граѓански импулс
|

Граѓански импулс #9: месечен осврт на активностите на грантистите

септември 2025

Ако треба да се опише месецот со еден збор тогаш септември дефинитивно беше зелен. Најприсутни и најистакнати беа проектите кои работат во полето на животната средина, a по нив и оние кои се занимаваат со борбата против корупција, родовата еднаквост и реформите во образованието.

Во Европа се собрани околу 225 милиони тони цврст комунален отпад во 2020 година, а речиси половина може да се рециклира или искористи повторно. Центарот за ресурси во животната средина (РЕЦ) во новата статија ги претставува проблемите и можните решенија за биоотпадот во нашите градови, со фокус на одржливи практики и подобра иднина за животната средина. РЕЦ и партнерските организации ги споделија пораките за тоа како да го подобриме управувањето со биоотпадот за да придонесеме кон циркуларна економија на утринската програма на ТВ Алфа и така ја доближија оваа можност до поголем број домаќинства.

Анализата на „Крик“ открива дека многу млади ретко се информираат за состојбата на животната средина, а малкумина знаат како и каде да пријават загадување.

Еколошката свест кај младите во Република Северна Македонија е на ниско ниво, а изворите на информации често се ограничени или недоверливи. Инфографикот на „Крик“ нуди јасна слика за тоа од каде младите најчесто ги добиваат своите информации, кои се клучните пречки за активно вклучување и како образовниот систем влијае врз нивната еколошка свест. Овие податоци ја нагласуваат потребата за креирање механизми преку кои секој млад човек ќе знае каде да пријави проблем и како да се вклучи во заштитата на природата.

На 25 септември во просториите на „Млади Хаб“ – Скопје се вмрежија ментори и спроведувачи на зелени иницијативи и за зелени социјални активности. Овие учесници претходно ја завршија обуката „Зелено застапување преку зелена социјална работа и зелена младинска работа“ во Струмица и Скопје и сега, со следните задачи ќе придонесат кон одржлив развој и заедничка грижа за природата.

Циркуларната економија е еден од столбовите на Зелената агенда, па во истата насока Центарот за климатски промени и Младинската организација Креактив организираа работилница за 300 основци во Кавадарци каде се зборуваше за текстилниот отпад како еден од најбрзорастечките видови отпад. Покрај работилницата, следниот чекор беше голема собирна акција за отпаден текстил на градскиот плоштад во Кавадарци каде беше поставен и контејнер за донирање текстил од страна на граѓаните.

Здружението „Екотуризам 2016“ Охрид со поддршка од општина Дебрца, за учениците од прво до деветто одделение од основното училиште „Дебрца“ организираше едукативен настан посветен на запознавање на биолошката разновидност на Белчишко Блато.

Во рамки на истиот проект, ЦКП и партнерите во Скопје го одржаа тематскиот форум „Одржливо и функционално Скопје – перспективи и можности“ каде што присутните граѓани, експерти, институции и граѓански организации  се согласија за два од најголемите предизвици со кои се соочува градот – управување со отпад и зголемена урбанизација.  На Форумот беше отворена дебатата за иднината на Скопје во контекст на Зелената агенда за Западен Балкан (ЗАЗБ), чија цел е климатската неутралност до 2050 година.  Дел од заклучоците кои Центарот за климатски промени можеше да ги извлече од форумот се дека Скопје треба да биде град за луѓето, а не за автомобилите и бетонот; Зелените површини и парковите се јавен ресурс кој мора да се заштити; Урбаното планирање мора да биде транспарентно и насочено кон пешачки и велосипедски патеки и јавен транспорт.

За улогата на младите во процесот на европската интеграција, предизвиците со кои се соочуваат и начините како може да се зајакне регионалната соработка, во интервју за Балканскиот институт за регионална соработка (БИРС) зборуваше Владимир Ѓорѓевски, директор на локалната подружница на Regional Youth Cooperation Office (RYCO) во Скопје.

Граѓанските организации и ЈП „Пела Линк“ усвоија две конкретни мерки за подобар јавен превоз за младите од Пелагонија и тоа: Пилот викенд линија за млади (Новаци – Могила – Битола) и Кампања за добро однесување во јавниот превоз. Мерките ќе бидат разгледани на пленарна седница на Регионалната платформа за млади. Преку проектот, Про локал и партнерите им даваат шанса на младите не само да ги кажуваат своите потреби, туку и активно да креираат решенија.

Сте се запрашале ли досега дали и колку општината во која живеете е отворена кон вас? Одговорот  може да го пронајдете во наодите од Индексот на отвореност за 2025 година, кој беше презентиран на тематскиот форум „Отворена општина – активна заедница“, од Фондацијата „Метаморфозис“, Рурална коалиција и Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“. Индексот открива кои општини се наоѓаат на врвот на листата, а кои се најзатворени, и можеби ќе се изненадите, но големината на општината не е важна кога е во прашање отвореноста и транспарентноста кон своите граѓани.

Септември го заокруживме со одбележување на 13 издание на „Ден на гравот“ во Теарце,  манифестација која ја промовира земјоделската култура, економскиот раст како и развојот на културниот живот во руралните средини.

Сите овие активности, настани, иницијативи кои ги спроведуваат организациите, а се дел од проектите поддржани од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас, придонесуваат кон менување на моменталната состојба, која според анализата на „Крик“ укажува дека е потребно подлабоко и практично еколошко образование. Од друга страна, дел од нив се посветени кон транспарентноста која треба да е повисока за да се спречи корупцијата на секое поле во општеството.

Продолжи со читање

  • Јавниот интерес пред скриената сопственост

    Во светот долго време се знаеше за постоењето на т.н. „шел“ или празни компании кои без познат сопственик и без вработени си префрлаа меѓу себе огромни суми пари за фиктивни услуги, за да се затскрие трагата на овие пари кои најчесто потекнуваа од црни и неоданочени бизниси. Но по откритијата…

  • Граѓанските организации дискутираа за како подобро да ги промовираат своите постигнувања

    Комуникациите и видливоста на Цивика мобилитас и на граѓанските организации беа тема на работилницата што се одржа на 11 февруари 2026 година во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар. Вкупно 21 претставник од 20 граѓански организации, актуелни добитници на партнерски грантови (ЦМ-ПГ-2), дискутираа за комуникациските предизвици и како полесно да ги…

  • Граѓанското учество е право и одговорност на сите

    Во фокусот на овој број на Граѓаните за промена е граѓанското учество. Тема која граѓанските организации и во овој квартал не само што ја дискутираа туку и ја практикуваа. Колегите од ПроЛокал, од Битола, тоа го правеа на регионално и на локално ниво, во цела Пелагонија. Заедно со партнерите од…

  • Светски ден за борба против ракот: само 10 отсто од жените опфатени со скрининг за рак на грлото на маткатa

    Иако ракот на грлото на матката е едно од ретките малигни заболувања што речиси целосно може да се превенира, во Северна Македонија секоја година заболуваат околу 200 жени, а помеѓу 40 и 60 жени го губат животот од оваа болест. Алармантен е податокот дека во 2024 година со организираниот скрининг…

  • Тематски форум за користење на податоците за вистинските сопственици во борбата против корупцијата

    СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ САМО ЗА ДВА МЕСЕЦА, 3.000 ФИРМИ ШТО ДОБИЛЕ ТЕНДЕРИ ГИ ОБЕЛОДЕНИЛЕ СВОИТЕ ВИСТИНСКИ СОПСТВЕНИЦИ НА ЕЛЕКТРОНСКИОТ СИСТЕМ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ Скопје, 28 јануари 2026 година  |  Повеќе од 30 претставници на клучни јавни институции, граѓански организации, медиуми и меѓународни организации денеска дискутираа за можностите и начините на користење на податоците од Регистарот за вистински сопственици на правните субјекти како алатка за борба против корупцијата. Швајцарскиот амбасадор во земјава, Н.Е. Кристоф Сомер истакна…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор