситуација бидејќи ја гледам од улога на родител, и претседателка на организацијата што ги дава услугите“, раскажува Гордана.

Родителите на деца со попреченост, Валентина Tасева и Далиборка Златева, зборуваа за секојдневните предизвици како што е транспортот, специјализирани медицински помагала, соодветната едукација за докторите и огромниот финансиски товар кој го носат за физикалните вежби, медицинските помагала и респираторните уреди.

„Сите овие помагала чинат многу, а ние старателите не можеме сами да ги обезбедиме“, вели Валентина Тасева. „Разговарајте со оние кои се грижат за децата. Тие најдобро ги познаваат“, ги замоли докторите Далиборка Златева, од Здружението на лица со церебрална парализа и други попреченост од Велес и мајка на дете со попреченост. Таа нагласи и дека е неопходен благ пристап и емпатија за да се добие позитивен ефект односно да се овозможи полесен преглед и подобра соработка.

Заради проблемите за кои зборуваа родителите, некои од лицата со попреченост не можеа да дојдат на настанот. Таков беше случајот со Јани Иванов, млад човек со повреда на ’рбетот, кој поради недостиг на финансии не може да добие соодветен третман во странство и Славица Ташева, која секојдневно се бори со проблемите со транспортот. Нивните приказни беа споделени преку видеозаписи, но без разлика на формата, тие еднакво силно влијаеа на емоциите на учесниците присутни во живо на настанот.

Иако се соочуваат со бројни предизвици, докторите сметаат дека има простор за напредок. „Не сме доволно едуцирани како да им пристапиме на лицата со попреченост“, вели д-р Розјана Николова Јанева, гинеколог, која повеќе од десет години се грижи за жените со попреченост од Порака“ Неготино. „Прегледите се вистински предизвик, но со поддршка од медијатори и семејствата, се трудиме секој пациент да добие достоинствена грижа. Реалноста е дека немаме соодветна обука, но сите се трудиме да направиме повеќе“, вели таа.

Докторот по дентална медицина, Аспарух Димковски, кој повеќе од десет години работи со лица со попреченост, истакна дека повеќе од 90% од стоматолошките интервенциите биле успешно извршени.

Се покажа дека решенијата не лежат само во физичките адаптации. „Потребна е емпатија и свест дека без заедничка акција, овие лица остануваат заборавени“, рече Вилма Методиева, медицинска сестра и психолог.

Дискусијата не застана само на проблемите и тркалезната маса не беше само место за споделување лични приказни. Таа беше повик за акција. Душко Христов, координатор од Порака“ Неготино ја најави платформата „Пристапен доктор“, која ќе ја олесни комуникацијата меѓу лицата со попреченост и медицинските работници. Предлозите за мултидисциплинарни центри, приоритет во системот „Мој термин“, и едукации за докторите беа само дел од заклучоците на оваа тркалезна маса. Овие иницијативи, според учесниците, би можеле да го олеснат животот на стотици семејства низ Македонија. Затоа, тркалезната маса беше потсетник – дека кога се работи за инклузија, сите имаме одговорност. Недостатокот на транспорт, и непристапноста во институциите се проблеми што можат и мораат да се решат. „Промените мора да почнат од нас, и токму Неготино ќе биде пример за тоа како можеме да ја претвориме инклузијата од збор во дело“, рече Трајковска.

Според статистиките, околу 200.000 лица во Северна Македонија, или 10% од населението, живеат со некаква форма на попреченост. Иако на тркалезната маса предизвиците беа во фокусот на дискусијата, Трајковска сепак нагласи: „Ситуацијата денес е многу променета од пред 35 години. Новите генерации доктори се трудат да го изедначат третманот на лицата со попреченост со останатите пациенти.“

Настанот се заврши со надеж дека ваквите иницијативи ќе инспирираат промени, не само во Неготино, туку и пошироко. Тие се пример дека, со заеднички труд, можеме да направиме чекор кон поинклузивно и поемпатично општество. Ова беше првата тркалезна маса во Вардарскиот регион, организирана како дел од  проектот „Да се соочиме со предизвиците и стигматизацијата“, поддржана од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. Следните чекори вклучуваат организирање на тркалезни маси во Велес и Кавадарци, со цел да се прошири овој позитивен пример и на други заедници.

Во пресрет 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, да се потсетиме дека само преку заеднички напор можеме да изградиме општество во кое секој глас ќе биде слушнат и секој поединец ќе се чувствува вреднуван. И оваа мисла, да не не напушта, да живееме со неа секој ден.

„Соочување со предизвиците и стигматизацијата“ е проект на Центарот за помош на лица со ментален хендикеп ПОРАКА Неготино од Неготино, што се спроведува во партнерство со Здружението за заштита и унапредување на животната средина „Еко-Живот“ од Кавадарци и Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес.

Продолжи со читање

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор