Младинска моќ против климатските закани во Охрид, Струга и Дебар
Како изгледа кога три граѓански организации здружуваат сили за да им овозможат на младите да станат двигатели на промени? Како изгледа кога Eзерото станува училница, а бродот подиум за гласот на младоста и науката? Проектот „Да учиме за климатските промени“ ја даде токму таа можност за генерациите кои учат, соработуваат, замислуваат решенија и храбро чекорат кон одржлива иднина.
Спроведуван од Извидничко поречанскиот одред „Крсте Јон“ – Струга, здружението Центар за одржлив развој на заедницата – Дебар и Регионалниот зелен центар – Охрид, поддржан од Цивика мобилитас преку Владата на Швајцарија, проектот е фокусиран на децата и младите од Струга, Охрид и Дебар. Иницијативата ги надмина бариерите на возраста, јазикот и општинските граници, градејќи една заедничка мрежа на знаење, емпатија и акција.

Една од серијата активности што ја обележаа оваа иницијатива започна со дводневна обука во Струга, каде 30 млади учесници добија основа за проектна работа: од анализа на повикот, дефинирање цели, до изработка на логичка рамка и составување буџет. За многумина ова беше првпат да се запознаат со концептите кои се темел на граѓанското дејствување. „Беше многу интересно, имаше дружење, тимска работа, многу искуства што инаку не би ги очекувала од секојдневниот живот, ако не бевме на проектов“, вели Мина Краљ, (13 години) учесничка од Струга. „Сега веќе имам некое познавање за тоа како се пишува проект, и тоа ме прави посигурна“.
Оваа обука беше вовед во петдневниот младински камп за климатски промени. Динамично, едукативно и емотивно искуство во кое младите го продолжија започнатото. Нивната задача беше амбициозна односно, да осмислат по една проектна апликација за климатски прашања, што реално може да се спроведе во нивните општини. Но, уште поважно беше да создадат нешто свое, нешто што ги одразува нивните грижи и нивните соништа.

Во секоја активност, започнувајќи од утринските вежби за фокус и смирување, до креирањето на визуелни презентации, се чувствуваше посветеноста на тимот. Една од учесничките, Јана Танаскоска од с.Калишта, струшко вели: „Ми беше првпат да учествувам во ваков проект. Сара, нашата обучувачка, ни даде простор да зборуваме сите, и ми се допадна што истовремено преведуваше и на македонски и на албански јазик. Кампот најмногу ќе го паметам по дружењето, но и по тоа што научивме колку е важно да можеш да напишеш и да спроведеш идеја“. Младите не беа само учесници туку и автори. Една група предложи еко-иницијатива за Вишни, мало планинско село каде често се остава отпад од посетителите. Нивните предлози беа поставување соларни штекери, организирање работилници, подигање на свеста меѓу жителите и посетителите. „Сакаме да покажеме дека и ние од Струга знаеме што се случува во светот“, додаде Јана. Редон Јајага, (17 години) од Дебар, опишува како за него кампот бил вистинска пресвртница: „Научив многу, не само за проектите, туку и за себе. По природа сум затворен тип, а тука стекнав пријатели, почнав и по малку да зборувам македонски. Најголем предизвик не ми беше буџетот, туку како да најдеме решение за сите проблеми“.

Во текот на кампот, младите развиваа свои идеи и правеа цртежи со лична визуализација на светот што сакаат да го изградат. И кога на крајот беше време за презентирање, секој глас звучеше храбро и сигурно. Некои проекти се насочија кон заштита на животински видови во изумирање, други кон рециклажа и чистење, трети кон локално застапување. Она што ги обединуваше сите беше желбата за промена и иницијативата што доаѓа од самите нив.
Кулминацијата на неделата беше 21 јуни – Денот на Охридското Езеро. На бродот „Галеб“, на Езерото, се одржа регионален настан кој ги обедини науката, граѓанскиот сектор, институциите, младите и нивните семејства. Тоа не беше обичен настан, туку жива, симболична слика на она што го претставува овој проект или заедништво и решителност.

„Започнавме со работилници во училиштата, инициравме дискусии, направивме 45 објави што стигнаа до над 45.000 луѓе. Младите сакаат да се вклучат, треба само да им се даде можност,“ рече Ана Бојаџиева, координаторка од Регионалниот зелен центар – Охрид.
Панел-дискусијата на бродот беше водена од експертот за управување со води, Дејан Пановски, кој истакна дека Денот на Езерото, востановен во 2000 година од македонско-албанскиот одбор, е симбол на прекуграничната соработка и заедничката грижа за природниот ресурс. Во панелот учествуваше и д-р Орхидеја Тасевска од Хидробиолошкиот завод од Охрид, која ги истакна сериозните предизвици со кои се соочува Езерото: пад на водостојот, зголемен притисок врз автохтоните видови, нарушување на биолошката рамнотежа. „Секоја капка што ќе ја изгубиме денес, може да биде ненадоместлива утре“, рече таа, посочувајќи на потребата од итна акција. „За мене највпечатливо беше тоа што младите не само што беа таму, тие зборуваа, имаа идеи и беа слушнати“, додаде Душица Боева, експерт за Аква култура. „Тоа што го видов на бродот не беше само панел-дискусија, туку тоа беше заедничка грижа и подадена рака меѓу генерации“.

Проектот „Да учиме за климатските промени“ успешно ги руши бариерите, генерациски, национални и институционални. Ја потврдува важноста на секој поединец, особено на младите, во заштитата на нашето најскапоцено наследство – природата и водата. Се зајакнуваат капацитетите на младите, се градат мостови меѓу заедниците, се овозможува реална микро-поддршка за нивни проекти.
Во еден миг, бродот стоеше закотвен со поглед кон стариот дел на Охрид. Над него небо, под него Езерото, а на него, млади што се смеат, слушаат, предлагаат, и експерти, претставници на локалната власт, и родители кои им ја даваат најголемата поддршка за вклучување во иницијативи за заштита на животната средина.
На крајот од оваа извонредна недела, не остана само споменот од дружбата, знаењето и енергијата, туку и нешто многу поважно: чувство на моќ кај младите дека тие можат да иницираат вистински промени. Во нивните очи се гледаше одлучноста, во нивните идеи – решенија, а во нивниот ангажман иднината што сите ја посакуваме.

И како што рече Душица И. Боева „Токму младите се двигатели на промените и клучни актери во креирањето на идни политики“. Преку лични сведоштва и креативни еко-иницијативи, тие покажаа дека ангажманот на новите генерации не е само инспиративен туку и ефикасен.
Проектот „Да учиме за климатските промени“ отвори простор за учење, создаде заедница или мрежа на млади луѓе кои размислуваат, дејствуваат и ја гледаат иднината не како предизвик, туку како можност што започнува со нив. Нам ни останува да ги следиме нивните чекори и да сведочиме на патот од идеја до реализација.